Дали ти е реално Христовото водство?
„Не дозволувајте да ве нарекуваат ниту ‚водачи‘, зашто еден е вашиот Водач, Христос“ (МАТЕЈ 23:10).
1. Кој е единствен Водач на вистинските христијани?
БИЛО вторник, 11 нисан. По три дена требало да биде погубен Исус Христос. Ова била неговата последна посета на храмот. Тој ден Исус им пренел едно важно учење на насобраните мноштва и на своите ученици. Рекол: „Вие не дозволувајте да ве нарекуваат Раби, зашто еден е вашиот учител, а вие сите сте браќа. Освен тоа, никого на земјата не нарекувајте го свој татко, зашто еден е вашиот Татко, небесниот. Не дозволувајте да ве нарекуваат ниту ‚водачи‘, зашто еден е вашиот Водач, Христос“ (Матеј 23:8—10). Јасно, Водач на вистинските христијани е Исус Христос.
2, 3. Каков ефект има врз нашиот живот тоа што го слушаме Јехова и го прифаќаме Водачот што го наименувал тој?
2 Какви само корисни ефекти има Исусовото водство врз нашиот живот кога го прифаќаме! Претскажувајќи го доаѓањето на овој Водач, Јехова Бог преку пророкот Исаија изјавил: „Вие, што жедувате, дојдете сите при водите; дури и вие, кои немате сребро, дојдете, купувајте и јадете; дојдете, купувајте вино и млеко без сребро и без плаќање . . . Послушајте Ме внимателно и јадете, што е добро, и душата ваша нека се наслади со мрс . . . Ете, Него го дадов сведок за народите, водач и заповедник на народите“ (Исаија 55:1—4, СП).
3 Исаија употребил вообичаени течности — вода, млеко и вино — како метафора за да покаже каков е ефектот врз нашиот личен живот кога го слушаме Јехова и го следиме Водачот и Заповедникот што тој ни го дал. Резултатот е освежувачки. Тоа е како да се напиеме чаша ладна вода во жежок ден. Се гасне нашата жед за вистината и за праведноста. Како што млекото ги зајакнува бебињата и им помага да растат така и ‚млекото на речта‘ нѐ зајакнува и го унапредува духовниот раст во нашиот однос со Бог (1. Петрово 2:1—3). И кој може да одрече дека виното придонесува за радоста во свечените прилики? Исто така, обожавањето на вистинскиот Бог и следењето на стапките на неговиот наименуван Водач го прави животот „весел“ (Второзаконие 16:15). Затоа е животоважно сите ние — млади и стари, машки и женски — да покажеме дека Христовото водство ни е реално. Но, како можеме во секојдневниот живот да покажеме дека Месијата е наш Водач?
Млади — продолжете да ‚напредувате во мудроста‘
4. а) Што се случило кога 12-годишниот Исус го посетил Ерусалим за време на Пасхата? б) Колку добро бил информиран Исус кога имал само 12 години?
4 Разгледај го примерот што нашиот Водач им го дал на младите. Иако малку се знае за Исусовото детство, од еден настан добиваме приличен увид. Кога Исус имал 12 години, неговите родители го повеле на својата годишна посета на Ерусалим на Пасхата. Во таа прилика тој се задлабочил во една дискусија на темел на Писмото, а неговото семејство си заминало оставајќи го ненамерно. По три дена, неговите вознемирени родители Јосиф и Марија го нашле во храмот „како седи среде учителите, слушајќи ги и поставувајќи им прашања“. Освен тоа, ‚сите кои го слушале, постојано се восхитувале на неговото разбирање и на неговите одговори‘. Замисли си, кога имал само 12 години, Исус можел не само да поставува прашања што поттикнуваат на размислување, духовно ориентирани прашања, туку и да дава интелигентни одговори! Во тоа несомнено му помогнало родителското воспитување (Лука 2:41—50).
5. Како можат младите да направат проценка на својот став кон семејната библиска студија?
5 Можеби ти си млад. Ако твоите родители се оддадени Божји слуги, веројатно во вашиот дом имате редовна програма на семејна библиска студија. Каков е твојот став кон семејната студија? Зошто не размислиш за следниве прашања: ‚Дали со цело срце ја поддржувам подготовката за библиска студија во моето семејство? Дали соработувам со неа, без да правам нешто што би ја нарушило рутината?‘ (Филипјаните 3:16). ‚Дали активно учествувам во студијата? Кога е соодветно, дали поставувам прашања во врска со студискиот материјал и дали коментирам за неговата примена? Како што духовно напредувам, дали негувам апетит за „цврстата храна [што] им припаѓа на зрелите луѓе“?‘ (Евреите 5:13, 14).
