Дали твоето дело ќе го издржи огнот?
„Секој нека пази како ѕида [на темелот]“ (1. КОРИНТЈАНИТЕ 3:10).
1. Каква надеж негуваат верните христијани во врска со потенцијалните ученици?
ЕДНА христијанска брачна двојка се загледува во своето новороденче. Еден објавител на Царството го гледа желниот, заинтересиран израз на лицето на еден библиски студент. Поучувајќи од подиумот, еден христијански старешина забележува меѓу присутните еден новозаинтересиран поединец кој страсно ги бара стиховите во својата Библија. Овие верни Јеховини слуги имаат срца полни со надеж. Тие не можат, а да не се прашуваат: ‚Дали ова лице ќе го засака, ќе му служи и — ќе му остане верно на Јехова?‘ Секако, таквиот исход не е автоматски. Потребна е работа.
2. Како апостол Павле ги потсетил еврејските христијани на важноста на делото на поучување, и на какво самоиспитување би можело да нѐ поттикне тоа?
2 Апостол Павле — и самиот вешт учител — ја подвлекол важноста на делото на поучување и правење ученици кога напишал: „Според годините вие требаше веќе да бидете учители“ (Евреите 5:12). Христијаните на кои им се обратил, имале постигнато мал напредок, ако се земе предвид колку време биле верници. Тие не само што не биле спремни да ги поучуваат другите туку и самите требало да бидат потсетени на основните аспекти на вистината. Денес би било добро ако сите ние одвреме навреме внимателно ги процениме своите способности како учители и увидиме како можеме да се подобриме. На коцка се животи. Што можеме да сториме?
3. а) Со што го споредил апостол Павле процесот на правење еден христијански ученик? б) Како христијански градители, која голема предност ја имаме?
3 Во една проширена илустрација, Павле го поврзал правењето ученици со процесот на градење на една зграда. Тој почнал со зборовите: „Ние сме Му соработници на Бога, а вие сте Божја нива, Божја зграда“ (1. Коринтјаните 3:9). Значи, ние учествуваме во едно градежно дело кое вклучува луѓе; им помагаме да бидат изградени како ученици на Христос. Тоа го правиме како соработници на Оној кој „создал сѐ“ (Евреите 3:4). Колкава само предност! Да видиме како Павловиот инспириран совет до коринтјаните може да ни помогне да станеме повешти во нашето дело. Ќе се сосредоточиме особено на ‚уметноста на поучување‘ (2. Тимотеј 4:2, NW).
Положување исправен темел
4. а) Каква била улогата на Павле во христијанското градежно дело? б) Зошто би можело да се рече дека и Исус и неговите слушатели ја знаеле важноста на добрите темели?
4 За да биде една зграда стабилна и трајна, потребен ѝ е добар темел. Затоа, Павле напишал: „Според дадената ми од Бога благодат, јас, како мудар првоградител, поставив темел“ (1. Коринтјаните 3:10). Користејќи слична илустрација, Исус Христос зборувал за една куќа која преживеала бура бидејќи нејзиниот градител избрал цврст темел (Лука 6:47—49). Исус знаел сѐ за важноста на темелите. Тој бил присутен кога Јехова ја основал самата Земјаa (Изреки 8:29—31). Исусовите слушатели исто така ја разбирале важноста на добрите темели. Само куќите со добар темел можеле да ги преживеат пороите и земјотресите кои понекогаш се случувале во Палестина. Но, кој бил темелот кој Павле го имал на ум?
5. Кој е темелот на христијанското собрание, и како тоа било претскажано?
5 Павле напишал: „Зашто никој не може да постави друга основа [темел, NW], освен положената, која е Исус Христос“ (1. Коринтјаните 3:11). Ова не било првпат Исус да биде спореден со темел. Всушност, Исаија 28:16 претскажал: „Вака вели Господ Бог: ‚Ете, Јас полагам во основата на Сион камен, — камен испитан, аголен, скапоцен, темелен [сигурен темел, NW]‘“. Јехова уште одамна наумил неговиот Син да стане темелот на христијанското собрание (Псалм 117:22; Ефесјаните 2:19—22; 1. Петрово 2:4—6).
