Здрава комуникација — клуч за добар брак
Во 1778 година, Роберт Барон патентирал една сигурносна брава со двоен механизам за отворање која сѐ уште претставува темел за современите брави. Неговиот дизајн барал користење само на еден клуч кој може да ги покрене двата лоста на бравата истовремено.
НА СЛИЧЕН начин, успешниот брак зависи од сопруг и сопруга кои заедно складно работат. За да се отворат и вкусат скапоцените радости на добриот брак, неопходен дел е здравата комуникација.
Што вклучува здравата комуникација
Што вклучува здравата комуникација? Еден речник ја дефинира комуникацијата како „пренесување или размена на мисли, мненија или информации преку говор, на писмено или со гести“. Според тоа, комуникацијата вклучува споделување чувства и идеи. Здравата комуникација налага работи како, на пример, изградување, освежување, доблест, пофалба и утеха (Ефесјаните 4:29-32; Филипјаните 4:8).
Здравата комуникација ја овозможуваат верата, довербата и взаемното разбирање. Овие особини произлегуваат кога на бракот се гледа како на доживотна врска и кога постои вистинска одлучност тој да функционира. Коментирајќи за еден таков однос, Џозеф Адисон, есеист од 18 век, напишал: „Две лица кои меѓу сите човечки битија се избрале еден со друг, со намера да си бидат од взаемна утеха и задоволство, со самата таа постапка се обврзуваат да бидат весели, пријателски настроени, разборити, да простуваат, да бидат стрпливи и радосни во однос на слабостите и добрите особини на другиот, сѐ до крајот на животот“. Колку само е среќна една таква заедница! Овие особини слични на скапоцени камења можат да го украсат и вашиот брак, зашто со здравата комуникација можете да ги имате и вие.
Препреки за здрава комуникација
Повеќето парови му приоѓаат на бракот со оптимизам, па дури и со еуфорија. Меѓутоа, за многумина еуфоријата набрзо испарува, а оптимизмот избледнува. Увереноста може да се замени со горка смеса од фрустрација, лутина, непријателство, па дури и силна антипатија. Тогаш бракот станува ситуација од типот само да се трпи „до гроба“. Значи, за да се подобри или одржи здравата комуникација која е потребна за еден добар брак, мора да се совладаат извесни препреки.
Една вистинска препрека за здравата комуникација може да биде стравот од тоа како ќе реагира брачниот партнер на извесна информација или на некоја изнесена желба. На пример, откако едниот ќе дознае дека кај него се развива сериозен инвалидитет може да се јави страв од отфрлање. Како да му се објасни на партнерот дека некоја претстојна постапка драстично ќе го смени личниот изглед или способноста за нормално живеење? Во такви случаи, потребна е искрена комуникација и промислено планирање за иднината како никогаш порано. Вербалните уверувања во понатамошната љубов, како и честите гестови на нежност, ќе пренесат личен интерес кој ќе помогне да се унапредува еден навистина задоволителен брак. Следнава изрека треба да најде најголем израз во бракот: „Вистинскиот другар љуби секогаш и е брат кој е роден за време на неволја“ (Изреки 17:17, NW).
Огорченоста е една друга препрека за здрава комуникација. Пригодно е речено дека еден среќен брак е заедница на две лица кои се спремни да простуваат. За да одговара на тој опис, брачниот пар треба да го вложи сиот напор за да го следи практичниот совет на апостол Павле: „Сонцето да не зајде во гневот ваш“ (Ефесјаните 4:26). Применувањето на овој совет наместо негување гнев или огорченост сигурно бара понизна комуникација. Партнерите во еден добар брак не подлегнуваат постојано на лутина, кавга и држење длабока огорченост (Изреки 30:33). Настојуваат да го имитираат Бог кој не негува огорченост (Јеремија 3:12, NW). Навистина, тие си простуваат еден на друг од срце (Матеј 18:35).
Една јасна препрека за сите видови комуникација е молчењето како израз на презир или неодобрување. Тоа може да вклучува намуртено лице, тешки воздишки, механички постапки и еднострано одбивање да се разговара. Брачниот партнер кој постапува на еден таков начин пренесува некаков облик на незадоволство. Но, изнесувањето на личните чувства на еден отворен и угоден начин може многу повеќе да го подобри бракот отколку да се остане молчелив и намуртен.
