Како Исус Христос може да ни помогне
ОНА што Исус Христос го направил за луѓето кога бил на Земјата било прекрасно. Тоа било толку вистинито што откако прераскажал бројни настани од Исусовиот живот, еден очевидец рекол: „А има и многу други работи што ги изврши Исус, и кои, ако би се напишале по ред, ми се чини, не би можеле да се сместат во целиот свет напишаните книги. Амин!“ (Јован 21:25). Поради тоа што Исус направил толку многу нешта на Земјата, би можеле да се запрашаме: ‚Како може да ни биде помошник на небото? Можеме ли да извлечеме корист од Исусовото нежно сочувство сега?‘
Одговорот го радува срцето и смирува. Библијата ни кажува дека Христос влегол „во самото небо, за да се јави сега пред лицето на Бога за нас“ (Евреите 9:24). А што направил за нас? Апостол Павле објаснува: „[Христос] ниту со крв козја и телешка, туку со Својата крв влезе во светилиштето [„самото небо“] еднаш засекогаш и изврши вечен откуп“ (Евреите 9:12; 1. Јованово 2:2).
Каква добра вест е тоа! Наместо да стави крај на Исусовото прекрасно дело во корист на луѓето, неговото вознесување на небото му овозможило да направи дури и уште повеќе за човештвото. Тоа е затоа што Бог во својата голема незаслужена љубезност го наименувал Исус да служи како „јавен слуга“ — првосвештеник — „од десната страна на престолот на Величеството на небесата“ (Евреите 8:1, 2, NW).
„Јавен слуга“
Значи, на небото Исус ќе биде јавен слуга за човештвото. Тој ќе врши работа како онаа што ја вршел првосвештеникот на Израел во корист на Божјите обожаватели во древни времиња. Која била таа работа? Павле објаснува: „Секој првосвештеник се поставува за да принесува дарови и жртви; затоа беше потребно и Он [вознесениот Исус Христос] да има што да принесе“ (Евреите 8:3).
Исус имал да понуди нешто што било далеку посупериорно од она што го нудел древниот првосвештеник. „Ако крвта на јунче и јарец“ можела да донесе извесна мера на духовна чистота за древниот Израел, „тогаш, колку ли повеќе крвта на Христа . . . ќе ја очисти совеста наша од мртви дела, за да Му служиме на живиот и вистински Бог“ (Евреите 9:13, 14).
Исус е извонреден јавен слуга и поради тоа што му е подарена бесмртност. Во древниот Израел „тие беа многу свештеници, зашто смртта не им даваше да остане само еден“. Но што е со Исус? Павле пишува: „Он . . . има свештенство што нема да мине на друг. Затоа Он и може и за вечно да ги спаси оние, што преку Него доаѓаат кон Бога, бидејќи е секогаш жив за да се моли за нив“ (Евреите 7:23—25; Римјаните 6:9). Да, од Божјата десна страна на небото, имаме јавен слуга кој ‚е секогаш жив за да се моли за нас‘. Помисли само што значи тоа за нас сега!
Кога Исус бил на Земјата, луѓето се собирале кај него за помош и понекогаш поминувале големи далечини за да извлечат корист од неговото помагање (Матеј 4:24, 25). На небото, Исус е лесно достапен за луѓе од сите нации. Од неговата поволна небесна положба, тој секогаш е достапен како јавен слуга.
Каков првосвештеник е Исус?
Сликата на Исус Христос, насликана во извештаите на евангелијата, не ни остава простор за сомнение во неговата спремност за помагање и нежно сочувство. Колку само бил самопожртвуван! Во повеќе од една прилика, била прекината неговата приватност кога тој и неговите ученици се обидувале да се одморат — одмор што им бил многу потребен. Наместо да се чувствува лишен од скапоцените моменти на мир и тишина, ‚се смилувал‘ над луѓето кои ја барале неговата помош. Дури и кога Исус бил уморен, гладен и жеден, ‚тој љубезно ги примил‘ и бил спремен да се откаже од храна кога можел да им помогне на искрените грешници (Марко 6:31—34; Лука 9:11—17, NW; Јован 4:4—6, 31—34).
Трогнат од сожалување, Исус презел практични чекори за да ги задоволи физичките, емоционалните и духовните потреби на луѓето (Матеј 9:35—38; Марко 6:35—44). Понатаму, тој ги поучил да најдат трајно олеснување и утеха (Јован 4:7—30, 39—42). На пример, колку е привлечна неговата лична покана: „Дојдете при мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам; земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши“ (Матеј 11:28, 29).