6. Како Павле положил соодветен темел во коринтските христијани?
6 Каков е темелот на христијаните како поединци? Како што рекол Павле, за вистинскиот христијанин не постои друг темел освен оној кој е положен во Божјата Реч — Исус Христос. Павле сигурно положил таков темел. Во Коринт, каде што филозофијата била толку длабоко ценета, тој не настојувал да ги импресионира луѓето со световна мудрост. Наместо тоа, Павле го проповедал ‚прободениот Христос‘ (NW), а народите го отфрлиле тоа како „безумство“ (1. Коринтјаните 1:23). Павле поучувал дека Исус е централниот лик во Јеховините намери (2. Коринтјаните 1:20; Колосјаните 2:2, 3).
7. Што можеме да научиме од Павловото укажување на себе како на „мудар првоградител“?
7 Павле забележал дека тој го вршел таквото поучување „како мудар првоградител“. Оваа изјава не е егоистична. Тоа било само признание на еден прекрасен дар кој му го дал Јехова — да го организира или управува делото (1. Коринтјаните 12:28). Се разбира, ние денес ги немаме чудесните дарови кои им биле дадени на христијаните од првиот век. Исто така, не би можеле да се сметаме себеси за надарени учители. Но, во една важна смисла, ние сме учители. Размисли: Јехова ни го дава својот свет дух за да ни помогне. (Спореди Лука 12:11, 12.) Исто така, имаме љубов од Јехова и спознание за основните учења од неговата Реч. Тоа се навистина прекрасни дарови кои можеме да ги користиме кога ги поучуваме другите. Да бидеме решени да ги употребиме за да положиме соодветен темел.
8. Како го положуваме Христос како темел во потенцијалните ученици?
8 Кога го положуваме Христос како темел, ние не го претставуваме како некое беспомошно бебе во јасли ниту, пак, како личност која е еднаква на Јехова во некакво тројство. Не, таквите небиблиски идеи формираат темел за фалсификувани христијани. Напротив, ние поучуваме дека тој бил најголемиот човек кој некогаш живеел, дека го положил својот совршен живот во наша корист и дека денес тој е Јеховиниот наименуван Цар кој владее на небото (Римјаните 5:8; Откровение 11:15). Исто така, настојуваме да ги мотивираме нашите студенти да одат по Исусовите стапки и да ги имитираат неговите особини (1. Петрово 2:21). Сакаме тие да бидат длабоко трогнати од Исусовата ревност за службата, од неговото сожалување кон понижените и подјармените, од неговата милост кон грешниците кои биле скршени од сопствената вина, од неговата непоколеблива храброст наспроти испитите. Навистина, Исус е прекрасен темел. Но, што следи после тоа?
Да се гради со исправен материјал
9. Иако Павле првенствено бил основоположник, каква грижа имал тој за оние кои ја прифатиле вистината за она што го поучувал?
9 Павле напишал: „Ако некој ѕида врз таа основа [темел, NW] со злато, сребро, драгоцени камења, дрва, сено или слама, делото на секого ќе стане јавно; судниот ден ќе го покаже; зашто преку оган ќе се открие, и огнот ќе испита, какво е делото на секого“ (1. Коринтјаните 3:12, 13). Што мислел Павле со тоа? Размисли за заднината. Павле првенствено бил основоположник. На своите мисионерски патувања тој патувал од град до град, проповедајќи им на многумина кои никогаш немале чуено за Христос (Римјаните 15:20). Како што луѓето ја прифаќале вистината за која поучувал, се формирале собранија. Павле многу се грижел за овие верници (2. Коринтјаните 11:28, 29). Меѓутоа, неговото дело барало тој да биде во движење. Затоа, откако поминал 18 месеци положувајќи темел во Коринт, тој заминал за да проповеда и во други градови. Сепак, бил длабоко заинтересиран за тоа како другите ќе го продолжат делото кое тој го вршел таму (Дела 18:8—11; 1. Коринтјаните 3:6).
