Разорното влијание на смртта
„ШЕСТ ГОДИШНО ДЕВОЈЧЕ СЕ САМОУБИ.“ Овој вознемирувачки наслов е поврзан со трагичната смрт на едно девојче што се вика Џеки. Нејзината мајка неодамна умрела од неизлечлива болест. Пред да се фрли под воз, Џеки им рекла на нејзините браќа и сестри дека сака ‚да стане ангел и да биде со мајка ѝ‘.
Ијан имал 18 години кога го замолил својот свештеник да му објасни зошто татко му умрел од рак. Свештеникот рекол дека Бог го зел на небото затоа што татко му бил добар човек. Откако го слушнал тоа, Ијан решил да нема ништо со еден толку суров Бог. Бидејќи животот му изгледал толку бесмислен, одлучил да живее само за задоволства. Затоа, се свртел кон алкохол, дрога и неморал. Животот му бегал од контрола.
„Живите . . . знаат дека ќе умрат“
Овие два потресни настани покажуваат колку смртта ги уништува животите на луѓето, особено ако се случи ненадејно. Се разбира, сите се свесни за овој факт што е запишан во Библијата: „Живите . . . знаат дека ќе умрат“ (Проповедник 9:5). Но, многумина повеќе сакаат да ја игнорираат оваа сурова реалност. Дали е тоа случај и со тебе? Затоа што во животот има толку многу работи што ни го одземаат времето и вниманието, можеби целосно ја потиснуваме помислата за нашата смрт, која ни изгледа многу далечна.
„Повеќето луѓе се плашат од смртта и се трудат да не мислат на неа“, се вели во The World Book Encyclopedia. Сепак, некоја сериозна несреќа или неизлечива болест наеднаш можат да нѐ натераат да ѝ погледнеме на смртта во очи. Или можеби погребот на некој наш пријател или роднина горко нѐ потсетува на крајот што ги чека сите луѓе.
Сепак, на погребите, ужалените честопати кажуваат нешто како: „Животот продолжува“. И навистина е така. Всушност, животот тече толку брзо што за многу кратко време ќе се соочиме со проблемите што ги носи староста. Тогаш смртта повеќе не е нешто толку далечно. Треба да се оди на толку многу погреби и да се поднесе загубата на многу доживотни другари. Голем број постари лица постојано ги мачи тешкото прашање: „Кога ќе ми дојде мене редот?“.
Голем знак прашалник
Иако никој не одрекува дека смртта е неизбежна, сепак, тоа што се случува по смртта може да биде како еден голем знак прашалник. Многуте противречни објаснувања можат да ги натераат скептиците да гледаат на сето тоа како на бесконечна дискусија за непознатото. Прагматистите, или оние што се пореални, можат да заклучат дека штом „еднаш се живее“, тогаш треба да уживаш во убавите работи од животот најмногу што можеш.
За разлика од нив, други одбиваат да веруваат дека смртта е крајот на сѐ. Сепак, не знаат што точно се случува по смртта. Некои претпоставуваат дека животот продолжува во место каде што владее вечно блаженство, додека други мислат дека ќе живеат повторно некогаш во иднината, можеби како друга личност.
Ужалените роднини постојано се прашуваат: „Каде се мртвите?“. Пред неколку години, членовите на еден фудбалски клуб беа на пат до еден спортски настан, кога еден камион ненадејно удри во нивниот минибус и го исфрли од патот. Петмина од тимот загинаа. Од денот кога синот ѝ загинал во таа несреќа, една мајка речиси престанала да живее нормално. Се зафатила со тоа да открие каде е нејзиниот син. Редовно го посетува неговиот гроб и му зборува гласно со часови. Натажена, таа вели: „Не ми се верува дека нема ништо по смртта, но не сум сигурна и дека има“.
Очигледно, нашиот став во врска со смртта може да влијае на нашиот живот. Со оглед на тоа како реагираат луѓето кога ќе умре некој, се наметнуваат неколку прашања. Размисли како ти би одговорил на нив. Треба ли едноставно да заборавиме на смртта и да се концентрираме на животот? Треба ли да дозволиме смртта што постојано нѐ демне да ни го упропасти животот? Мора ли ужалените роднини засекогаш да се прашуваат каде се нивните блиски што умреле? Мора ли смртта да остане мистерија?