Човечката слабост ја велича Јеховината моќ
„Секој мислеше дека сум толку среќен и жив полновремен министер. Секогаш бев онаа која им помагаше на другите во нивните проблеми. Но, истовремено, се чувствував како однатре да умирам. Вознемирувачките мисли и душевната болка го земаа својот данок. Почнав да се чувствувам отуѓена од луѓето. Само сакав да останам дома в кревет. Со месеци, го молев Јехова да ме остави да умрам“ (Ванеса).
КАКО во горенаведениот пример, нормално е да се очекува дека слугите на Јехова повремено ќе ги чувствуваат последиците од живеењето во овие ‚критични времиња со кои тешко се излегува на крај‘ (2. Тимотеј 3:1, НС). Некои може да станат дури и малодушни (Филипјаните 2:25—27). Кога се одолговлечува, потиштеноста може да ни ја одземе силата, бидејќи Библијата наведува: „Дали си се покажал обесхрабрен во денот на неволјата? Твојата сила ќе биде оскудна“ (Изреки 24:10, НС). Да, кога сме обесхрабрени, ни треба сила — можеби дури и она што апостол Павле го нарекол „силата, која е над она што е нормално“ (2. Коринтјаните 4:7, НС).
Јехова Бог е изворот на неограничена сила. Тоа е очигледно кога ќе ја испитаме неговата творба (Римјаните 1:20). На пример, размисли за Сонцето. Земјата прима еден постојан прилив од околу 240 билиони коњски сили од Сонцето. Па сепак, оваа бројка претставува само околу половина од милијардитиот дел од сончевата продукција на енергија. А Сонцето е мало кога ќе се спореди со ѕвездите познати како суперџинови. Меѓу нив е Ригел, ѕвезда во соѕвездието Орион која е 50 пати поголема од нашето Сонце и емитира 150.000 пати повеќе енергија!
Творецот на такви небесни електрични централи мора и самиот да поседува ‚изобилство на динамичка енергија‘ (Исаија 40:26, НС; Псалм 8:3, 4). Всушност, пророкот Исаија навел дека Јехова „не се изморува и не изнемоштува“. А Бог е желен да ја споделува својата моќ со сите кои, поради човечка слабост, чувствуваат дека се изморуваат (Исаија 40:28, 29). Како го прави тоа, илустрирано е во случајот на христијанскиот апостол Павле.
Излегување накрај со испити
Павле им кажал на коринтјаните за една препрека што морал да ја поднесе. Тој ја нарекол „трн во телото“ (2. Коринтјаните 12:7). Овој трн можеби бил некој здравствен проблем, можеби оштетен вид (Галатјаните 4:15; 6:11, НС). Или, пак, можеби Павле се осврнувал на лажните апостоли и други вознемирувачи кои го оспорувале неговото апостолство и дело (2. Коринтјаните 11:5, 6, 11б—15; Галатјаните 1:6—9; 5:12). Што и да бил, овој „трн во телото“ длабоко го вознемирувал Павле, кој секогаш одново се молел тој да биде отстранет (2. Коринтјаните 12:8).
Меѓутоа, Јехова не ја исполнил Павловата молба. Наместо тоа, на Павле му рекол: „Доста ти е Мојата благодат“ (2. Коринтјаните 12:9). Што мислел Јехова со ова? Па, кога ќе размислиме за Павловото поранешно прогонување на христијаните, само преку незаслужена љубезност тој воопшто можел да има однос со Бог — а камоли да служи како апостол!a (Спореди Захарија 2:8; Откровение 16:5, 6.) Јехова најверојатно му кажувал на Павле дека предноста да биде ученик била „доста“. Таа не требало да биде придружувана со некакво чудесно отстранување на личните проблеми во животот. Всушност, некои тешкотии би можеле дури и да дојдат како последица од додатните предности (2. Коринтјаните 11:24—27; 2. Тимотеј 3:12). Во секој случај, Павле едноставно морал да го поднесе својот „трн во телото“.