10, 11. а) Како Павле ги споредил различните видови градежен материјал? б) Какви видови дословни згради веројатно постоеле во древниот Коринт? в) Какви згради најверојатно ќе издржат оган, и каков школски пример обезбедува тоа за лицата кои прават христијански ученици?
10 Се чини дека некои кои граделе на темелот кој го положил Павле во Коринт, слабо работеле. За да го изложи проблемот, Павле споредува два вида градежен материјал: злато, сребро и драгоцени камења од една страна; и дрво, сено и слама од друга страна. Една зграда може да се подигне од убав, траен, огноотпорен материјал; или, пак, може набрзина да се изгради со помош на расположлив, привремен и запалив материјал. Толку голем град како што бил Коринт, несомнено, изобилувал со згради од обата вида. Имало импресивни храмови направени од масивни, скапи камени блокови, можеби делумно обложени или декорирани со злато и сребро.b Веројатно овие трајни зданија величествено се надвиснувале над блиските колиби, шупи и тезги направени од груби дрвени рамки и покриени со слама.
11 Што би им се случило на тие згради во оган? Одговорот бил исто толку очигледен во времето на Павле колку што е очигледен и денес. Всушност, градот Коринт бил освоен и запален од страна на римскиот генерал Мумиј во 146 пр. н. е. Сигурно многу градби од дрво, сено или слама биле тотално уништени. Но што станало со јаките згради од камен, декорирани со сребро и злато? Несомнено, тие преживеале. Веројатно, Павловите студенти во Коринт секојдневно поминувале покрај тие згради — величествените камени згради кои ги преживеале катастрофите што одамна ги разориле нивните помалку трајни соседи. Тогаш, колку само живо Павле ја нагласил својата поента! Кога поучуваме, треба да се сметаме за градители. Ние сакаме да работиме со најдобриот, најтрајниот можен материјал. На тој начин постои поголема веројатност нашето дело да истрае. Кој е тој траен материјал, и зошто е витално да го користиме?
Дали твоето дело ќе го издржи огнот?
12. На кој начин некои коринтски христијани немарно ја вршеле градежната работа?
12 Јасно, Павле мислел дека некои од христијаните во Коринт лошо граделе. Што било погрешно? Како што покажува контекстот, собранието било измачувано од раздор и восхитување на човечки личности и покрај опасноста за единството на собранието. Некои велеле: ‚Јас сум Павлов‘, додека други инсистирале: ‚Јас сум Аполосов‘. Се чини дека некои имале превисоко мислење за својата мудрост. Не изненадува што резултатот од тоа била атмосфера на телесно размислување, духовна незрелост и раширена ‚завист и кавга‘ (1. Коринтјаните 1:12; 3:1—4, 18). Сигурно дека ваквите ставови се одразувале во поучувањето што се вршело во собранието и во службата. Последица од ова било тоа што нивното дело на правење ученици било немарно, исто како градежна работа која се врши со неквалитетен материјал. Таа не би го преживеала „огнот“. За каков оган говорел Павле?
13. Што претставува огнот во Павловата илустрација, и за што треба да бидат свесни сите христијани?
13 Сите ние во животот се соочуваме со оган — испити на нашата вера (Јован 15:20; Јаков 1:2, 3). Христијаните во Коринт требало да знаат — како што и ние денес треба да знаеме — дека секој кого го поучуваме за вистината ќе биде испитан. Ако лошо поучуваме, може да има жалосни последици. Павле предупредил: „Ако делото, на оној што ѕидал, се задржи, тој ќе прими награда. А чие дело изгори, тој ќе биде оштетен [ќе претрпи загуба, NW], а сам ќе се спаси, но така — како преку оган“c (1. Коринтјаните 3:14, 15).
