Оди по вера, а не по гледање!
„Одиме по вера, а не по гледање“ (2. КОРИНЌАНИТЕ 5:7).
1. Што покажува дека апостол Павле одел по вера, а не по гледање?
ВЕЌЕ Е 55 година од н.е. Поминале околу 20 години откако еден човек по име Савле, прогонител на христијаните, го прифатил христијанството. Тој не дозволил времето да ја намали или да ја ослабне неговата вера во Бог. Иако не можел да ги види небесните реалности со своите дословни очи, тој имал цврста вера. Затоа, кога им пишувал на помазаните христијани, кои имале небесна надеж, апостол Павле рекол: „Одиме по вера, а не по гледање“ (2. Коринќаните 5:7).
2, 3. а) Како покажуваме дека одиме по вера? б) Што значи тоа да одиме по гледање?
2 За да одиме по вера треба да имаме безусловна доверба дека Бог може да управува со нашиот живот. Мораме да бидеме сосема уверени дека тој навистина знае што е најдобро за нас (Псалм 119:66). Кога донесуваме одлуки во животот и постапуваме во склад со нив, размислуваме и за „нештата, што не се гледаат“ (Евреите 11:1, ДХК). Во нив спаѓаат и ветените „нови небеса и нова земја“ (2. Петрово 3:13). Од друга страна, пак, да одиме по гледање значи да живееме само според она што го забележуваме со нашите дословни сетила. Тоа е опасно затоа што може да нѐ наведе сосема да ја занемариме Божјата волја (Псалм 81:12; Проповедник 11:9).
3 Без оглед на тоа дали сме од ‚малото стадо‘, кое има небесен повик, или сме од ‚другите овци‘, кои имаат земна надеж, секој од нас треба сериозно да ја сфати опомената да оди по вера, а не по гледање (Лука 12:32; Јован 10:16). Да видиме како следењето на овој инспириран совет ќе нѐ заштити од тоа да станеме жртви на „привременото уживање на гревот“, од замката на материјализмот и од тоа да изгубиме од вид дека е близу крајот на овој систем на работи. Исто така, ќе разгледаме кои опасности нѐ демнат ако одиме по гледање (Евреите 11:25).
Да го отфрлиме „привременото уживање на гревот“
4. Какви одлуки донел Мојсеј, и зошто?
4 Замисли си каков живот можел да има Мојсеј, синот на Амрам. Израснат меѓу потомците на царот во древниот Египет, Мојсеј можел да има моќ, богатство и влијание. Тој можел да си размислува вака: ‚Добро сум образован во фалената египетска мудрост, и силен сум во своите зборови и дела. Ако останам и понатаму на царскиот двор, ќе можам да ја употребам мојата положба за да им помогнам на моите угнетени браќа Евреи!‘ (Дела 7:22). Наместо тоа, Мојсеј избрал да биде „малтретиран заедно со Божјиот народ“. Зошто? Што го натерало Мојсеј да му сврти грб на сѐ што имал да понуди Египет? Библијата ни дава одговор: „Со вера [Мојсеј] го напушти Египет, но не се плашеше од гневот на царот, бидејќи остана цврст како да го гледа Оној кој е невидлив“ (Евреите 11:24-27). Верата што ја имал Мојсеј во наградата што Јехова гарантирал дека ќе им ја даде на праведните, му помогнала да му одолее на гревот и да не подлегне на моменталното уживање на задоволството што го носи тој.
5. Како нѐ охрабрува примерот на Мојсеј?
5 И ние честопати треба да донесуваме тешки одлуки за работи како што се: ‚Дали да се откажам од извесни навики и обичаи што не се сосема во склад со библиските начела? Дали да прифатам вработување што навидум носи голема материјална добивка, но ќе ме спречи во духовниот напредок?‘ Примерот на Мојсеј нѐ охрабрува да не донесуваме одлуки во кои се гледа кусогледоста на овој свет, туку да покажеме вера во далековидата мудрост на „Оној кој е невидлив“ — Јехова Бог. Исто како Мојсеј, да го цениме Јеховиното пријателство повеќе од сѐ што има да понуди овој свет.
6, 7. а) Како покажал Исав дека повеќе сака да оди по гледање? б) Каков предупредувачки пример ни е Исав?
