Да се биде љубезен во еден непријателски свет
„Чест е за човекот неговото добротворство“ (ПОСЛОВИЦИ 19:22).
1. Зошто може да биде тешко да се покажува љубезност?
ДАЛИ ти се сметаш за љубезна личност? Ако да, сигурно не ти е лесно да живееш во денешниов свет. Точно е дека љубезноста е наведена во Библијата како еден од „плодовите на духот“. Тогаш зошто е толку тешко да се покажува љубезност дури и во таканаречените христијански земји? (Галатите 5:22). Како што видовме во претходната статија, одговорот делумно лежи во зборовите што ги запишал апостол Јован — дека целиот свет е во власта на една нељубезна духовна личност, Сатана Ѓаволот (1. Јованово 5:19). Исус Христос го разоткрил Сатана како ‚владетел на светот‘ (Јован 14:30). Затоа овој свет е склон да биде сличен на својот бунтовен владетел, чиј став се карактеризира со злобно однесување (Ефешаните 2:2).
2. Кои работи можат да бидат предизвик што ни отежнува да покажуваме љубезност?
2 Кога другите се однесуваат нељубезно кон нас, тоа се одразува негативно врз нашиот живот. Кој сѐ може да е нељубезен? Пакосните соседи, непознати луѓе што се непријателски расположени, дури и пријателите и роднините кои, понекогаш, постапуваат непромислено. Притисокот што доаѓа од контактите со луѓе кои се неучтиви и кои викаат и пцујат честопати нанесува голема болка. Ваквата нељубезност од страна на другите може и кај нас да создаде непријателско расположение и да нѐ натера да посакаме и ние да возвратиме со нељубезност. Тоа може да предизвика дури и некои духовни или здравствени проблеми (Римјаните 12:17).
3. Кои сериозни проблеми со кои се соочуваат луѓето ја ставаат на испит нивната спремност да бидат љубезни?
3 Можеби ни е тешко да покажуваме љубезност и поради тоа што во овој свет сме изложени на стрес. На пример, луѓето општо земено се под стрес поради заканите од тероризам и терористичките напади, како и поради можната употреба на биолошко или нуклеарно оружје од страна на различни национални групи. Освен тоа, милиони луѓе дошле до питачки стап — живеат само со најосновна храна и едвај имаат кров над глава, облека и медицинска нега. Станува предизвик да се биде љубезен кога ситуацијата изгледа безнадежна (Проповедник 7:7).
4. До каков погрешен заклучок би можеле да дојдат некои кога размислуваат за тоа да покажуваат љубезност кон другите?
4 Некој би можел лесно да дојде до заклучок дека не е којзнае колку важно да се покажува љубезност и дека тоа може да биде дури и знак на слабост. Тој можеби се чувствува искористен, особено кога другите го газат (Псалм 73:2—9). Меѓутоа, Библијата ни дава исправно водство кога вели: „Благиот одговор ја ублажува јароста, а грубиот збор го зголемува гневот“ (Пословици 15:1). Благоста и љубезноста се два аспекта на плодовите на духот што се тесно поврзани еден со друг и што можат многу да помогнат кога се справуваме со тешки и проблематични околности.
5. Наведи некои подрачја од животот на кои е потребно да покажуваме љубезност.
5 Бидејќи за нас како христијани е многу важно да ги покажуваме плодовите на Божјиот свет дух, ќе биде добро да разгледаме како би можеле да покажеме една од тие особини — љубезноста. Дали е можно да се биде љубезен во еден непријателски свет? Ако да, кои се некои подрачја на кои можеме да покажеме дека не дозволуваме влијанието на Сатана да ја задуши нашата љубезност, особено во ситуации кога сме под стрес? Да разгледаме како да покажуваме љубезност во семејството, на работното место, на училиште, со нашите соседи, во службата и со соверниците.
Љубезност во семејството
6. Зошто љубезноста е толку важна во семејството, и како може да се покаже?
