Животна приказна
Жртвите дадени од срце ни донесоа исполнет и среќен живот
РАСКАЖАЛЕ МАРИЈАН И РОЗА ЗУМИГА
„Радосно од срце, ќе Ти принесам жртва“, се вели во Псалм 54:6. Оваа изјава беше главното нешто во животот на Маријан Зумига и неговата сопруга, Роза, кои живеат во Франција. Тие неодамна ни раскажаа некои интересни моменти од нивниот долг, исполнет живот во службата за Јехова.
МАРИЈАН: Моите родители беа римокатолички емигранти од Полска. Татко ми беше понизен човек. Никогаш немал прилика да оди во училиште. Меѓутоа, за време на Првата светска војна научил да чита и да пишува додека бил во рововите. Татко ми беше богобојазлив човек, но честопати се разочаруваше од црквата.
Еден настан посебно му останал во сеќавање. Еден ден, за време на војната, некој капелан ја посетил единицата на татко ми. Кога експлодирала некоја граната, капеланот почнал да бега во паника, збоднувајќи го коњот со распетието. Татко ми бил шокиран што еден „претставник“ на Бог употребил „свет“ предмет за да избега побрзо. И покрај ваквите искуства и ужасите на војната што ги видел, верата на татко ми во Бог не ослабнала. Честопати заслугата за тоа што се вратил од војната жив и здрав му ја припишуваше на Бог.
„Мала Полска“
Во 1911 татко ми се оженил со една девојка од соседното село. Името ѝ било Ана Чисовски. Набрзо по војната, во 1919, татко ми и мајка ми емигрирале од Полска во Франција, каде што татко ми нашол работа како рудар во рудник за јаглен. Јас сум роден во март 1926 во Кањак-ле-Мин (југозападна Франција). Потоа, моите родители се населиле во полската заедница во Лос-ан-Гоел, во близина на Ленс (северна Франција). Пекарот беше Полјак, месарот беше Полјак и парохискиот свештеник беше Полјак. Не е ни чудо што оваа област се викаше Мала Полска. Моите родители беа вклучени во активностите во заедницата. Татко ми честопати организираше приредби на кои имаше претстави, музика и пеење. Исто така, редовно разговараше со свештеникот, но не беше задоволен кога свештеникот обично ќе речеше: „Има многу тајни“.
Еден ден во 1930, на нашата врата тропнаа две жени. Тие беа Библиски студенти, како што тогаш се викаа Јеховините сведоци. Татко ми зеде од нив Библија, книга што со години сакаше да ја прочита. Тој и мајка ми желно ги прочитаа библиски темелените публикации што му ги оставија жените. Моите родители беа длабоко трогнати од она што го прочитаа во публикациите. И покрај тоа што беа многу зафатени, почнаа да одат на состаноците што ги организираа Библиските студенти. Разговорите со свештеникот стануваа сѐ повжештени сѐ додека еден ден тој не им се закани на моите родители дека ако продолжат да се дружат со Библиските студенти, сестра ми Стефани ќе биде избркана од часовите по катехизам. „Не мачи се“, му одговори татко ми. „Од денес, ќерка ми и другите деца ќе доаѓаат со нас на состаноците на Библиските студенти.“ Татко ми се повлекол од црквата, и на почетокот на 1932 моите родители се крстија. Во тоа време во Франција имаше само околу 800 објавители на Царството.
Роза: Моите родители беа од Унгарија и, како и семејството на Маријан, се населиле во северна Франција за да работат во рудниците за јаглен. Јас сум родена во 1925. Во 1937, еден Јеховин сведок, Аугуст Боген, или Папа Аугуст како што го викавме ние, почна да им носи на моите родители Стражарска кула на унгарски. Списанијата им беа интересни, но ниеден од нив не стана Јеховин сведок.
Иако бев млада, она што го читав во Стражарска кула ме допре во срцето, и снаата на Папа Аугуст, Сузан Боген, ме зеде под своја закрила. Моите родители ѝ дозволија да ме носи на состаноците. Подоцна, кога почнав да работам, татко ми го нервираше тоа што одев на состаноци во недела. Иако општо земено беше добродушен човек, тој се жалеше: „Кај те нема дома цела седмица, па и во неделите одиш на твоите состаноци!“ Меѓутоа, јас продолжив да одам. Така, еден ден татко ми ми рече: „Спакувај си ги торбите и да те нема!“ Беше доцна навечер. Имав само 17 години, и немав никаква идеја каде да одам. На крајот отидов кај Сузан и пукнав од плачење. Останав кај Сузан отприлика една седмица пред татко ми да ја испрати сестра ми за да ме врати дома. По природа бев срамежлива, но мислата што е изразена во 1. Јованово 4:18 ми помогна да останам цврста. Тој стих кажува дека „совршената љубов го истерува стравот“. Се крстив во 1942.
