Дали поминуваш време со своето семејство?
„ЈАПОНСКИТЕ татковци се сакани — иако се зафатени со работа, а не со играње со своите деца.“ Овој наслов се појави во Mainichi Shimbun пред неколку години. Таа статија извести дека 87,8 проценти од Јапончињата кои зеле учество во една анкета што ја спровела владата, изразиле желба да се грижат за своите татковци во иднина. Меѓутоа, во англиското издание на тој весник, истата статија се појави под еден поинаков наслов. Тој гласеше: „Татковци и синови: случај на занемареност“. За разлика од јапонското издание, оваа статија истакна еден друг аспект на истата анкета: Секој работен ден јапонските татковци поминувале со своите деца само по 36 минути. За споредба, татковците од Западна Германија во делничен ден поминувале со своите деца по 44 минути, а во Соединетите Држави бројката изнесувала 56 минути.
Не се само татковците тие кои поминуваат малку време со своите деца. Сѐ повеќе мајки работат надвор од домот. На пример, многу самохрани мајки мораат да одат на световна работа за да го издржуваат семејството. Како последица на тоа, должината на времето кое родителите — и татковците и мајките — го поминуваат со своите деца се намалила.
Една студија на повеќе од 12.000 американски тинејџери во 1997 година открила дека кај младите кои имаат близок однос со своите родители постои помала веројатност да страдаат од емоционален стрес, да размислуваат за самоубиство, да се впуштаат во насилство или да користат супстанции кои предизвикуваат зависност. А еден од истражувачите кои биле вклучени во обемната студија, рекол: „Не можете да имате чувство на поврзаност со децата ако не сте со нив тогаш кога сте им потребни“. Поминувањето време со вашите деца и комуницирањето со нив е навистина важно.
Јаз во комуникацијата
Особено ранливи на прекин на комуникација се оние семејства во кои едниот родител живее надвор од домот на некоја далечна работна задача. Секако, јазот во комуникацијата не е ограничен само на семејствата со родител кој живее надвор од домот. Некои родители, иако живеат дома, одат на работа пред да се разбудат нивните деца и се враќаат откако тие си легнале. За да го надоместат недостигот на контакт кој произлегува од тоа, некои родители поминуваат време со семејството во текот на викендите и празниците. Тие зборуваат за поминување „квалитетно“ време со своите деца.
Сепак, дали недостигот на квантитет се надоместува со квалитетот? Истражувачот Лоренс Стинберг одговара: „Општо земено, децата кои поминуваат повеќе време со своите родители, подобро напредуваат од оние деца кои поминуваат помалку време. Изгледа дека е многу тешко да се надомести тој недостиг на време. Ја преценуваат идејата за квалитетно време“. Токму така се чувствувала една Бурманка. Нејзиниот сопруг — типичен Јапонец — си доаѓа од работа во еден или во два часот наутро. Иако тој поминува време со семејството во текот на викендите, неговата сопруга вели: „Тоа што си дома во сабота и во недела не може да го пополни јазот што не си со семејството во останатиот дел од седмицата . . . Можеш ли да ги прескокнеш сите оброци во делничните денови, и оброците за целата седмица да ги изедеш во сабота и во недела?“
Потребен е совесен напор
Задржувањето добра комуникација во семејството е нешто што е полесно да се каже отколку да се направи. Потребата да се заработи за живеачка и да се згрижи семејството им отежнува на таткото или на мајката кои се вработени да поминуваат време со семејството. Многумина, чии околности бараат да бидат надвор од дома, редовно комуницираат така што се јавуваат по телефон или пишуваат писма. Но, без разлика дали сте заедно дома или не, потребен е совесен напор за да се задржи добра комуникација во семејството.
Родителите кои ја занемаруваат комуникацијата во своето семејство ќе мора да платат за тоа. Еден татко кој поминувал малку време со своето семејство, па дури и не јадел со него, се соочил со сериозни последици. Неговиот син станал насилен, а ќерка му била фатена како краде по дуќани. Додека една недела наутро таткото се спремал да оди на игралиштето за голф, синот реагирал избувливо: „Дали мама е единствениот родител во оваа куќа?“ — извикал. „Мама одлучува за сѐ во нашево семејство. Тато, ти никогаш . . .“, се жалело момчето.
