Не давајте му место на Ѓаволот
„Не оставајте простор Ѓаволот да дејствува!“ (ЕФЕШАНИТЕ 4:27, Радосна вест).
1. Зошто многу луѓе се сомневаат дека постои Ѓавол?
СО ВЕКОВИ, многу луѓе мислеле дека Ѓаволот е некакво суштество со рогови и раздвоени копита на нозете, облечено во црвено и со вила во рацете со која ги фрла лошите луѓе во пекол. Библијата не ни дава таква слика за него. Меѓутоа, нема сомнение дека таквите погрешни гледишта за него навеле милиони луѓе да се сомневаат дека постои Ѓавол или, пак, да си мислат дека тој збор се однесува само на злото како поим.
2. Кои работи во врска со Ѓаволот ни ги открива Светото писмо?
2 Библијата дава докази од очевидци и јасна потврда дека постои Ѓаволот. Исус Христос го видел во небесното подрачје, каде што живеат духовни суштества, и зборувал со него кога бил на Земјата (Јов 1:6; Матеј 4:4-11). Иако во Светото писмо не е откриено кое било првобитното име на ова духовно суштество, во него тоа е наречено Ѓавол (што значи „Клеветник“) затоа што го наклеветило Бог. Тој е наречен и Сатана (што значи „Противник“) бидејќи му се противи на Јехова. Сатана Ѓаволот е наречен „празмијата“, веројатно затоа што употребил змија за да ја измами Ева (Откровение 12:9; 1. Тимотеј 2:14). Тој е познат и како „злобниот“ (Матеј 6:13).a
3. Кое прашање ќе го разгледаме?
3 Како Јеховини слуги, во ниеден поглед не сакаме да бидеме како Сатана, најголемиот непријател на единствениот вистински Бог. Затоа, мораме да го послушаме советот што го дал апостол Павле: „Не оставајте простор Ѓаволот да дејствува!“ (Ефешаните 4:27, Радосна вест). Тогаш, кои се некои особини на Сатана што не смееме да ги имаме?
Не биди ист како Големиот Клеветник
4. Како „злобниот“ го наклеветил Бог?
4 „Злобниот“ заслужува да биде наречен Ѓавол, бидејќи тој е клеветник. Клеветата е неточна, злобна и погрдна изјава за некого. Бог му заповедал на Адам: „Да не јадеш од дрвото за познавање на доброто и злото! Во денот кога јадеш од него, навистина ќе умреш!“ (Битие 2:17). Ева го знаела ова, но преку една змија, Ѓаволот ѝ рекол: „Навистина, не ќе умрете! Туку Бог знае дека, во оној ден кога ќе јадете од него, ќе ви се отворат очите, и вие ќе бидете како Бога, распознавајќи го доброто и злото“ (Битие 3:4, 5). Тоа била злобна клевета против Јехова Бог!
5. Зошто Диотреф заслужил да одговара за клевета?
5 На Израелците им било заповедано: „Не разнесувај клевети меѓу твојот народ“ (Левит 19:16). Апостол Јован го рекол следново во врска со еден клеветник од неговото време: „Напишав нешто до собранието, но Диотреф, кој сака да го има првото место меѓу нив, ништо не прима од нас со почит. Затоа, ако дојдам, ќе потсетам на неговите дела кои и понатаму ги прави, дрдорејќи за нас лоши зборови“ (3. Јованово 9, 10). Диотреф го клеветел Јован и заслужил да одговара за својата постапка. Кој лојален христијанин би сакал да биде како Диотреф и да постапи како Сатана, големиот клеветник?
6, 7. Зошто не сакаме да клеветиме никого?
6 Јеховините слуги често се мета на клевети и лажни обвиненија. „Главните свештеници и книжниците постојано стануваа и жестоко го обвинуваа [Исус]“ (Лука 23:10). Павле лажно го обвинувале првосвештеникот Ананија и други луѓе (Дела 24:1-8). Исто така, Библијата вели дека Сатана е „обвинителот на нашите браќа, кој ги обвинува ден и ноќ пред нашиот Бог“ (Откровение 12:10). Тие лажно обвинети браќа се помазаните христијани на земјата во овие последни денови.