6 Да направиме разлика помеѓу Мојсеј и Исав, синот на патријархот Исак. Исав повеќе сакал веднаш да си ги задоволи желбите (Битие 25:30-34). Бидејќи ‚не ги ценел светите работи‘, Исав ги отстапил своите права како првороден „во замена за еден оброк“ (Евреите 12:16). Не размислил за тоа како неговата одлука да го продаде своето право на првородство ќе влијае врз неговото пријателство со Јехова или како неговата постапка ќе се одрази врз неговите потомци. Не гледал на работите од духовен аспект. Исав не мислел на Божјите скапоцени ветувања затоа што сметал дека не вредат многу. Тој одел по гледање, а не по вера.
7 Исав служи како предупредувачки пример за нас денес (1. Коринќаните 10:11). Кога треба да донесуваме одлуки, сеедно дали големи или мали, не смее да нѐ заведе пропагандата на Сатановиот свет, која ни вели дека мораме веднаш да го добиеме она што го сакаме. Треба да се прашаме: ‚Дали во моите одлуки се гледаат склоности како оние на Исав? Дали ќе треба да ги ставам духовните интереси на второ место за да го добијам веднаш она што го сакам? Дали со моите одлуки го загрозувам своето пријателство со Бог и наградата што ми претстои во иднина? Каков пример им оставам на другите?‘ Ако со нашите одлуки покажуваме ценење за светите работи, Јехова ќе нѐ благослови (Пословици 10:22).
Да не паднеме во замката на материјализмот
8. На што биле предупредени христијаните во Лаодикија, и зошто тоа е важно и за нас?
8 Во една објава што му била дадена на апостол Јован кон крајот на првиот век, прославениот Исус Христос испратил една порака до собранието во Лаодикија, во Мала Азија. Таа порака содржела предупредување да се чуваат од материјализмот. Иако биле материјално богати, христијаните во Лаодикија биле духовно сиромашни. Наместо и понатаму да одат по вера, тие дозволиле материјалните работи да ги заслепат за да не ги гледаат духовните работи (Откровение 3:14-18). Материјализмот влијае слично и денес. Тој ја ослабнува нашата вера и нѐ тера да престанеме „со истрајност да трчаме во трката“ за живот (Евреите 12:1). Ако не сме внимателни, може да се случи „задоволствата на овој живот“ толку да ги потиснат духовните активности што тие ќе бидат ‚потполно задушени‘ (Лука 8:14).
9. Како нѐ штити тоа што сме задоволни со она што го имаме и што сме благодарни за нашата духовна храна?
9 За да имаме духовна заштита, многу е битно да бидеме задоволни со она што го имаме наместо во потполност да го користиме овој свет и да гледаме материјално да се збогатиме (1. Коринќаните 7:31; 1. Тимотеј 6:6-8). Кога одиме по вера а не по гледање, се радуваме на денешниов духовен рај. Додека земаме од квалитетната духовна храна, зар не сме мотивирани ‚да се радуваме од среќа во срцето‘? (Исаија 65:13, 14). Освен тоа, се радуваме што се дружиме со оние што ги покажуваат плодовите на Божјиот дух (Галатите 5:22, 23). Многу е важно да бидеме задоволни и освежени од она што Јехова ни го дава во духовен поглед!
10. Кои прашања ќе биде добро да си ги поставиме?
10 Ќе биде добро да си ги поставиме овие прашања: ‚Кое место во мојот живот го заземаат материјалните работи? Дали ги користам материјалните работи што ги имам за да си ги дозволам сите задоволства во животот или за да го поддржам вистинското обожавање? Што ми носи најголемо задоволство? Проучувањето на Библијата и дружењето со другите на христијанските состаноци, или викендите во кои немам христијански одговорности? Дали одвојувам многу викенди за рекреација наместо тоа време да го користам за служба на теренот и за други активности што се поврзани со чистото обожавање?‘ Да одиме по вера значи да бидеме зафатени во службата за Царството, со целосна доверба дека Јехова ќе ги исполни своите ветувања (1. Коринќаните 15:58).
Да не изгубиме од вид дека крајот е близу
11. Како ни помага одењето по вера да не го изгубиме од вид крајот?
