Објавителите на Царството известуваат
Писмо од Алехандра
ПИШУВАЊЕТО писма веќе одамна се покажало како делотворен начин да се даде сведоштво. Иако можеби понекогаш резултатот се чини неизвесен, оние што истрајуваат во користењето на овој метод биле богато благословени. Тие си спомнуваат за мудриот библиски совет: „Наутро сеј го своето семе а навечер твојата рака нека не почива, зашто не знаеш дали ќе биде подобро ова или она, или двете ќе бидат еднакво добри“ (Проповедник 11:6).
Алехандра, млад Сведок која десет години имала служено во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Мексико, имала рак и одела на хемотерапија. Состојбата ѝ се влошила и станала премногу слаба па не можела да продолжи со својата секојдневна рутина. Меѓутоа, не сакајќи да си ја запостави службата, Алехандра решила да пишува писма. Напишала за подготовката за бесплатна домашна библиска студија и го запишала телефонскиот број на мајка ѝ. Потоа ѝ ги дала писмата на мајка си за кога ќе оди во служба од врата до врата да ги остави онаму каде што нема да ги најде луѓето дома.
Во меѓувреме, Диохани, млада девојка од Гватемала, отишла да работи како куќна помошничка во Канкун (Мексико). Додека била таму, стапила во контакт со Јеховините сведоци и уживала да разговара со нив за Библијата. Подоцна, нејзините работодавци решиле да се преселат во Мексико Сити и сакале и таа да појде со нив. Диохани се двоумела, зашто тоа би значело да изгуби контакт со Сведоците.
„Не грижи се“, ја уверувале нејзините работодавци, „има Сведоци насекаде. Ќе ги побараме веднаш кога ќе стигнеме.“ Со таа поволна мисла на ум, Диохани се согласила да оди со нив. Кога стигнале во Мексико Сити, работодавците на Диохани ги побарале Сведоците. Од некоја причина, не можеле да ги најдат, иако во тој град има преку 41.000 Сведоци и 730 собранија.
Набрзо Диохани почнала да се обесхрабрува зашто не можела да ги најде Сведоците за да ги продолжи своите библиски разговори. Еден ден, нејзината газдарица дошла и ѝ рекла: „Изненадување! Твојот Бог ти ги услиша молитвите“. Давајќи ѝ едно писмо, ѝ рекла: „Сведоците го оставиле ова писмо за тебе“. Тоа било писмо од Алехандра.
Диохани стапила во контакт со мајка ѝ и сестра ѝ на Алехандра, Бланка, и прифатила библиска студија. По неколку седмици, се запознала со Алехадра и таа средба многу ги израдувала. Алехандра ја охрабрила да се посвети на проучувањето на Библијата за да може да напредува духовно.
Неколку месеци подоцна, во јули 2003, Алехандра починала, оставајќи им на своите соверници прекрасен пример на вера и храброст. На погребот, мнозина биле длабоко трогнати кога се запознале со Диохани и кога таа рекла: „Алехандра и нејзиното семејство се прекрасен пример за мене. Решена сум да му служам на Јехова и да се крстам наскоро. Колку само копнеам повторно да ја видам Алехандра во Рајот што доаѓа!“
Да, можеби едно писмо е мала работа. Но, колку само корисни и трајни резултати може да има!