Сега е време да се преземе одлучен чекор
„До кога ќе кривите на двете страни?“ (1. ЦАРЕВИ 18:21).
1. Зошто нашево време е толку поинакво од минатото?
ВЕРУВАШ ли дека Јехова е единствениот вистински Бог? И веруваш ли дека библиските пророштва укажуваат на нашево време како на „последните денови“ на Сатановиот злобен поредок? (2. Тимотеј 3:1). Ако е така, сигурно ќе се согласиш дека денес, повеќе од кога и да е порано, потребно е да се преземе одлучен чекор. Никогаш порано во човечката историја не биле во прашање толку многу животи.
2. Што се случувало во десетплеменското царство Израел за време на царувањето на Ахав?
2 Во десеттиот век пр.н.е., Израелците требало да донесат една многу сериозна одлука. Кому ќе му служат? Царот Ахав, под влијание на својата жена Језавела, која била паганка, го раширил обожавањето на Ваал во десетплеменското царство Израел. Ваал бил бог на плодноста што наводно давал дожд и богати жетви. Многу обожаватели на Ваал му праќале бакнеж или се поклонувале пред некој идол на нивниот бог. За да го натераат Ваал да ги благослови нивните жетви и стоката, неговите обожаватели се впуштале во оргии со храмските проститутки. Исто така, имале обичај да се сечат по телото за да им потече крв (1. Цареви 18:28).
3. Како влијаело обожавањето на Ваал врз Божјиот народ?
3 Останале околу 7.000 Израелци што не сакале да учествуваат во ваквото идолопоклоничко, неморално, насилничко обожавање (1. Цареви 19:18). Тие верно се држеле за својот сојуз со Јехова Бог, и затоа биле прогонувани. На пример, царицата Језавела убила многу Јеховини пророци (1. Цареви 18:4, 13). Поради таквите тешки услови, повеќето Израелци обожавале два бога, обидувајќи се да им угодат и на Јехова и на Ваал. Но, ако еден Израелец отстапел од Јехова и обожавал некој лажен бог, тој бил отпадник. Јехова ветил дека ќе ги благослови Израелците ако го сакаат и ако ги слушаат неговите заповеди. Меѓутоа, ги предупредил дека, ако не му покажуваат „оддаденост исклучително нему“, ќе бидат уништени (Второзаконие 5:6-10, NW; 28:15, 63).
4. Што претскажале Исус и неговите апостоли дека ќе се случи меѓу христијаните, и како се исполнило тоа?
4 Слична е ситуацијата и во христијанскиот свет денес. Оние што одат в црква тврдат дека се христијани, но нивните празници, однесувањето и верувањата се спротивни на библиските учења. Исто како Језавела, свештениците на христијанството предводат во прогонувањето на Јеховините сведоци. Свештениците на христијанскиот свет исто така веќе долго време ги поддржуваат војните и со тоа си навлекле вина за смртта на милиони припадници на црквата. Ваквата поддршка што религијата им ја давала на световните влади во Библијата е наречена духовен блуд (Откровение 18:2, 3). Освен тоа, христијанскиот свет сѐ повеќе го толерира и дословниот блуд, дури и меѓу свештениците. Исус Христос и неговите апостоли претскажале дека ќе има вакво големо отпадништво (Матеј 13:36-43; Дела 20:29, 30; 2. Петрово 2:1, 2). Каков ќе биде конечниот исход за повеќе од една милијарда припадници на христијанскиот свет? И каква одговорност имаат вистинските обожаватели на Јехова кон нив и кон сите оние што се заведени од лажната религија? Јасен одговор на овие прашања ќе добиеме ако ги разгледаме драматичните настани што воделе до ‚истребувањето на Ваал од Израел‘ (2. Цареви 10:28).
Бог го сака својот своеглав народ
5. Како Јехова покажал дека со љубов се грижи за својот своеглав народ?
5 Јехова не ужива да ги казнува оние што му се неверни. Како Татко што многу ги сака своите деца, тој има желба злобните да се покаат и да му се вратат (Езекиел 18:32; 2. Петрово 3:9). Како доказ за ова, Јехова користел многу пророци во времето на Ахав и Језавела за да го опомене својот народ за последиците од обожавањето на Ваал. Еден од тие пророци бил Илија. По една голема суша, која била однапред проречена, Илија му рекол на царот Ахав да ги собере Израелците и пророците на Ваал на планината Кармил (1. Цареви 18:1, 19).