11 Тоа што ќе одиме по вера ќе ни помогне да не ги прифатиме телесните гледишта дека крајот е далеку или дека воопшто нема да дојде. За разлика од скептиците што се потсмеваат на библиските пророштва, ние јасно можеме да видиме како светските настани се совпаѓаат со она што е проречено во Божјата реч за нашево време (2. Петрово 3:3, 4). На пример, зар ставот и однесувањето на луѓето не даваат доказ дека живееме во „последните денови“? (2. Тимотеј 3:1-5). Со очите на верата, гледаме дека денешните настани во светот не се само повторување на историјата. Наместо тоа, тие го сочинуваат „знакот на [Христовата] присутност и на завршетокот на системот на работи“ (Матеј 24:1-14).
12. Како биле исполнети во првиот век Исусовите зборови што се запишани во Лука 21:20, 21?
12 Размисли за еден настан од првиот век, кој има паралела и во денешно време. Кога бил на Земјата, Исус Христос ги предупредил своите следбеници: „Кога ќе го видите Ерусалим опколен од улогорени војски, тогаш знајте дека неговото запустување се приближило. Тогаш оние кои се во Јудеја нека почнат да бегаат по горите, а оние кои се среде него нека излезат“ (Лука 21:20, 21). Како исполнување на ова пророштво, во 66 н.е. римските војски под водство на Цестиј Гал поставиле опсада околу Ерусалим. Но, војските нагло се повлекле, а тоа им дало знак и прилика на христијаните што биле таму да „бегаат по горите“. Во 70 н.е., римските војски се вратиле, го нападнале Ерусалим и го разурнале неговиот храм. Јосиф известува дека умреле преку еден милион Евреи, а 97.000 души биле одведени во ропство. Врз тој еврејски систем на работи бил извршен Божјиот суд. Оние што оделе по вера и ја послушале опомената на Исус, ја избегнале катастрофата.
13, 14. а) Кои настани ќе се одиграат наскоро? б) Зошто треба будно да го набљудуваме исполнувањето на библиските пророштва?
13 Нешто слично ќе се случи и денес. Во извршувањето на Божјиот суд ќе бидат вклучени и некои елементи од Обединетите нации. Исто како што целта на римските војски од првиот век била да одржат Pax Romana (Римски мир), денес замислата е Обединетите нации да го одржуваат мирот. Иако римските војски се труделе да обезбедат релативна безбедност во тогашниот свет, тие го уништиле Ерусалим. И денес, библиското пророштво покажува дека воените сили во склоп на Обединетите нации ќе ја сметаат религијата за фактор што го нарушува мирот и ќе преземат нешто за да го уништат современиот Ерусалим — христијанскиот свет — како и останатиот дел од Големиот Вавилон (Откровение 17:12-17). Да, целокупното царство на лажната религија е на работ на уништувањето.
14 Уништувањето на лажната религија ќе го означи почетокот на големата неволја. Во последниот дел од големата неволја, ќе бидат уништени преостанатите елементи на овој злобен систем на работи (Матеј 24:29, 30; Откровение 16:14, 16). Ако одиме по вера, будно ќе го набљудуваме исполнувањето на библиските пророштва. Не сме прелажани да мислиме дека некоја човечка организација како што се Обединетите нации е средство со кое Бог ќе донесе мир и сигурност. Според тоа, зар нашиот начин на живот не треба да покаже дека сме уверени дека ‚е близу големиот ден на Јехова‘? (Софонија 1:14, NW).
Колку е опасно да одиме по гледање?
15. Во каква замка паднале Израелците и покрај тоа што лично ги искусиле благословите од Бог?
15 Од она што му се случувало на древниот Израел можеме да видиме колку е опасно да дозволиме да одиме по вера бидејќи така ќе ни ослабне верата. И покрај тоа што со свои очи ги виделе десетте неволји со кои биле понижени боговите на Египет и потоа на чудесен начин биле избавени со тоа што поминале низ Црвеното море, Израелците покажале непослушност и направиле златно теле што почнале да го обожаваат. Станале нестрпливи и се умориле да го чекаат Мојсеј, кој ‚не слегувал долго од гората‘ (Излез 32:1-4). Поради нестрпливоста почнале да обожаваат идол што можеле да го видат со очи. Тоа што оделе по гледање било навреда за Јехова и во таа прилика биле погубени „околу три илјади луѓе“ (Излез 32:25-29). Колку е жално кога денес некој обожавател на Јехова ќе донесе одлуки што покажуваат дека нема доверба во Јехова и во неговата способност да ги исполни своите ветувања!