6, 7. Колку може да биде вредна за младите програмата за секојдневно читање на Библијата?
6 Вредна е и програмата за секојдневно читање на Библијата. Псалмистот пеел: „Блажен е човекот кој не оди по советот на нечесните . . . туку волјата му е во Господовиот Закон и за Неговиот Закон размислува [со придушен глас чита, NW] дење и ноќе“ (Псалм 1:1, 2). Исус Навин, наследникот на Мојсеј, ‚ја читал книгата на законот со придушен глас ден и ноќ‘. Ова му овозможило да постапува мудро и да има успех во извршувањето на задачата што му ја дал Бог (Исус Навин 1:8, NW). Нашиот Водач, Исус Христос, рекол: „Напишано е: ‚Нема да живее човек само од леб туку и од секоја изјава што излегува од Јеховината уста‘“ (Матеј 4:4). Ако физичка храна ни е потребна секој ден, колку повеќе ни е потребна духовна храна, и тоа редовно!
7 Увидувајќи ги своите духовни потреби, 13-годишната Никол почнала да ја чита Библијата секој ден.a Сега, на 16 години, ја има прочитано целата Библија еднаш, и скоро е до половина по вторпат. Нејзината метода е едноставна. „Решив да читам најмалку по едно поглавје на ден“, вели таа. Како ѝ помага тоа што секој ден ја чита Библијата? Таа одговара: „Денес има премногу лоши влијанија. Секојдневно на училиште и на други места се соочувам со притисоци, кои се предизвик за мојата вера. Секојдневното читање на Библијата ми помага брзо да се сетам на библиските заповеди и начела што ме охрабруваат да се спротивставам на тие притисоци. Како резултат на тоа, се чувствувам поблиска со Јехова и со Исус“.
8. Каков обичај имал Исус во врска со синагогата, и како можат младите да го имитираат?
8 Исус имал обичај да слуша и да учествува во читањето на Писмото во синагогата (Лука 4:16; Дела 15:21). Колку е добро младите да го следат тој пример со тоа што редовно ќе присуствуваат на христијанските состаноци, каде што се чита и проучува Библијата! Изразувајќи ценење за таквите состаноци, 14-годишниот Ричард вели: „Состаноците се скапоцени за мене. Таму сум постојано потсетуван за тоа што е добро а што лошо, што е морално а што неморално, што е слично на Христос а што не е. Не морам да го откривам тоа на тежок начин — преку искуство“. Да, „Господовото сведоштво [потсетување, NW] е верно — му дава мудрост на неукиот“ (Псалм 19:7). И Никол е решена да присуствува на сите пет собраниски состаноци секоја седмица. Исто така, таа поминува од два до три часа подготвувајќи се за нив (Ефешаните 5:15, 16).
9. Како можат младите да продолжат ‚да напредуваат во мудроста‘?
9 Младоста е добро време за да се стекне ‚спознание за единствениот вистински Бог, и за оној кого тој го испратил, Исус Христос‘ (Јован 17:3). Можеби познаваш некои млади луѓе кои трошат многу време читајќи стрипови, гледајќи телевизија, играјќи видеоигри или сурфајќи на Интернет. Зошто да ги имитираш нив, кога можеш да го следиш совршениот пример на нашиот Водач? Како дете, тој уживал да учи за Јехова. И, каков бил резултатот од тоа? Поради својата љубов кон духовните работи, ‚Исус напредувал во мудроста‘ (Лука 2:52). Можеш да напредуваш и ти.
„Бидете подложни еден на друг“
10. Што ќе помогне за семејниот живот да биде извор на мир и среќа?
10 Домот може да биде пристаниште на мир и задоволство или бојно поле на раздор и неслога (Пословици 21:19; 26:21). Тоа што го прифаќаме Христовото водство донесува мир и среќа во семејството. Исусовиот пример, всушност, е модел за семејните односи. Писмото вели: „Бидете подложни еден на друг во стравот од Христос. Жените нека им бидат подложни на своите мажи како на Господ, зашто мажот е глава на својата жена како што е и Христос глава на собранието, оној кој е спасител на тоа тело . . . Мажи, љубете ги своите жени, како што и Христос го љубеше собранието и се даде себеси за него“ (Ефешаните 5:21—25). На собранието во Колоси, апостол Павле му напишал: „Вие деца, бидете им послушни на своите родители во сѐ, зашто тоа е угодно во Господ“ (Колошаните 3:18—20).