6, 7. а) Како Илија разоткрил што лежи во основата на отпадништвото на Израел? б) Што направиле пророците на Ваал? в) Што направил Илија?
6 Средбата се одржала на местото каде што бил „урнат“ еден жртвеник на Јехова, веројатно по желба на Језавела (1. Цареви 18:30). За жал, Израелците што биле таму не биле сигурни кој може да го даде толку очекуваниот дожд — Јехова или Ваал. Ваал го застапувале 450 пророци, додека Илија бил единствениот пророк што го застапувал Јехова. Разоткривајќи што лежи во основата на нивниот проблем, Илија го запрашал народот: „До кога ќе кривите на двете страни?“ Потоа, со уште поедноставни зборови, тој им го изнел проблемот: „Ако е Господ [Јехова, NW] Бог, следете Го; ако е Ваал, следете го него“. За да ги натера неодлучните Израелци да го обожаваат само Јехова, Илија им предложил еден испит за да се види кој е вистинскиот Бог. Требало да се заколат два вола за да се принесат за жртва — еден за Јехова, а еден за Ваал. Вистинскиот Бог ќе ја запали со оган својата жртва. Пророците на Ваал ја подготвиле нивната жртва, а потоа со часови викале: „О, Ваалу, послушај нѐ!“ Кога Илија почнал да им се потсмева, се сечеле по телото сѐ додека не им потекла крв, и викале на сет глас. Но, никој не им одговорил (1. Цареви 18:21, 26-29).
7 Дошол редот на Илија. Прво, тој го поправил жртвеникот на Јехова и врз него ги наредил парчињата од јунецот. Потоа наредил врз жртвата да се полеат четири големи врчви вода. Ова го направил трипати, сѐ додека ровот околу жртвеникот не се наполнил со вода. Тогаш Илија се помолил: „Господи, Боже Аврамов, Исаков и Израелев, објави денес дека Ти си Бог во Израел, дека јас сум Твој слуга и дека по Твоја заповед го направив сѐ ова. Послушај ме, Господи; послушај ме, за да знае сиот овој народ дека Ти, Господ, си Бог и дека Ти ќе ги обратиш нивните срца“ (1. Цареви 18:30-37).
8. Како одговорил Бог на молитвата на Илија, и каков чекор презел овој пророк?
8 Вистинскиот Бог одговорил со тоа што со оган од небото ги запалил и жртвата и жртвеникот. Огнот ја зафатил дури и водата што била во ровот околу жртвеникот! Замисли си како влијаело тоа врз Израелците. „Целиот народ падна ничкум и рече: ‚Јехова е вистинскиот Бог! Јехова е вистинскиот Бог!‘“ Тогаш Илија презел уште еден одлучен чекор, и им наредил на Израелците: „Фатете ги Вааловите пророци, за да не избега ниеден од нив!“ Тогаш сите 450 пророци на Ваал биле погубени на подножјето на планината Кармил (1. Цареви 18:38-40, NW).
9. Како биле и понатаму испитани вистинските обожаватели?
9 Истиот тој незаборавен ден, Јехова направил да падне дожд врз земјата првпат по три и пол години! (Јаков 5:17, 18). Можеш да си претпоставиш што си зборувале Израелците кога се враќале дома; Јехова докажал дека е вистинскиот Бог. Меѓутоа, обожавателите на Ваал не се откажале. Језавела продолжила жестоко да ги прогонува Јеховините слуги (1. Цареви 19:1, 2; 21:11-16). На тој начин повторно била испитана верноста на Божјиот народ. Дали ќе го обожаваат само Јехова кога ќе дојде денот да изврши суд врз обожавателите на Ваал?
Преземи одлучен чекор сега
10. а) Што прават помазаните христијани во денешно време? б) Што значи тоа да се послуша заповедта од Откровение 18:4?
10 Во денешно време, помазаните христијани извршуваат служба иста како службата на Илија. И со она што го зборуваат и со помош на печатената литература, тие ги опоменуваат сите народи, како оние што се дел така и оние што не се дел од христијанскиот свет, колку е опасна лажната религија. Затоа, милиони луѓе презеле одлучен чекор да го прекинат своето членство во некоја лажна религија. Му го предале својот живот на Јехова и станале крстени ученици на Исус Христос. Да, го послушале Божјиот итен повик во врска со лажната религија: „Излезете од неа, народе мој, ако не сакате да учествувате со неа во нејзините гревови и ако не сакате да примите дел од нејзините неволји“ (Откровение 18:4).
