Градење врз пагански темели
МЕЃУ многуте импресивни споменици кои ги посетуваат туристите во Рим (Италија) е Пантеонот. Ова ремек-дело на римската архитектура е една од неколкуте тамошни градби кои во суштина останале исти какви што биле во древните времиња. Го започнал Агрипа околу 27 пр. н. е., а го реконструирал Адријан околу 120 н. е. Едно истакнато обележје на ова здание е неговиот огромен свод со пречник од 43 метри, а во широчина е надминат дури во наше време. Пантеонот првобитно бил пагански храм, „место на сите богови“, што е и значењето на оригиналниот грчки збор. Денес, тој сѐ уште се смета за римокатоличка црква. Како било возможно едно такво изненадувачко преобразување?
Во 609 н. е. папата Бонифациј IV повторно го посветил овој храм, кој долго време не бил користен, како „христијанска“ црква. Тогаш ѝ било дадено името црква на Санта Марија ротунда. Според една статија објавена во 1900 година во италијанското језуитско списание La Civiltà Cattolica, посебната цел што Бонифациј ја имал на ум со него била „да се прослават заедно сите маченици од христијанската сфера, или поточно сите светци, но пред сѐ Богородица“. Имињата кои Римокатоличката црква денес му ги дала на Пантеонот — Санта Марија ад мартирес или другото Санта Марија ротунда — ја одразуваат таа небиблиска намера. (Спореди Дела 14:8—15.)
За да се адаптира Пантеонот кон неговата нова употреба, „требало да се направи многу малку“, продолжува истата статија. „Бонифациј ги следел едноставните и великодушни правила кои веќе ги имал воспоставено Св. Григориј Велики [папата Григориј I], неговиот претходник, маестро и пример во адаптирањето на паганските храмови за користење во христијанското обожавање.“ Кои биле тие правила?
Во едно писмо од 601 н. е. до еден мисионер кој имал намера да оди во паганска Британија, Григориј ја дал оваа наредба: „Храмовите на идолите во претходно споменатата земја не треба да се искршат; туку само идолите кои се во нив . . . Ако претходно споменатите храмови се во добра состојба, треба да бидат преиначени — од обожавање на ѓаволи во служба на вистинскиот Бог“. Идејата на Григориј била дека, доколку паганските народи видат дека нивните поранешни храмови не се оштетени, можеби ќе бидат посклони и понатаму често да ги посетуваат. Со оглед на тоа што паганите имале обичај „да убиваат многу волови како жртва на ѓаволите“, напишал папата, сега постои надеж дека „повеќе нема да му жртвуваат животни на ѓаволот, туку на свое лично задоволство ќе ги убиваат на фалба на Бог“.
Исто така, римокатолицизмот „го поништил“ паганското обожавање така што основал — многу близу до претходните храмови — цркви посветени на „христијанските“ патрони. Биле усвоени древни прослави и им било дадено „христијанско“ значење. Да го изразиме тоа со зборовите на La Civiltà Cattolica: „Денес на сите изучувачи им е познато дека некои обичаи и религиозни прослави на раните христијани биле тесно поврзани со извесни пагански практики и патишта. Тоа биле практики кои им биле премногу драги на луѓето, навики кои биле многу длабоко вкоренети и испреплетени со јавниот и приватниот живот на древниот свет. Мајката црква, љубезна и мудра, верувала дека не ќе мора да ги искорени; напротив, преобразувајќи ги така да имаат христијанска смисла, возвишувајќи ги до нова отменост и нов живот, таа преовладала над нив со средства кои биле моќни, а сепак благи, и така без неред ги освоила душите како на масите така и на учените“.
Еден добро познат пример за усвојување на една паганска прослава е, се разбира, божиќната прослава. Всушност, 25 декември е датум на кој древните Римјани го одбележувале диес наталис Солис Инвикти, т. е „роденденот на непобедливото сонце“.
Во својата желба да ги освои срцата на паганите, црквата не се држела за вистината. Таа ја оправдувала практиката на синкретизам, впивањето пагански верувања и практики кои им биле „драги на масите“. Резултат од тоа била една хибридна, отпадничка црква која била многу различна од учењата на вистинското христијанство. Имајќи го ова предвид, можеби толку не изненадува тоа што еден поранешен римски храм на „сите богови“ — Пантеонот — требало да стане римокатоличка црква посветена на Марија и на сите „светци“.
Меѓутоа, треба да биде очигледно дека промената во посветувањето на еден храм или во името на некоја прослава, не е доволна за да се преобрази ‚обожавањето на ѓаволите во служба на вистинскиот Бог‘. „Каква сличност има храмот Божји со идолите?“ — прашал апостол Павле. „,Излезете од нивната средина и одделете се!‘ Вели Господ, и ‚Не допирајте се до нечисто, и Јас ќе ве примам! И Јас ќе ви бидам Отец, а вие ќе Ми бидете синови и ќерки‘, вели Господ Седржителот“ (2. Коринтјаните 6:16—18).