Скапоцено духовно наследство
Маријан: Се крстив во 1942 заедно со моите две сестри Стефани и Мелани и брат ми Стефан. Дома, во центарот на семејниот живот беше Божјата реч. Додека сите седевме на масата, татко ми ни читаше од Библијата на полски. Вечерите честопати ги поминувавме слушајќи ги нашите родители додека раскажуваа искуства од делото на проповедање за Царството. Овие духовно богати моменти нѐ научија да го сакаме Јехова и да имаме уште поголема доверба во него. Поради лошото здравје, татко ми мораше да престане да работи, но продолжи да се грижи за нас и духовно и материјално.
Бидејќи татко ми сега имаше слободно време, еднаш неделно водеше библиска студија на полски со младите од собранието. Таму научив да читам полски. Татко ми ги охрабруваше младите и на други начини. Еднаш, кога брат Густав Сопфер, кој во тоа време го надгледуваше делото на Јеховините сведоци во Франција, го посети нашето собрание, татко ми организираше хор и костимирана библиска драма за гозбата на цар Валтазар и ракописот на ѕидот (Даниел 5:1—31). Улогата на Даниел ја играше Луи Пиехота, кој подоцна зазеде цврст став против нацистите.a Ние, децата, пораснавме во таква атмосфера. Гледавме дека нашите родители се секогаш зафатени со духовни работи. Денес сфаќам колку скапоцено наследство ни оставија родителите.
Кога започна Втората светска војна во 1939, проповедничката активност на Јеховините сведоци во Франција беше забранета. Во една прилика, во нашето село имаше претрес. Сите куќи беа опколени од германски војници. Татко ми имаше направено лажен под во плакарот, и под тој под криевме различни библиски публикации. Меѓутоа, во една фиока во креденецот имаше неколку примероци од џебната брошурка Fascism or Freedom (Фашизам или слобода). Татко ми брзо ги сокри во џебот на едно палто што беше закачено во ходникот. Двајца војници и еден француски полицаец ја претресуваа нашата куќа. Ни застана здивот. Еден војник почна да пребарува низ алиштата што беа закачени во ходникот и набрзо влезе во кујната, каде што бевме ние, со брошурките в рака. Гледаше во нас, ги остави брошурките на масата и продолжи да бара на друго место. Брзо ги зедов брошурките и ги ставив во една фиока што војниците веќе ја пребараа. Војникот воопшто не праша за брошурките — како потполно да заборавил на нив!
Почнуваме со полновремена служба
Во 1948 решив да се ставам на располагање за полновремено да му служам на Јехова во пионерската служба. Неколку дена подоцна, добив писмо од канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Франција. Во писмото беше содржана доделба да служам како пионер во собранието во градот Седан, во близина на Белгија. Моите родители беа многу радосни што ја прифатив таквата служба за Јехова. Сепак, татко ми ми нагласи дека пионерската служба нема да биде лесна. Ќе треба напорна работа. Меѓутоа, ми рече дека неговата куќа е секогаш отворена за мене и дека можам да сметам на него ако имам проблеми. Иако немаа многу пари, моите родители ми купија нов велосипед. Сѐ уште ја чувам сметката за тој велосипед, и кога ќе ја погледнам, ми доаѓаат солзи на очите. Татко ми и мајка ми починаа во 1961, но мудрите зборови на татко ми сѐ уште ми одѕвонуваат во ушите; тие ме храбреа и ме тешеа низ сите години на служба.
Друг извор на охрабрување беше една 75-годишна христијанска сестра од собранието во Седан, која се викаше Елиз Мот. Во текот на летото, возев со мојот велосипед до оддалечените села за да проповедам, а Елиз доаѓаше со воз. Меѓутоа, еден ден машиновозачите штрајкуваа и Елиз не можеше да се врати дома. Единственото решение што ми падна на памет беше да ја седнам на багажникот од велосипедот и да ја однесам дома — што не беше баш пријатно возење. Следното утро, понесов едно перниче и ја зедов Елиз од дома. Таа престана да оди со воз и со парите што ѝ остануваа од картата, на ручек ќе купеше за двајцата некој топол пијалак. Кој би помислил дека мојот велосипед ќе послужи како јавен превоз!
