Немој да бидеш совладан од тегобната грижа
„НЕМОЈТЕ да се грижите [да бидете тегобно загрижени, NW] за утре, зашто утрешниот ден ќе се грижи за своето [ќе си има свои тегобни грижи, NW]; на секој ден доста му е неговото зло“ (Матеј 6:34). Тој совет кој го дал Исус Христос сигурно е практичен за сите нас кои живееме во денешново општество кое е со брзо темпо и полно со стресови.
Но, реалистично гледано, дали е можно да не бидеме тегобно загрижени за нашите проблеми, одлуки, обврски и одговорности? Милиони луѓе се чувствуваат депримирани, вознемирени и оптоварени. Заради тоа средствата за смирување и седативите се бизнис кој донесува многу милиони долари.
Каде да се стави граница
Ние треба да ги планираме своите обврски, задачи, одлуки и проблеми и да се подготвуваме за нив — без разлика дали тие се итни или поинакви. Библијата нѐ охрабрува да ‚седнеме и да го пресметаме трошокот‘ (NW) пред да се зафатиме со некој поголем потфат (Лука 14:28—30). Ова вклучува да ги одмериме изборите кои ни стојат на располагање, да ги анализираме можните последици од исходот и да го испитаме трошокот во поглед на времето, енергијата и парите.
Иако треба грижливо да се размисли за она што може да се случи, сепак не е возможно ниту, пак, корисно да се обидуваме да размислуваме за сѐ што може да ни се случи. На пример, во интерес на безбедноста на семејството, можеби размислуваш што да се прави во случај да избие пожар во твојот дом. Можеби ќе купиш и инсталираш детектор за откривање чад и апарати за гаснење пожар. Можеби ќе испланираш и извежбаш начини за бегање од различни делови на куќата. Но, кога завршува разумното, практично планирање, а започнува претераната, неоснована тегобна грижа? Таквата тегобна грижа започнува кога ти почнуваш да се измачуваш со безброј хипотетични ситуации, од кои многу можеби се производ на бујната фантазија. Можат да те обземат вознемирувачки мисли кои те уверуваат дека мора нешто да си превидел или дека не си сторил доволно за да си го заштитиш семејството. Оваа самоизмачувачка болка може толку многу да му натежне на твојот ум што заради тоа нема да можеш да спиеш.
Мојсеј пред фараонот
Јехова Бог му дал на пророкот Мојсеј една тешка задача. Најпрвин, Мојсеј морал да се појави пред Израелците и да ги увери дека Јехова го наименувал да ги изведе од Египет. Потоа, морал да се појави пред фараонот и да побара од него да ги пушти Израелците. На крај, морал да води низ пустината една толпа која броела милиони луѓе во земја во која живеел непријателски народ (2. Мојсеева 3:1—10). Сево ова можело да изгледа многу застрашувачко. Но дали Мојсеј дозволил оваа одговорност да му го исполни умот со претерана тегобна грижа?
Очигледно Мојсеј бил загрижен за извесен број спорни прашања. Тој го прашал Јехова: „Еве, ќе појдам кај синовите Израилеви и ќе им речам: ‚Бог на татковците ваши ме испраќа кај вас.‘ И ако тие ме прашаат: ‚како Му е името‘, што ќе им речам тогаш?“ Јехова му дал одговор (2. Мојсеева 3:13, 14). Мојсеј бил загрижен и за тоа што може да се случи доколку фараонот одбиел да му поверува. Јехова повторно му дал одговор на пророкот. И последниот проблем — Мојсеј признал дека ‚не зборува течно‘. Како можело да се поправи тоа? Јехова се погрижил Арон да зборува наместо Мојсеј (2. Мојсеева 4:1—5, 10—16).
Подготвен со одговори на своите прашања и имајќи вера во Бог, Мојсеј продолжил да прави онака како што му заповедал Јехова. Наместо да се измачува со застрашувачки мисли за она што може да се случи кога ќе се соочи со фараонот, Мојсеј ‚така направил‘ (2. Мојсеева 7:6). Доколку дозволел тегобните грижи да го совладаат, тие лесно можеле да ја ослабнат верата и смелоста кои му биле потребни за да ја изврши задачата.
Мојсеевиот урамнотежен начин на зафаќање со својата задача е пример за она што апостол Павле го нарекол „здрав разум“ (2. Тимотеј 1:7; Тит 2:2—6, сите NW). Доколку Мојсеј не покажел здрав разум, лесно можел да стане толку прегазен од големината на својата задача што веројатно не ќе можел да ја прифати.
Преземи контрола над своите мисли
Како реагираш кога во секојдневниот живот се соочуваш со испити на верата или со искушенија? Дали си склон да паничиш само од размислувањето за препреките и предизвиците кои се надзираат? Или, пак, ги гледаш на еден урамнотежен начин? Некои велат: ‚Невидена реката, ја слекол облеката‘. На крајот на краиштата, можеби и нема да има потреба да се премине таа замислена река! Затоа, зошто да се измачуваш со нешто што можеби никогаш нема да се случи? Библијата вели: „Тегобната грижа во срцето на човекот е таа што ќе предизвика да се свитка“ (Изреки 12:25, NW). Резултатот честопати е тоа што ќе се одолговлекува донесувањето одлука и ќе се одложуваат работите сѐ додека не биде предоцна.