6 За да имаме благослов и водство од Јехова, неопходно е да ги покажуваме и во целост да ги развиваме плодовите на духот (Ефешаните 4:32). Особено е потребно членовите на семејството да бидат љубезни еден кон друг. Затоа, да се задржиме малку на тоа. Во секојдневните односи, мажот и жената треба да покажуваат дух на љубезност и грижливост еден кон друг и кон децата (Ефешаните 5:28—33; 6:1, 2). Таквата љубезност треба да се види во начинот на кој се разговара во семејството, во тоа што децата ќе им оддаваат чест на родителите и ќе ги почитуваат, и во тоа што родителите ќе се однесуваат кон децата на исправен начин. Брзо давај пофалби, бавно осудувај.
7, 8. а) Како не треба да се однесуваме ако сакаме да покажуваме вистинска љубезност во семејството? б) На кој начин добрата комуникација придонесува за јаки семејни врски? в) Како можеш да покажуваш љубезност во семејството?
7 Да бидеме љубезни кон членовите на семејството значи да го следиме советот на апостол Павле: „Отфрлете ги сите нив од себе: гнев, лутина, злоба, погрден говор и срамотно зборување од својата уста“. Секој ден, христијанските семејства треба да комуницираат со почит. Зошто? Затоа што без добра комуникација не може да има јаки, здрави семејства. Кога ќе се појават несогласувања, за да се смири расправијата обиди се да го средиш проблемот наместо да настојуваш на крајот да биде по твое. Среќните членови на семејството вложуваат искрени напори да работат на тоа да бидат љубезни и обѕирни еден кон друг (Колошаните 3:8, 12—14).
8 Љубезноста е позитивна и создава кај нас желба да им правиме добро на другите. Затоа, настојуваме да бидеме од корист, да покажуваме обѕир и да им помагаме на членовите на нашето семејство на еден пријатен начин. И секој поединечно и сите заедно треба да вложуваме напор да покажуваме таква љубезност што ќе остави добра слика за семејството. Како резултат на тоа, не само што ќе имаме Божји благослов туку и ќе му оддаваме чест на Богот на љубезноста, Јехова, како во собранието така и во околината (1. Петрово 2:12).
Љубезност на работното место
9, 10. Опиши некои проблеми што можат да се појават на работното место и коментирај за тоа како би можеле да се решат со љубезност.
9 За еден христијанин, секојдневната рутина на работното место може да му отежнува да биде љубезен кон колегите. Ако постои ривалство меѓу вработените, неговото работно место може да биде загрозено од некој колега што не е искрен или му работи зад грб и на тој начин го поткопува неговиот добар глас пред шефот (Проповедник 4:4). Во таква ситуација не е лесно да се покажува љубезност. Сепак, ако еден Јеховин слуга има на ум дека обично е најдобро да се постапи на љубезен начин, треба да настојува колку што може да ги придобие оние што не се позитивно настроени. Од помош ќе биде да покажеш дека си заинтересиран. Би можел да покажеш интерес ако е болен колегата или некој од неговото семејство. Дури и ако само го прашаш како е може да има позитивен ефект. Да, колку што е до од нив, христијаните треба да се трудат да задржат хармонија и мир. Понекогаш може да помогне само еден љубезен збор кој покажува дека сме заинтересирани и се грижиме.
10 Во други случаи, некој шеф може да им го наметнува своето мислење на вработените и да бара сите да учествуваат во некој национален празник или во некоја небиблиска прослава. Кога совеста на некој христијанин не му дозволува да учествува во такво нешто, можеби ќе треба да се соочи со шефот. Во тој момент можеби нема да биде мудро да навлегува во детали за тоа колку би било погрешно да се покори на неговата желба. Впрочем, оние што ги немаат истите верувања како тој христијанин можеби сметаат дека она што се прави е сосема во ред (1. Петрово 2:21—23). Би можел љубезно да објасниш зошто ти лично не сакаш да учествуваш. Ако чуеш некој саркастичен коментар, немој да враќаш со сарказам. Добро е христијанинот да го следи убавиот совет од Римјаните 12:18: „Ако е можно, колку што зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе“.