Сепак, Јехова во никој случај не го отфрлил Павле безмилосно. Напротив, тој му рекол: „Мојата сила наполно се покажува во слабоста“ (2. Коринтјаните 12:9). Да, Јехова со љубов би го обезбедил Павла со силата за да излезе на крај со својата ситуација. На тој начин, Павловиот „трн во телото“ станал силен пример. Тој го поучил да се ослонува на Јеховината сила, наместо на својата сопствена. Очигледно, Павле добро ја научил оваа лекција, бидејќи неколку години подоцна, на филипјаните им напишал: „Научив да бидам самозадоволен под какви и да било околности. За сѐ имам сила преку оној кој ми дава моќ“ (Филипјаните 4:11, 13, НС).
А како е со тебе? Дали поднесуваш некаков „трн во телото“, можеби некаква болест или, пак, некоја околност во животот која ти создава многу голем немир? Ако е така, утеши се. Иако Јехова можеби нема да ја отстрани препреката на чудесен начин, тој може да ти ја даде мудроста и цврстината за да излезеш на крај со неа додека продолжуваш да ги ставаш интересите на Царството на прво место во животот (Матеј 6:33).
Ако болеста или сѐ подлабоката старост те спречуваат да постигнеш онолку колку што ти би сакал во христијанската служба, не очајувај. Наместо да сметаш дека твојот испит ја ограничува твојата служба за Јехова, гледај на неа како на прилика да го зголемиш своето ослонување на него. Исто така, запомни дека вредноста на еден христијанин не се проценува според неговиот степен на активност, туку според неговата вера и длабочина на љубовта. (Спореди Марко 12:41—44.) Да го љубиш Јехова со сета своја душа значи да му служиш најдобро што можеш со својата способност — а не со способностите на некој друг (Матеј 22:37; Галатјаните 6:4, 5).
Ако твојот „трн во телото“ вклучува некаква вознемирувачка околност во животот, како што е смртта на некој љубен, следи ја библиската опомена: „Фрли го своето бреме на самиот Јехова, и тој самиот ќе те поткрепи. Никогаш нема да дозволи праведникот да се тетерави“ (Псалм 55:22, НС). Една христијанка по име Силвија го сторила тоа. Во еден период од само неколку години, ѝ умрел сопругот после 50 години брак, а исто така и девет други членови на семејството — вклучувајќи и двајца млади внуци. „Да не беше заради Јехова“ — вели Силвија — „би тажела неконтролирано. Но, наоѓам голема утеха во молитвата. Водам еден речиси непрекинат разговор со Јехова. Знам дека тој ми ја дава силата за да издржам.“
Колку само е смирувачки да се знае дека на оние кои тажат, ‚Богот на секоја утеха‘ може да им ја даде силата да истраат! (2. Коринтјаните 1:3; 1. Солунјаните 4:13). Ценејќи го ова, можеме да го разбереме Павловиот заклучок за работата. Тој напишал: „Добро ми е во слабостите, во навредување, во маки, во прогонување, во тага за Христа, оти кога сум слаб, тогаш сум силен“ (2. Коринтјаните 12:10).
Излегување на крај со несовршености
Сите ние сме наследиле несовршеност од нашите први човечки родители (Римјаните 5:12). Како последица од тоа, се наоѓаме во битка против желбите на паднатото тело. Колку само обесхрабрувачки би било да се открие дека обележјата на „стариот човек“ имаат посилен стисок врз нас отколку што сме мислеле! (Ефесјаните 4:22—24). Во такви времиња, можеби се чувствуваме како апостол Павле, кој напишал: „Со својот внатрешен човек наоѓам наслада во законот Божји, но во органите свои гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум и ме прави заробеник на гревовниот закон, кој е во моите органи“ (Римјаните 7:22, 23).
