Животна приказна
Образование што тече целиот мој живот
РАСКАЖАЛ ХАРОЛД ГЛУЈАС
Сѐ уште се сеќавам на една сцена од моето детство од пред 70 години. Седев во кујната на мајка ми и ја гледав налепницата на која пишуваше „цејлонски чај“. На неа имаше и слика од неколку убави жени што берат листови чај на бујните зелени полиња во Цејлон (сега Шри Ланка). Оваа сцена, толку далечна од нашиот спржен дом во Јужна Австралија, ја поттикна мојата фантазија. Колку убава и возбудлива земја мора да е тоа! Тогаш
ни на крај ум не ми беше дека 45 години од мојот живот ќе поминам
како мисионер на тој прекрасен остров.
РОДЕН сум во април 1922, во свет многу поинаков од денешниот. Моето семејство обработуваше една изолирана фарма со жито во близина на зафрленото гратче Кимба, кое се наоѓаше во центарот на големиот австралиски континент и на јужната граница на големата пустелија. Тоа беше живот полн со ризици, меѓу кои и постојаната борба со сушата, наездата од инсекти и големите горештини. Мајка ми напорно работеше за да се грижи за татко ми и за нас, шесте деца, во еден дом во пустелијата кој, всушност, беше една лимена колиба.
Меѓутоа, за мене пустелијата беше место на слобода и возбуда. Се сеќавам на мојот младешки восхит кога ќе ги видев стадата силни јунци што ги брстат дивите грмушки или песочните бури што завивајќи го прекриваа целото поле. Така, моето образование, всушност, почна долго пред да тргнам во малото училиште во кое работеше само еден наставник и кое беше на околу 5 километри пешачење од дома.
Моите родители беа религиозни луѓе, иако никогаш не одеа в црква — главно поради тоа што нашата фарма беше далеку од градот. Сепак, во почетокот на 1930-те, мајка ми почна да ги слуша библиските предавања на судијата Ратерфорд, кои секоја седмица ги емитуваше една радио-станица од Аделејд. Јас мислев дека судијата Ратерфорд е некој проповедник од Аделејд и не ме интересираше многу. Но, мајка ми секоја седмица желно ги чекаше радиопреносите на Ратерфорд и внимателно слушаше додека неговиот глас шуштеше од нашето прастаро радио на батерии.
Едно жешко, правливо попладне, пред нашата куќа застана еден стар камионет и од него излегоа двајца убаво облечени мажи. Беа Јеховини сведоци. Мајка ми ја ислуша нивната порака и даде доброволен прилог зашто зеде доста книги кои веднаш почна да ги чита. Овие книги оставија толку длабок впечаток врз неа што го замоли татко ми да ја одведе кај комшиите за да разговара со нив за она што го учеше.
Користа од позитивното влијание
Кратко по ова, суровата пустелија нѐ натера да се преселиме во Аделејд, град оддалечен околу 500 километри. Нашето семејство почна да го посетува собранието на Јеховините сведоци во Аделејд и почнавме духовно да напредуваме. Со селидбата заврши и моето формално образование. Завршив со школувањето кога имав само 13 години, по завршувањето на седмо одделение. По природа бев лежерен, а тоа можеше лесно да ме одвлече од духовните стремежи да не беше помошта од неколкумина добри браќа — пионери, или полновремени слуги — кои се интересираа за мене.
Со текот на времето, влијанието од овие ревносни браќа ја разбуди мојата заспана духовност. Сакав да бидам со нив и им се восхитував на трудољубивоста. Затоа, кога на еден конгрес што се одржа во Аделејд во 1940 беше дадено известување во кое се охрабруваше на полновремена служба, се изненадив самиот себе кога и јас се пријавив. Во тоа време не бев ни крстен и имав само мало искуство во сведочењето. Сепак, неколку дена подоцна бев повикан да им се придружам на една група пионери во Ворнамбул, град што беше оддалечен неколку стотици километри од Аделејд, во соседната држава Викторија.
И покрај овој несигурен почеток, набрзо стекнав љубов кон службата на теренот, љубов за која сум среќен што можам да кажам дека не избледна со годините. Всушност, тоа беше пресвртница за мене и почнав вистински да напредувам духовно. Научив колку вреди да се биде близок со оние што ги сакаат духовните работи. Увидов дека нивното добро влијание може да го извлече најдоброто од нас без разлика на нашето образование и дека научените поуки можат да ни користат цел живот.