Исусовата љубов кон луѓето била толку голема што тој на крајот го дал својот живот за грешното човештво (Римјаните 5:6—8). Во овој поглед, апостол Павле резонирал: ‚Оној [Јехова Бог], Кој не Го поштедил ни Својот сопствен Син, туку Го предал за нас сите, како да не ни подарил со Него сѐ? . . Христос . . . Исус, Кој умрел, но уште и воскреснал, Кој е од десната страна на Бога, и Кој се застапува за нас‘ (Римјаните 8:32 —34).
Првосвештеник кој може да сочувствува
Како човек, Исус доживеал глад, жед, умор, мака, болка и смрт. Стресот и притисоците кои ги поднел, го опремиле на посебен начин да служи како првосвештеник за човештвото кое страда. Павле напишал: „[Исус] должен беше во сѐ да личи на браќата, па да биде милостив и верен првосвештеник пред Бога, за да ги очисти гревовите народни. Зашто во она, што Сам претрпе, откако беше искушан, во тоа ќе може и на искушуваните да им помогне“ (Евреите 2:17, 18; 13:8).
Исус покажал дека тој е оспособен и спремен да им помогне на луѓето повеќе да му се приближат на Бог. Меѓутоа, дали тоа значи дека тој ќе мора да убедува еден крут и безмилосен Бог кој не е спремен да простува? Никако, бидејќи Библијата нѐ уверува дека ‚Јехова, е добар и спремен да прости‘. Таа, исто така, вели: „Ако ги исповедаме гревовите свои, Он е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да нѐ очисти од секаква неправда“ (Псал. 86:5, NW; 1. Јованово 1:9). Всушност, Исусовите нежни зборови и дела го одразуваат сочувството, милоста и љубовта на самиот негов Татко (Јован 5:19; 8:28; 14:9, 10).
Како Исус им донесува олеснување на покајничките грешници? Така што им помага да најдат радост и задоволство во нивните искрени напори да му угодат на Бог. Пишувајќи им на помазаните сохристијани, Павле ја сумирал ситуацијата велејќи: „Имајќи Го големиот Првосвештеник, Кој преминал преку небесата, Исуса, Синот Божји, ние треба да се држиме за исповедувањето на верата. Оти, ние немаме таков Првосвештеник, што не може да соучествува во нашите слабости, туку таков, Кој искусил сѐ како и ние, освен грев. И така, слободно да пристапуваме кон престолот на благодатта, за да примиме милост и да најдеме благодат за благовремена помош“ (Евреите 4:14—16).
„Благовремена помош“
Но, што можеме да правиме кога сме соочени со проблеми за кои мислиме дека се преголеми за да се справиме со нив — сериозна болест, уништувачкото бреме на вина, силно обесхрабрување и депресија? Можеме да ја користиме истата подготовка на која редовно сметал самиот Исус — скапоцената предност на молитвата. На пример, ноќта кога го дал својот живот за нас, ‚поусрдно се молел, а потта Му била како капки крв, што паѓале на земјата‘ (Лука 22:44). Да, Исус знае што значи силно да му се молиш на Бог. Тој „со силен вик и солзи упати молби и молитви кон Оној, Кој можеше да Го спаси од смртта, и, поради Својата побожност беше чуен“ (Евреите 5:7).
Исус знае колку им значи на луѓето да ‚бидат чуени‘ и зајакнати (Лука 22:43). Освен тоа, тој ветил: „Што и да посакате од Отецот, во Мое име, ќе ви даде . . . Барајте и ќе добиете, за да биде радоста ваша полна“ (Јован 16:23, 24). Според тоа, можеме да го молиме Бог со доверба дека ќе му дозволи на својот Син да ја примени својата власт и вредноста на својата откупна жртва во наша корист (Матеј 28:18).
Можеме да бидеме сигурни дека во неговата небесна улога, Исус ќе ја даде исправната помош во право време. На пример, ако сме направиле грев за кој искрено се каеме, можеме да извлечеме утеха од уверувањето дека „имаме помошник кај Таткото: Исус Христос, праведник“ (1. Јованово 2:1, 2). Нашиот Помошник и Утешител на небото ќе моли за нас за да биде одговорено на нашите молитви во негово име и во согласност со Писмото (Јован 14:13, 14; 1. Јованово 5:14, 15).
