Кога напаѓаат вооружени разбојници
ВО Икои, едно ексклузивно предградие во Западна Африка, дворците станале тврдини. Многу од нив имаат ѕидини кои се високи 3 метри, покриени со шилци, запчести стакла или навои од бодликава жица. Чуварите стражарат покрај масивни порти кои се обезбедени со резиња, решетки, синџири и катанци. Прозорците се со решетки. Спалните се одвоени од останатиот дел од куќата со челични врати. Навечер, големи кучиња — германски овчари и ротвајлери — се пуштани од нивните боксови. Темнината ја разбиваат сјајни светла, а кога сѐ е во ред, се слуша само слабото зуење на компјутерските системи за посматрање.
Никој не се сомнева во потребата да го осигура својот дом. Ударните наслови во весниците јадикуваат: „Вооружени разбојници ја пљачкаат околината“; „Беснеат деца-разбојници“ и „Паника додека улични банди ограбуваат [една општина]“. Таква е сликата во многу земји. Како што претскажала Библијата, ние навистина живееме во критични времиња (2. Тимотеј 3:1).
Стапката на криминалот, вклучувајќи ја и стапката на вооруженото разбојништво, расте во целиот свет. Владите се сѐ понеспособни или поневолни да ги заштитат своите граѓани. Полицијата во некои земји, која е надмината од разбојниците и по број и по огнената моќ, е слабо опремена за да се одѕвие на повиците за помош. Повеќето набљудувачи се колебаат да се вмешаат.
Жртвите кои не можат да се ослонат за помош ниту на полицијата ниту на јавноста, се оставени да се бранат самите. Еден христијански старешина од една земја во развој, рекол: „Ако кренеш тревога, разбојниците ќе те осакатат или ќе те убијат. Заборави на помош однадвор. Ако дојде помош, добро, но немој да ја очекуваш ниту, пак, да викаш по неа, бидејќи повикот за помош би можел да биде само повик за понатамошна неволја“.
Заштитата и Божјата Реч
Иако христијаните не се дел од светот, тие се наоѓаат во светот (Јован 17:11, 16). Па така, исто како и сите други, тие прават разумни подготовки за својата безбедност. Сепак, за разлика од многумина кои не му служат на Јехова, Божјиот народ бара заштита во склоп на христијанските начела.
Спротивно на нив, во настојувањето да се заштитат од разбојништво луѓето во некои африкански земји користат магија. Еден врач може да направи рез на зглобот, градниот кош или грбот на клиентот. Потоа, во резот се втрива магичниот напиток, се кажуваат некои магични зборови и се очекува лицето да биде имуно на напад од разбојници. Други, пак, ставаат амајлии или магични напитоци во своите домови, верувајќи дека таквото „осигурување“ ќе предизвика разбојниците да ги остават без да ги малтретираат.
Вистинските христијани немаат врска со никаков вид магија. Библијата ги осудува сите облици на спиритизам, и тоа со право, бидејќи таквите практики можат да ги доведат луѓето во контакт со демоните — токму оние кои унапредуваат насилство на Земјата (1. Мојсеева 6:2, 4, 11). Библијата јасно наведува: „Не смееш да практикуваш магија“ (3. Мојсеева 19:26, NW).
Некои луѓе очајнички настојуваат да се обезбедат со тоа што самите се вооружуваат со пиштоли. Но, христијаните сериозно ги сфаќаат зборовите на Исус, кој рекол: „Сите што се фаќаат за нож; од нож ќе загинат“ (Матеј 26:52). Божјиот народ ги ‚прековал мечевите свои во плугови‘ и не купува пиштоли за да се заштити од разбојништво или од напад (Михеј 4:3).
А што е со подготовката да се има вооружени чувари? Запомни дека, иако тоа е работа на личен избор, таа подготовка само го става оружјето во рацете на некој друг. Што би очекувал еден работодавец од чуварите ако дојде некој разбојник? Дали би очекувал тие да пукаат во крадецот, ако е потребно, за да ги заштитат луѓето и имотите кои ги чуваат?
Можеби ставот што го заземаат христијаните во врска со отфрлањето на магијата и оружјето како средство за заштита изгледа глупав во очите на оние кои не го познаваат Бог. Меѓутоа, Библијата нѐ уверува: „Кој се надева на Господа, тој ќе се спаси [ќе биде заштитен, NW]“ (Изреки 29:25). Сепак, иако Јехова го заштитува својот народ како целина, тој не интервенира во секој случај за да ги штити своите слуги од разбојништво. Јов бил извонредно верен, но сепак Бог дозволил ограбувачи да ја опљачкаат неговата стока, при што слугите го изгубиле животот (Јов 1:14, 15, 17). Исто така, Бог дозволил апостол Павле да доживее „опасност од разбојници“ (2. Коринтјаните 11:26). И покрај тоа, Бог ги поучува своите слуги да живеат според начелата кои го намалуваат ризикот од разбојништво. Освен тоа, тој ги опремува со спознание кое им помага да реагираат на обидите за разбојништво, и тоа на начини кои ја намалуваат веројатноста да бидат повредени.
Да се намали заканата од разбојништво
Мудрецот одамна забележал: „Изобилството што му припаѓа на богатиот, не му дава да спие“ (Проповедник 5:12, NW). Со други зборови, оние кои поседуваат многу работи може да станат толку тегобно загрижени да не ги изгубат своите поседи што го губат сонот секирајќи се за тоа.
