Богати награди за светата служба
Раскажал Хари Блур
Пред стотина години, дедо ми бил верен член на Методистичката црква. Исто така, бил почитуван лаички проповедник, кој дарежливо давал за да поддржи многу капели во Стоук, грнчарскиот град на Англија. Потоа, тој претрпел тешки времиња во финансиски поглед. За да му помогне на дедо, татко ми му средил да држи еден мал селски дуќан. Дуќанот имал дозвола да продава пиво и, кога методистите го дознале тоа, веднаш го екскомуницирале дедо.
ТАТКО ми бил бесен и се заколнал дека никогаш повеќе нема да има ништо со религијата — и го одржа својот збор. Беше полицаец, но подоцна стана сопственик на една таверна. Така, јас бев пораснат среде миризбата и чадот од цигари на тоа место. Религијата не играше никаква улога во мојот живот, но затоа јас научив мајсторски да ги играм повеќето игри со табла! Меѓутоа, поради раното влијание од дедо ми, задржав здрава почит спрема Библијата, иако малку знаев за неа.
Ја дознав библиската вистина
Во 1923, кога имав 24 години, се преселив на исток во Нотингем и почнав да ѝ се додворувам на Мери, која живееше на 40-тина километри, во селото Ветстоун, југозападно од Лестер. Татко ѝ, Артур Рест, бил оргулар во една локална капела, но од ова време беше ревносен Библиски студент, како што тогаш беа познати Јеховините сведоци. Артур секогаш ми зборуваше за својата новопронајдена вера — но со слаб успех. Сепак, мојот интерес беше разгорен кога го придружував во локалната баптистичка капела во недела попладне, на 13 јули 1924, за да чујам едно предавање од еден член на парламентот, кој беше угледен баптист. Ме заинтригира неговата тема: „Учењата на Пастор Расел испитани во светлината на Писмото“. Сѐ уште ги имам забелешките што ги направив тогаш.
Баптистите го одбија барањето од Библиските студенти да одговорат на нападот врз нивните верувања. Бев разлутен поради ова и решив да најдам алтернативна локација за да одржиме таков состанок. Еден близок амбар се покажа идеален. Го изметовме, ги симнавме пајажините, ги оттуркавме вршалките на една страна, и потоа бевме подготвени. Собравме 70 столици и отпечативме летоци.
Кога Френк Фрир пристигна од Лестер за да го одржи говорот, сите седишта беа пополнети, и уште 70 луѓе стоеја! Френковото јасно резонирање на темел на Писмото ме привлече, како што беше случај и со многу други присутни. Оттогаш наваму, малото собрание на Библиски студенти во Блејби, близу Лестер, рапидно растеше. Тоа беше и пресвртницата во мојот живот — а и во животот на Мери. Во 1925, двајцата се предадовме на Јехова, се крстивме и се венчавме.
Духовни благослови
Следната година бев наименуван за управник на службата во собранието Блејби. Мојата сопруга и јас сакавме да ги следиме стапките на колпортерите и да станеме полновремени евангелизатори, но набргу стана очигледно дека здравјето на Мери нема да ѝ дозволи да држи чекор со еден таков динамичен распоред. Иако страдаше од слабо здравје сѐ до својата смрт во 1987, таа беше добра придружничка и извонреден министер кој беше стручњак за неформално сведочење и за започнување библиски студии. Од ноќ во ноќ, или присуствувавме на состаноци или ги споделувавме библиските вистини со нашите ближни.
Јас бев инженер и работев во една фирма која произведуваше машини за пилани. Мојата работа вклучуваше многу патување ширум Британија, како и во Франција, и Мери обично ме придружуваше. Овие патувања ни пружаа прилики да сведочиме во голема мера.
Темели за ширење
Во 1925 подигнавме една убава зграда за нашите состаноци во Блејби, а оттаму организиравме една делотворна програма на сведочење. Секоја недела наутро изнајмувавме еден автобус кој нѐ носеше до раштрканите села и помали градови. Долж патот, објавителите се симнуваа за да проповедаат, а потоа на враќање беа собирани во автобусот. Во текот на топлите летни месеци, имавме библиска студија доцна во недела попладне, користејќи некое скорешно издание на Стражарска кула. Потоа, во осум часот се состанувавме на пазарот во Лестер заради јавно предавање под отворено небо. Една ноќ слушаа 200 луѓе. Оваа активност ги постави темелите за многуте собранија што постојат сега во и околу Лестер.
Во 1926, во лондонските Alexandra Palace и во Royal Albert Hall беше одржан еден заеднички епохален конгрес. Во таа пригода, Џозеф Ф. Ратерфорд, тогашниот претседател на Watch Tower Society, ја објави книгата Deliverance. Резолуцијата „Сведоштво до владетелите на светот“, како и моќното јавно предавање на брат Ратерфорд: „Зошто светските нации се тетерават? — Кој е лекот?“ беа отпечатени во целост во еден водечки весник, утредента по нивното презентирање. Јавното предавање го чуја преку 10.000 лица, а по тоа ширум светот беа дистрибуирани 50.000.000 примероци од резолуцијата. Тој конгрес послужи за забрзување на проповедничкото дело во Британија.
Голем конгрес во воено време
Во септември 1939 избувна Втората светска војна и до 1941 војната беше на својот врв. Германски бомбардери напаѓаа дење и ноќе, а во сила беше замрачување ширум земјата. Храната беше оскудна, а онаа што беше на располагање, беше строго рационирана. Превозот беше многу ограничен, дури и со воз. И покрај навидум несовладливите препреки, од 3 до 7 септември 1941 одржавме петдневен национален конгрес.