16. Како влијаело врз Израелците она што било видливо?
16 Она што било видливо влијаело лошо врз Израелците и на други полиња. Поради тоа што оделе по гледање, се треселе од страв пред своите непријатели (Броеви 13:28, 32; Второзаконие 1:28). Од таа причина почнале да го оспоруваат авторитетот на Мојсеј, кој му бил даден од Бог, и се жалеле на она што им се случувало во животот. Поради ваквиот недостиг на вера, повеќе го сакале Египет, кој бил под власта на демоните, отколку Ветената земја (Броеви 14:1-4; Псалм 106:24). Јехова сигурно многу го болело кога го видел тоа крајно непочитување што го покажал неговиот народ кон својот невидлив Цар!
17. Зошто Израелците го отфрлиле Јеховиното водство во времето на Самоил?
17 И во времето на Самоил, повластената нација Израел била фатена во замката да оди по гледање. Народот посакал да има цар што ќе може да го види. Иако Јехова покажал дека тој е нивни Цар, тоа не им било доволно за да одат по вера (1. Самоил 8:4-9). На своја сопствена штета, постапиле немудро со тоа што го отфрлиле совршеното водство од Јехова, а наместо тоа повеќе сакале да бидат како околните нации (1. Самоил 8:19, 20).
18. Што можеме да научиме за тоа колку е опасно да одиме по гледање?
18 Како слуги на Јехова во поново време, го цениме нашиот добар однос со Бог. Сакаме да научиме и да примениме во животот скапоцени поуки од настаните што се случиле во минатото (Римјаните 15:4). Кога Израелците оделе по гледање, заборавале дека Бог ги води преку Мојсеј. Ако не внимаваме, може да се случи и ние да заборавиме дека Јехова Бог и Поголемиот Мојсеј, Исус Христос, го водат христијанското собрание денес (Откровение 1:12-16). Мораме да се чуваме да не стекнеме човечко гледиште за земниот дел од Јеховината организација. Ако се случи тоа, може да почнеме да се жалиме и да изгубиме ценење за Јеховините претставници, како и за духовната храна што ни ја дава „верниот и разборит роб“ (Матеј 24:45).
Биди решен да одиш по вера
19, 20. Што си решен да правиш, и зошто?
19 Во Библијата стои: „Ние не водиме борба против крв и месо, туку против владите, против властите, против светските владетели на оваа темнина, против злите духовни сили на небесните места“ (Ефешаните 6:12). Нашиот главен непријател е Сатана Ѓаволот. Неговата цел е да ја скрши нашата вера во Јехова. Тој нема да пропушти да искористи секакво убедување што ќе може да нѐ расколеба од нашата одлука да му служиме на Бог (1. Петрово 5:8). Што ќе нѐ заштити да не бидеме измамени од видливите работи што ги нуди Сатановиот систем? Тоа што ќе одиме по вера, а не по гледање! Довербата во Јеховините ветувања ќе нѐ заштити да не доживееме „бродолом во поглед на својата вера“ (1. Тимотеј 1:19). Затоа, да бидеме решени и понатаму да одиме по вера, потполно уверени дека Јехова ќе нѐ благослови. Исто така, да продолжиме да се молиме да избегнеме сѐ што ќе се случи во блиска иднина (Лука 21:36).
20 Додека одиме по вера, а не по гледање, имаме еден извонреден Пример. „Христос страдаше за вас“, стои во Библијата, „оставајќи ви пример, за тесно да ги следите неговите стапки“ (1. Петрово 2:21). Во следната статија ќе разгледаме како можеме да одиме и да живееме како него.
Се сеќаваш ли?
• Што научи од примерите на Мојсеј и Исав во врска со одењето по вера, а не по гледање?
• Што е многу битно за да го избегнеме материјализмот?
• Како одењето по вера ни помага да го избегнеме гледиштето дека крајот е далеку?
• Зошто е опасно да одиме по гледање?
[Слика на страница 17]
Мојсеј одел по вера
[Слика на страница 18]
Дали рекреацијата честопати те спречува во теократските активности?
[Слика на страница 20]
Како те штити тоа што внимаваш на Божјата реч?