Кој му оддава слава на Бог денес?
„Достоен си, Јехова, да, Боже наш, да ја примиш славата и честа и моќта“ (ОТКРОВЕНИЕ 4:11).
1, 2. а) Кои примери ја илустрираат гранката што се вика биомиметика? б) Кое прашање се поставува, и кој е одговорот?
ЕДЕН ден во 1940, швајцарскиот инженер Жорж де Местрал си го изнел кучето на прошетка. Кога се враќал дома, забележал дека неговата облека и крзното на кучето се прекриени со чички. Љубопитен, ги испитал чичките под микроскоп и бил воодушевен од малите кукачки што се закачувале на сѐ што имало јамка. На крајот, измислил синтетички еквивалент — велкро патент, или чичка-лента. Де Местрал не е единствениот што копирал од природата. Во Соединетите Држави, браќата Рајт конструирале авион откако го проучувале летањето на големите птици. Францускиот инженер Александар-Густав Ајфел ја конструирал кулата во Париз што го носи неговото име, користејќи ги основните принципи што ѝ овозможуваат на човечката бутна коска да ја држи целата тежина на телото.
2 Овие примери добро го илустрираат она што се вика биомиметика, гранка од науката што се труди да ги имитира градбите што се наоѓаат во природата.a Меѓутоа, се поставува едно добро прашање: Колку често пронаоѓачите му оддаваат признание на Оној што ги создал малите чички, големите птици, човечката бутна коска и сите други чудесни оригинали на коишто се темелат многу човечки пронајдоци? За жал, реалноста е дека во денешниов свет, на Бог ретко му се оддаваат признанието или славата што тој ги заслужува.
3, 4. Кое е значењето на хебрејскиот збор преведен со „слава“, и на што се однесува кога се применува на Јехова?
3 ,Зошто‘, можеби некои се прашуваат, ‚треба да му се оддава слава на Бог? Зарем Бог не е веќе славен?‘ Точно, Јехова е најславната Личност во универзумот, но тоа не значи дека е славен во очите на сите луѓе. Во Библијата, хебрејскиот збор што е преведен со „слава“ се однесува на она што едно лице го прави да изгледа важно, значајно во очите на другите. Кога се применува на Бог, се однесува на она што прави Бог да биде импресивен за луѓето.
4 Малцина денес го забележуваат она што прави Бог да биде импресивен (Псалм 10:4; 14:1). Всушност, угледни личности во општеството, кои дали и воопшто веруваат во Бог, честопати вршеле влијание врз луѓето да се однесуваат со непочитување кон славниот Творец на универзумот. На кои начини го правеле тоа?
„Немаат изговор“
5. На кој начин многу научници ги објаснуваат чудата на создавањето?
5 Многу научници упорно тврдат дека нема Бог. Но, како ги објаснуваат чудата на создавањето, вклучувајќи го и човештвото? Тие ѝ ги припишуваат овие чуда на еволуцијата, слепа сила терана од случајност. На пример, еволуционистот Стивен Џеј Гулд напишал: „Ние постоиме затоа што некој чуден вид риби имал некаква необична анатомија на перките, од кои можеле да се развијат нозе на копнени суштества . . . Можеби копнееме по некаков ‚виш‘ одговор — но таков не постои“. Слично на тоа, Ричард Е. Лики и Роџер Левин напишале: „Можеби човечкиот вид е само една ужасна биолошка грешка“. Дури и некои научници што ги фалат убавината и созданието во природата, пропуштаат да му оддадат признание на Бог.
6. Што одвраќа мнозина од тоа да му го оддадат на Бог признанието што тој како Творец го заслужува?
6 Кога учени поединци тврдат дека еволуцијата е факт, тие индиректно велат дека само неуките одбиваат да веруваат во неа. Како реагираат мнозина на ваквите тврдења? Пред неколку години, еден човек што бил добро упатен во еволуцијата интервјуирал луѓе што ја прифатиле оваа теорија. Тој рекол: „Открив дека повеќето од оние што веруваат во еволуцијата веруваат затоа што им било кажано дека сите интелигентни луѓе веруваат“. Да, кога учените поединци ги изнесуваат своите атеистички гледишта, другите се одвратени од тоа да му го оддадат на Бог признанието што тој како Творец го заслужува (Пословици 14:15, 18).