7 Ниеден христијанин не би сакал да клевети или лажно да обвини некого. Сепак, тоа би можело да се случи ако ги немаме сите факти пред да сведочиме против некого. Според Мојсеевиот закон, ако некој намерно сведочел лажно против некого, би можел да заврши со смрт (Излез 20:16; Второзаконие 19:15-19). Освен тоа, една работа што му е одвратна на Јехова е и „лажен сведок, кој шири лага“ (Пословици 6:16-19). Тогаш, сигурно не сакаме да бидеме како најголемиот клеветник и лажен обвинител.
Не биди ист како првиот убиец
8. На кој начин Ѓаволот бил „човекоубиец кога почна“?
8 Ѓаволот е убиец. „Тој беше човекоубиец кога почна“, рекол Исус (Јован 8:44). Сатана е човекоубиец уште од времето кога ги одвратил Адам и Ева од Бог. Тој им донел смрт на првиот човечки пар и на целото нивно потомство (Римјаните 5:12). Забележи дека вакво нешто може да направи само една вистинска личност, а не злото како поим.
9. Според стихот од 1. Јованово 3:15, како можеме да станеме убијци?
9 „Не убивај!“, гласи една од Десетте заповеди што им биле дадени на Израелците (Второзаконие 5:17). Обраќајќи им се на христијаните, апостол Петар напишал: „Никој од вас да не страда како убиец“ (1. Петрово 4:15). Затоа, како Јеховини сведоци, ние не сакаме да извршиме убиство. Сепак, Бог би нѐ сметал за виновни и ако мразиме некој сохристијанин и би сакале да е мртов. „Секој кој го мрази својот брат е човекоубиец“, напишал апостол Јован, „а вие знаете дека ниеден човекоубиец нема во себе вечен живот“ (1. Јованово 3:15). На Израелците им било заповедано: „Не мрази го твојот брат во твоето срце“ (Левит 19:17). Мораме брзо да го решиме секој проблем што ќе се појави помеѓу нас и некој соверник, за убиецот Сатана да не го уништи нашето христијанско единство (Лука 17:3, 4).
Не подлегнувај му на најголемиот лажливец
10, 11. Што мораме да правиме за да не му подлегнеме на најголемиот лажливец, Сатана?
10 Ѓаволот е лажливец. „Кога зборува лага“, рекол Исус, „зборува според својата сопствена настроеност, бидејќи е лажливец и татко на лагата“ (Јован 8:44). Сатана ја излажал Ева, а Исус дошол на светот за да сведочи за вистината (Јован 18:37). За да не му подлегнеме на Ѓаволот, како следбеници на Христос, не можеме да се служиме со лаги и измама. Мораме ‚да ја зборуваме вистината‘ (Захарија 8:16; Ефешаните 4:25). Јехова, ‚Богот на вистината‘, им дава благослов само на своите вистинољубиви Сведоци. Злобните немаат право да го застапуваат (Псалм 31:5; 50:16; Исаија 43:10).
11 Ако го цениме тоа што во духовен поглед сме ослободени од лагите на Сатана, ќе се држиме за христијанството, кое е „патот на вистината“ (2. Петрово 2:2; Јован 8:32). Христијанските учења како целина ја сочинуваат „вистината на добрата вест“ (Галатите 2:5, 14). Нашето спасение зависи од тоа дали ‚одиме во вистината‘ — дали се држиме за неа и дали цврсто се бориме да не му подлегнеме на ‚таткото на лагата‘ (3. Јованово 3, 4, 8).
Спротивстави му се на најголемиот отпадник
12, 13. Како треба да постапуваме со отпадниците?