Затоа, еден начин да се намали не само тегобната загриженост туку и заканата од разбојништво е да се избегнува трупање изобилство скапи поседи. Инспирираниот апостол напишал: „Сѐ што е во светот — похотта на телото, желбата на очите и гордоста на животот [впечатливото излагање на средствата за живот, NW], не е од Отецот, туку од овој свет“ (1. Јованово 2:16). Истите желби кои ги тераат луѓето да купуваат скапи работи, ги тераат другите да крадат. А „впечатливото излагање на средствата за живот“ може да биде покана за оние кои се склони да пљачкаат.
Освен што не треба да привлекуваш внимание, друга заштита од разбојништвото е да покажеш дека ти си вистински христијанин. Ако покажуваш љубов кон другите, ако си чесен во постапките и активен во христијанската служба, тогаш во твојата средина можеш да изградиш репутација на добра личност, личност која заслужува почитување (Галатјаните 5:19—23). Таквата христијанска репутација може да биде многу поголема заштита отколку некое оружје.
Кога доаѓаат вооружени разбојници
Но, што треба да направиш ако разбојниците успеат да влезат во твојот дом и се соочиш со нив? Запомни дека твојот живот е поважен од поседите. Христос Исус рекол: „Не се противите на злото. Ако некој те удри по десниот образ, заврти му го и другиот. А оној што сака да . . . ти ја земе кошулата, дај му ја и горната облека“ (Матеј 5:39, 40).
Ова е мудар совет. Иако христијаните не се обврзани да им даваат на криминалците информации за имотот, најверојатно разбојниците ќе станат насилни ако осетат отпор, недостиг на соработка или измама. Многумина од нив, „дојдени до бесчувство“, лесно стануваат испровоцирани на злобно, немилосрдно однесување (Ефесјаните 4:19).
Самуил живее во еден станбен комплекс. Разбојниците ја блокирале зградата и оделе од стан до стан пљачкајќи. Самуил чул истрели, кршење врати и викање, како и плачење и пискање на луѓе. Невозможно било да се побегне. Самуил им рекол на сопругата и на тројцата синови да клекнат на подот, да ги кренат рацете, да ги затворат очите и да чекаат. Кога разбојниците се втурнале внатре, Самуил зборувал со нив со спуштен поглед на очите, знаејќи дека ако ги погледне в лице, тие би можеле да си помислат дека подоцна ќе ги идентификува. „Влезете“, рекол тој. „Земете сѐ што сакате. Слободно земете сѐ. Ние сме Јеховини сведоци, и нема да ви се спротивставиме.“ Разбојниците се запрепастиле. Во следниот речиси еден час, во групи доаѓале вкупно 12 вооружени мажи. Иако украле накит, пари и електронска опрема, семејството не било истепано ниту, пак, испосечено со мачети, како што биле другите во зградата. Семејството на Самуил му било благодарно на Јехова за својот живот.
Ова илустрира дека, кога станува збор за пари и материјални работи, жртвите на разбојниците кои не се спротивставуваат можат да ја намалат веројатноста да бидат повредени.a
Понекогаш за еден христијанин давањето сведоштво може да биде одбрана од повредување. Кога разбојниците го нападнале домот на Ада, тој им рекол: „Знам дека вам ви е тешко и дека затоа се занимавате со ова. Ние, како Јеховини сведоци, веруваме дека еден ден секој ќе има доволно храна за себе и за семејството. Секој ќе живее во мир и среќа под Божјето Царство“. Тоа ја ослабнало агресијата на разбојниците. Еден од нив рекол: „Жал ни е што дојдовме во вашата куќа, но морате да разберете дека ние сме гладни“. Иако му ги одзеле поседите на Ада, сепак не го допреле ни него ни семејството.
Остани смирен
Не е лесно да се биде смирен во една опасна ситуација, особено кога првенствена цел на разбојниците е да ги тероризираат своите жртви во потчинетост. Од помош ќе ни биде молитвата. Јехова може да го чуе нашиот повик за помош, макар тивок и краток. Библијата нѐ уверува: „Очите на Господа се обрнати кон праведниците, и ушите Негови — кон молитвите нивни“ (Псалм 33:15). Јехова нѐ слуша и може да ни даде мудрост за да можеме смирено да се справиме со секоја ситуација (Јаков 1:5).
Освен молитвата, друга помош за да останеш смирен е однапред да одлучиш што ќе сториш а што нема да сториш ако си опљачкан. Се разбира, не е возможно однапред да знаеш во каква ситуација ќе се најдеш. Сепак, добро е во мислите да имаш начела, исто како што е мудро во мислите да имаш безбедносни постапки во случај да се најдеш во зграда која е зафатена од пожар. Промисленоста ќе ти помогне да останеш смирен, да избегнеш паника и повредување.
Божјето гледиште за разбојништвото е јасно наведено: „Јас, Господ, ја сакам правдата, го мразам грабежот [разбојништвото, NW] со насилство“ (Исаија 61:8). Јехова го инспирирал својот пророк Језекиил да го вброи разбојништвото меѓу многу сериозните гревови (Језекиил 18:18, NW). Сепак, истата библиска книга покажува и дека Бог милосрдно ќе му прости на лицето кое се кае и го враќа она што го зело во разбојништво (Језекиил 33:14—16).
И покрај тоа што живеат во свет кој е исполнет со криминал, христијаните се радуваат на надежта за живот под Божјето Царство, кога повеќе нема да има разбојништво. Во врска со тоа време, Библијата ветува: „Секој [од Божјиот народ] ќе седи под лозата своја и под смоквата своја, и никој нема да ги плаши, зашто устата на Господа Саваот го изрекла тоа“ (Михеј 4:4).
[Фуснота]
a Се разбира, постојат граници во соработката. Јеховините слуги не соработуваат на ниеден начин кој го прекршува Божјиот закон. На пример, еден христијанин нема спремно да се подложи на силување.