Љубезност на училиште
11. Со кои предизвици се соочуваат младите во покажувањето љубезност кон соучениците?
11 За младите може да биде вистински предизвик да бидат љубезни кон соучениците. Младите честопати многу сакаат да бидат прифатени од другите ученици. За да бидат на добар глас пред нив, некои момчиња се прават дека се мачо-типови и одат дотаму што ги малтретираат другите деца на училиште (Матеј 20:25). Други млади сакаат да се прават важни ако се добри ученици, ако добро им оди спортот или некои други активности. Кога се фалат со своите способности, честопати постапуваат нељубезно со другите ученици бидејќи мислат дека тоа што се поспособни во некои работи значи дека се и подобри од другите, што не е точно. Еден млад христијанин мора да внимава да не ги имитира таквите (Матеј 20:26, 27). Апостол Павле рекол дека „љубовта е долготрпелива и љубезна“ и дека љубовта „не се фали, не се дуе“. Затоа, во своите постапки со соучениците, христијанинот е должен да биде послушен на библиската опомена, а не да го следи лошиот пример на оние што постапуваат нељубезно (1. Коринќаните 13:4).
12. а) Зошто за младите може да биде предизвик да бидат љубезни кон наставниците? б) Од кого можат младите да побараат помош кога се под притисок да бидат нељубезни?
12 Младите треба да се однесуваат љубезно и кон своите наставници. Многу ученици уживаат да ги нервираат наставниците. Мислат дека се многу паметни кога ја поткопуваат почитта кон наставниците со тоа што прават работи со кои ги кршат прописите на училиштето. Можеби ги заплашуваат другите за да ги натераат да им се придружат. Кога некој млад христијанин нема да сака да им се придружи, можеби ќе стане мета на исмевање или малтретирање. Секогаш кога во текот на школската година христијанинот се соочува со такви ситуации, на испит е ставена неговата решеност да биде љубезен. Сепак, имај на ум колку е важно да се биде лојален слуга на Јехова. Биди уверен дека во тие тешки моменти од животот Тој ќе те поддржи преку својот дух (Псалм 37:28).
Љубезност кон соседите
13-15. Што може да биде пречка за да покажуваме љубезност кон соседите, и како можат да се совладаат тие предизвици?
13 Сеедно дали живееш во куќа, во стан или на некое друго место, можеш да најдеш начини како да покажеш љубезност и грижа за доброто на соседите. Но, ова не е секогаш лесно.
14 Што ако твоите први соседи те гледаат со предрасуда поради твојата раса, националност или религија? Што ако понекогаш се неучтиви или сосема те игнорираат? Ќе биде многу корисно ако ти како Јеховин слуга покажуваш љубезност онолку колку што е можно. Ќе бидеш вистинско освежување ако се издвојуваш како понаков од другите — и тоа навистина е на фалба на Јехова, кој е пример за љубезност. Никогаш не се знае дали еден ден твојот сосед нема да го промени ставот поради твојата љубезност. Можеби дури и ќе почне да го фали Јехова (1. Петрово 2:12).
15 Како можеме да покажеме љубезност? Како прво, со нашето однесување во семејството додека сите ги покажуваме плодовите на духот. Можеби соседите ќе го забележат тоа. Понекогаш можеби ќе бидеш во состојба да му направиш услуга на соседот. Не заборавај дека љубезноста значи да се покажува активен интерес за доброто на другите (1. Петрово 3:8—12).
Љубезност во нашата служба
16, 17. а) Зошто е важна љубезноста во нашата јавна служба? б) Како можеме да покажуваме љубезност во различни гранки од службата?
16 Љубовта треба да биде ознака на нашата христијанска служба додека вложуваме здружени напори да ги достигнеме луѓето во нивните домови, на нивното работно место и на јавните места. Треба да имаме на ум дека го застапуваме Јехова, кој секогаш е љубезен (Излез 34:6).