Зајакнат од испити
Бев во пионерска служба само кратко време кога делото на Јеховините сведоци во Австралија беше забрането. Бидејќи не бев сигурен што да правам, побарав водство од браќата, кои истакнаа дека нема никаква забрана против тоа да се зборува со луѓето за Библијата. Па така, со другите пионери почнав да одам од врата до врата со едноставна порака од Библијата. Ова ме зајакна за испитите што допрва ме чекаа.
Четири месеци подоцна наполнив 18 години и бев повикан да се јавам за воена служба. Ова ми даде прилика да ја одбранам мојата вера пред неколкумина воени офицери и пред еден судија. Во тоа време, 20-тина браќа беа в затвор во Аделејд поради нивниот неутрален став, а наскоро им се придружив и јас. Бевме одредени за принудна работа — кршевме камен и поправавме патишта. Тоа ми помогна да развијам особини како што се истрајност и решителност. Поради нашето добро однесување и цврст став, со време ја стекнавме почитта на голем број од затворските чувари.
Кога по неколку месеци бев ослободен, слатко се најадов и веднаш продолжив со пионерската служба. Меѓутоа, немаше баш многу други пионери, затоа бев замолен сам да работам на едно далечно земјоделско подрачје во јужна Австралија. Се согласив и тргнав со брод од полуостровот Јорк, опремен само со она што ми требаше за сведочење и со велосипед. Кога пристигнав, едно заинтересирано семејство ме упати до еден пансион каде што една љубезна госпоѓа се однесуваше со мене како со свој син. Во текот на денот, возев со велосипедот по правливите патишта, проповедајќи во малите градови што беа расфрлани по полуостровот. За да ги обработам далечните подрачја, одвреме-навреме преноќував во некој мал хотел или пансион. На тој начин, поминав стотици километри со велосипедот и доживеав голем број убави искуства. Никогаш не ми сметаше премногу тоа што бев сам во службата, и бидејќи ја чувствував Јеховината грижа станав поблизок со него.
Го совладувам чувството дека сум некадарен
Во 1946, добив писмо во кое бев повикан да стапам во патувачкото дело како слуга на браќата (што сега се вика покраински надгледник). Тоа значеше дека ќе треба да посетувам одреден број собранија во одредена покраина. Морам да признаам дека одговорностите што ги носеше оваа задача ми беа навистина тешки. Еден ден начув еден брат како вели: „Харолд баш и не е којзнае што од подиум, ама го бидува на терен“. Овој коментар многу ме охрабри. Бев сосем свесен за моите говорнички и организациски ограничувања, но сметав дека проповедничкото дело е главната активност за христијаните.
Во 1947 имаше голема возбуда околу посетата на браќата Натан Нор и Милтон Хеншел од седиштето на Јеховините сведоци во Бруклин. Тоа беше првата таква посета по посетата на брат Ратерфорд во 1938. Поради оваа посета во Сиднеј се одржа голем конгрес. Како многу други млади пионери, и јас бев заинтересиран за мисионерската обука што се даваше во скоро отворената Библиска школа Гилеад на Watchtower во Саут Ленсинг (Њујорк, САД). Неколкумина од нас присутните се прашувавме дали како услов за запишување во школата ќе се бара големо образование. Меѓутоа, брат Нор објасни дека ако можеме да прочитаме статија од списанието Стражарска кула и да ги сфатиме клучните мисли, веројатно добро ќе се снајдеме во Гилеад.
Мислев дека можеби нема да бидам примен поради моето ограничено образование. На мое изненадување, неколку месеци подоцна бев повикан да се пријавам за обука во Гилеад. Потоа бев примен како студент и бев во 16-от клас што се одржа во 1950. Тоа беше прекрасно искуство што многу ми ја зајакна самодовербата. Тоа ми докажа дека академското достигнување не е најважниот фактор за успех. Напротив, марливоста и послушноста се главните барања. Нашите инструктори нѐ охрабрија да дадеме сѐ од себе. Додека го следев нивниот совет, стабилно напредував и можев сосем добро да ги следам поуките.
Од еден спржен континент до еден блескав остров
По дипломирањето, јас и уште двајца браќа од Австралија бевме доделени во Цејлон (сега Шри Ланка). Пристигнавме во главниот град, Коломбо, во септември 1951. Беше жешко и влажно, а нашите сетила беа нападнати од мешавина од глетки, звуци и мириси. Кога се симнавме од бродот, еден од мисионерите што веќе служеа во таа земја, ме пречека и ми даде еден леток на кој се најавуваше јавно предавање што требаше да се одржи следната недела на градскиот плоштад. На мое изненадување, на летокот беше моето име — како говорник! Можете да си го замислите мојот страв. Но годините поминати во пионерска служба во Австралија ме научија да ја прифатам секоја задача што ќе ми биде дадена. Па така, со помош од Јехова, успешно го одржав говорот. Заедно со другите четири браќа самци што во тоа време веќе беа во мисионерскиот дом во Коломбо, и ние тројцата се зафативме со учење на тешкиот синхала јазик и да учествуваме во службата на теренот. Поголемиот дел од времето работевме сами и ни беше мило што видовме дека тамошните луѓе се и учтиви и гостољубиви. Набрзо, бројот на присутни на состаноците почна да расте.