Далеку посериозна е духовната штета која може да ја предизвика претераната тегобна грижа. Исус Христос покажал дека ценењето на „словото за царството“ може да биде целосно задушено од измамничката моќ на богатството и „грижите [тегобната грижа, NW] од овој свет“ (Матеј 13:19, 22). Токму како што трњата можат да ги спречат садниците да созреат и да донесат плод, така и неконтролираната тегобна грижа може да нѐ спречи духовно да напредуваме и да донесуваме плодови на Божја фалба. Самоизмачувачката, уништувачка болка дури спречила некои да му се предадат на Јехова. Тие се секираат: ‚Што ако јас не живеам според моето предание?‘
Апостол Павле ни кажал дека во нашата духовна војна ние настојуваме да го „поробуваме секој разум [мисла, NW] за да Му биде покорен на Христа“ (2. Коринтјаните 10:5). Нашиот главен непријател, Сатана Ѓаволот, би бил многу среќен да може да ги искористи нашите секирации за да нѐ обесхрабри и да нѐ ослабне физички, емоционално и духовно. Тој е мајстор во користењето сомненија за да ги намами невнимателните. Затоа, Павле ги предупредил христијаните да не ‚му даваат место на ѓаволот‘ (Ефесјаните 4:27). Како ‚бог од овој свет‘, Сатана успешно ги „заслепил умовите нивни [на неверниците, NW]“ (2. Коринтјаните 4:4). Никогаш да не дозволиме тој да го контролира нашиот ум!
Помошта е на располагање
Кога се соочува со проблеми, едно дете може да отиде кај својот татко полн со љубов и да добие упатство и утеха. На сличен начин, и ние со нашите проблеми можеме да му се обратиме на нашиот небесен Татко Јехова. Всушност, Јехова нѐ повикува да ги фрлиме нашите товари и тегобни грижи на него (Псалм 55:22, NW). Слично на дете кое повеќе не се грижи за своите проблеми откако добило уверување од својот татко, така и ние не само што треба да ги фрлиме нашите товари на Јехова туку треба и да му ги оставиме (Јаков 1:6).
Како ги фрламе нашите тегобни грижи на Јехова? Филипјаните 4:6, 7 одговара: „За ништо не грижете се [тегобно, NW], туку во сѐ преку молитва и молба со благодарност изјавувајте ги пред Бога своите барања, и мирот Божји, што надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли [мисловни сили, NW] во Исуса Христа“. Да, како одговор на нашите упорни молитви и преколнувања, Јехова може да ни даде внатрешен мир кој ќе го штити нашиот ум да не биде вознемирен поради непотребните тегобни грижи (Јеремија 17:7, 8; Матеј 6:25—34).
Но, за да работиме во склад со своите молитви, не смееме да се изолираме — ни физички ни умствено (Изреки 18:1, NW). Наместо тоа, ќе сториме добро ако размислуваме за библиските начела и упатства кои се однесуваат на нашиот проблем, избегнувајќи на тој начин да се ослонуваме на сопственото разбирање (Изреки 3:5, 6). Младите и старите можат да се обратат на Библијата и на публикациите на Watch Tower заради изобилство информации за тоа како да донесуваат одлуки и да се справуваат со проблемите. Освен тоа, во христијанското собрание сме благословени со мудри и искусни старешини и други зрели христијани кои секогаш се спремни да разговараат со нас (Изреки 11:14; 15:22). Честопати, оние кои не се емоционално вклучени и кои имаат Божји ум за некоја работа можат да ни помогнат да гледаме на нашите проблеми од поинаква перспектива. Иако тие нема да донесуваат одлуки наместо нас, можат да ни бидат голем извор на охрабрување и поддршка.
„Чекај на Бог“
Никој не може да порекне дека секој ден си носи доволно стрес во справувањето со нашите реални проблеми и без да ги зголемуваме со тоа што ќе се секираме за замислени проблеми. Доколку тегобната грижа за она што би можело да се случи нѐ направи плашливи и вознемирени, тогаш да му се обратиме на Јехова во молитва и со преколнување. Ослонувај се на неговата Реч и организација за упатство, мудрост и здрав ум. Ќе увидиме дека, без разлика на тоа каква ситуација може да настане, на располагање ни стои помош за да се справиме со неа.
Чувствувајќи се оптоварен и вознемирен, псалмистот пеел: „Зошто тагуваш, душо моја, и зошто ме вознемируваш? Надевај се [Чекај, NW] на Бога, бидејќи Него јас пак ќе Го прославувам, мојот Бог е моето спасение“ (Псалм 41:11). Нека и нашите чувства бидат такви.
Да, планирај за она што може разумно да се очекува, а неочекуваното остави го на Јехова. „Сите ваши [тегобни, NW] грижи оставете ги на Него, зашто Он се грижи за вас“ (1. Петрово 5:7).
[Слика на страница 23]
Дали и ти, слично на Давид, ги фрлаш своите товари и тегобни грижи на Јехова?