Повеќе одговорности
Во 1950 бев повикан да служам како покраински надгледник за цела северна Франција. Бидејќи имав само 23 години, прво ме фати страв. Мислев дека канцеларијата на подружницата направила некаква грешка! Почнаа да ми се вртат разни прашања низ главата: ‚Дали сум и физички и психички дораснат на задачата? Ќе се навикнам ли да живеам во различен стан секоја седмица?‘ Освен тоа, од шест години имав една болест на очите што се вика дивергентен страбизам. Оваа болест предизвикува едното око да ми биде свртено нанадвор. Отсекогаш имав комплекс поради тоа и се секирав како ќе реагираат другите. За среќа, во таа прилика многу ми помогна Стефан Бехуник, дипломец на школата за мисионери Гилеад. Брат Бехуник беше истеран од Полска поради неговата проповедничка активност и доби нова доделба во Франција. Неговата храброст навистина ме воодушеви. Тој длабоко ги почитуваше Јехова и вистината. Некои мислеа дека е премногу строг со мене, но научив толку многу од него. Неговата смелост ми помогна да стекнам поголема самодоверба.
Покраинското дело ми овозможи да доживеам прекрасни искуства од службата на теренот. Во 1953 бев замолен да посетам некој г-н Паоли кој живееше јужно од Париз и беше претплатен на Стражарска кула. Се сретнавме и дознав дека е пензинорано воено лице и дека Стражарска кула му е особено интересна. Ми кажа дека откако во едно од поновите изданија прочитал статија во врска со Меморијалот на Христовата смрт, сам го прославил Меморијалот и дека остатокот од вечерта го поминал читајќи ги Псалмите. Нашиот разговор траеше речиси цело попладне. Пред да си заминам, разговаравме накратко и за крштавањето. Подоцна му испратив покана да дојде на нашиот покраински собир што требаше да се одржи на почетокот на 1954. Дојде, и меѓу 26-те лица што се крстија на тој покраински собир беше и брат Паоли. Ваквите искуства сѐ уште се извор на радост за мене.
Роза: Во октомври 1948 почнав да служам како пионер. Откако служев во Анор, во близина на Белгија, заедно со една друга пионерка, Ирен Колански (сега Лирој), бев доделена во Париз. Живеевме во една мала собичка во Сент-Жермен-де-Пре, во срцето на градот. Бидејќи бев девојка од село, малку ме плашеа Парижаните. Си ги замислував како префинети и многу интелигентни. Но, проповедајќи им, наскоро увидов дека тие не се разликуваат од другите луѓе. Често се случуваше вратарот да нѐ избрка и беше тешко да се започне библиска студија. И покрај тоа, некои луѓе ја прифатија нашата порака.
За време на еден покраински собир во 1951, јас и Ирен бевме интервјуирани за нашата пионерска служба. Погодете кој нѐ интервјуираше! Еден млад покраински надгледник по име Маријан Зумига. Се имавме сретнато еднаш пред тоа, но по тој собир почнавме да се допишуваме. Јас и Маријан имавме многу заеднички работи, вклучувајќи го и фактот дека иста година се крстивме и иста година станавме пионери. Меѓутоа, што е најважно, и двајцата сакавме да останеме во полновремената служба. Затоа, откако го разгледавме тоа во молитва, на 31 јули 1956 се венчавме. Со бракот, за мене почна еден сосема нов начин на живот. Морав да се навикнам не само на тоа да бидам сопруга туку и на тоа да го придружувам Маријан во покраинското дело, што значеше различен кревет секоја седмица. Во почетокот, воопшто не беше лесно, но нѐ чекаше голема радост.
Исполнет живот
Маријан: Низ годините, имавме предност да помогнеме околу подготовките на неколку конгреси. Особено мили спомени имам од конгресот што се одржа во Бордо во 1966. Во тоа време, активностите на Јеховините сведоци во Португалија беа забранети. Затоа конгресната програма беше изнесена и на португалски за оние Сведоци кои можеа да дојдат во Франција. Стотици наши христијански браќа и сестри пристигнаа од Португалија, но проблемот беше каде да ги сместиме. Бидејќи Сведоците од Бордо немаа доволно место во своите домови, изнајмивме едно празно кино за да го користиме како дом за спиење. Ги тргнавме сите седишта, а завесата од сцената ја искористивме за да ја поделиме салата на две спални, една за браќата и една за сестрите. Исто така поставивме и тушеви и мијалници, ставивме сено на бетонскиот под и го покривме со церади. Сите беа задоволни со оваа подготовка.
По конгресните сесии, ги посетивме браќата и сестрите во домот. Имаше прекрасна атмосфера. Колку само бевме охрабрени од искуствата што тие ги имаа и покрај тоа што долги години трпеа противење! Кога си заминаа на крајот од конгресот, на сите очите ни беа полни со солзи.
