Имај удел во радоста од давањето!
„Повеќе среќа има во давањето, отколку во примањето“ (ДЕЛА 20:35).
1. Како ја покажува Јехова радоста од давањето?
РАДОСТА од познавањето на вистината и благословите што произлегуваат од тоа се скапоцени дарови од Бог. Оние што го запознале Јехова имаат многу причини за радост. Но, иако причинува радост кога ќе се добие некој дар, постои радост и кога ќе се даде дар. Јехова е Дарител на „секој добар дар и секој совршен подарок“ и тој е „среќниот Бог“ (Јаков 1:17; 1. Тимотеј 1:11). Тој им дава здрави учења на сите што слушаат и се восхитува на послушноста на оние што ги поучува, исто како што родителите се радуваат кога нивните деца се одѕиваат на љубезната поука (Пословици 27:11).
2. а) Што рекол Исус за давањето? б) Каква среќа добиваме кога ги поучуваме другите за библиската вистина?
2 На сличен начин, додека бил на Земјата, Исус бил среќен кога гледал како некои луѓе реагирале позитивно на неговото поучување. Апостол Павле го цитирал Исус, кој рекол: „Повеќе среќа има во давањето, отколку во примањето“ (Дела 20:35). Среќата што ја добиваме кога ги поучуваме другите за библиската вистина не се состои само во задоволството од тоа што некој се сложува со нашите религиозни верувања туку во нешто далеку поголемо од тоа. Радоста доаѓа од сознанието дека даваме нешто што има вистинска и трајна вредност. Со тоа што даваме во духовен поглед, можеме да им помогнеме на луѓето да им биде добро сега и во вечноста (1. Тимотеј 4:8).
Давањето донесува радост
3. а) Како ја изразиле апостолите Павле и Јован својата радост од помагањето на другите во духовен поглед? б) Зошто е израз на љубов тоа што им ја пренесуваме библиската вистина на нашите деца?
3 Да, исто како што Јехова и Исус се радуваат кога даваат духовни дарови така се радуваат и христијаните. Апостол Павле наоѓал радост во сознанието дека им помогнал на други да ја дознаат вистината од Божјата реч. На собранието во Солун му напишал: „Што е нашата надеж или радост или круна на ликување — па, зарем не сте тоа, всушност, вие? — пред нашиот Господ Исус при неговата присутност? Навистина вие сте нашата слава и радост“ (1. Солуњаните 2:19, 20). На сличен начин и апостол Јован, укажувајќи на своите духовни деца, напишал: „Јас немам поголема причина за благодарност од оваа, да чујам дека моите деца одат во вистината“ (3. Јованово 4). Размисли и за радоста од помагањето на сопствените деца да ни станат духовни деца! Тоа што ги подигаат децата во „дисциплина и во Јеховино умствено насочување“ е израз на љубов од страна на родителите (Ефешаните 6:4). Родителите на тој начин покажуваат дека се загрижени за вечното добро на своите малечки. Кога тие реагираат поволно, родителите доживуваат голема радост и задоволство.
4. Кое искуство ја покажува радоста од духовното давање?
4 Дел е полновремен пионер и мајка на пет деца. Таа вели: „Можам многу лесно да се соживеам со зборовите на апостол Јован бидејќи сум многу благодарна што четири мои деца ‚одат во вистината‘. Знам дека кога семејствата се обединети во вистинското обожавање, тоа му донесува чест и слава на Јехова. Затоа чувствувам длабоко задоволство кога го гледам неговиот благослов врз моите напори да ја всадам вистината во моите деца. Прекрасниот изглед за бескраен живот во Рај заедно со моето семејство ме исполнува со надеж и ме мотивира да истраам и покрај тешкотиите и препреките“. За жал, една од ќерките на Дел била исклучена од собранието поради тоа што отишла во нехристијански правец. Сепак, Дел напорно работи на тоа да задржи позитивен став. „Се надевам дека еден ден ќерка ми понизно и искрено ќе му се врати на Јехова“, вели таа. „Но, благодарна сум му на Бог што повеќето од моите деца и понатаму верно му служат. Радоста што ја чувствувам ми е вистински извор на сила“ (Неемија 8:10).
Стекнуваме вечни пријатели
5. Додека се трошиме во делото на правење ученици, кое сознание ни причинува задоволство?
