Зошто исчезнал тој древен свет?
ГЛОБАЛНАТА Поплава не била природна катастрофа. Таа била суд од Бог. Било дадено предупредување, но тоа главно било игнорирано. Зошто? Исус објаснил: „Во тие денови пред потопот [луѓето] јадеа и пиеја, мажите се женеа и жените се мажеа, сѐ до оној ден кога Ное влезе во арката; и не обрнаа внимание додека не дојде потопот и ги однесе сите“ (Матеј 24:38, 39).
Развиена цивилизација
Во извесен поглед, претпотопната цивилизација уживала некои предности што ние денес ги немаме. На пример, целото човештво зборувало еден јазик (Битие 11:1). Ова придонело за достигнувањата во уметноста и науката што бараат колективен напор на многу луѓе со различни вештини. Исто така, долгиот животен век што го уживале повеќето луѓе значел дека можеле да продолжат да надоградуваат врз она што веќе го имале научено низ вековите.
Некои тврдат дека тогаш човечкиот животен век не бил навистина толку долг и дека годините спомнати во библискиот извештај биле, всушност, месеци. Точно ли е тоа? Па, разгледај го случајот на Малалеил. Библијата вели: „Кога Малалеил наполни шеесет [и пет, NW] години, му се роди Јаред . . . Малалеил живееше вкупно осумстотини деведесет и пет години. Потоа почина“ (Битие 5:15—17). Ако една година значи еден месец, синот на Малалеил му се родил кога имал само пет години! Не, тогаш луѓето биле поблизу до совршената виталност на првиот човек Адам. Тие навистина живееле со векови. Какви биле нивните достигнувања?
Многу векови пред Потопот, населението на Земјата толку пораснало што Адамовиот син Каин бил во состојба да изгради град, кој го нарекол Енох (Битие 4:17, СП). Во претпотопните векови се развиле најразновидни индустрии. Имало ковачи на секакви „орудија од бронза и железо“ (Битие 4:22). Овие орудија несомнено се користеле за изградба, дрводелство, шиење и земјоделство. Сите овие занаети се спомнати во извештаите на најраните човечки жители на Земјата.
Насобраното знаење требало да им овозможи на наредните генерации да развијат специјалности како што се металургија, агрономија, одгледување овци и крупен добиток, пишување текстови и фини уметности. На пример, Јувал бил „прататко на сите кои свират на харфа и кавал“ (Битие 4:21). Цивилизацијата значително се раширила. Сепак, на сѐ му бил ставен ненадеен крај. Што се случило?
Што тргнало наопаку?
Со сите свои предности, претпотопното општество имало лош почеток. Неговиот основач, Адам, бил бунтовник против Бог. Каин, основачот на првиот град за кој се известува, го убил сопствениот брат. Не е ни чудо што злото нагло пораснало! Последиците од дефектното наследство што Адам му го оставил на потомството сѐ повеќе се трупале (Римјаните 5:12).
Очигледно работите се приближиле кон кулминација кога Јехова решил да дозволи ситуацијата да продолжи уште 120 години (Битие 6:3). Библијата вели: ‚Човековата расипаност на земјата беше голема и секоја мисла во неговата памет секогаш е само зло . . . земјата се наполни со насилства‘ (Битие 6:5, 11).
Со текот на времето, на Ное му било конкретно кажано дека Бог ќе ги уништи сите суштества со потоп (Битие 6:13, 17). Иако Ное станал ‚проповедник на праведноста‘, изгледа дека било тешко луѓето да поверуваат дека на сѐ што е околу нив ќе му биде ставено крај (2. Петрово 2:5). Само осуммина луѓе внимавале на предупредувањето и биле спасени (1. Петрово 3:20). Зошто е ова важно за нас денес?
Какво е значењето за нас?
Живееме во времиња слични на времињата на Ное. Редовно слушаме за страшни дела на тероризам, кампањи на геноцид, масовни убиства од страна на вооружени луѓе без некаков видлив мотив, и куќно насилство во шокантни размери. Земјата повторно е наполнета со насилство и, како и порано, светот е информиран за еден претстоен суд. Самиот Исус рекол дека тој ќе дојде како Божји наименуван Судија и ќе ги одвои луѓето како што пастирот ги одвојува овците од козите. Оние што ќе бидат најдени како недостојни, рекол Исус, „ќе отидат во вечно отсечување“ (Матеј 25:31—33, 46). Меѓутоа, Библијата вели дека овој пат ќе има милиони преживеани — големо мноштво што го обожава единствениот вистински Бог. Во претстојниот свет, тие ќе уживаат во животот во траен мир и безбедност како никогаш порано (Михеј 4:3, 4; Откровение 7:9—17).
Многумина се исмејуваат на таквите библиски изјави и на предупредувањата во врска со судската постапка, која ќе покаже дека тие изјави се вистинити. Но, апостол Петар објаснил дека таквите циници ги игнорираат фактите. Тој напишал: „Во последните денови ќе дојдат потсмевачи . . . и ќе говорат: ‚Каде е таа негова ветена присутност?‘ . . Зашто, според нивната желба, тие го превидуваат фактот дека постоеле небеса од дамнина и земја која цврсто се издигала од водата и среде водата преку Божјата реч; преку кои светот од тоа време претрпе уништување кога беше потопен со вода. А сегашните небеса и земја преку истата таа реч се сочувани за оган и се чуваат до денот на судот и уништувањето на безбожните луѓе“ (2. Петрово 3:3—7).
Денес низ целиот свет ревносно се проповеда предупредување во врска со овој претстоен ден на суд и порака за добрата вест во врска со мирот што ќе следи потоа, во послушност на Исусовата пророчка заповед (Матеј 24:14). Ова предупредување не треба да се сфаќа несериозно. Семоќниот Бог си стои на зборот.
Претстојниот свет
Каква е иднината на човештвото со оглед на претстојната важна промена? Во уводот на својата прочуена Проповед на гората, Исус ветил: „Среќни се оние со благ нарав, бидејќи ќе ја наследат земјата“. Понатаму ги поучил своите ученици да му се молат на Бог: „Нека биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 5:5; 6:10). Да, самиот Исус поучувал дека верното човештво го очекува една прекрасна иднина овде на Земјата. Ја нарекол „повторното создавање“ (Матеј 19:28).
Затоа, додека размислуваш за иднината, не дозволувај исмејувачите да те наведат да се посомневаш во Божјето предупредување. Точно, нашата околина можеби изгледа стабилна, и сегашниов свет има долга историја. Сепак, не треба да ја полагаме својата доверба во него. Светот на човештвото е осуден. Затоа, охрабри се од заклучокот од писмото на апостол Петар:
„Поради тоа што сите овие работи така треба да се распаднат, какви личности тогаш треба да бидете во делата на свето однесување и на побожна оддаденост, очекувајќи и цврсто држејќи ја во мислите присутноста на Јеховиниот ден . . . бидејќи ги очекувате овие работи, сторете сѐ што можете за тој на крајот да ве најде без дамка и без петно и во мир . . . постојано растете во незаслужената љубезност и во спознанието за нашиот Господ и Спасител Исус Христос“ (2. Петрово 3:11, 12, 14, 18). Затоа, учи од она што се случило во времето на Ное. Приближи му се на Бог. Расти во спознанието за Исус Христос. Негувај побожна оддаденост, и биди меѓу милионите што избираат да го преживеат крајот на овој свет и да влезат во претстојниот мирољубив свет.
[Слика на страница 5]
Обработката на метали била позната уште пред Потопот
[Слика на страница 7]
Пред нас стои прекрасна иднина