17 Што сѐ е вклучено во твоите напори да покажуваш љубезност во службата? На пример, додека сведочиш на улица, можеш да покажеш љубезност со тоа што ќе бидеш краток и обѕирен кога им пристапуваш на луѓето. Тротоарите обично се преполни со пешаци и затоа внимавај да не им стоиш на патот на луѓето што поминуваат. Исто така, кога сведочиш на деловно подрачје, покажувај љубезност со тоа што ќе бидеш краток и ќе имаш на ум дека дуќанџиите треба да ги услужат муштериите.
18. Каква улога игра проникливоста во покажувањето љубезност во службата?
18 Биди обѕирен и во службата од куќа до куќа. Не задржувај се премногу долго на врата, особено ако е лошо времето. Можеш ли да процениш кога некој станува нестрплив, па дури и нервозен затоа што си таму? Можеби во твојата земја Јеховините сведоци често наминуваат. Ако е така, покажи посебен обѕир, секогаш биди љубезен и пријатен (Пословици 17:14). Обиди се да покажеш разбирање ако станарот не сака да те сослуша тој ден. Имај на ум дека веројатно некој од твоите христијански браќа или сестри наскоро ќе појде во тој дом. Особено труди се да бидеш љубезен ако наидеш на некој што е неучтив. Не повишувај го гласот и не мурти се, туку зборувај смирено. Љубезниот христијанин не сака да го предизвика станарот на расправија (Матеј 10:11—14). Можеби еден ден тоа лице ќе сака да ја слушне добрата вест.
Љубезност на христијанските состаноци
19, 20. Зошто е потребна љубезност во собранието, и како може да се покаже?
19 Подеднакво е важно да покажуваме љубезност и кон соверниците (Евреите 13:1). Бидејќи сме дел од едно светско братство, неопходно е да постапуваме љубезно со другите.
20 Ако некое собрание ја користи истата Сала на Царството заедно со уште едно, две или повеќе други собранија, важно е да се постапува љубезно и да се покажува почит кон оние од другите собранија. Ривалството ја отежнува соработката кога треба да се договорат термини за состаноците и други потребни работи како што се чистењето или реновирањето. Биди љубезен и обѕирен дури и ако има разлики во мислењата. На овој начин љубезноста ќе победи, а Јехова навистина ќе го благослови интересот што го покажуваш за доброто на другите.
Продолжи да покажуваш љубезност
21, 22. Во склад со Колошаните 3:12, на што треба да бидеме решени?
21 Љубезноста е толку сеопфатна особина што го засега секој аспект од нашиот живот. Затоа, таа треба да биде составен дел од нашата христијанска личност. Треба да ни стане навика да покажуваме љубезност кон другите.
22 Да бидеме љубезни кон другите секој ден и на тој начин секој од нас нека ги примени зборовите што ги кажал апостол Павле: „Како Божји избрани, свети и љубени, облечете се во нежна наклоност на сочувство, љубезност, понизност на умот, благост и долготрпеливост“ (Колошаните 3:12).
Се сеќаваш ли?
• Што му отежнува на еден христијанин да покажува љубезност?
• Зошто е важно да се покажува љубезност во семејството?
• Наведи некои предизвици што ни отежнуваат да покажуваме љубезност на училиште, на работа и кон соседите.
• Објасни како христијаните можат да покажат љубезност во својата јавна служба.
[Слика на страница 18]
Кога сите во семејството покажуваат љубезност, се потпомага единството и соработката
[Слика на страница 19]
Можеш да покажеш љубезност кога е болен некој твој колега или некој од неговото семејство
[Слика на страница 20]
Јехова ги поддржува оние што лојално покажуваат љубезност и покрај исмејувањето
[Слика на страница 21]
Ако му понудиш помош на некој сосед што има потреба, постапуваш љубезно