5 Исус ги упатил своите следбеници да прават христијански ученици и да ги поучуваат за Јехова и за неговите барања (Матеј 28:19, 20). И Јехова и Исус несебично им помагаат на луѓето да го дознаат патот на вистината. Затоа, додека се трошиме во делото на правење ученици, можеме да чувствуваме задоволство од сознанието дека го имитираме примерот на Јехова и на Исус, како што правеле раните христијани (1. Коринќаните 11:1). Кога на таков начин соработуваме со Семоќниот Бог и со неговиот љубен Син, нашиот живот добива вистинско значење. Колкав само благослов е да се биде вброен во Божјите „соработници“! (1. Коринќаните 3:9). И зар не е возбудливо тоа што дури и ангелите имаат удел во оваа активност на проповедање на добрата вест? (Откровение 14:6, 7).
6. Додека имаме удел во духовното давање, кој ни станува пријател?
6 Всушност, учествувајќи во ова дело на духовно давање, можеме да станеме повеќе отколку само соработници на Бог — можеме да стапиме во вечно пријателство со него. Поради својата вера, Авраам бил наречен Јеховин пријател (Јаков 2:23). Додека настојуваме да ја вршиме Божјата волја, и ние можеме да станеме Божји пријатели. Ако го правиме тоа, стануваме и пријатели на Исус. Тој им рекол на своите ученици: „Ве нареков пријатели, зашто ви објавив сѐ што чув од мојот Татко“ (Јован 15:15). Многумина се радуваат кога се сметани за пријатели на влијателни луѓе или на високи службеници, но ние можеме да бидеме сметани за пријатели на двете најголеми личности во целиот универзум!
7. а) Како една жена стекнала вистинска пријателка? б) Имаш ли и ти слично искуство?
7 Освен тоа, кога им помагаме на луѓето да го запознаат Бог, и тие ни стануваат пријатели, а тоа ни донесува посебна среќа. Џоун, која живее во Соединетите Држави, почнала да ја проучува Библијата со една жена по име Телма. Иако семејството се противело на нејзиното проучување, Телма истрајала, и по една година се крстила. Џоун напишала: „Нашето дружење не заврши со тоа; напротив, прерасна во пријателство кое трае скоро 35 години. Често одевме заедно во служба и на конгреси. На крајот, јас се преселив во нов дом на оддалеченост од 800 километри. Но, Телма и понатаму ми ги испраќа најмилите и најсрдечни писма, кажувајќи ми дека со наклоност мисли на мене и ми благодари што сум ѝ пријателка и пример и што сум ја поучила за вистината од Библијата. Тоа што имам една таква блиска и драга пријателка е прекрасна награда за напорите што ги вложив за да ѝ помогнам да научи за Јехова“.
8. Кој позитивен став ќе ни помогне во службата?
8 Изгледот да се најде некој што сака да учи за вистината може да ни помогне да истраеме дури и кога многумина од луѓето што ги среќаваме покажуваат мал интерес за Божјата реч или воопшто не покажуваат интерес. Таквата апатија може да претставува предизвик за нашата вера и истрајност. Сепак, позитивниот став ќе ни помогне. Фаусто, кој е од Гватемала, рекол: „Кога им сведочам на другите, мислам на тоа колку би било прекрасно ако лицето со кое разговарам стане духовен брат или сестра. Размислувам дека барем еден од оние што ќе ги сретнам можеби на крајот ќе ја прифати вистината од Божјата реч. Таа мисла ми помага да продолжам и ми донесува вистинска радост“.
Собираме благо на небото
9. Што рекол Исус за благото на небото, и што можеме да научиме од тоа?
9 Правењето ученици, сеедно дали од нашите деца или од други, не е секогаш така лесно. Тоа бара време, стрпливост и истрајност. Но, запомни дека многумина се готови напорно да работат за да соберат изобилство материјални работи, работи што обично не им донесуваат радост и не траат засекогаш. Исус им кажал на своите слушатели дека е подобро да работат за духовните работи. Тој рекол: „Престанете да си собирате блага на земјата, каде што молецот и ‵рѓата ги нагризуваат, и каде што крадци провалуваат и крадат. Напротив, собирајте си блага на небото, каде што ниту молец ниту ‵рѓа ги нагризуваат и каде што крадци не провалуваат и не крадат“ (Матеј 6:19, 20). Стремејќи се по духовни цели — во кои спаѓа учеството во важното дело на правење ученици — можеме да чувствуваме задоволство од сознанието дека ја вршиме Божјата волја и дека тој ќе нѐ награди. Апостол Павле напишал: „Бог не е неправеден да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име“ (Евреите 6:10).