7. Според Римјаните 1:20, што може јасно да се види преку видливото творештво, и зошто?
7 Дали научниците дошле до своите заклучоци затоа што фактите и доказите го потврдуваат тоа? Тешко! Опкружени сме со докази за Творец. За него, апостол Павле напишал: „Неговите невидливи својства, дури и неговата вечна моќ и Божество, јасно се гледаат од создавањето на светот па наваму, бидејќи се согледуваат по она што е направено, така што тие [неверниците] немаат изговор“ (Римјаните 1:20). Творецот оставил отпечаток на своите творби. Затоа Павле вели дека уште од почетокот на човечкото постоење луѓето можеле да ‚согледаат‘ докази за постоењето на Бог преку видливото творештво. Каде се тие докази?
8. а) Како сведочат физичките небеса за моќта и мудроста на Бог? б) Што покажува дека универзумот имал Прв Причинител?
8 Докази за Бог гледаме во ѕвезденото небо. „Небесата ја раскажуваат Божјата слава“, се вели во Псалм 19:1. „Небесата“ — сонцето, месечината и ѕвездите — сведочат за моќта и мудроста на Бог. Самиот број на ѕвездите нѐ исполнува со страхопочит. И сите овие небесни тела не се движат низ вселената бесцелно туку според прецизни физички закониb (Исаија 40:26). Зарем е разумно да ѝ се припише ваквиот ред на слепата случајност? Значајно е тоа што многу научници велат дека универзумот имал ненадеен почеток. Објаснувајќи што опфаќа тоа, еден професор напишал: „На атеистичкото или на агностичкото [гледиште] повеќе му одговара да има универзум што постоел отсекогаш. Освен тоа, се чини дека за универзум што имал почеток треба да има и прв причинител; зашто кој би можел да замисли таква последица без доволно добра причина?“
9. Како се гледа мудроста на Јехова во животинските творби?
9 И на Земјата гледаме докази за Бог. Псалмистот извикал: „Колку се бројни Твоите дела, о Господи! Со мудрост направи сѐ: земјата е полна со Твои созданија“ (Псалм 104:24). Јеховините „созданија“, меѓу кои се и животинските творби, даваат доказ за неговата мудрост. Како што видовме на почетокот, живите суштества имаат таква градба што научниците честопати се трудат да ги имитираат. Разгледај неколку други примери. Истражувачите ги проучуваат роговите со цел да направат посилни шлемови; испитуваат еден вид муви што имаат остар слух со намера да ги подобрат слушните апарати; и ги испитуваат пердувите од крилата на бувовите за да ги подобрат стелт-авионите, кои се речиси невидливи за радар. Но, колку и да се труди, човекот не може вистински да ги копира совршените оригинали во природата. Книгата Биомимикрија — иновации инспирирани од природата (Biomimicry—Innovation Inspired by Nature) забележува: „Живите суштества прават сѐ што ние сакаме да правиме, и тоа без да трошат фосилни горива како луди, без да ја загадуваат планетата или без да си ја стават иднината на коцка“. Каква само мудрост!
10. Зошто е нелогично да се негира постоењето на еден Голем Конструктор? Илустрирај.