11. Што е потребно за да нѐ прифати Бог?
11 Милиони други луѓе, иако ги привлекува библиската порака што ја пренесуваат Јеховините сведоци, сѐ уште не се сигурни што да прават. Некои од нив понекогаш доаѓаат на христијанските состаноци, како што е прославата на Господовата вечера или на некои говори од обласните конгреси. Сите нив ги поттикнуваме внимателно да размислат за зборовите на Илија: „Колку долго ќе седите на оградата?“ (1. Цареви 18:21, New English Bible). Наместо да одложуваат, тие треба веднаш да преземат одлучен чекор и со сите сили да се стремат кон целта да станат предадени, крстени обожаватели на Јехова. Во прашање е нивниот вечен живот! (2. Солуњаните 1:6-9).
12. Во која опасна состојба западнале некои крстени христијани, и што треба да направат?
12 За жал, некои крстени христијани станале нередовни или неактивни во обожавањето (Евреите 10:23-25; 13:15, 16). Некои ја изгубиле ревноста затоа што се уплашиле од прогонството, ги обзеле грижите да се заработи за живот, сакаат да се збогатат или, пак, да си ги задоволат своите себични желби. Исус предупредил дека токму тие работи ќе спрепнат, ќе задушат и ќе фатат во замка некои од неговите следбеници (Матеј 10:28-33; 13:20-22; Лука 12:22-31; 21:34-36). Наместо ‚да криват на две страни‘, така да се каже, таквите треба да бидат ‚ревносни и да се покаат‘ со тоа што ќе преземат одлучен чекор да го исполнат она за што му се заветувале на Бог кога му се предале (Откровение 3:15-19).
Ненадејниот крај на лажната религија
13. Опиши ја ситуацијата во Израел кога Јуј бил помазан за цар.
13 Причината зошто е итно луѓето да преземат одлучен чекор сега се гледа од она што се случило во Израел околу 18 години откако на планината Кармил било решено прашањето за тоа кој е вистинскиот Бог. Јеховиниот ден на суд против обожавањето на Ваал дошол ненадејно и неочекувано за време на службата на Елисеј, наследникот на Илија. Со Израел владеел Јорам, синот на царот Ахав, а Језавела сѐ уште била жива како мајка на царот. Без да се крева голема врева, Елисеј го испратил својот помошник да го помаза за нов цар Јуј, војсководецот на Израел. Во тоа време, Јуј се наоѓал на источниот брег на реката Јордан, во Рамот Галадски, и водел војна против непријателите на Израел. Царот Јорам бил во Језраел, во една долина во близината на Мегидон, каде што закрепнувал откако бил ранет во битка (2. Цареви 8:29—9:4).
14, 15. Каква задача добил Јуј, и како ја извршил?
14 Еве што му заповедал Јехова на Јуј: „Ти ќе го погубиш домот на Ахава, твојот господар, а Јас ќе ја одмаздам крвта на своите слуги пророците, и крвта на сите Господови слуги врз Језавела и врз сиот Ахавов дом . . . Језавела ќе ја изедат кучињата во Езраелското Поле, и никој не ќе ја закопа“ (2. Цареви 9:7-10).
15 Јуј бил одлучен човек. Без одложување, се качил на својата кола и со сета брзина тргнал кон Језраел. Еден стражар во Језраел го препознал Јуј по начинот на кој возел и го известил цар Јорам, а Јорам се качил на својата кола и отишол да го пресретне својот војсководец. Кога се сретнале, Јорам прашал: „Дали е сѐ во мир, Јуј?“ Јуј одговорил: „Каков мир додека траат блудствата на твојата мајка Језавела и нејзините бројни вражања!“ Тогаш, пред да може да избега царот Јорам, Јуј го оптегнал лакот и го убил Јорам со стрела што го пробола в срце (2. Цареви 9:20-24).
16. а) Со каква ситуација одеднаш се соочиле дворјаните на Језавела? б) Како се исполнило она што го рекол Јехова за Језавела?
