Стојте потполни и со цврсто уверување
Конгресите — радосни потврди на нашето братство
ПЕДЕСЕТГОДИШНИОТ Џозеф Ф. Ратерфорд, со слабо здравје, по речиси една година неправедно помината в затвор, среќно служи како хотелски прислужник. Енергично ги влече куферите и им помага на сохристијаните да отидат до нивните хотелски соби. Двајца негови бивши созатвореници — исто Библиски студенти — им ги делат броевите на собите на едно големо мноштво луѓе кои чекаат сместување. Сѐ е раздвижено дури до прилично по полноќ. Сите се обземени од заразен дух на возбуда. Каква е таа прилика?
Годината е 1919, а Библиските студенти (денес познати како Јеховини сведоци) закрепнуваат од еден период на злобно прогонство. За да ги заживеат своите редови, одржуваат конгрес во Седар Поинт (Охајо, САД), од 1 до 8 септември 1919 година. Последниот ден од конгресот, едно возбудено мноштво од 7.000 луѓе внимателно слуша додека брат Ратерфорд ги охрабрува сите конгресни делегати со зборовите: „Ти си амбасадор на Царот над царевите и Господарот над господарите, кој на луѓето им го објавува . . . славното царство на нашиот Господ“.
Конгресите на Јеховиниот народ датираат уште од времето на древниот Израел (Излез 23:14-17; Лука 2:41-43). Таквите собири биле радосни прилики и им помагале на сите присутни да го задржат умот сосредоточен на Божјата реч. На сличен начин, конгресите на Јеховините сведоци во денешно време се сосредоточуваат на духовните интереси. Таквите собири им даваат на искрените набљудувачи несоборлив доказ дека Сведоците се обединети со силни врски на христијанско братство.
Напори да се присуствува
Денешните христијани сфаќаат дека нивните конгреси се периоди на духовно освежување и поука од Божјата реч. Овие големи состаноци ги сметаат за неопходно средство кое им помага да ‚стојат потполни и со цврсто уверување во сета Божја волја‘ (Колошаните 4:12). Затоа, Сведоците со цело срце ги поддржуваат овие собири, вложувајќи големи напори да присуствуваат на нив.
За некои, самото присуство на таквите конгреси бара да практикуваат вера и да совладаат препреки како планини. На пример, размисли за една постара жена Сведок од Австрија. Иако има дијабетес и секојдневно ѝ се потребни инсулински инјекции, се погрижила да присуствува сите денови на еден обласен конгрес во нејзината земја. Во Индија, за едно големо семејство Сведоци кое живее во длабока сиромаштија било скоро невозможно да присуствува на конгрес. Им помогнала една жена, член на семејството. „Затоа што не сакав да ја испуштиме приликата“, рекла таа, „ги продадов моите златни обетки за да го финансирам патувањето. Таквата жртва се исплати, бидејќи дружењето и искуствата ја зајакнаа нашата вера.“
Во Папуа Нова Гвинеја, група некрстени, заинтересирани луѓе биле решени да присуствуваат на еден обласен конгрес во главниот град. Му пристапиле на еден човек во нивното село, кој поседувал државно моторно возило и го прашале колку пари ќе бара за да отидат на конгресот. Со оглед на тоа што бараната сума била поголема од нивните средства, тие се договориле да работат во куќата на тој човек и да му ја реновираат кујната. На тој начин можеле да отидат на обласниот конгрес и да извлечат корист од присуството на целата програма.
Далечината не е непремостив проблем за Сведоците на Јехова кои се решени да присуствуваат на конгресите. Во 1978, за да присуствува на еден конгрес во Лил (Франција), еден млад делегат од Полска шест дена возел со велосипед 1.200 километри. Летото 1997, двајца Сведоци од Монголија презеле патување долго 1.200 километри за да присуствуваат на еден христијански собир во Иркутск (Русија).
Вистинското братство во акција
Единството и братството што го покажуваат Сведоците на своите конгреси е јасно видливо за справедливите набљудувачи. Многумина биле импресионирани од тоа што меѓу конгресните делегати нема пристрасност и што дури и меѓу оние кои можеби се среќаваат за првпат постои вистинска срдечност.
Во текот на еден неодамнешен меѓународен конгрес во Австралија, еден туристички водич, кој една седмица ги придружувал конгресните делегати, сакал да остане подолго со нив за да ужива во нивното друштво. Импресиониран од нивната љубов и единство, не можел да верува дека толку добро се сложуваат, бидејќи повеќето од нив меѓусебно не се познавале. Кога дошло време да си оди, побарал да им каже нешто. Обраќајќи им се со „браќа и сестри“, почнал да им благодари, но не можел да доврши, бидејќи бил преплавен со емоции и се расплакал.
Во 1997, во Шри Ланка бил одржан првиот тријазичен обласен конгрес таму, на еден голем стадион. Целата програма била симултано презентирана на англиски, синхалески и тамилски. Во свет со сѐ поголеми етнички тензии, таквиот собир на три јазични групи не поминал незабележано. Еден полицаец прашал еден брат: „Која група раководи со овој конгрес — синхалеската, тамилската или англиската? „Ниедна група не раководи со конгресот“, одговорил братот. „Ова го правиме сите заедно.“ Полицаецот реагирал со неверување. Кога сите три јазични групи се здружиле на завршната молитва и низ стадионот одекнало едно обединето „Амин“, конгресните делегати спонтано почнале да аплаудираат. Во публиката скоро немало око без солзи. Да, конгресите се навистина радосна потврда на нашето братство (Псалм 133:1).a
[Фуснота]
a Види страници 66-77, 254—282 од книгата Jehovah’s Witnesses—Proclaimers of God’s Kingdom (Јеховини сведоци — објавители на Божјето Царство), издадена од Јеховини сведоци.