Како дошла Библијата до нас — дел три
БУРМА, 1824 — Службениците на царот штотуку го пребарале мисионерскиот дом на Адонирам и Ен Џадсон, земајќи сѐ што мислеле дека е вредно. Но, го пропуштиле најскапоценото богатство — еден преведен манускрипт на Библијата, кој Ен тајно го закопала под куќата. Адонирам, преведувачот, обвинет дека шпионира, лежи окован во еден затвор кој врие од комарци. Сега влагата се заканува да го уништи манускриптот. Како да се спаси? Ен го сошива во една тврда перница и му ја испраќа на својот сопруг во затворот. Перницата е сочувана, а нејзината содржина станува дел од првата бурманска Библија.
Библијата имала многу такви авантури низ историјата. Во претходните изданија го разгледавме преведувањето и дистрибуирањето на Библијата од нејзиното комплетирање па сѐ до раните 1600-ти години. Како поминала Библијата оттогаш па досега? Дали некогаш би била достапна за сите луѓе? Каква улога одиграла Watch Tower Society?
Мисионерите и библиските друштва
Во бројни земји, 1600-тите и 1700-тите биле обележани со силен пораст во читањето на Библијата. Во текот на овој период, Библијата извршила длабоко влијание особено врз Англија. Всушност, библиските приказни и поуки ги проникнувале мислите практично на секој во земјата, од царот па до момчето на плугот. Но, влијанието на Библијата се протегало уште подалеку. Англија тогаш била поморска комерцијална и колонијална сила, и извесни Англичани ја земале Библијата со себе на своите патувања. Тоа го положило темелот за една обемна библиска кампања.
При крајот на 1700-тите, Библијата потстрекнала некои во Англија да размислуваат за духовните потреби на домашните луѓе во распространетите земји на британската империја. Меѓутоа, оваа грижа воопшто не била универзална. Многу свештеници верувале во предодреденост, и затоа сметале дека е Божја волја некои луѓе да не бидат спасени. Кога наводниот мисионер Вилијам Кери одржал еден страстен говор за да добие поддршка за една мисија до Индија, некој извикал во прекор: „Седи долу, млад човеку; кога Бог ќе сака да ги преобрати безбожниците, Тој ќе го стори тоа без твоја помош!“ Па сепак, во 1793 Кери отпловил за Индија. На изненадување, тој на крајот ја превел целата Библија или делови од неа на 35 индиски јазици.
Мисионерите увиделе дека нивната најосновна алатка е Библијата на локалниот јазик. Сепак, кој да им набави Библии? Интересно е што едно движење, кое ќе шири Библии ширум светот, незнаејќи било разгорено од едно 16-годишно велшко девојче, Мери Џонс. Во 1800, Мери пешачела боса 40 километри за да купи велшка Библија од еден свештеник. Своите пари Мери ги штедела шест години, и кога дознала дека сите Библии се продадени, липала потиштена. Длабоко трогнат, свештеникот ѝ дал на Мери една од своите сопствени Библии.
Потоа, свештеникот размислувал за многуте други на кои им биле потребни Библии, и дискутирал за проблемот со пријатели во Лондон. Резултатот бил формирање на Британското и инострано библиско друштво во 1804. Неговата премиса била едноставна: Да се обезбедат луѓето со Библии достапни на нивниот јазик, печатени „без забелешка или коментар“. Со отстранувањето на коментарите од маргините, основачите на Друштвото се надевале да избегнат доктринарна контроверза. Сепак, повеќе пати, Библиското друштво било поделено во поглед на апокрифите, крштавањето со подронување и доктрината за тројството.
Почетниот ентузијазам брзо се ширел и, до 1813, во Германија, Холандија, Данска и Русија биле формирани поврзани друштва. Со текот на времето, биле додавани Библиски друштва во други земји. Кога раните библиски друштва ги формулирале своите цели, тие мислеле дека поголемиот дел од светот користи само неколку главни јазици. Никогаш не ни сонувале дека ги има илјадници! Релативно малкумина преведувачи знаеле хебрејски и грчки за да преведуваат директно на некој домашен јазик. Затоа, кога Британското и инострано библиско друштво спонзорирало преводи, преведувачите многу често својата работа ја темелеле на англискиот King James Version.
Испитите на еден преведувач
Голем дел од Библијата се состои од раскажувања и илустрации, темелени на секојдневни доживувања. Ова го олеснува преведувањето повеќе отколку кога би била пишувана со апстрактните термини на филозофијата. Меѓутоа, како што можело да се предвиди, раните напори на мисионерите понекогаш создавале збунувачки или комични преводи. На пример, на луѓето во извесен дел од Индија еден превод им ја дал идејата дека Бог е некакво синкаво битие. Зборот што бил употребен за „небесен“ во изразот „Оче наш, Кој си на небесата“, значел „кој ја има бојата на небото“ — дословните небеса!
