„Јехова е многу добар со мене!“
ЕДНА многу пријатна вечер, во март 1985, некои мажи и жени во Одделот за пишување во светското седиште на Јеховините сведоци во Њујорк (САД), одбележаа еден значаен момент. Тогаш Карл Ф. Клајн наполни 60 години поминати во полновремената служба. Одушевен, брат Клајн рече: „Јехова е многу добар со мене!“ Тој забележа дека омилен библиски стих му е Псалм 37:4. Подоцна, уживаше додека свиреше на своето виолончело.
Во следните 15 години, брат Клајн продолжи да работи како член на персоналот за пишување и да служи во Водечкото тело на Јеховините сведоци. Потоа, на 3 јануари 2001, на 95-годишна возраст, верно го заврши својот земен пат.
Карл е роден во Германија. Неговото семејство се преселило во Соединетите Држави, и Карл пораснал во едно предградие на Чикаго (Илиноис). Уште како млади, Карл и неговиот помлад брат Тед биле длабоко заинтересирани за Библијата. Карл се крстил во 1918. Возбудливите работи што ги чул на еден конгрес на Библиските студенти во 1922 година запалиле во него искра на една доживотна наклоност кон службата на теренот. Не сакал ни една седмица да помине без да има удел во делото на проповедање, а тоа го правеше дури и во последните седмици од својот живот.
Во 1925 Карл стана член на персоналот на светското седиште, работејќи прво во печатницата. Имаше вистинска страст кон музиката, и неколку години свиреше на виолончело во еден оркестар чијашто изведба се емитуваше на христијанските радиостаници. Потоа, работеше во Службениот оддел, особено уживајќи во друштвото на својот надгледник Т. Џ. Саливан. Во меѓувреме, Тед се ожени, и со својата сопруга Дорис стапи во мисионерска служба во Порторико.
Карл Клајн половина век работеше во Одделот за пишување, каде што даде извонреден придонес бидејќи сакаше да истражува и имаше длабоко спознание за Библијата. Во 1963 Карл се ожени со Маргарет, мисионерка од Германија што служеше во Боливија. Со нејзината љубезна поддршка, особено додека доживуваше здравствени проблеми, можеше да биде продуктивен уште долго време по онаа возраст на која мнозина се пензионираат. Вродената отвореност на Карл, заедно со ентузијазмот на музичар, придонесоа да одржи незаборавни предавања во собранијата и на конгресите. Кратко пред да умре, претседаваше на утринската дискусија за дневниот стих за големата бетелска фамилија во Њујорк, на восхит и корист на сите.
Многу редовни читатели на Стражарска кула ќе се сетат на животната приказна на брат Клајн, еден пријатен извештај за неговите искуства што беше објавен во англиското издание од 1 октомври 1984. Ќе уживаш ако го прочиташ или препрочиташ тој извештај, имајќи на ум дека неговиот писател поминал уште една и пол деценија како верен и оддаден христијанин.
Како еден од помазаниците на Господ, брат Клајн со цело срце посакуваше да владее со Христос на небото. Ја имаме секоја причина да веруваме дека сега Јехова му ја исполнил таа желба (Лука 22:28-30).
[Слика на страница 31]
Карл во 1943 со Т. Џ. Саливан, Тед и Дорис
[Слика на страница 31]
Карл и Маргарет, октомври 2000