Пропустот добро да се слуша или, пак, воопшто да не се слуша кога зборува партнерот е една друга пречка која мора да се прескокне за да се има добра комуникација во присниот амбиент на бракот. Можеби сме премногу уморни или едноставно премногу зафатени за да собереме умствена и емоционална енергија потребна за внимателно да се сослушаме еден со друг. Можат да избијат расправии околу договори за кои двајцата погрешно се разбрале и за кои едниот партнер мисли дека јасно ги кажал, додека другиот инсистира на тоа дека ги слуша за првпат. Очигледно, за таквите тешкотии е одговорна слабата комуникација.
Како да се унапредува здрава комуникација
Колку само е важно да се одвои време за здрава комуникација полна со љубов! Некои трошат толку многу време пред телевизорот гледајќи го животот на другите луѓе што имаат малку време за сопствениот. Затоа, честопати исклучувањето на телевизорот е потребен чекор за здрава комуникација.
Меѓутоа, исто како што постои вистинско време кога се зборува, така постои и време кога се молчи. Мудриот човек рекол: „Сѐ има свое [одредено, NW] време . . . време кога се молчи, и време кога се зборува“. Секако, треба да се кажат и пригодни зборови. „Колку е добар еден збор во вистинско време!“ — забележува една изрека (Проповедник 3:1, 7; Изреки 15:23, NW). Затоа, одреди кога е најдоброто време да кажеш што мислиш или да ја изразиш грижата што ја имаш на срце. Запрашај се: ‚Дали мојот партнер е уморен или, пак, е опуштен и добро расположен? Дали темата која сакам да ја започнам може да предизвика експлозија? Што му сметаше на партнерот во мојот избор на зборови кога последен пат разговаравме за таа работа?‘
Добро е да се запомни дека луѓето најдобро реагираат кога можат да видат дека соработката или повинувањето на некое барање ќе им користи ним. Ако меѓу партнерите се развила напнатост, можеби едниот од нив ќе биде наведен да каже: „Нешто ме мачи и треба да го расчистиме веднаш!“ Секако, како точно ќе се изразиш ќе зависи од околностите, но можеби ќе биде подобро да кажеш нешто слично на ова: „Драги(-а), размислував околу она за кое дискутиравме порано и за тоа како можеме да го решиме“. Кој пристап веројатно повеќе ќе го цени твојот партнер?
Да, многу е важно како нешто се кажува. Апостол Павле напишал: „Зборот ваш секогаш да биде благодатен, зачинет со сол“ (Колосјаните 4:6). Настојувај да имаш пријатен тон на гласот, како и избор на зборови. Имај на ум дека „пријатните зборови се восочен мед: за душата слатки, а за коските лековити“ (Изреки 16:24).
За некои парови заедничкото работење на некои проекти дома може да создаде убава атмосфера за комуникација. Таквата соработка може да унапредува чувство на делење, а дозволува и време за здрав разговор. Кај други брачни парови, пак, за здрава комуникација повеќе придонесува времето кога се сами заедно без да се обидуваат да работат нешто.
Честопати, може многу да се научи ако се внимава како меѓусебно комуницираат хармоничните брачни парови. Што им помогнало да бидат такви? Најверојатно, нивната хармонија и лесниот начин на комуницирање произлегле од личен напор, стрпливост и обѕир полн со љубов. Очигледно и самите имаат многу да учат, бидејќи добрите бракови не настануваат автоматски. Значи, колку само е важно да го земаш предвид гледиштето на твојот партнер, да ги разбираш неговите потреби и да ги смириш потенцијално стресните ситуации со некој промислен збор (Изреки 16:23). Затоа, ако си во брак, работи на тоа на другиот да му биде пријатно да живее со тебе и да му биде лесно да ти се извини. На крај, тоа ќе помогне да имаш добар брак.
Јехова Бог сака луѓето да уживаат во среќен, траен брак (1. Мојсеева 2:18, 21). Но, клучот лежи во рацете на оние кои се обединети во брачната заедница. За тоа се потребни две личности кои се полни со љубов и кои навистина заеднички работат на тоа да ја отклучат вратата за еден успешен брак на тој начин што ја совладуваат уметноста на здрава комуникација.
[Слика на страница 22]
Исклучувањето на телевизорот овозможува повеќе време за комуникација
[Слики на страница 23]
Здравата комуникација помага да се спојат срцата со трајна љубов