10 Сеедно дали ги гледаш небесата или ги набљудуваш творбите овде на Земјата, доказите за Творец се очигледни (Еремија 10:12). Треба од срце да се сложиме со небесните суштества кои извикуваат: „Достоен си, Јехова, да, Боже наш, да ја примиш славата и честа и моќта, зашто ти создаде сѐ, и поради твојата волја постои и е создадено“ (Откровение 4:11). Сепак, многу научници не ги гледаат доказите со ‚очите на своето срце‘, иако можеби се восхитуваат на градбата на работите што ги гледаат со своите дословни очи (Ефешаните 1:18). Тоа можеме вака да го илустрираме: Да се восхитуваме на убавините и на градбите во природата и да го негираме постоењето на еден Голем Конструктор е исто толку нелогично како и да се восхитуваме на некоја прекрасна слика и во исто време да го негираме постоењето на уметникот што го претворил празното платно во ремек-дело. Не е ни чудо што за оние што одбиваат да веруваат во Бог се вели дека „немаат изговор“!
„Слепи водачи“ заведуваат мнозина
11, 12. На која претпоставка се темели доктрината за предодреденост, и што покажува дека оваа доктрина не го слави Бог?
11 Голем број религиозни луѓе искрено веруваат дека нивниот облик на обожавање му оддава слава на Бог (Римјаните 10:2, 3). Но, религијата како целина претставува уште еден елемент од човечкото општество што, всушност, спречува милиони луѓе да му оддаваат слава на Бог. Како? Да разгледаме два начина.
12 Прво, религиите му ја одземаат славата на Бог со лажните учења. Да го земеме за пример учењето за предодреденост. Оваа доктрина се темели на претпоставката дека ако Бог има моќ да ја знае иднината, тогаш мора да го знае однапред и исходот на сѐ. Значи, предодреденоста вели дека Бог одамна ја одредил иднината — добра или лоша — на секој поединец. Според ова сфаќање, вината за сето страдање и за сета злоба во денешниов свет мора да лежи кај Бог. Во никој случај не се слави Бог кога нему му се припишува сета вина што со право треба да му се припише на неговиот главен Непријател, Сатана, оној кого Библијата го нарекува „владетелот на светот“! (Јован 14:30; 1. Јованово 5:19).
13. Зошто е неразумно да се верува дека Бог не може да ја контролира својата способност да ја знае иднината? Илустрирај.
13 Предодреденоста е небиблиско учење што го клевети Бог. Таа го меша она што тој може да го направи со она што тој навистина го прави. Фактот дека Бог може да ги предвиди настаните јасно е изнесен во Библијата (Исаија 46:9, 10). Меѓутоа, не е логично да мислиме дека тој не може да ја контролира својата способност да ја знае иднината или дека е одговорен за секој исход. Да илустрираме: Претпостави си дека имаш голема физичка сила. Дали поради тоа ќе сакаш да го подигнеш секој тежок предмет што ќе го видиш? Нормално дека не! Слично, тоа што има способност да ја знае иднината не го присилува Бог да предвиди или да предодреди сѐ. Тој го користи своето предзанење избирливо и промислено.c Очигледно, лажните учења, меѓу кои и учењето за предодреденост, не го слават Бог.
14. На кој начин организираната религија го обесчестува Бог?
14 Втор начин на којшто организираната религија го обесчестува Бог е преку однесувањето на нејзините приврзаници. Од христијаните се очекува да се држат за учењата на Исус. Меѓу другото, Исус ги поучил своите следбеници да ‚се љубат еден со друг‘ и да „не се дел од светот“ (Јован 15:12; 17:14—16). Како е со членовите на христијанското свештенство? Дали тие навистина се држат за овие учења?
15. а) Какво досие има свештенството кога станува збор за војните на нациите? б) Какво влијание имало однесувањето на свештенството врз милиони луѓе?
15 Да го разгледаме досието на свештенството кога станува збор за војните. Тие поддржувале, преминувале преку, па дури и предводеле во многу војни на нациите. Ги благословувале трупите и го оправдувале убивањето. Не можеме а да не се запрашаме: ‚Зарем на таквите свештеници никогаш не им паднало на ум дека и нивните колеги на спротивната страна го прават истото?‘ (Види ја рамката „На чија страна е Бог?“) Свештениците не го слават Бог кога тврдат дека ја имаат неговата поддршка во крвавите војни; ниту, пак, го слават кога ги прогласуваат библиските мерила за застарени и кога преминуваат преку секаков вид сексуален неморал. Тие толку многу потсетуваат на верските водачи за коишто Исус рекол дека ‚вршат беззаконие‘ и дека се „слепи водачи“! (Матеј 7:15—23; 15:14). Поради однесувањето на свештенството, љубовта кон Бог на милиони луѓе оладила (Матеј 24:12).
