Дали го ‚откупуваш поволното време‘?
ВО ПРВИОТ век апостол Павле ги советувал христијаните од Ефес: „Строго пазете да не одите како немудри, туку како мудри, откупувајќи си го поволното време зашто деновите се зли“ (Ефешаните 5:15, 16). Зошто бил потребен овој совет? Одговорот на ова прашање бара познавање на околностите со кои се соочувале христијаните во тој древен град.
Ефес бил познат по импресивно богатство, тежок неморал, неконтролиран криминал и различни демонски активности. Освен тоа, тамошните христијани морале да се борат со филозофските верувања во врска со времето. Нехристијанските Грци во Ефес не верувале дека времето се движи праволиниски. Грчката филозофија ги учела дека животот се повторува во бескрајни циклуси. Лице кое напразно ќе го потроши своето време во еден циклус од животот би можело пак да го добие во некој друг циклус. Ваквото размислување можело да ги наведе ефешките христијани да усвојат еден ноншалантен став кон Јеховиниот временски распоред на настаните, вклучувајќи го и неговиот временски распоред за божествениот суд. Затоа, советот на Павле да ‚се откупува поволното време‘ бил на место.
Павле не зборувал за времето само во општа смисла. Грчкиот збор што го употребил означува одредено време, сезонско време за некоја конкретна намера. Павле ги советувал христијаните во првиот век мудро да го користат поволниот период, или раздобје на наклоност, што моментално го уживале, пред да дојде неговиот крај и пред да биде повлечена божествената милост и понудата за спасение (Римјаните 13:11-13; 1. Солуњаните 5:6-11).
Ние живееме во сличен поволен временски период. Наместо напразно да го губат ова раздобје на наклоност, кое никогаш повеќе нема да се повтори, тежнеејќи по привремените задоволства што ги нуди светот, христијаните ќе бидат мудри ако го користат времето што е на располагање за да ги извршуваат ‚делата на побожна оддаденост‘ и на тој начин да го зајакнат својот однос со Творецот, Јехова Бог (2. Петрово 3:11; Псалм 73:28; Филипјаните 1:10).