Во врска со препреките на преведувачот, Адонирам Џадсон во 1819 напишал: ‚Кога учиме некој јазик што го зборуваат луѓе на другата страна на Земјата, чии кодови на изразување се нови, а сите букви и зборови се потполно лишени и од најмала сличност со кој и да е јазик со кој некогаш сме се сретнале, кога немаме ниту речник ниту толкувач и мораме да разбереме нешто од јазикот пред да ја добиеме помошта на некој тамошен учител — тоа значи работа!‘ А работата на преведувачите како Џадсон, во голема мера ја зголемила достапноста на Библијата. (Види ја табелата на страница 12.)
Ен Џадсон му помагала на својот сопруг околу тешката задача на преведувањето. Но, Џадсонови се соочиле со многу повеќе отколку само академски испити. Кога службениците на царот го одвлечкале Адонирам в затвор, Ен очекувала бебе. Храбро, цели 21 месец, таа ги молела непријателските службеници во полза на својот сопруг. Тоа тешко искушение, заедно со болеста, си го зело данокот од неа. Недолго откако Адонирам бил ослободен, неговата смела Ен и нивната ќеркичка умреле од треска. Адонирам бил скршен од болка. Сепак, барал сила од Бог и продолжил да преведува, довршувајќи ја бурманската Библија во 1835. Во меѓувреме, се развивале други подмолни предизвици за Библијата.
Библијата опкружена со контроверза
Во 1800-тите била доживеана голема општествена и политичка контроверза, во која Библијата понекогаш играла централна ролја. На пример, иако Руското библиско друштво почнало под патронатот на царот и на Руската православна црква, со текот на времето тие го распуштиле и го забраниле Друштвото. (Илјадници Библии веќе биле изгорени околу една година пред тоа од страна на противниците на тоа Друштво.) Православното свештенство сега ревносно барало да го оконча она што раните христијани толку ентузијастично го започнале — универзалниот оптек на Библијата. Православните водачи во 19 век упорно тврделе дека Библијата му се заканува на авторитетот и на Црквата и на Државата. Иронично, политичкото револуционерно движење кое излегувало на виделина, почнало да ја смета Библијата не како закана за властите туку, напротив, како оружје на Црквата и на Државата за држење на масите во подложност. Библијата била нападната од обете страни!
Наредните години, исто така, биле очевидци на сѐ поголемите „интелектуални“ напади врз Библијата. Во 1831, Чарлс Дарвин отпловил во експедиција која довела до неговата теорија на еволуција. Во 1848, Маркс и Енгелс го издале Комунистичкиот манифест, сликовито опишувајќи го христијанството како алатка за угнетување. Исто така, во текот на овој период, вишите критичари ја оспорувале автентичноста на Писмото, како и историската реалност на библиските ликови — па дури и на самиот Исус! Но, некои луѓе кои размислувале, ја увиделе заблудата на теориите кои ги отфрлале Бог и Библијата, и барале научни патишта за да ја потврдат доверливоста на Библијата. Еден од нив бил Константин фон Тишендорф, надарен германски лингвист.
Откритијата помагаат да се утврди библискиот текст
Тишендорф патувал по Блискиот Исток во потрага по древни библиски манускрипти, надевајќи се со апсолутна сигурност да го утврди оригиналниот текст на Библијата. Во 1859, истата година кога Дарвин го издал Потеклото на видовите, во еден манастир во подножјето на гората Синај, Тишендорф го пронашол она што било најстар познат комплетен примерок на Христијанските грчки списи. Познат е како Codex Sinaiticus и веројатно бил создаден околу 50 години пред Ероним да ја доврши латинската Вулгата. Иако за исправноста на неговото отстранување на кодексот од манастирот сѐ уште се дебатира, Тишендорф го објавил, правејќи го достапен за научниците.a
Поради тоа што Sinaiticus бил меѓу најстарите манускрипти на оригинален јазик, тој не само што открил дека Грчките списи останале во суштина непроменети туку исто така им помогнал на научниците да откријат грешки што се вовлекле во подоцнежните манускрипти. На пример, осврнувањето на Исус во 1. Тимотеј 3:16 во Sinaiticus гласи: „Тој беше манифестиран во тело“. На местото на „тој“, повеќето тогаш познати манускрипти содржеле една скратеница за „Бог“, направена со една мала измена на грчкиот збор за „тој“. Меѓутоа, Sinaiticus бил направен многу години пред кој и да е грчки манускриптски превод „Бог“. Така, тој открил дека имало едно подоцнежно расипување на текстот, очигледно воведено за да ја поддржи доктрината за тројство.
Од времето на Тишендорф па наваму, на виделина излегле уште манускрипти. Денес, вкупниот број познати манускрипти на Хебрејските списи е околу 6.000, а на Грчките списи преку 13.000. Нивната компаративна студија довела до еден текст на оригиналниот јазик, во кој сигурно може да се има доверба. Како што се изразил научникот Ф. Брус: „Различните толкувања . . . не влијаат врз важното прашање за историскиот факт или за христијанската вера и пракса“. Како можело ова зголемено спознание да им користи на луѓето додека продолжувало преведувањето на Библијата на многу повеќе јазици?