Покажување благодарност за Христовата помош
Вклучено е и повеќе отколку молење на Бог преку неговиот Син. Со вредноста на неговата откупна жртва, „со тоа што нѐ купил“, Христос, така да се каже, станал ‚сопственикот кој го купил‘ човечкиот род (Галатјаните 3:13; 4:5; 2. Петрово 2:1, обата NW). Можеме да ја покажеме нашата благодарност за сѐ што Христос прави за нас, признавајќи дека сме негова сопственост и радо одговарајќи на неговата покана: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој и нека оди по Мене“ (Лука 9:23). ‚Да се одрече од себе‘ не е само со уста да се тврди дека се променил сопственикот. На крајот на краиштата, Христос „умре за сите, та живите да живеат не веќе за себеси, а за Оној, Кој умре за нив и воскресна“ (2. Коринтјаните 5:14, 15). Според тоа, благодарноста за откупнината ќе има длабок ефект врз нашите гледишта, цели и начин на живот. Нашата вечна задолженост кај „Исус Христос, Кој Се даде самиот Себе за нас“, треба да нѐ мотивира да научиме повеќе за него и за неговиот љубезен Татко, Јехова Бог. Треба исто така да сакаме да растеме во верата, да живееме според Божјите корисни начела и да бидеме ‚ревносни кон добри дела‘ (Тит 2:13, 14; Јован 17:3).
Христијанското собрание е средството преку кое добиваме навремена духовна храна, охрабрување и водство (Матеј 24:45—47; Евреите 10:21—25). На пример, ако некои се духовно болни, можат ‚да ги повикаат кај себе постарите мажи [наименуваните старешини]‘. Јаков дополнително нѐ уверува: „И молитвата на верата ќе го оздрави оној кој не се чувствува добро, и Јехова ќе го подигне. И ако извршил гревови, ќе му биде простено“ (Јаков 5:13—15, NW).
Да илустрираме: Еден човек кој издржувал затворска казна во Јужна Африка, му пишал на еден собраниски старешина, изразувајќи ценење за „сите Јеховини сведоци кои ја извршуваат добрата работа која ја започнал Исус Христос помагајќи им на луѓето да се стремат кон Божјето Царство“. Потоа напишал: „Бев вон себе од радост што го добив вашето писмо. Вашата заинтересираност за моето духовно откупување длабоко ме трогна. Тоа е уште поголема причина за мене да почнам да обрнувам внимание на повикот за покајание на Јехова Бог. Дваесет и седум години се сопнувам и се губам по патот во темнината на гревот, измамата, незаконските работи, неморалните обичаи и сомнителните религии. Откако се запознав со Јеховините сведоци, чувствувам дека конечно го пронајдов патот — вистинскиот пат! Сѐ што морам да правам е да го следам“.
Додатна помош во блиска иднина
Влошените светски настани се јасен доказ дека живееме во пресудниот временски период што требало да дојде пред избувнувањето на „големата неволја“. Токму сега, големо мноштво од сите нации, племиња, народи и јазици ‚ги перат облеките свои и ги белат со крвта на Агнецот‘ (Откровение 7:9, 13, 14; 2. Тимотеј 3:1—5). Покажувајќи вера во Исусовата откупна жртва, тие добиваат простување на своите гревови и им се помага да дојдат во близок однос со Бог — всушност, да станат негови пријатели (Јаков 2:23).
Јагнето, Исус Христос, „ќе ги пасе [преживеаните од големата неволја] и води на живи извори водни, и Бог ќе им ја избрише секоја солза од очите нивни“ (Откровение 7:17). Христос тогаш ќе ги спроведе до крај своите должности како Првосвештеник. Ке им помогне на сите Божји пријатели во потполност да извлечат корист од ‚водите на живи извори водни‘ — духовно, физички, умствено и емоционално. Она што Исус го започнал во 33 н.е. и она што го продолжил од небото оттогаш наваму, тогаш ќе биде спроведено до совршенство.
Затоа, никогаш не откажувај се да покажуваш длабоко ценење за сѐ што Бог и Христос направиле — и што прават — за нас. Апостол Павле поттикнал: „Радувајте се секогаш во Господа . . . За ништо не грижете се, туку во сѐ преку молитва и молба со благодарност изјавувајте ги пред Бога своите барања, и мирот Божји, што надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Исуса Христа“ (Филипјаните 4:4, 6, 7).
Постои значаен начин на кој можеш да го покажеш своето ценење спрема Исус Христос, нашиот Помошник на небото. После зајдисонце во среда, 19 април 2000, Јеховините сведоци ширум светот ќе се соберат да го одбележат Меморијалот на Христовата смрт (Лука 22:19). Тоа ќе биде прилика да го продлабочиш своето ценење за Христовата откупна жртва. Најсрдечно си поканет да присуствуваш и да слушнеш како Божјата прекрасна подготовка за спасение преку Христос може вечно да ти користи. Те молиме да провериш кај Јеховините сведоци во твојата близина за точното време и место на овој посебен состанок.
[Слика на страница 7]
Исус знае што значи силно да му се молиш на Бог
[Слики на страница 8]
Христос ќе ни помогне да излеземе на крај со проблемите кои се преголеми за да се справиме сами со нив
[Слика на страница 9]
Христос ни помага со посредство на старешини полни со љубов