11. Како може еден маж да покаже дека Христовото водство му е реално?
11 Следењето на овој совет значи дека мажот презема водство во семејството, жената лојално го поддржува, а децата им се послушни на своите родители. Но, поглаварството на мажот резултира во среќа само кога се спроведува исправно. Еден мудар маж мора да научи како да го спроведува поглаварството со тоа што ќе ја имитира својата Глава и Водач, Христос Исус (1. Коринќаните 11:3). Иако подоцна станал „глава над сите работи во собранието“, на Земјата Исус ‚не дошол да му служат, туку да служи‘ (Ефешаните 1:22; Матеј 20:28). На сличен начин, еден христијански маж не го спроведува своето поглаварство за себична корист туку за да се грижи за интересите на својата жена и на децата — да, за целото семејство (1. Коринќаните 13:4, 5). Тој настојува да ги имитира побожните особини на својата Глава, Исус Христос. Исто како Исус, тој е со благ нарав и понизен во срце (Матеј 11:28—30). Кога греши, не му е тешко да ги каже зборовите „извини“ или „имаш право“. Неговиот добар пример ѝ олеснува на жената да биде „помошничка“, „надополнување“ и „партнерка“ на таков маж, да учи од него и да работи со него рамо до рамо (Битие 2:20; Малахија 2:14, обата NW).
12. Што ќе ѝ помогне на една жена да го прифати начелото за поглаварство?
12 Жената, пак, треба да му биде подложна на својот маж. Меѓутоа, ако врз неа влијае духот на светот, тоа може да почне да го поткопува нејзиното гледиште кон начелото за поглаварство, и идејата да му биде подложна на маж да не ѝ биде привлечна. Писмото не укажува дека мажот треба да доминира, но бара жените да им бидат подложни на своите мажи (Ефешаните 5:24). Исто така, Библијата го смета мажот или таткото за одговорен, и применувањето на нејзиниот совет придонесува за ред и мир во семејството (Филипјаните 2:5).
13. Каков пример на подложност им дал Исус на децата?
13 Децата треба да им бидат послушни на родителите. Во тој поглед Исус дал одличен пример. По настанот во храмот, кога заостанал три дена, 12-годишниот Исус ‚слегол со [своите родители] и дошол во Назарет, и им останал подложен‘ (Лука 2:51). Подложноста на децата кон родителите придонесува за мир и хармонија во семејството. Кога секој во семејството се подложува на Христовото водство, резултатот е среќно семејство.
14, 15. Што ќе ни помогне да успееме кога се соочуваме со некоја предизвикувачка ситуација дома? Наведи пример.
14 Дури и кога во домот настануваат предизвикувачки ситуации, клучот за успех е да се имитира Исус и да се прифати неговото водство. На пример, бракот на 35-годишниот Џери со Лана, мајка на тинејџерка, донел предизвик што ниеден од нив не можел да си го замисли. Џери објаснува: „Знаев дека за да бидам добар поглавар, треба да ги применувам истите библиски начела што донесуваат успех кај другите семејства. Но, наскоро открив дека морам да ги применувам со поголема мудрост и проникливост“. Неговата паштерка го сметала за човек што застанал меѓу неа и мајка ѝ, и била многу огорчена на него. На Џери му била потребна проникливост за да увиди дека тој став влијаел врз сѐ што ќе речела и сторела девојката. Како се справил со ситуацијата? Џери одговара: „Лана и јас се сложивме дека, барем некое време, Лана ќе се грижи за дисциплината, како еден аспект од родителството, додека јас ќе се трудам да изградам добар однос со мојата паштерка. Со текот на времето, ваквиот пристап донесе добри резултати“.
15 Кога се соочуваме со тешки ситуации дома, потребна ни е проникливост за да откриеме зошто членовите на семејството разговараат и постапуваат на извесен начин. Исто така, ни треба мудрост за правилно да ги примениме побожните начела. Исус, на пример, јасно проникнал зошто жената што страдала од крвавење го допрела, и постапил со неа мудро и сочувствително (Левит 15:25—27; Марко 5:30—34). Мудроста и проникливоста се карактеристики на нашиот Водач (Пословици 8:12). Ќе бидеме среќни ако постапуваме на начинот како што би постапил тој.
‚Продолжи да го бараш најнапред царството‘
16. Што треба да зазема централно место во нашиот живот, и како го покажал Исус тоа со својот пример?
