Името кое води до вистинската вера
„ВИЕ не верувате во Исус и во неговата искупителна крв“, му рекла некоја жена на еден Јеховин сведок. Еден човек тврдел: „Вие се нарекувате Јеховини сведоци, но јас сум сведок на Исус“.
Гледиштето дека Јеховините сведоци не веруваат во Исус или дека не му придаваат доволно значење е прилично вообичаено. Но, какви се фактите?
Точно е дека Јеховините сведоци имаат силни чувства кон Божјето име, Јехова.a Итамар, Сведок од Бразил, се сеќава: „Пресвртницата во мојот живот се случи кога го дознав Божјето име. Кога го прочитав за првпат, беше како да се разбудив од некој длабок сон. Името Јехова ме потресе и ме покрена; ме допре во најдлабокиот дел од душата“. Сепак, тој додава: „Моето срце се прелева од љубов и кон Исус“.
Да, Јеховините сведоци признаваат дека за да стекнат вечен живот, тие мораат да положат вера „во името на Синот Божји“, Исус (1. Јованово 5:13). Но, што се мисли со изразот ‚во името на Исус‘?
Што претставува Исусовото име
Изразот „во името на Исус“ и слични изрази се наоѓаат низ Христијанските грчки списи, односно „Новиот завет“. Всушност, зборот „име“ употребено во врска со Исусовата улога се појавува повеќе од 80 пати, а само во книгата Дела — околу 30 пати. Христијаните од првиот век се крштавале во името на Исус, лекувале во негово име, поучувале во неговото име, го привикувале неговото име, страдале заради неговото име и го величале неговото име (Дела 2:38; 3:16; 5:28; 9:14, 16; 19:17).
Според еден библиски речник, грчкиот збор за „име“ честопати се користи во Библијата „за сѐ што опфаќа тоа име, за авторитет, карактер, ранг, величество, моќ, екселенција итн. — за сѐ што опфаќа тоа име“. Според тоа, името на Исус ја претставува величествената и огромна извршна власт која му ја доверил Јехова Бог. Самиот Исус навел: „Ми се даде секаква власт на небото и на земјата“ (Матеј 28:18). Откако Петар и Јован излечиле еден сакат човек, еврејските верски водачи го прашале: „Со каква моќ и во чие име го направивте ова?“ Тогаш Петар смело ја изразил својата вера во власта и моќта кои ги претставува Исусовото име кога објавил дека ‚во името на Исуса Христа Назареецот . . . тој човек стоел пред нив здрав‘ (Дела 3:1—10; 4:5—10).
Вера во Исус или во ќесарот?
Меѓутоа, исповедувањето на таквата вера во Исусовото име немало да биде лесно. Како што претскажал Исус, неговите ученици требало да бидат ‚мразени од сите народи, заради Неговото име‘ (Матеј 24:9). Зошто? Затоа што Исусовото име ја претставува неговата положба како Божји наименуван Владетел, Цар на царевите, оној кому сите нации треба да му се поклонат во знак на подложност, нешто за кое тие не се спремни ниту волни (Псалм 2:1—7).
Верските водачи од Исусово време исто така не сакале да се поклонат во знак на подложност на Исус. Тие навеле: „Ние немаме цар, освен ќесарот“, отфрлајќи го на тој начин Божјиот син (Јован 19:13—15). Наместо тоа, тие ја положиле својата вера во името — моќта и власта — на ќесарот и на неговата царска влада. Дури донеле одлука Исус да умре за да можат да ја сочуваат својата позиција и статус (Јован 11:47—53).
Во вековите после Исусовата смрт, многумина од оние кои тврделе дека се христијани усвоиле став кој бил сличен на ставот на еврејските водачи. Овие таканаречени христијани ја положиле својата вера во моќта и власта на државата и се вклучиле во нејзините конфликти. На пример, во 11 век, откако црквата ги организирала безработните војници во милиција Христи, т. е. христијански витези, „одговорноста за водењето праведна војна била симната од световните сили на христијанскиот свет и, наместо нив, била преземена од страна на црквата преку посредство на нејзините христијански витези“ (The Oxford History of Christianity). Извештајот додава дека извесни папски декларации го навеле мнозинството од крстоносците да веруваат дека со тоа што зеле удел во крстоносните војни, „тие направиле спогодба со Бог и си обезбедиле место во Рајот“.
Можеби некои аргументираат дека е можно да му се биде лојален на Исус и истовремено да се учествува во политичките работи, како и во војните на нациите. Можеби мислат дека христијанска должност е да се борат против злото секаде каде што тоа може да се најде и дека тоа вклучува прибегнување кон војна, ако е потребно. Но, дали раните христијани го делеле тоа гледиште?