14. а) Како би можеле лицата кои прават христијански ученици да ‚претрпат загуба‘, но сепак како би можеле тие да постигнат спасение како низ оган? б) Како можеме да го минимизираме ризикот од претрпување загуба?
14 Навистина отрезнувачки зборови! Може да биде многу болно да се работи напорно за да му се помогне некому да стане ученик, а потоа да се види како поединецот подлегнува на искушение или прогонство и на крај го напушта патот на вистината. Павле го признава истото кога вели дека во таквите случаи претрпуваме загуба. Искуството може да биде толку болно што нашето спасение е опишано како да е „преку оган“ — како човек кој изгубил сѐ во оган и едвај самиот се спасил. Што се однесува до нас, како можеме да го минимизираме ризикот од загуба? Гради со траен материјал! Ако нашите студенти ги поучуваме со цел да ги достигнеме нивните срца, поттикнувајќи ги да ги ценат драгоцените христијански особини како што се мудроста, проникливоста, стравот од Јехова и вистинската вера, тогаш градиме со траен, огноотпорен материјал (Псалм 18:9, 10; Изреки 3:13—15; 1. Петрово 1:6, 7). Оние кои ги стекнуваат тие особини ќе продолжат да ја вршат Божјата волја; тие имаат сигурна надеж да останат во живот засекогаш (1. Јованово 2:17). Но, како можеме практично да ја употребиме Павловата илустрација? Разгледај некои примери.
15. На кои начини можеме да се погрижиме да избегнеме немарно да го вршиме градежното дело во врска со нашите библиски студенти?
15 Кога ги поучуваме библиските студенти, не треба никогаш да унапредуваме луѓе над Јехова Бог. Наша цел не е да ги поучуваме да нѐ гледаат нас како првенствен извор на мудрост. Сакаме за водство да се ослонуваат на Јехова, на неговата Реч и на неговата организација. За таа цел, како одговор на нивните прашања не ги нудиме едноставно нашите гледишта. Напротив, ги поучуваме да ги најдат одговорите користејќи ја Библијата и публикациите кои ги обезбедил ‚верниот и разборит роб‘ (Матеј 24:45—47). Од слични причини, внимаваме да не бидеме посесивни кон нашите библиски студенти. Наместо да се огорчуваме кога другите изразуваат интерес за нив, треба да ги охрабриме нашите студенти да се ‚рашират‘ во својата наклоност, да запознаат и да ценат колку што е можно повеќемина во собранието (2. Коринтјаните 6:12, 13).
16. Како можат старешините да градат со огноотпорен материјал?
16 Исто така, христијанските старешини играат витална улога во изградувањето на учениците. Кога поучуваат пред собранието, тие настојуваат да градат со огноотпорен материјал. Нивната способност за поучување, нивното искуство и личност може нашироко да варираат, но тие не ги користат тие разлики за да си привлечат следбеници. (Спореди Дела 20:29, 30.) Ние не знаеме точно зошто некои во Коринт велеле: ‚Јас сум Павлов‘ или ‚Јас сум Аполосов‘. Но, можеме да бидеме сосема сигурни дека ниту еден од овие верни старешини не унапредувал такво разединувачко размислување. Павле не бил поласкан од таквите изјави; тој енергично ги побил (1. Коринтјаните 3:5—7). На сличен начин, денес старешините имаат на ум дека тие го пасат „Божјето стадо“ (1. Петрово 5:2). Тоа не му припаѓа на некој човек. Затоа, старешините застануваат цврсто против секаква тенденција некој човек да доминира било над стадото било над старешинското тело. Сѐ додека старешините се мотивирани од понизна желба да му служат на собранието, да ги достигнат срцата и да им помогнат на овците да му служат на Јехова со цела душа, тие градат со огноотпорен материјал.
17. Како христијанските родители настојуваат да градат со огноотпорен материјал?