Како што времето минуваше, јас почнав сериозно да размислувам за една убава сестра, пионерка, Сибил, која ја запознав кога патував со брод на пат до школата Гилеад. Таа патуваше за Њујорк на меѓународен конгрес. Подоцна, беше во 21. клас на Гилеад и, во 1953, беше доделена во Хонгконг. Решив да ѝ пишам писмо, и продолживме да се допишуваме до 1955 кога Сибил ми се придружи во Цејлон каде што се венчавме.
Нашата прва доделба како мисионерски пар беше Џафна, град на крајниот север на Шри Ланка. Во средината на 1950-те, политичките разлики почнаа да прават граница меѓу синхала и тамилските заедници, што даде повод за оружени судири во подоцнежните децении. Беше вистинско охрабрување да се види како синхала и тамилските Сведоци се штитат едни со други, понекогаш и со месеци, во текот на тие тешки години! Тие испити им ја прочистија и им ја зајакнаа верата на браќата.
Проповедаме и поучуваме во Шри Ланка
За да се приспособиме на хинду и на муслиманските заедници, ни беа потребни стрпливост и истрајност. И покрај тоа, стекнавме ценење и за двете култури и за нивните убави особини. Бидејќи не беше вообичаено странци да патуваат со локалните автобуси, кога ќе се качевме во автобус честопати се среќававме со љубопитни погледи. Сибил реши да возврати со широка насмевка. Каква само радост беше кога и на нивните љубопитни лица ќе се разлееше убава насмевка за возврат!
Во една прилика, застанавме на една блокада. Откако дежурниот стражар нѐ праша од каде сме и каде одиме, почна да поставува полични прашања.
„Која е женава?“
„Жена ми“, му реков.
„Колку време сте во брак?“
„Осум години“.
„Имате ли деца?“
„Не.“
„Леле! Сте биле ли на лекар?“
Во почетокот, бевме изненадени од ваквата природна љубопитност, но со текот на времето гледавме на неа како на израз на искрен личен интерес што тамошните луѓе го покажуваа за другите. Всушност, тоа беше една од нивните најубави особини. Требаше само да застанеш на јавно место и да стоиш неколку минути и некој ќе ти пријдеше и љубезно ќе те прашаше дали може некако да ти помогне.
Промени и спомени
Низ годините, освен мисионерското дело во Шри Ланка, имавме и други различни доделби. Бев доделен да служам во покраинското и обласното дело и како член на Одборот на подружницата. Во 1996 бев во средните 70-ти. Ми причинува радост кога ќе се сетам на моите 45 години мисионерска служба во Шри Ланка. На првиот состанок на којшто присуствував во Коломбо имаше 20-тина присутни. Тој број сега порасна на преку 3.500. Јас и Сибил мнозина од овие драги лица ги сметаме за наши духовни деца и внуци. Сепак, во таа земја треба да се заврши уште многу работа — работа за која се потребни силата и способностите на помладите. Имајќи го тоа на ум, ја прифативме поканата од Водечкото тело да се вратиме во Австралија. Тоа им овозможи на квалификувани помлади брачни двојки да влезат во Шри Ланка како мисионери на наше место.
Сега имам 83 години, и радосни сме со Сибил што сѐ уште сме доволно здрави за да продолжиме со нашата специјална пионерска служба на моето прво подрачје во Аделејд. Службата нѐ одржува ментално будни и флексибилни. Исто така, ни помогна повторно да се приспособиме на многу поразличниот начин на живот во оваа земја.
Јехова и понатаму се грижи за сите наши материјални потреби, а браќата и сестрите од нашето локално собрание ни искажуваат голема љубов и поддршка. Неодамна добив нова задача. Треба да служам како секретар во нашето собрание. Со ова увидов дека сѐ додека се трудам верно да му служам на Јехова, мојата обука продолжува. Кога ќе се сетам на изминатите години, секогаш се чудам што едно едноставно, лежерно момче од пустелијата можеше да добие такво прекрасно образование —образование што тече целиот мој живот.
[Слика на страница 26]
На нашата венчавка, 1955
[Слика на страница 27]
Во служба на теренот со Раган Кадиргамар, тамошен брат, 1957
[Слика на страница 28]
Со Сибил денес