За конгресно место беше избрана лестерската сала Ди Мантфорт, затоа што Лестер е во центарот на Англија. Со оглед на тоа дека јас бев во дрводелската индустрија, бев во можност да помогнам околу конструкцијата на рекламните натписи. Исто така, го подготвив локалниот транспорт за конгресните делегати. Со тоа што однапред купивме билети и што плативме повеќе од редовната цена, трамваите на Лестер возеа дури и во недела.
Поради тоа што имаше рестрикции во превозот, се надевавме дека можеби ќе дојдат 3.000 Сведоци. Замислете си го возбудувањето кога преку 10.000 делегати рекоа дека ќе бидат таму! Но, каде ќе отседнат? Граѓаните на Лестер љубезно поканија мнозина да отседнат во нивните домови. Плус тоа, околу илјада беа сместени во шатори подигнати на едно поле на околу три километри од конгресното место. Логорот Гедеон, како што го нарековме, предизвика прилична возбуда во општината.
Беа изнајмени големи бели шатори за конгресните одделенија и за сместување на огромниот прилив од толпи. Кога беше установено дека на светлата месечина шаторите би можеле да послужат како мети за нацистичките бомбардери, тие беа брзо камуфлирани. Војната, а особено неучествувањето на Сведоците во неа, беа општа тема на разговор. Стотици Сведоци во тоа време беа в затвор поради својот став во врска со неутралноста, заснован на Библијата (Исаија 2:4; Јован 17:16).
Sunday Pictorial од 7 септември 1941 извести: „Вчудовидувачка работа е да се најдат 10.000 луѓе, главно млади, како го поминуваат викендот разговарајќи за религија без да ја споменат војната, освен како споредно прашање“.
„Запрашав дали Сведоците имаат некакви членови во Германија. Да, ми рекоа, и скоро сите тие, околу 6.000, биле во концентрациони логори.“
Репортерот додаде: „О, да, точно е дека нацистите се непријатели, но Сведоците прават многу малку во врска со нив, освен што продаваат трактати и слушаат говори“.
Новинските коментари во врска со нас беа главно негативни, а противниците прибегнуваа дури и кон насилство, во безуспешните обиди да го нарушат нашиот конгрес. Сепак, лондонски Daily Mail некако безволно призна: „Организацијата беше глатка, ненаметлива и ефикасна“.
Бевме обвинети дека сме одговорни за дефицитот на цигари во градот. Но, The Daily Mail објасни: „Ниту Лестер ниту контролорот на тутунот не можат да се пожалат дека Сведоците му ги пушат цигарите на Лестер. Тие не пушат“. Исто така, жалбите дека Сведоците ги лишиле локалните жители од храна беа побиени кога беше објаснето дека тие си го донесоа со себе поголемиот дел од своите продукти. Всушност, на крајот од конгресот, на Лестерската кралска болница ѝ беа подарени 150 лебови од по 1,8 килограми — значителен прилог во тие времиња на оскудица на храна.
Конгресот им даде голем духовен замав на околу 11-те илјади Сведоци во Британија. Тие беа восхитени што беа присутни околу 12.000! Делегатите радосно се ангажираа во еден беспримерен размер на сведочење на улица во Лестер, и ги посетија зафрлените села со презентации со помош на фонографи.
Главните предавања на конгресот беа снимки направени претходниот месец од предавањата одржани на петдневниот конгрес на Јеховините сведоци во Сент Луис (Мисури, САД). Снимката од предавањето на брат Ратерфорд, „Деца на Царот“, претставуваше врвна точка на конгресот. Поради тоа што не беше можно да се увезат примероци од книгата Children што беше објавена во Сент Луис, подоцна во Британија беше печатено едно посебно издание со меки корици. На сите деца кои присуствуваа на конгресот им беше испратен по еден примерок од неа.
Единствениот годишен состанок во Лестер
По војната, порастот на објавители на Царството во Британија беше прекрасен! До почетокот на 1980-тите, бројот на собранија во Лестер порасна на десет. Тогаш бевме информирани дека Водечкото тело на Јеховините сведоци одлучило годишниот состанок на Watch Tower Bible and Tract Society во 1983 да го одржи во Лестер. Како надгледник на градот Лестер, набргу бев вклучен во подготовките, вклучувајќи го и повторното изнајмување на салата Ди Мантфорт.
За таа прилика, од бруклинското главно седиште дојдоа тринаесет членови на Водечкото тело. Вкупно 3.671 делегат — овојпат од целиот свет, и главно ветерани — го исполнија аудиториумот. Додатни 1.500 ја слушаа програмата во една блиска собирна сала.
На овој годишен состанок претседаваше Алберт Д. Шродер, кој ја надгледуваше подружницата на Watch Tower Society во Лондон за време на нашиот конгрес во Лестер во воено време. Осврнувајќи се на конгресот во 1941, брат Шродер запраша: „Колкумина од вас, кои сте денес со нас, бевте присутни тогаш?“ Повеќе од половината од публиката кренаа рака. „Опаа! Какво ли повторно обединување за сите вас верни, лојални!“ — воскликна тој. Навистина, тоа беше незаборавно доживување.
На возраст од 98 години, сѐ уште служам како секретар во нашето собрание и понатаму држам јавни предавања, иако сега тоа го правам седејќи. После смртта на Мери во 1987, се венчав со Бетина, една вдовица која Мери и јас ја познававме долги години. Благодарен сум што толку добро сум згрижен, и телесно и духовно. И покрај ограничувањата што беа наметнати поради слабото здравје на Мери и сега поради мојата длабока старост, заклучив дека тоа што сум изобилно вработен во светата служба, секогаш беше богато наградувачко (1. Коринтјаните 15:58).
[Слика на страница 26]
Подготвен за учество во службата во 1920-тите
[Слика на страница 26]
Сцени од конгресот во Лестер