Тие ја извршувале Јеховината волја
Еден Самарјанин се докажува како добар ближен
ВО ВРЕМЕТО на Исус, постоело едно очигледно непријателство меѓу Евреите и не-Евреите. Со текот на времето, еврејската Мишна дури вклучувала закон кој им забранувал на Израелките да им помагаат на не-Еврејките во текот на породувањето, бидејќи тоа само би помогнало да дојде на свет друг не-Евреин (Абода Зара 2:1).
Самарјаните биле потесно поврзани со Евреите отколку со не-Евреите, како религиозно така и расно. Сепак, и на нив се гледало како на изгнаници. „Јудејците со Самарјаните не се мешаат“, напишал апостол Јован (Јован 4:9). Навистина, Талмудот поучувал дека „парче леб, кое го дал Самарјанин е понечисто отколку тело на свиња“. Дури некои Евреи го употребувале терминот „Самарјанин“ како израз за презир и прекор (Јован 8:48).
Со оглед на ваквата ситуација, Исусовите зборови до еден човек, кој бил добро упатен во еврејскиот закон, се многу поучни. Човекот му пристапил на Исус и го прашал: „Учителе, што да направам за да добијам живот вечен?“ Во одговорот Исус го свртел неговото внимание кон Мојсеевиот закон, кој заповеда да се ‚возљуби Господа со сето свое срце, душа, сила и помисли‘ и ‚својот ближен како себеси‘. Потоа, правникот го прашал Исуса: „А кој е мојот ближен?“ (Лука 10:25—29; 3. Мојсеева 19:18; 5. Мојсеева 6:5). Според фарисеите, терминот „ближен“ се применувал само на оние кои ги држат еврејските традиции — секако не на не-Евреите ниту, пак, на Самарјаните. Доколку овој љубопитен правник мислел дека Исус би го поддржал тоа гледиште, го очекувало изненадување.
Сочувствителниот Самарјанин
Исус одговорил на прашањето на човекот раскажувајќи една парабола.a „Еден човек“, рекол тој, „слегуваше од Ерусалим во Ерихон.“ Растојанието меѓу Ерусалим и Ерихон било околу 23 километри. Патот кој ги поврзувал овие два града имал остри кривини и издадени ’рбети од карпи, олеснувајќи им на крадците да се скријат, да нападнат и да избегаат. Како што испаднало, патникот од Исусовата парабола ‚сретнал разбојници, кои го соблекле и му направиле рани, и си отишле, оставајќи го полумртов‘ (Лука 10:30).
„Во тоа време“, продолжил Исус, „слегуваше по тој пат еден свештеник и, кога го виде, си замина. Исто така и еден левит, кога дојде на тоа место, се приближи, погледна и си отиде“ (Лука 10:31, 32). Свештениците и Левитите биле учители на Законот — вклучувајќи го и законот за љубовта кон ближниот (3. Мојсеева 10:8—11; 5. Мојсеева 33:1, 10). Секако, од сите луѓе, тие најмногу требало да се чувствуват наведени да му помогнат на повредениот патник.
Исус продолжил: „Еден, пак, Самарјанин, кој патуваше . . . дојде до него“. Споменувањето на Самарјанин, без сомнение, ја зголемило љубопитноста на правникот. Дали Исус ќе го поддржи негативното гледиште за овој род? Напротив, откако го видел унесреќениот патник, Самарјанинот ‚се сожалил‘. Исус рекол: „И кога се приближи, му ги преврза раните, поливајќи ги со елеј и со вино; па, откако го качи на добитокот свој, го однесе во гостилница и се погрижи за него.b А утредента, на кинисување, извади два динарија, му ги даде на гостилничарот и му рече: ‚Припази го; а ако потроши нешто повеќе, кога ќе се вратам, ќе ти платам‘“ (Лука 10:33—35).
Сега Исус го запрашал својот соговорник: „Кој, пак, од тие тројца ти се чини дека му беше ближен на оној, што падна во рацете на разбојниците?“ Правникот го знаел одговорот, па сепак се чинело дека се колеба да рече „Самарјанинот“. Наместо тоа, тој едноставно одговорил: „Оној што му направи милост“. Потоа, Исус му рекол: „Оди и ти прави така!“ (Лука 10:36, 37).
Поука за нас
Човекот кој го прашувал Исус, го сторил тоа со цел „да се оправда [се докаже праведен, NW]“ (Лука 10:29). Можеби мислел дека Исус би ја пофалил неговата ситничава приврзаност кон Мојсеевиот закон. Но, овој самовообразен поединец требало да ја научи вистината од библиската изрека: „Сите патишта на човекот се прави пред очите негови; но Господ ги мери срцата“ (Изреки 21:2).
Исусовата парабола покажува дека лицето кое навистина е исправно не само што ги слуша Божјите закони туку и ги имитира неговите особини (Ефесјаните 5:1). На пример, Библијата ни кажува дека „Бог не гледа на лице“ (Дела 10:34). Дали ние го имитираме Бог во тој поглед? Исусовата возбудлива парабола покажува дека нашите добри односи треба да ги надминат националните, културните и религиозните бариери. Всушност, христијаните се поучени да ‚им прават добро на сите‘ — а не само на луѓето од истата социјална класа, раса или нација и не само на соверниците (Галатјаните 6:10).
Јеховините сведоци се стремат да ја следат оваа библиска опомена. На пример, кога избиваат природни катастрофи, тие ја прошируваат хуманитарната помош како до соверниците така и до не-Сведоците.c Освен тоа, тие колективно поминуваат над една милијарда часови годишно помагајќи им на луѓето да дојдат до подобро спознание на Библијата. Тие се стремат да го достигнат секого со пораката за Царството, зашто Божја волја е „сите видови луѓе да бидат спасени и да дојдат до точно спознание на вистината“ (1. Тимотеј 2:4, NW; Дела 10:35).
[Фусноти]
a Парабола е краток, обично измислен расказ од кој се извлекува некоја морална или духовна вистина.
b Некои гостилници во Исусово време очигледно обезбедувале не само засолниште туку и храна и други услуги. Можеби Исус го имал на ум тој вид сместување, зашто грчкиот збор кој е употребен тука е поинаков од оној кој е преведен со „соба за ноќевање“ во Лука 2:7 (NW).
c За примери, види Стражарска кула од 1 декември 1996, страници 3—8 и од 15 јануари 1998, страници 3—7.