Watch Tower Society и Библијата
Во 1881, една мала но трудољубива група од библиски учители и студенти го формирале она што подоцна станало Watch Tower Bible and Tract Society. Отпрвин, тие дистрибуирале Библии произведени од други Библиски друштва, вклучувајќи ги и Тишендорфовите Грчки списи. Меѓутоа, до 1890, тие отпочнале со директно издавање Библии, спонзорирајќи го првото од извесен број изданија на Библијата. Во 1926, Заедницата почнала да ја печати Библијата на свои сопствени преси. Но, потребата од еден осовременет превод на Библијата станувала сѐ поочигледна. Дали би можело спознанието, постигнато преку откритијата, како и од ученоста од претходниот век, да биде инкорпорирано во една разбирлива, достапна Библија? Со оваа цел, во 1946 соработниците на Заедницата почнале да произведуваат еден нов превод на Писмото.
Еден превод, многу јазици
Бил составен еден одбор за преведување од искусни помазани христијани за да го произведе New World Translation of the Holy Scriptures на англиски. Тој беше публикуван во шест томови, издавани од 1950 до 1960, почнувајќи од Христијанските грчки списи. Од 1963 наваму, тој е преведен на додатни 27 јазици, а во тек се и други. Целите за другите јазици се истите како и за англискиот. Како прво, преводот треба да биде точен, колку што е можно поблизок до оригиналните мисли. Значењето не смее да се искривува за да се прилагоди на некое особено доктринарно разбирање. Второ, треба да се задржи доследност, преводот да се држи за еден превод за секој главен збор, колку што контекстот разумно дозволува. Еден таков пристап им помага на читателите да видат на кој начин библиските писатели употребиле специфични зборови. Трето, преводот треба да биде колку што е можно подословен, без да го прикрива значењето. Дословноста му дава на читателот поблизок пристап до вкусот на оригиналните јазици, како и до поврзаните мисловни процеси. И четврто, треба да биде лесно за обичните луѓе да го читаат и разберат.
Прилично дословниот стил на англискиот New World Translation го олеснува преведувањето на други јазици. За оваа цел, преведувачките тимови на Заедницата сега користат напредни компјутерски алатки за да го забрзаат своето дело и да го направат поточно. Овој систем им помага на преведувачите да состават листа на домашни еквиваленти за секој главен збор. Исто така, тоа им овозможува да го студираат англискиот превод на секој хебрејски и грчки збор во Библијата.
Преведувањето од англиски, наместо да се работи директно од хебрејски и од грчки, честопати нуди важни предности. Освен што се скратува времето на преведувањето, тоа овозможува поголемо единство на изразувањето на сите јазици. Зошто? Затоа што е многу полесно да се преведува прецизно од еден современ јазик на друг, отколку да се преведува од еден древен јазик на различни современи јазици. Најпосле, преведувачите можат да се консултираат со домашни говорници на современите јазици, а не на јазици што се зборувале пред илјадници години.
Добра вест за сите нации
Може да се пишува многу повеќе за одлучните мажи и жени кои помогнале Библијата да се направи далеку најдостапна книга на Земјата. Низ вековите, отпечатени се најмалку четири милијарди Библии и делови од Библијата, на повеќе од две илјади јазици што ги зборуваат преку 90 отсто од светското население!
Библијата прорекла објавување на Божјето Царство ширум светот во нашево време. За таа цел, Јехова Бог очигледно ги водел луѓето при тоа Библијата сега да се направи скоро универзално достапна (Матеј 13:47, 48; 24:14). Бестрашните преведувачи на Библијата и издавачите од минатото ризикувале сѐ за да ни ја дадат Божјата Реч — единствениот извор на духовна светлина во еден морално помрачен свет. Нека нивниот пример те трогне да ја читаш, да живееш според неа и да ја споделуваш таа Реч со истото уверување кое го покажувале тие. Да, секој ден потполно искористувај ја доверливата Библија во твоите раце! (Исаија 40:6—8).
[Фуснота]
a Види „Синајскиот кодекс е спасен“ во Стражарска кула од 1 февруари 1989.
[Табела на страница 12]
Пораст во преведувањето на Библијата
(Види во публикацијата)
Број на
јазици
1 Евреите почнуваат да ги преведуваат Хебрејските списи на грчки
о. 280 пр. н. е.
12 Ероним ја довршува латинската Вулгата о. 400 н. е.
35 Гутенберг ја довршува првата печатена Библија о. 1455
81 Британско и инострано библиско друштво основано 1804
Проценет број на јазици по година
522
1900
600
700
800
900
1.049
1950
1.100
1.200
1.300
1.471
1970
2.123
1996
2.200
2.300
2.400
[Извор на слика]
Извори: Christianity Today, United Bible Society
[Извор на слика на страница 9]
Mountain High Maps® Copyright © 1995 Digital Wisdom, Inc.
[Слика на страница 8]
Џадсон бил врзан и одвлечкан
[Извор на слика]
Од книгата Judson the Hero of Burma од Џеси Пејџ
[Слики на страница 10]
Тишендорф спасил еден вреден манускрипт во овој манастир на подножјето од гората Синај
[Извор на слика]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.