Кој навистина му оддава слава на Бог?
16. Зошто мораме да ѝ се обратиме на Библијата за да одговориме на прашањето кој навистина му оддава слава на Бог?
16 Ако угледните и влијателните луѓе во светот, општо земено, не го слават Бог, тогаш кој навистина го прави тоа? За да одговориме на ова прашање, мораме да ѝ се обратиме на Библијата. На крајот на краиштата, Бог е тој што има право да каже како треба да го славиме и тој е оној што ги поставува мерилата во својата Реч, Библијата (Исаија 42:8). Да разгледаме три начини на кои можеме да го славиме Бог, и во секој случај ќе одговориме на прашањето кој навистина го прави тоа денес.
17. Како Јехова лично укажал дека прославувањето на неговото име е многу важен аспект од неговата волја, и кој денес го фали Божјето име по целата Земја?
17 Прво, можеме да го славиме Бог така што ќе го фалиме неговото име. Од она што Јехова му го рекол на Исус се гледа дека тоа е многу важен аспект од Божјата волја. Неколку дена пред да умре, Исус се молел: „Татко, прослави го своето име“. Тогаш еден глас одговорил: „И го прославив и пак ќе го прославам“ (Јован 12:28). Несомнено, тоа го кажал лично Јехова. Од неговиот одговор јасно е дека прославувањето на неговото име му е многу важно. Но, кој денес го прославува Јехова со тоа што го објавува и го фали неговото име по целата земја? Јеховините сведоци, и тоа во 235 земји! (Псалм 86:11, 12).
18. Како можеме да ги препознаеме оние што го обожаваат Бог со „вистина“, и која група повеќе од еден век поучува за библиските вистини?
18 Второ, можеме да го славиме Бог така што ќе ја поучуваме вистината за него. Исус рекол дека вистинските обожаватели ќе „го обожаваат [Бог] со . . . вистина“ (Јован 4:24). Како можеме да ги препознаеме оние што го обожаваат Бог со „вистина“? Тие мораат да ги отфрлат доктрините што не се темелат на Библијата и што погрешно ги претставуваат Бог и неговата волја. Наместо тоа, мораат да поучуваат за чистите вистини од Божјата реч, меѓу кои и следниве: Јехова е Севишен Бог и славата што ја носи таа положба му припаѓа само нему (Псалм 83:18); Исус е Божји Син и е наименуваниот Владетел на Божјето Месијанско Царство (1. Коринќаните 15:27, 28); Божјето Царство ќе го посвети Јеховиното име и ќе ја исполни неговата волја во врска со оваа Земја и со луѓето на неа (Матеј 6:9, 10); добрата вест за ова Царство мора да се проповеда по целата земја (Матеј 24:14). Повеќе од еден век, само една група верно поучува за овие скапоцени вистини — Јеховините сведоци!
19, 20. а) Зошто може доброто однесување на еден христијанин да му донесе слава на Бог? б) Кои прашања можат да ни помогнат да одредиме кој денес му оддава слава на Бог со своето добро однесување?
19 Трето, можеме да го славиме Бог така што ќе живееме во склад со неговите мерила. Апостол Петар напишал: „Задржете го своето добро однесување меѓу нациите за во она, во кое зборуваат против вас како да сте злосторници, на темел на вашите добри дела чиишто очевидци се тие, да го прослават Бог во денот на неговото прегледување“ (1. Петрово 2:12). Однесувањето на еден христијанин е одраз на неговата вера. Кога набљудувачите ја гледаат таа поврзаност — т.е. кога гледаат дека доброто однесување на еден христијанин е директно поврзано со неговата вера — тоа му донесува слава на Бог.