Една друга предност дојде две години пред тоа, во 1964, кога бев замолен да служам како обласен надгледник. Повторно се прашував дали сум дораснат на задачата. Но, си реков дека штом одговорните браќа ме замолија да ја прифатам доделбата, очигледно мислат дека сум способен да ја извршам. Беше прекрасно искуство да се служи и тесно да се соработува со другите патувачки надгледници. Многу научив од нив. Мнозина од нив се вистински пример за стрпливост и истрајност, особини што се многу важни во Јеховини очи. Сфатив дека ако научиме да чекаме, Јехова знае каде да нѐ најде.
Во 1982, канцеларијата на подружницата нѐ замоли да се грижиме и за една мала група од 12 полски објавители во Булоњ-Бијанкур, на периферијата на Париз. Тоа беше изненадување. Знаев теократски изрази на полски, но ми беше тешко да составам реченици. Сепак, љубезноста и спремната соработка на тие браќа многу ми помогнаа. Денес, има околу 170 објавители во тоа собрание, меѓу кои и речиси 60 пионери. Подоцна јас и Роза ги посетувавме групите и собранијата на полски и во Австрија, Германија и Данска.
Околностите се менуваат
Посетите на различните собранија беа нашиот живот, но поради моето сѐ послабо здравје, во 2001 година моравме да прекинеме со патувачката служба. Најдовме стан во градот Питивје, каде што живее сестра ми, Рут. Канцеларијата на подружницата љубезно нѐ наименува за специјални пионери со барање на часови што беше приспособено на нашите околности.
Роза: Првата година откако престанавме со покраинското дело ми беше многу тешка. Промената беше толку драстична што се чувствував бескорисна. Тогаш си реков: ‚Сѐ уште можеш потполно да го користиш своето време и силата што ја имаш служејќи како пионер‘. Денес сум среќна што работам заедно со другите пионери во нашето собрание.
Јехова секогаш се грижеше за нас
Маријан: Многу сум му благодарен на Јехова што Роза ми беше придружник во изминативе 48 години. Во текот на сите тие години во патувачкото дело таа ми беше огромна поддршка. Ниту еднаш не ја чув да рече: ‚Камо да се смиревме негде и да имавме свој дом‘.
Роза: Понекогаш некој ќе ми рече: „Ова што го живеете не е нормален живот. Секогаш живеете со некој друг“. Но, што всушност е „нормален живот“? Честопати се опкружуваме со безброј работи што можат да станат пречка за нашите духовни активности. Сѐ што навистина ни треба е добар кревет, маса и неколку други основни работи. Како пионери имавме многу малку во материјален поглед, но имавме сѐ што ни беше потребно за да ја вршиме Јеховината волја. Понекогаш ме прашуваа: „Што ќе правиш кога ќе остариш, а нема да имаш ниту свој дом ниту пензија“? Во тие прилики ги цитирав зборовите од Псалм 34:10: „[Оние] кои го бараат Господа, не трпат оскудица“. Јехова секогаш се грижеше за нас.
Маријан: Навистина! Всушност, Јехова ни даде многу повеќе од она што е потребно. На пример, во 1958 бев избран да ја претставувам нашата покраина на меѓународниот конгрес во Њујорк. Меѓутоа, немавме доволно пари да купиме карта за Роза. Една вечер, еден брат ни даде плик на кој пишуваше „Њујорк“. Подарокот што беше внатре ѝ овозможи на Роза да дојде со мене!
Јас и Роза ни најмалку не жалиме поради годините поминати во Јеховината служба. Не изгубивме ништо а добивме сѐ — исполнет и среќен живот во полновремена служба. Јехова е толку прекрасен Бог. Научивме да имаме потполна доверба во него, и нашата љубов кон него стана подлабока. Некои наши христијански браќа за својата верност платија со својот живот. Меѓутоа, верувам дека низ годините човек може да го жртвува својот живот малку по малку. Јас и Роза се трудиме да го правиме токму тоа, и решени сме да го правиме и во иднина.
[Фуснота]
a Животната приказна на Луи Пиехота, „Го преживеав ‚Маршот на смртта‘ “, беше објавена во англиското издание на Стражарска кула од 15 август 1980.
[Слика на страница 20]
Франсоа и Ана Зумига со нивните деца, Стефани, Стефан, Мелани и Маријан околу 1930. Маријан стои на малото столче
[Слика на страница 22]
Горе: Презентираме библиски публикации на една тезга на пазарот во Арментиер (северна Франција), во 1950
[Слика на страница 22]
Лево: Стефан Бехуник со Маријан во 1950
[Слика на страница 23]
Маријан и Роза дента пред нивната венчавка
[Слика на страница 23]
Роза (на крајот лево) со нејзината пионерска партнерка Ирен (четврта од лево), најавуваат еден собир во 1951
[Слика на страница 23]
За време на покраинските посети главен превоз ни беше велосипедот