И во овој случај можеме да исползуваме сила од Јехова. Кога се бориш со некоја лична слабост, никогаш не престанувај да му се обраќаш во молитва, сериозно барајќи негово простување, без разлика колку често мораш да му приоѓаш во врска со истиот проблем. Поради неговата незаслужена љубезност, Јехова, кој „ги мери срцата“ и кој може да ја види длабочината на твојата искреност, ќе ти даде исчистена совест (Изреки 21:2). Со помош на својот свет дух, Јехова може да те обезбеди со сила да ја продолжиш борбата против телесните слабости (Лука 11:13).
Исто така, потребна ни е сила од Јехова кога се справуваме со несовршеностите на другите. На пример, некој сохристијанин можеби ни зборува „непромислено како со бодежи од меч“ (Изреки 12:18, НС). Тоа би можело длабоко да нѐ повреди, особено ако доаѓа од некој за кого мислиме дека би требало да умее подобро. Би можеле да станеме многу вознемирени. Некои дури и ги користеле таквите навреди како оправдување за да го напуштат Јехова — најголемата од сите грешки!
Меѓутоа, урамнотежениот став ќе ни помогне слабостите на другите да ги гледаме во исправна светлина. Не можеме да очекуваме совршенство од несовршени луѓе. „Нема човек што да не греши“ — нѐ потсетува мудриот човек Соломон (3. Царства 8:46). Артур, еден помазан христијанин кој лојално му служел на Јехова седум децении, забележал: „Слабоста на другите слуги ни дава прилика да го докажеме својот интегритет, испитувајќи ја притоа нашата христијанска нарав. Ако дозволиме она што луѓето го велат или прават да се вмеша во нашето служење на Јехова, ние им служиме на луѓето. Освен тоа, и нашите браќа сигурно го љубат Јехова. Ако го бараме доброто кај нив, наскоро ќе увидиме дека тие, сепак, не се така лоши“.
Моќта да се проповеда
Пред да се вознесе на небото, на своите ученици Исус им рекол: „Ќе примите сила, кога врз вас ќе слезе Светиот Дух; и ќе Ми бидете сведоци во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија, и дури до крајот на земјата“ (Дела 1:8).
Верно на Исусовите зборови, Јеховините сведоци ова дело сега го извршуваат во 233 земји ширум глобусот. Колективно, тие секоја година поминуваат по повеќе од една милијарда часови помагајќи им на другите да дојдат до спознание за Јехова. Извршувањето на ова дело не е секогаш лесно. Во некои земји, делото на проповедање на Царството е забрането или ограничено. Размисли и за тоа кој го врши делото — кревки, несовршени луѓе, од кои секој има свој сопствен дел во проблемите и грижите. Па сепак, делото продолжува и, како резултат на тоа, во изминативе три години, над еден милион лица му го предадоа својот живот на Јехова и го симболизираа своето предание преку крштавање во вода (Матеј 28:18—20). Навистина, ова дело се извршува само со Божја сила. Преку пророкот Захарија, Јехова рекол: „Не со војска не со сила, а со Мојот Дух, вели Господ Саваот“ (Захарија 4:6).
Ако си објавител на добрата вест, ти имаш удел — сеедно колку навидум мал — во тоа огромно постигнување. Без оглед на ‚трњата‘ што мораш да ги издржиш, можеш да бидеш уверен дека Јехова нема да го заборави ‚твоето дело и трудот на љубовта, што си ги покажал во Негово име‘ (Евреите 6:10). Затоа, продолжи да се ослонуваш на Изворот на сета динамичка енергија заради поддршка. Запомни, само со Јеховина сила можеме да издржиме; неговата моќ се усовршува во нашите слабости.
[Фуснота]
a Секако, бидејќи ‚сите згрешиле и не ја достигнуваат славата Божја‘, тоа е доказ за Божјата милост дека некој човек воопшто може да стапи во однос со него (Римјаните 3:23, НС).
[Слика на страница 26]
Делото на проповедање се извршува само преку Јеховината моќ