16 Исус не оставил сомнение во однос на тоа што треба да зазема централно место во животот на оние што го прифаќаат неговото водство. Тој рекол: „Продолжете да го барате најнапред царството и Неговата [Божјата] праведност“ (Матеј 6:33). И, со својот пример, тој ни покажал како да го правиме тоа. На крајот од 40-дневниот период на постење, медитирање и молење, кој следел по неговото крштавање, Исус се соочил со искушение. Сатана Ѓаволот му понудил владетелство над „сите царства на светот“. Замисли си каков живот можел Исус да има ако ја прифател понудата на Ѓаволот! Меѓутоа, Христос се сосредоточил на вршењето на волјата на својот Татко. Исто така, сфатил и дека таквиот живот во Сатановиот свет би бил краток. Тој веднаш ја одбил понудата на Ѓаволот, со зборовите: „Напишано е: ‚Јехова, твојот Бог, да го обожаваш, и единствено нему да му принесуваш света служба‘“. Набрзо потоа, Исус ‚почнал да проповеда и да вели: „Покајте се, зашто се приближи небесното царство“‘ (Матеј 4:2, 8—10, 17). Во останатиот дел од својот живот на Земјата, Христос бил полновремен објавител на Божјето Царство.
17. Како можеме да покажеме дека интересите на Царството ни се на прво место во животот?
17 Ќе биде добро да го имитираме нашиот Водач и да не дозволиме светот на Сатана да нѐ намами главна цел во животот да ни станат високо платената работа и кариерата (Марко 1:17—21). Колку само би било глупаво толку да се заплеткаме во мрежата на световните стремежи што интересите на Царството би ни станале второстепени! Исус ни го доверил делото на проповедање на Царството и правење ученици (Матеј 24:14; 28:19, 20). Да, можеби треба да се грижиме за семејни или за други одговорности, но зарем не сме среќни кога ги користиме вечерите и викендите за да ја вршиме нашата христијанска одговорност да проповедаме и да поучуваме? И колку е само охрабрувачки што во текот на 2001 службена година, 780.000 лица беа во можност да служат како полновремени министри, односно пионери!
18. Што ни помага да најдеме радост во службата?
18 Евангелските извештаи го прикажуваат Исус како човек од акција, а и како личност со нежни чувства. Гледајќи ги духовните потреби на луѓето околу него, тој чувствувал сожалување и желно се нудел да им помага (Марко 6:31—34). Нашата служба станува радосна кога учествуваме во неа од љубов кон другите и од искрена желба да им помагаме. Но, како можеме да стекнеме таква желба? „Кога бев во тинејџерските години“, вели еден млад човек по име Џејсон, „не уживав баш посебно во службата.“ Што му помогнало да негува љубов кон ова дело? Џејсон одговара: „Во моето семејство, сабота претпладне беше секогаш посветена на службата на теренот. Ова беше добро за мене, бидејќи колку повеќе учествував во службата толку повеќе гледав колкаво добро постигнува таа и повеќе уживав во неа“. И ние треба редовно и марливо да учествуваме во службата.
19. На што треба да бидеме решени во врска со Христовото водство?
19 Навистина освежува и наградува прифаќањето на Христовото водство. Кога го правиме тоа, младоста ни станува време за напредок во спознанието и во мудроста. Семејниот живот станува извор на мир и среќа, а службата е активност што донесува радост и задоволство. Затоа, секако, да бидеме решени во секојдневниот живот и во одлуките што ги донесуваме да покажеме дека водството на Христос ни е реално (Колошаните 3:23, 24). Но, Исус Христос дава водство и на еден друг начин — преку христијанското собрание. Во следната статија ќе се дискутира за тоа како можеме да извлечеме корист од ова уредување.
[Фуснота]
a Некои имиња се сменети.
Се сеќаваш ли?
• На кој начин ни користи следењето на нашиот Водач наименуван од Бог?
• Како можат младите да покажат дека сакаат да го следат водството на Исус?
• Каков ефект има Христовото водство врз семејниот живот на оние што му се подложуваат?
• На кој начин може нашата служба да покаже дека Христовото водство ни е реално?
[Слики на страница 9]
Младоста е добро време за да се стекне спознание за Бог и за неговиот наименуван Водач
[Слика на страница 10]
Подложноста на Христовото водство унапредува семејна среќа
[Слики на страница 12]
Исус го барал најнапред Царството. Го правиш ли тоа и ти?