Мали тела, големи срца
КАКО би ти било да разговараш за Божјето царство со непознати ако си висок само 76 сантиметри? Тоа може да ти го каже Лаура. На возраст од 33 години, таа е висока толку — само 76 сантиметри. Таа и нејзината сестра Марија која има 24 години и е висока 86 сантиметри, живеат во Кито (Еквадор). Нека ни објаснат со какви пречки се соочуваат во својата христијанска служба.
„За да отидеме до нашето подрачје за проповедање и на нашите христијански состаноци, пешачиме околу половина километар да фатиме автобус. Од местото каде што нѐ остава, пешачиме уште половина километар за да фатиме друг автобус. За жал, долж тој пат живеат пет лоши кучиња. Кучињата многу нѐ плашат бидејќи ни изгледаат големи како коњи. За да ги држиме на растојание, ако е потребно, си носиме стап кој го криеме некаде пред да се качиме во автобусот за да ни биде при рака кога ќе се враќаме дома.
Влегувањето во автобус е дословно голем чекор за нас. Застануваме на едно издигнување на автобуската станица за полесно да се качиме. Некои возачи доаѓаат до тоа издигнување, но други не доаѓаат. Во тој случај, повисоката ѝ помага на пониската да се качи. За да го фатиме вториот автобус треба да преминеме еден многу прометен автопат — вистински напор за нашите куси нозе. Поради нашиот низок раст, тешката чанта со книги претставува додатен предизвик. За да ни биде чантата полесна, користиме Библија со џебен формат и ја ограничуваме количината на литература што ја носиме.
Уште од детството обете сме многу повлечени. Нашите соседи знаат дека разговарањето со непознати луѓе отсекогаш ни било застрашувачко доживување. Затоа се изненадени и импресионирани кога нѐ гледаат како чукаме на нивните врати и обично нѐ сослушуваат. Но, онаму каде што не нѐ знаат, луѓето честопати во нас гледаат само џуџиња — па затоа не обрнуваат секогаш толку сериозно внимание на нашата порака колку што таа заслужува. Сепак, тоа што ја чувствуваме Јеховината љубов ни дава срце за да продолжиме со делото на евангелизирање. Исто така, собираме храброст и од медитирањето за Изреки 3:5, 6.“
Како што покажуваат Лаура и Марија, истрајувањето и покрај физичките пречки може да го слави Бог. Апостол Павле се молел да биде тргнат од него ‚трнот во телото‘, можеби некоја физичка болест. Но, Бог му рекол: „Доста ти е Мојата благодат, бидејќи Мојата сила наполно се покажува во слабоста“. Да, за да можеме да му служиме на Бог не мора да биде отстранет од нас физичкиот хендикеп. Целосното ослонување на Бог може да ни помогне најдобро да ги искористиме своите околности. Бидејќи Павле така гледал на својот ‚трн во телото‘, можел да рече: „Кога сум слаб, тогаш сум силен“ (2. Коринтјаните 12:7, 9, 10). Неколку години подоцна, Павле напишал: „За сѐ имам сила со помош на оној кој ми дава моќ“ (Филипјаните 4:13, NW).
Во наше време, Бог извршува моќно дело преку мажи, жени и деца кои му се целосно оддадени. Извесен број од нив се на некој начин хендикепирани. Иако сите тие се надеваат дека Бог ќе ги излечи во Божјето Царство, сепак, не чекаат првин Бог да ги ослободи од нивните проблеми, па потоа да сторат нешто во неговата служба.
Дали и ти страдаш од некоја физичка слабост? Биди храбар! Преку својата вера можеш да бидеш меѓу оние како Павле, Лаура и Марија. За нив може да се рече, како и во случајот со мажите и жените од вера во древно време: „Од немоќни станаа крепки“ (Евреите 11:34).
[Слика на страница 8]
Марија
Лаура
[Слика на страница 9]
Марија ѝ помага на Лаура да се качи во автобусот
[Слики на страница 9]
„Кучињата многу нѐ плашат бидејќи ни изгледаат големи како коњи“
Долу: Лаура, Марија и оние кои ја проучувале Библијата со нив