16 Не губејќи време, Јуј брзо заминал во градот со својата кола. Погледнувајќи од својот прозорец, нападно нашминканата Језавела го поздравила Јуј со една провокативна закана. Не обрнувајќи ѝ внимание, Јуј повикал за поддршка: „Кој е со мене, кој?“ Сега слугите на Језавела морале да преземат одлучен чекор. Двајца или тројца дворјани ги подале главите од прозорецот. Веднаш била ставена на испит нивната лојалност. „Фрлете ја долу“, наредил Јуј. Дворјаните ја фрлиле Језавела на улицата, каде што ја испогазиле коњите и колата на Јуј. Така, онаа што го ширела обожавањето на Ваал во Израел си го добила заслуженото. Пред да има време да ја закопаат, кучињата ја изеле, токму како што било проречено (2. Цареви 9:30-37).
17. Во кој настан што ќе се случи во иднина треба да се зајакне нашата вера врз основа на тоа што Бог извршил суд врз Језавела?
17 Сличен шокантен крај ќе доживее и симболичната блудница што се вика „Големиот Вавилон“. Оваа блудница ги претставува лажните религии на Сатановиот свет, кои потекнуваат од древниот град Вавилон. Откако ќе ѝ дојде крајот на лажната религија, Јехова Бог ќе го сврти своето внимание кон сите луѓе што го сочинуваат нерелигиозниот дел од Сатановиот свет. И тие ќе бидат уништени, а со тоа ќе биде подготвен патот за воспоставување на еден праведен нов свет (Откровение 17:3-6; 19:19-21; 21:1-4).
18. По смртта на Језавела, што се случило со обожавателите на Ваал во Израел?
18 По смртта на Језавела, царот Јуј не губел време и веднаш ги погубил потомците на Ахав и нивните главни приврзаници (2. Цареви 10:11). Но, во земјата останале уште многу обожаватели на Ваал. Во врска со нив, Јуј презел одлучен чекор за да покаже дека ‚не дозволува некој да му биде соперник на Јехова‘ (2. Цареви 10:16, NW). Преправајќи се дека и самиот е обожавател на Ваал, Јуј организирал еден голем празник во храмот на Ваал што го изградил Ахав во Самарија. На тој празник дошле сите обожаватели на Ваал што живееле во Израел. Фатени во храмот како во стапица, луѓето на Јуј ги погубиле сите. Библијата го завршува овој извештај со зборовите: „Така Јуј го истреби Ваала од Израел“ (2. Цареви 10:18-28).
19. Каква прекрасна иднина го очекува ‚големото мноштво‘ од Јеховини лојални обожаватели?
19 Обожавањето на Ваал било искоренето од Израел. Исто толку сигурно и лажните религии на овој свет ќе доживеат ненадеен, шокантен крај. На чија страна ќе бидеш во тој голем ден на суд? Преземи одлучен чекор сега, и можеби ќе бидеш еден од ‚големото мноштво‘ луѓе што ќе ја преживеат „големата неволја“. Тогаш ќе можеш со радост да се сетиш на минатото и ќе го фалиш Бог што извршил суд врз „големата блудница која ја расипа земјата со својот блуд“. Заедно со другите вистински обожаватели, ќе се согласиш со воодушевувачките зборови што во песна ќе ги кажат гласови од небото: „Фалете го Јах, зашто Јехова, нашиот Бог, Семоќниот, почна да владее како цар“ (Откровение 7:9, 10, 14; 19:1, 2, 6).
Прашања за размислување
• Како древните Израелци си навлекле вина затоа што го обожавале Ваал?
• Какво големо отпадништво било проречено во Библијата, и како се исполнило тоа пророштво?
• Како Јуј го искоренил обожавањето на Ваал?
• Што мораме да правиме за да го преживееме Божјиот ден на суд?
[Карта на страница 25]
(Види во публикацијата)
Сохот
Афек
Хелкат
Јаком
Мегидон
Танах
Дотаим
САМАРИЈА
Ендор
Сунам
Афра
Језраел
Јевлам (Гатремон)
Терса
Ветсамис
Вет-Сан
Јавис Галадски?
Авел-Мехол
Вет Арвел
Рамот Галадски
Пл. Кармил
Пл. Тавор
Море
Пл. Гелвуја
Средоземно Море
Галилејско Море
Јордан
Изворот Арад
[Извор на слика]
На темел на мапи со дозвола на Pictorial Archive (Near Eastern History) Est. and Survey of Israel
[Слики на страница 26]
Битни аспекти на вистинското обожавање се редовното проповедање за Царството и присуството на христијанските состаноци
[Слика на страници 28 и 29]
Исто како Јуј, сите што сакаат да го преживеат Јеховиниот ден, мораат да преземат одлучен чекор