Дипломците на Гилеад охрабрени да зборуваат за ‚величествени работи‘
НА 13 септември, едно прекрасно мноштво од 6.635 лица од 52 земји присуствуваше на програмата за промоција на 115-от клас на Библиската школа Гилеад на Watchtower.
Тие го чуја библиски темеленото охрабрување упатено до 48-те студенти од класот да им ги пренесат „величествените Божји работи“ на луѓето во 17 земји (Дела 2:11). Сега во овие земји дипломците ќе го извршуваат своето мисионерско дело.
Во своите уводни забелешки, Стивен Лет, кој е член на Водечкото тело на Јеховините сведоци и кој служеше како претседавач на промоцијата, ги потсети студентите: „Кога ќе заминете на своите доделби, сеедно каде одите или во какви прилики ќе се најдете, повеќе ги има што се со вас отколку против вас“. Осврнувајќи се на 6. поглавје од Втора книга Цареви, брат Лет ги потсети студентите дека можат да сметаат на поддршката од Јехова Бог и од мирјади ангели додека ги објавуваат „величествените Божји работи“ (2. Цареви 6:15, 16). Христијаните од првиот век се соочиле со противење и апатија во нивното дело на проповедање и поучување, и христијанските мисионери денес се соочуваат со слични околности. Меѓутоа, можат да сметаат на поддршка од небото како и од Јеховината земна организација (Псалм 34:7; Матеј 24:45).
Зборувај за „величествените Божји работи“
По уводните коментари на претседавачот, Харолд Коркерн од одборот на подружницата во Соединетите Држави зборуваше на тема „Реалистични очекувања — клуч за радосна и успешна служба“. Брат Коркерн нагласи дека неисполнетите надежи можат да доведат до разочарување, како што покажува и Пословици 13:12. Но, до разочарување честопати доведува тоа што имаме нереалистични очекувања што не се исполнети. Дипломците треба да имаат урамнотежено, реалистично гледиште за себе и за другите. Треба да очекуваат дека ќе направат некои грешки, но не треба поради тоа да бидат претерано потиштени додека настојуваат да им помогнат на другите да ги сфатат „величествените Божји работи“. Брат Коркерн ги охрабри новите мисионери да се потпрат на Јехова, оној што „ги наградува оние кои сесрдно го бараат“ (Евреите 11:6).
Следен на програмата беше Даниел Сидлик, член на Водечкото тело, кој зборуваше на тема „Христијанската надеж — што е тоа?“ Тој рече: „Надежта е доблест на еден христијанин. Таа е мерило за исправно што доведува до тоа човек да има исправен однос со Бог. За некој што не е христијанин, да се надева како што се надеваме ние е нешто невозможно“. Потоа брат Сидлик опиша различни аспекти на христијанската надеж што помагаат да се остане оптимист и покрај животните тешкотии. „Кога имаме надеж, можеме да се соочиме со животот со обновена марливост и победнички дух“. Надежта на еден христијанин му помага да го гледа Јехова како Бог со намера и да се радува што му служи (Римјаните 12:12).
Валас Ливеранс, архиварот на школата Гилеад, ги охрабри студентите да ‚Продолжат да одат по духот‘ (Галатите 5:16). Тој покажа како Варух, писарот на Еремија, за малку ќе престанел да оди по духот. Во еден момент, Варух се уморил и почнал да бара големи работи за себе (Еремија 45:3, 5). Потоа брат Ливеранс истакна дека некои престанале да го следат Исус и ја отфрлиле духовната вистина која е неопходна за спасение. Тоа се случило затоа што не го сфатиле она за што поучувал и биле разочарани бидејќи нивните човечки очекувања не се исполниле тогаш (Јован 6:26, 27, 51, 66). Што можат да научат мисионерите, чиешто дело е да го свртат вниманието кон Творецот и кон неговата намера, од овие извештаи? Студентите беа охрабрени да не бидат заинтересирани да стекнат положба, да добијат признание од луѓето, ниту, пак, да ја користат теократската доделба за лична добивка.
„Ќе бидеш човек што дава или што зема?“ беше прашањето што го постави инструкторот на Гилеад, Марк Нојмар. Неговите коментари се темелеа на стихот од Судиите 5:2, каде што поединци од Израелците се пофалени за тоа што несебично се пријавиле да служат во војската на Варак. Студентите на Гилеад беа пофалени за нивниот дух што се оѕвале на повикот од Поголемиот Варак, Исус Христос, да бидат повеќе вклучени во духовната војна. Војниците на Христос треба да бидат заинтересирани да добијат одобрување од оној што ги зел како војници. Брат Нојмар ги потсети студентите: „Кога ќе почнеме да се сосредоточуваме на тоа да си угодиме себеси, престануваме да се бориме против непријателот . . . Она што е важно во мисионерската служба не си ти. Она што е важно е Јехова, неговиот суверенитет и извршувањето на неговата волја. Не служиме како мисионери затоа што сакаме Јехова да нѐ направи среќни, му служиме затоа што го сакаме“ (2. Тимотеј 2:4).
