Прашања од читателите
Со оглед на тоа дека Јеховините сведоци тежнеат да бидат чесни и имаат доверба едни во други, зошто мислат дека е важно да се прави писмен договор кога постојат деловни односи помеѓу нив?
Таквото нивно постапување е библиско, практично и знак на љубов. Како тоа? Па, да ги разгледаме тие аспекти на деловните договори.
Библијата изнесува еден писмен извештај за Божјите постапки со својот заветен народ, Израелците. Тој опфаќа деловни односи во кои биле вклучени вистинските обожаватели. Прва Мојсеева, поглавје 23, содржи еден извештај што би можеле да го разгледаме. Кога неговата љубена Сара умрела, Авраам сакал да добие место за закоп. Почнал да тргува со Хананејците кои живееле близу Хеврон. Стиховите 7—9 покажуваат дека понудил јасна цена за парчето земја што го сакал. Стих 10 докажува дека оваа понуда била направена јавно, во присуство на други лица кај градската порта. Стих 13 покажува дека сопственикот понудил да му ја подари земјата на Авраам, но тој одговорил дека би го зел тоа земјиште само како купен имот. И стиховите 17, 18 и 20 објаснуваат дека токму така и се случило, што било потврдено ‚пред синовите Хетеови, пред сите кои влегувале во тој град‘.
Но, дали би било поинаку ако двајцата, кои имаат такви деловни односи, се вистински обожаватели? 32. поглавје од Јеремија дава одговор. Од 6. стих па натаму гледаме дека Јеремија требало да купи земја од својот братучед. Стих 9 покажува дека била договорена една фер цена. Сега прочитај ги стиховите 10—12: „И запишав [јас, Јеремија] во книга, ја потпечатив, повикав потоа сведоци и парите ги измерив. Па ја зедов потврдата за купопродавање, потпечатена според законот, и наредбата, и така, отворено, му ја дадов потврдата за купување на Варуха, синот на Нирија, Маасеев син, пред очите на Анамеила, синот на мојот чичко, и пред очите на сведоците, кои го потпишаа тој купопродажен договор пред очите на сите Јудејци, што седеа во стражарницата“.
Да, иако Јеремија тргувал со еден сообожавател, дури и роднина, тој извршил некои разумни законски процедури. Биле направени два писмени извештаја — едниот бил оставен отворен за брзо консултирање, а вториот бил запечатен за да даде поткрепувачки доказ доколку некогаш дојде до некакво сомневање во врска со точноста на отворениот договор. Како што вели стих 13, сето ова било погодено „во нивно присуство“. Така, ова било јавна, законска деловна постапка со сведоци. Значи, јасно е дека вистинските обожаватели имаат библиски преседан врз чиј темел ги средуваат работите на еден таков потврден и документиран начин.
Тоа е и практично. Ние знаеме колку е вистинита изреката дека „времето и непредвидениот настан ги погодуваат сите“ (Проповедник 9:11, НС). Тоа ги вклучува оддадените и верни христијани. Јаков 4:13, 14 вака се изразува: „Слушајте сега вие, кои велите: ‚Денес или утре ќе тргнеме во оној град и таму ќе останеме една година, ќе тргуваме и ќе спечалиме‘, вие, кои не знаете, што ќе стане утре“. Значи, би можеле да започнеме некој проект, како што е купување, извршување на некоја работа или услуга за која сме се договориле или, пак, произведување на некаков предмет за некого. Но, што ќе донесе утрешнината — или следниот месец или, пак, следната година? Што ако ние или другата страна би имале несреќен случај? Би можело да изгледа дека е невозможно да се одржи спогодбата. Што ако не можеме да ја извршиме работата или услугата или, пак, другиот утврди дека скоро му е невозможно редовно да исплаќа или да го исполни својот дел од согласноста? Ако не постои писмена согласност, би можеле да се појават вистински проблеми — проблеми кои би можеле да се решат или избегнат доколку се има еден едноставен писмен договор.
Понатаму, не треба да заборавиме дека многу несигурната природа на многу аспекти од животот би можела да значи дури и тоа дека некој друг ќе треба да ги преземе или среди нашите деловни работи (или можеби деловните работи на другото лице). Во стих 14 Јаков додал: „Оти, што е вашиот живот? Тој е пара, која се појавува за кратко време, па исчезнува“. Реалистично гледано, би можеле ненадејно да умреме. Една писмена согласност, еден договор, би можел на практичен начин да им овозможи на другите да продолжат со управувањето на работите доколку се случи нешто неочекувано на едната страна.
Во извесна смисла, ова води и до третиот аспект — писмените договори се знак на љубов. Се разбира, ако едната страна умре или има несреќен случај кој ќе го онеспособи лицето, би било знак на љубов доколку христијанинот имал обезбедено писмен извештај за своите обврски или финансиски очекувања. Тоа што ќе направиме писмен договор кој јасно и точно ќе наведува што точно е обврзан да прави или што е во позиција да добие братот со кој соработуваме, не одразува недоверба, туку покажува љубов кон него. Овој чекор полн со љубов ќе ја намали секоја причина за огорченост доколку една од несовршените страни заборави некои поединости или одговорности. А кој од нас не е несовршен, заборавен или склон погрешно да разбере некои поединости или намери? (Матеј 16:5).
Постојат и други начини на кои склучувањето писмени деловни согласности одразува љубов кон нашиот брат, кон нашето семејство и кон собранието општо. Но, треба да биде јасно дека освен што се знак на љубов, таквите писмени извештаи во соодветни детали се практични и библиски.