20 Кој го слави денес Бог со тоа што има добро однесување? Па, која религиозна група многу влади ја пофалиле за тоа што се мирољубиви граѓани кои се послушни на законот и кои си ги плаќаат даноците? (Римјаните 13:1, 3, 6, 7). Кои луѓе се познати низ целиот свет по нивното единство со соверниците — единство што ги надминува расните, националните и етничките разлики? (Псалм 133:1; Дела 10:34, 35). Која група е признаена во светот по нејзиното библиско образовно дело што поттикнува да се почитуваат законот, семејните вредности и библискиот морал? Има само една група чиешто добро однесување во овие и други подрачја говори само за себе — Јеховините сведоци!
Дали ти му оддаваш слава на Бог?
21. Зошто треба да размислиме дали ние лично му оддаваме слава на Јехова?
21 Секој од нас треба да се запраша: ‚Дали јас лично му оддавам слава на Јехова?‘ Според Псалм 148, најголемиот дел од творештвото му оддава слава на Бог. Ангелите, физичките небеса, Земјата и нејзините животински творби — сите тие го фалат Јехова (стихови 1—10). Колку е жално што повеќето луѓе денес не го прават тоа! Со тоа што живееш на начин кој му оддава слава на Бог, ти живееш во склад со останатото творештво што го фали Јехова (стихови 11—13). Нема подобар начин да го искористиш својот живот.
22. На кои начини си благословен затоа што му оддаваш слава на Бог, и на што треба да бидеш решен?
22 Затоа што му оддаваш слава на Бог, ти си благословен на многу начини. Додека практикуваш вера во Исусовата откупна жртва, се помируваш со Бог и имаш мирен и плодоносен однос со твојот небесен Татко (Римјаните 5:10). Додека бараш причини да му оддаваш слава на Бог, стануваш попозитивен, поблагодарен (Еремија 31:12). Тогаш си во положба да им помогнеш на другите да водат среќен, исполнет живот, со што и самиот ќе најдеш поголема среќа (Дела 20:35). Биди и ти меѓу оние што цврсто решиле да му оддаваат слава на Бог — сега и засекогаш!
[Фусноти]
a Изразот „биомиметика“ доаѓа од грчките зборови биос, што значи „живот“ и мимесис, што значи „имитација“.
b За повеќе детали во врска со тоа на кој начин физичките небеса ги одразуваат моќта и мудроста на Бог, види ги 5. и 17. поглавје од книгата Приближи му се на Јехова, издадена од Јеховините сведоци.
c Види го том 1, страница 853 од Увид во Писмото (Insight on the Scriptures), издадена од Јеховините сведоци.
Се сеќаваш ли?
• Зошто можеме да речеме дека научниците, општо земено, не им помогнале на луѓето да го слават Бог?
• На кои два начина организираната религија ги спречила луѓето да му оддаваат слава на Бог?
• На кои начини можеме да го славиме Бог?
• Зошто треба да размислиш дали ти лично му оддаваш слава на Јехова?
[Рамка на страница 12]
„На чија страна е Бог?“
Еден човек што за време на Втората светска војна бил во германските воздухопловни сили, а кој подоцна станал Јеховин сведок, си спомнува:
„Она што ме мачеше во текот на тие години . . . беше тоа што гледав како свештениците од речиси сите деноминации — католици, лутерани, епископалци и така натаму — ги благословуваат авионите и нивните екипажи пред да полетаат со задача да го исфрлат својот смртоносен товар. Честопати си мислев: ‚На чија страна е Бог?‘
Германските војници носеа ремени со тока на која беа напишани зборовите Gott mit uns (Бог е со нас). Но, се прашував: ‚Зошто Бог не би бил и со војниците на другата страна кои се од истата религија и кои му се молат на истиот Бог?‘ “
[Слика на страница 10]
Низ целата Земја, Јеховините сведоци навистина му оддаваат слава на Бог