10. а) Зошто имал Исус духовно благо? б) Како се дал Исус себеси, и колкава била користа за другите?
10 Доколку марливо работиме на тоа да правиме ученици, си собираме „благо на небото“, во согласност со она што го рекол Исус. Ова ни ја донесува радоста од примањето. Ако несебично даваме, на крајот и самите сме богати луѓе. Самиот Исус верно му служел на Јехова милијарди години. Помисли само на благото што го натрупал на небото! Сепак, Исус не ги барал сопствените интереси. Апостол Павле напишал: „[Исус] се даде себеси за нашите гревови за да нѐ избави од сегашниот зол систем на работи според волјата на нашиот Бог и Татко“ (Галатите 1:4). Исус не само што несебично се давал себеси во својата служба туку го дал и својот живот како откупнина за да можат другите да ја добијат можноста да си собираат благо на небото.
11. Зошто се духовните подароци подобри од материјалните?
11 Поучувајќи ги луѓето за Бог, им помагаме да увидат како можат и тие да си собираат неуништливо духовно благо. Каков поголем дар би можел да им дадеш? Ако му дадеш на некој пријател скап часовник, автомобил, па дури и куќа, тој веројатно ќе биде благодарен и среќен, и ќе ја имаш радоста од давањето. Но, каква ќе биде состојбата со тој подарок по 20 години, по 200 години, по 2.000 години? Од друга страна, пак, ако се даваш себеси за да му помогнеш некому да му служи на Јехова, тој може да има корист од тој подарок засекогаш.
Да ги бараме оние што ја сакаат вистината
12. Како многумина се даваат себеси за да им помогнат на другите во духовен поглед?
12 За да има удел во радоста од духовното давање, Јеховиниот народ отишол до краевите на Земјата. Илјадници лица го напуштиле својот дом и семејството за да стапат во мисионерска служба во земји каде што морале да се приспособат кон нови јазици и култури. Други се преселиле во сопствените земји во некои подрачја каде што има поголема потреба од објавители на Царството. Трети, пак, научиле странски јазик, отворајќи нови можности за проповедање на сопствените подрачја кај имигрантското население. На пример, откако изгледал две деца, кои сега служат во седиштето на Јеховините сведоци, еден брачен пар од Њу Џерси (САД) почнал да пионери и научил кинески. Во период од три години тие воделе библиски студии со 74 лица што зборувале кинески, а кои посетувале еден колеџ во близината. Дали си во состојба на некој начин да ја прошириш својата служба за да најдеш уште поголема радост во делото на правење ученици?
13. Што би можел да правиш ако сакаш да имаш уште поплодна служба?
13 Можеби копнееш да водиш библиска студија, но не можеш да го правиш тоа. Во некои земји е тешко да се најдат заинтересирани лица. Можеби луѓето што ги среќаваш не покажуваат интерес за Библијата. Ако е така, својата желба можеш уште почесто да ја спомнуваш во молитва, знаејќи дека и Јехова и Исус Христос се длабоко заинтересирани за делото и можат да те водат до некое лице слично на овца. Барај предлози од поискусните во твоето собрание или од оние чија служба е поплодна. Искористи ги обуката и предлозите што се даваат на христијанските состаноци. Извлечи корист од советите на патувачките надгледници и нивните сопруги. Пред сѐ, никогаш не откажувај се. Мудрецот запишал: „Наутро сеј го своето семе а навечер твојата рака нека не почива, зашто не знаеш дали ќе биде подобро ова или она [каде ќе успее, NW]“ (Проповедник 11:6). Во меѓувреме, потсетувај се на верните мажи, како што биле Ное и Еремија. Иако малкумина позитивно реагирале на нивното проповедање, некои сепак реагирале, и нивната служба имала успех. Пред сѐ, тоа му е угодно на Јехова.
Да го дадеме најдоброто што можеме
14. Како гледа Јехова на оние што остареле во неговата служба?