17 Христијанските родители се исто така загрижени за ова. Колку само искрено копнеат да ги видат своите деца да живеат засекогаш! Затоа толку напорно работат на тоа да ги „всадат“ (NW) начелата од Божјата Реч во срцата на своите деца (5. Мојсеева 6:6, 7). Тие сакаат нивните деца да ја запознаат вистината, не само како еден систем од правила или литанија од факти, туку како еден исполнет, наградувачки и среќен начин на живот (1. Тимотеј 1:11). За да ги изградат своите деца во верни ученици на Христос, родителите кои се полни со љубов настојуваат да користат огноотпорен материјал. Тие стрпливо работат со своите деца, помагајќи им да ги отфрлат особините кои Јехова ги мрази, а да ги негуваат особините кои тој ги сака (Галатјаните 5:22, 23).
Кој е одговорен?
18. Кога еден ученик го отфрла здравото поучување, зошто не мора да значи дека тоа е грешка на оние кои настојуваат да го поучат и да го школуваат?
18 Оваа дискусија покренува едно важно прашање. Ако некој на кого настојуваме да му помогнеме отпадне од вистината, дали тоа значи дека сме потфрлиле како учители — дека сигурно сме граделе со неквалитетен материјал? Не мора да значи. Павловите зборови секако нѐ потсетуваат дека учеството во градењето ученици претставува голема одговорност. Ние сакаме да сториме сѐ што е во наша моќ за да градиме добро. Но, Божјата Реч не ни кажува да ја сносиме целата одговорност и да се натовариме со вина кога оние на кои настојуваме да им помогнеме, застрануваат од вистината. Освен нашата лична улога како градители, во игра влегуваат и други фактори. На пример, забележи што вели Павле дури и во врска со учителот кој лошо ја извршил работата на своето градежно дело: „Ќе биде оштетен [ќе претрпи загуба, NW], а сам ќе се спаси“ (1. Коринтјаните 3:15). Ако тој поединец можеби на крај добие спасение — додека христијанската личност која настојувал да ја изгради во својот студент е прикажана како да ‚изгорела‘ во некој огнен испит — што треба да заклучиме? Секако дека Јехова го смета студентот првенствено одговорен за сопствените одлуки во врска со тоа дали ќе следи правец на верност или не.
19. Што ќе разгледаме во следната статија?
19 Личната, односно поединечната одговорност е нешто што е од голема важност. Таа се однесува на секого од нас. Што конкретно учи Библијата за таа работа? Нашата следна статија ќе го разгледа тоа.
[Фусноти]
a ‚Основата [темелот, NW] на земјата‘ може да укажува на физичките сили кои цврсто ја држат на место неа и сите небесни тела. Освен тоа, самата Земја е конструирана на таков начин што нема никогаш да се „разниша“, односно да претрпи уништување (Псалм 103:5).
b Не мора да значи дека ‚драгоцените камења‘ на кои укажал Павле биле скапоцени камења како, на пример, дијаманти и рубини. Можеби тоа биле скапи градежни камења како мермер, алабастер или гранит.
c Павле го ставил во неизвесност спасението, не на градителот, туку на ‚делото‘ на градителот. Dr. Lujo Bakotić овој стих го преведува вака: „Ако делото на некој кој го подигнал на тој темел — остане, тој ќе прими награда, а оној чие дело изгори — ќе има штета: самиот тој ќе се спаси, но како низ оган“.
Како би одговорил?
◻ Што е „темелот“ во еден вистински христијанин, и како се положува тој?
◻ Што можеме да научиме од различните видови градежен материјал?
◻ Што претставува „огнот“, и како тој би можел да предизвика некои да ‚претрпат загуба‘?
◻ Како би можеле библиските учители, старешини и родители да градат со огноотпорен материјал?
[Слика на страница 9]
Во многу древни градови, истовремено со послабите градби постоеле и огноотпорни камени згради