Објавителите на Царството известуваат
Среќниот семеен живот ги привлекува другите кон Бог
ЈЕХОВА го благословил Јосиф со голема мудрост и проникливост (Дела 7:10). Како резултат на тоа, увидот на Јосиф ‚му се свидел на Фараонот и на сите слуги негови‘ (1. Мојсеева 41:37).
Слично и денес, Јехова му дава на својот народ увид и проникливост преку нивното проучување на Библијата (2. Тимотеј 3:16, 17). Оваа мудрост и проникливост донесуваат добри плодови кога се применува советот темелен на Библијата. Нивното добро однесување честопати ‚им се допаѓа на оние кои го набљудуваат‘, како што илустрираат и следниве искуства од Зимбабве.
• Една жена имала соседи Јеховини сведоци. Иако Сведоците не ѝ се допаѓале, се восхитувала на нивното однесување, особено на нивниот семеен живот. Набљудувала како сопругот и сопругата имаат многу добар однос, и како децата им се послушни. Посебно ѝ паднало в очи дека сопругот многу си ја сака сопругата.
Едно вообичаено верување во некои африкански култури е дека ако некој сопруг ја сака својата сопруга, таа сигурно користи амајлија за да го „скроти“. Затоа жената ѝ пристапила на сопругата Сведок и ја прашала: „Ќе ми ја дадеш ли, те молам, амајлијата што си му ја дала на твојот сопруг за и мојот сопруг толку да ме сака како што те сака твојот?“ Жената Сведок одговорила: „О да, ќе ти ја донесам утре попладне“.
Следниот ден, сестрата ја посетила сосетката со својата „амајлија“. Што било тоа? Библијата, заедно со публикацијата Спознание кое води до вечен живот. Откако ги разгледале информациите од книгата Спознание на темата „Да се изгради семејство кое ќе му оддава чест на Бог“, таа ѝ рекла на жената: „Ова е ‚амајлијата‘ што ја користиме мојот сопруг и јас за да се ‚скротиме‘ еден со друг, и затоа многу се сакаме“. Била започната библиска студија, и жената брзо напредувала до тој степен што го симболизирала своето предание на Јехова со подронување во вода.
• Двајца специјални пионери кои биле доделени во едно мало собрание близу североисточната граница на Зимбабве и Мозамбик, не излегле во служба од врата до врата две седмици. Зошто? Затоа што луѓето доаѓале кај нив за да слушаат што имаат тие да им кажат. Едниот пионер раскажува како дошло до тоа: „Патувавме петнаесет километри за да водиме една седмична домашна библиска студија со еден интересент. Не ни беше лесно да стигнеме до тоа подрачје. Моравме да пешачиме по кал и да преминуваме поројни реки кои ни достигнуваа до вратот. Ова вклучуваше да ги држиме цврсто облеката и чевлите на глава, да ја преминеме реката и потоа на другата страна пак да се облечеме.
Соседите на интересентот беа импресионирани од нашата ревност. Меѓу оние кои го забележаа тоа беше и водачот на една локална религиозна организација. Тој на своите следбеници им рече: ‚Зарем не сакате да бидете ревни како оние двајца младичи кои се Јеховини сведоци?‘ Следниот ден, многумина од неговите следбеници дојдоа кај нас дома со цел да откријат зошто сме толку упорни. Освен тоа, следните две седмици имавме толку многу посетители што дури немавме време да си зготвиме јадење!“
Едно од лицата кои го посетиле домот на пионерите во текот на тој период од две седмици бил религиозниот водач. Замисли си ја радоста на пионерите кога тој прифатил домашна библиска студија!