14 Можеби околностите не ти дозволуваат да правиш во службата толку колку што сакаш. На пример, можеби староста те ограничува во она што можеш да го правиш во Јеховината служба. Сепак, запомни дека мудрецот напишал: „Седите коси се венец на слава; се наоѓаат на патот на правдата“ (Пословици 16:31). Во Јеховини очи, животот поминат во неговата служба е нешто прекрасно. Понатаму, Писмото вели: „Јас [Јехова] ќе останам ист до вашата старост, ќе ве потпирам до вашето побелување. Тоа го правев; ќе ве носам и натаму, ќе ви помагам, ќе ве избавувам“ (Исаија 46:4). Нашиот небесен Татко полн со љубов ветува дека ќе ги поткрепува и поддржува своите лојални.
15. Веруваш ли дека Јехова ги разбира твоите околности? Зошто?
15 Можеби се бориш со болест, противење од брачен партнер што е неверник, тешки семејни одговорности или некој друг тежок проблем. Јехова ги признава нашите ограничувања и околности и нѐ сака заради сесрдните напори што ги вложуваме за да му служиме. Тоа е случај дури и ако она што го правиме можеби е помалку од она што го прават другите (Галатите 6:4). Јехова знае дека сме несовршени и има реалистични очекувања од нас (Псалм 147:11). Ако го правиме најдоброто, можеме да бидеме уверени дека сме драгоцени во очите на Бог и дека тој нема да ги заборави нашите дела на вера (Лука 21:1-4).
16. На кој начин целото собрание има удел во правењето еден ученик?
16 Запомни го и тоа дека делото на правење ученици е тимска работа. Ниеден поединец не прави ученик сам, исто како што и една капка дожд не нахранува едно растение. Точно, можеби еден Сведок ќе пронајде некое заинтересирано лице и ќе води библиска студија со него. Но, штом новиот ќе дојде во Салата на Царството, целото собрание му помага да ја препознае вистината. Срдечноста на братството покажува дека влијае Божјиот дух (1. Коринќаните 14:24, 25). Децата и тинејџерите даваат поттикнувачки коментари, покажувајќи му на новиот дека нашите млади се разликуваат од младината во светот. Болните, немоќните и постарите во собранието ги поучуваат новите за тоа што сѐ вклучува истрајноста. Без оглед на нашата старост или ограничувања, сите ние играме важна улога во помагањето на новите, додека нивната љубов кон библиската вистина се продлабочува и тие напредуваат кон крштавање. Секој час што го поминуваме во службата, секоја повторна посета, секој разговор со заинтересираното лице во Салата на Царството можеби сами по себе изгледаат безначајни, но тие се дел од едно моќно дело што го извршува Јехова.
17, 18. а) Освен преку учеството во делото на правење ученици, како можеме да имаме удел во радоста од давањето? б) Имајќи удел во радоста од давањето, кого го имитираме?
17 Се разбира, освен што учествуваме во важното дело на правење ученици, ние, како христијани, имаме удел во радоста од давањето и на други начини. Можеме да одвојуваме средства за да дадеме прилог за поддршка на чистото обожавање и да им помагаме на оние што се во оскудица (Лука 16:9; 1. Коринќаните 16:1, 2). Можеме да бараме прилики да им покажуваме гостољубивост на другите (Римјаните 12:13). Можеме да настојуваме да „им правиме добро на сите, а особено на оние кои ни се сродни по верата“ (Галатите 6:10). А и на едноставни, но сепак значајни начини, можеме да им даваме на другите — писмо, телефонски повик, подарок, практична помош, збор на охрабрување.
18 Со тоа што даваме, ние покажуваме дека го имитираме нашиот небесен Татко. Исто така, ја покажуваме нашата братска љубов, знакот за препознавање на вистинските христијани (Јован 13:35). Ако се потсетуваме на овие работи, тоа може да ни помогне да имаме удел во радоста од давањето.
Можеш ли да објасниш?
• Каков пример биле Јехова и Исус во давањето во духовен поглед?
• Како би можеле да стекнеме вечни пријатели?
• Кои чекори би можеле да ги преземеме за да ја направиме нашата служба поуспешна?
• Како можат сите во собранието да имаат удел во радоста од давањето?
[Слики на страница 13]
Кога децата реагираат поволно на воспитувањето, родителите доживуваат голема радост и задоволство
[Слика на страница 15]
Додека правиме ученици, можеме да стекнеме вистински пријатели
[Слика на страница 16]
Јехова нѐ потпира во староста
[Слики на страница 17]
Наоѓаме радост во давањето на едноставни, но значајни начини