Тие зборови го натерале таткото да размисли. Конечно одлучил, за почеток, да појадува заедно со семејството. Отпрвин, биле присутни само тој и неговата сопруга. Постепено, им се придружиле и децата, и така масата за појадок станала амбиент за комуникација. Ова водело до тоа семејството да вечера заедно. Така, човекот бил на пат да си го спаси семејството од целосен распад.
Помош од Божјата реч
Библијата ги охрабрува родителите да одвојат време за комуникација со своите деца. Преку пророкот Мојсеј, Израелците биле поучени: „Почуј, Израиле: Господ, нашиот Бог, е единствен Господ, сакај Го Господа, твојот Бог, од сѐ срце, со сета душа твоја и со сите сили твои! Овие зборови, што ти ги заповедам денес, да бидат во срцето твое и во душата твоја; и пренесувај [всади, NW] им ги на децата свои и говори за нив, кога седиш дома и кога си на пат, кога си легнуваш и кога стануваш“ (5. Мојсеева 6:4—7). Да, ако сакаме да ги всадиме Божјите зборови во умовите и срцата на децата, ние кои сме родители треба да преземеме иницијатива да поминуваме време со своето семејство.
Интересно е тоа што претходно споменатата анкета на повеќе од 12.000 американски адолесценти, спроведена во 1997 година, откри дека „за речиси 88% . . . од населението кое извести дека има некаква религија, како заштита служела важноста која им се припишувала на религијата и на молитвата“. Вистинските христијани увидуваат дека правилната домашна религиозна обука ги штити младите од работи како, на пример, злоупотреба на супстанции кои предизвикуваат зависност, емоционално страдање, самоубиства, насилство итн.
Некои родители сметаат дека е тешко да најдат време за семејството. Тоа е случај особено со самохраните мајки, кои радо би поминувале време со своите деца, но мораат да одат на световна работа. Како можат да дојдат до драгоцено време за да бидат со своето семејство? „Чувај ја практичната мудрост и способноста за размислување“, поттикнува Библијата (Изреки 3:21, NW). Родителите можат да употребат ‚способност за размислување‘ за да најдат време за семејството. Како?
Ако си вработена мајка, која се чувствува исцрпена после работниот ден, што мислиш за предлогот да ги замолиш децата заедно да подготвувате оброк? Тоа заеднички поминато време ќе ви даде прилика да станете поблиски меѓу себе. Отпрвин, можеби ќе треба повеќе време за да ги вклучиш децата. Но, наскоро ќе увидиш дека тоа е пријатно и дека дури заштедува време.
Можеби си татко кој има цел список работи кои треба да ги заврши за време на викендот. Зошто не завршиш некои од нив заедно со своите деца? Додека работите заедно, можеш да комуницираш со нив и истовремено да им даваш драгоцена обука. Библиската опомена да ги всадите Божјите зборови во своето потомство ве охрабрува да зборувате со нив ‚кога седите дома, кога сте на пат‘ — навистина, во секоја прилика. Комуницирањето со вашите деца додека работите заедно е покажување „практична мудрост“.
Поминувањето време со своето семејство донесува долгорочни награди за секој член. „Мудроста е со оние, кои се советуваат“, вели една библиска изрека (Изреки 13:10). Со тоа што одвојувате време за да комуницирате со своето семејство, ќе бидете во состојба да му дадете мудро водство за да се бори во секојдневниот живот. Таквото водство кое се дава сега, може да заштеди многу време и болки во срцето во иднина. Исто така, тоа може да придонесе за ваша и нивна среќа. За да дадете такво водство, треба да го исцрпите богатиот резервоар на мудрост кој се наоѓа во Божјата реч, Библијата. Користете ја за да ги поучите своите деца и да ги водите чекорите на своето семејство (Псалм 118:105).
[Слика на страница 4]
Кај младите кои имаат близок однос со своите родители постои помала веројатност да страдаат од емоционален стрес
[Слика на страница 5]
Добрата комуникација донесува богати награди во семејниот живот за секој член
[Слика на страница 6]
Додека работиш заедно со своето дете, можеш да комуницираш со него и да му даваш драгоцена поука