„Најраните христијани не служеле во вооружените сили“, наведува една статија во списанието The Christian Century. Тоа објаснува дека сѐ до деценијата 170—180 н. е. не постои каков и да било доказ дека христијаните служеле во војска. Потоа, статијата додава: „Само, постепено, христијаните попуштиле во своето противење кон воената служба“.
Какви биле последиците? „Можеби ништо друго не предизвикало толкава недоверба во христијанството колку неговата практика да заземе став кој речиси не можел да се разликува од ставот на нехристијаните во врска со учеството во војна“, забележува статијата The Christian Century. „Самото тоа што христијаните од една страна ја поддржуваат верата во благиот Спасител додека, пак, од друга страна срдечно ги поддржуваат верските или националистичките војни, нанело голема штета врз верата.“
Да ги имитираме раните христијани денес
Дали е можно денешните христијани да го имитираат одличниот пример на раните христијани? Јеховините сведоци во овој век покажале дека тоа е можно. Говорејќи за нив, уредникот на Holocaust Educational Digest забележал: „Ниту еден Јеховин сведок никогаш нема да отиде во војна . . . Ако секој кој имал позиција на моќ во светот имал ваква вера, [II светска војна] немаше никогаш да се случи“.
Истото може да се рече и за поновите регионални конфликти, како што е оној кој се разбесна во Северна Ирска. Пред неколку години, еден Јеховин сведок проповедал од куќа до куќа во едно протестантско подрачје во градот Белфаст. Откако дознал дека Сведокот порано бил католик, еден станар прашал: „Тогаш кога бевте католик, дали Вие ја поддржувавте ИРА [Ирската републиканска армија]?“ Сведокот сфатил дека човекот би можел да стане насилен бидејќи, откако бил фатен вооружен со пиштол на пат да убие еден католик, бил притворен и штотуку ослободен. Затоа, Сведокот одговорил: „Сега веќе не сум католик. Јас сум Јеховин сведок. Како вистински христијанин, јас никогаш не би убил некого заради некоја влада или заради некој човек“. На тоа станарот му пружил рака и му рекол: „Секакво убивање е погрешно. Вие луѓе вршите добро дело. Продолжете и понатаму така“.
Што значи да се положи вера во Исусовото име
Меѓутоа, да се положи вера во Исусовото име значи повеќе отколку само некој да се воздржува од војна. Тоа значи да се слушаат сите Христови заповеди. На крајот на краиштата, Исус навел: „Вие сте Ми пријатели, ако го вршите она, што ви заповедам Јас“, а една од неговите заповеди е да се ‚љубиме еден со друг‘ (Јован 15:14, 17). Љубовта настојува да им прави добро на другите. Таа ги руши сите расни, религиозни и социјални предрасуди. Исус покажал како.
Евреите во негово време имале силни чувства против Самарјаните. За разлика од нив, Исус разговарал со една Самарјанка и, како резултат на тоа, таа и многу други положиле вера во неговото име (Јован 4:39). Исто така, Исус навел дека неговите ученици ќе му бидат сведоци „во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија, и дури до крајот на земјата“ (Дела 1:8). Неговата животодајна порака не требало да биде ограничена само на Евреите. Во склад со тоа, Петар добил упатство да го посети римскиот стотник Корнилиј. Иако било незаконски еден Евреин да посети некого од друг род, Бог му покажал на Петар дека ‚ниеден човек не треба да го нарекува поган или нечист‘ (Дела 10:28).
Имитирајќи го Исус, Јеховините сведоци спремно им помагаат на сите луѓе — без разлика на нивната расна, религиозна или економска заднина — да научат за спасението кое доаѓа преку Исусовото име. Верата во Исусовото име ги поттикнува ‚јавно да објавуваат дека Исус е Господ‘ (Римјаните 10:8, 9, NW). Ние те поттикнуваме да ја прифатиш нивната помош за да можеш и ти да научиш како да положиш вера во Исусовото име.
Името на Исус треба навистина да вдахне чувства на чест, почитување и послушност. Апостол Петар навел: „Во името на Исуса да ги преклони колената на сѐ што е небесно, земно и подземно, и секој јазик да исповеда дека Исус Христос е Господ, за слава на Бога Отецот“ (Филипјаните 2:10, 11). Иако мнозинството од жителите на Земјата можеби не е спремно да се подложи на Исусовата влада, Библијата покажува дека близу е времето кога сите луѓе ќе мораат да го сторат тоа или, пак, ќе изгинат (2. Солунјаните 1:6—9). Затоа, сега е време да положиме вера во Исусовото име со тоа што ќе ги држиме сите негови заповеди.
[Фуснота]
a За понатамошни информации, види ја брошурата „Божественото име кое ќе остане засекогаш“, страници 28—31, објавена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc., 1995.
[Слика на страница 6]
Во Исусово име, милиони убивале и биле убиени
[Слика на страница 7]
Исус не негувал расни предрасуди. А ти?