Потоа инструкторот на Гилеад Лоренс Боуен служеше како водител на точката „Освети ги преку вистината“ (Јован 17:17). Тој забележа дека студентите од 115-от клас се осветени министри на Бог. Додека беа во школата, тие учествуваа и во службата на теренот, барајќи ги оние што со искрено срце ја сакаат вистината. Како Исус и неговите рани ученици, студентите не зборуваа од „сопствен поттик“ (Јован 12:49, 50). Тие ревносно ја пренесуваа инспирираната, животодавна реч на вистината. Вистинските случки што беа прикажани и искуствата на студентите покажаа колку силно влијание имала Библијата врз оние со коишто стапиле во контакт.
Советот и искуството даваат охрабрување
Антони Перес и Антони Грифин, членови на Службениот оддел на подружницата во Соединетите Држави, водеа интервјуа со членови на Одбори на подружници од целиот свет. Овие мажи дискутираа за предизвиците со кои се соочуваат новите мисионери и дадоа практичен совет темелен на лично искуство. Некои од предизвиците вклучуваат културни разлики, тропска клима преку целата година или религиозна и политичка ситуација поинаква од онаа на која биле навикнати студентите. Што може да им помогне на новите мисионери да се справат со новата средина? Љубовта кон Јехова, љубовта кон луѓето, тоа што нема да гледаат на она што го оставиле и тоа што нема да постапуваат брзоплето. Еден член на еден одбор на подружница рече: „Луѓето на нашата доделба живееле таму со векови пред нас. Се разбира дека можеме да живееме таму и да се приспособиме. Секогаш кога ќе наидевме на тешкотии, гледавме на нив како на работи што ни ја изградуваат личноста. Се потпираш на молитвата и на Јеховиниот дух и ја искусуваш вистинитоста на Исусовите зборови „јас сум со вас“ (Матеј 28:20).
Програмата стигна до кулминација со говорот „Продолжете да зборувате за величествените Божји работи“ што го одржа Семјуел Херд, член на Водечкото тело. Излевањето на светиот дух на Пентекост 33 н.е. им дало сила на Исусовите ученици да зборуваат за „величествените Божји работи“. Што може денес да им помогне на мисионерите да зборуваат за Божјето Царство со слична ревност? Истиот тој свет дух. Брат Херд ги охрабри дипломците да ‚зрачат со духот‘, да се радуваат на своите доделби, и никогаш да не ја заборават обуката што им била дадена (Римјаните 12:11). „Библијата е прекрасно дело на Бог“, рече брат Херд. „Никогаш немојте да ја потценувате нејзината вредност. Нејзината порака е жива. Таа продира до сржта на работите. Користете ја за да ги исправате работите во вашиот живот. Дозволете ѝ да го промени начинот на кој размислувате. Чувајте ја својата способност за размислување така што ќе ја проучувате, ќе ја читате Библијата и ќе медитирате за неа . . . Поставете си цел и бидете одлучни да ја користите обуката од Гилеад за да продолжите да ги зборувате ‚величествените Божји работи‘“.
Откако беа прочитани поздравите што стигнаа од целиот свет и откако беа врачени дипломите, еден дипломец прочита писмо од класот во кое беше изразена благодарност за обуката што ја добија. Потоа брат Лет ја заврши оваа радосна прилика со пригоден заклучок осврнувајќи се на 2. Летописи 32:7 и на Второзаконие 20:1, 4. Поврзувајќи ги своите последни коментари со своите уводни забелешки, тој заклучи: „Така, драги дипломци, додека одите напред, додека марширате во духовната битка на вашата нова доделба, запамтете дека Јехова ќе маршира со вас. Никогаш немојте да го изгубите од вид фактот дека повеќе ги има што се со вас отколку против вас“.
[Рамка на страница 25]
ПОДАТОЦИ ЗА КЛАСОТ
Број на застапени земји: 7
Број на земји во кои се доделени: 17
Број на студенти: 48
Просечна старост: 33,7
Просек на години во вистина: 17,8
Просек на години во полновремена служба: 13,5
[Слика на страница 26]
115. клас што дипломираше на Библиската школа Гилеад на Watchtower
Во долнава листа, редовите се нумерирани однапред наназад, а имињата се наведени одлево надесно во секој ред.
1) Браун Т.; Голер С.; Хофман Е.; Брузизи Џ.; Трахан С. 2) Смарт Н.; Кашман Ф.; Гарсија К.; Лохан М.; Сиферт С.; Греј К. 3) Бекет М.; Николс С.; Смит К.; Гулјера А.; Рапенекер А. 4) Греј С.; Васек К.; Флеминг М.; Бетел Л.; Хермансон Т.; Хермансон П. 5) Рапенекер Г.; Лохан Д.; Дики Ш.; Ким К.; Трахан А.; Вашингтон А.; Смарт Ш. 6) Голер Л.; Бургхофер Т.; Гулјера Д.; Николс Р.; Вашингтон Ш.; Ким Џ. 7) Бекет М.; Дики Џ.; Смит Р.; Гарсија Р.; Хофман А.; Сиферт Р.; Браун Х. 8) Флеминг Ш.; Брузизи П.; Бургхофер В.; Бетел Т.; Кашман Џ.; Васек К.