12 Духовното суштество што станало Ѓавол некогаш било во вистината. Но, што се случило? Исус рекол: „Не стоеше цврсто во вистината, зашто вистината не е во него“ (Јован 8:44). Овој најголем отпадник упорно му се противел на ‚Богот на вистината‘. Некои христијани од првиот век паднале во „замката на Ѓаволот“ и станале негови жртви затоа што биле заведени и отстапиле од вистината. Затоа Павле го поттикнал својот соработник Тимотеј да ги поучи со благост за да можат духовно да закрепнат и да се ослободат од замката на Ѓаволот (2. Тимотеј 2:23-26). Се разбира, многу е подобро цврсто да се држиме за вистината и воопшто да не бидеме заведени од отпадничките гледишта.
13 Затоа што го слушале Ѓаволот и не ги отфрлиле неговите лаги, првите маж и жена станале отпадници. Според тоа, треба ли и ние да ги слушаме отпадниците, да ја читаме нивната литература или да ги гледаме нивните веб-страници на Интернет? Ако ги сакаме Бог и вистината, нема да го правиме тоа. Не смееме да дозволиме отпадниците да влезат во нашиот дом, па дури ни да ги поздравуваме, бидејќи со тоа би станале ‚учесници во нивните зли дела‘ (2. Јованово 9-11). Никогаш да не подлегнеме на итрините на Ѓаволот со тоа што ќе го напуштиме христијанскиот ‚пат на вистината‘ за да тргнеме по лажни учители што настојуваат да „воведат погубни секти“ и се обидуваат да ‚нѐ искористат со измамливи зборови‘ (2. Петрово 2:1-3).
14, 15. На што ги предупредил Павле старешините во Ефес и својот соработник Тимотеј?
14 Павле им рекол на христијанските старешини во Ефес: „Пазете на себе и на целото стадо, во кое светиот дух ве наименува за надгледници, да го пасете Божјето собрание, кое Бог го купи со крвта на својот сопствен Син. Јас знам дека после моето заминување меѓу вас ќе влезат угнетувачки волци кои нема да постапуваат нежно со стадото, и од вас самите ќе станат луѓе кои ќе зборуваат искривени работи за да ги одвлечат учениците по себе“ (Дела 20:28-30). Со текот на времето, навистина се појавиле такви отпадници и зборувале „искривени работи“.
15 Некаде во 65 година од н.е., апостолот го поттикнал Тимотеј ‚исправно да ракува со речта на вистината‘. Павле напишал: „Избегнувај празни разговори кои го сквернават она што е свето; зашто тие сѐ повеќе ќе напредуваат во безбожноста и нивниот збор ќе се шири како гангрена. Во нив спаѓаат Именеј и Филет. Токму овие луѓе отстапија од вистината, велејќи дека воскресението веќе настапило; и ја поткопуваат верата на некои“. Отпадот веќе започнал! „И покрај сѐ“, додал Павле, „Божјиот цврст темел и понатаму стои“ (2. Тимотеј 2:15-19).
16. И покрај итрините на најголемиот отпадник, зошто сме му верни на Бог и на неговата Реч?
16 Сатана честопати користи отпадници во обидот да го извалка вистинското обожавање — но без никаков успех. Некаде во 1868 година, Чарлс Тејз Расел почнал внимателно да ги испитува веќе одамна прифатените учења што ги ширеле црквите на христијанскиот свет и нашол погрешни толкувања на Светото писмо. Расел и уште неколкумина други што ја барале вистината формирале клас за проучување на Библијата во Питсбург, Пенсилванија (САД). Во текот на речиси 140 години оттогаш, Јеховините слуги стекнувале сѐ поголемо знаење и љубов кон Бог и кон неговата Реч. И покрај итрините на најголемиот отпадник, духовната будност на верниот и разборит роб им помага на овие вистински христијани да им останат верни на Јехова и на неговата Реч (Матеј 24:45).
Не дозволувај Владетелот на светот да има власт над тебе
17-19. Што е светот што лежи во власта на Ѓаволот, и зошто не треба да го сакаме?
17 Друг начин на кој Сатана сака да нѐ фати во стапица е да нѐ натера да го сакаме овој свет — неправедното човечко општество што е отуѓено од Бог. Исус го нарекол Ѓаволот „владетелот на светот“ и рекол: „Тој нема власт над мене“ (Јован 14:30). Сатана никогаш нека нема власт и над нас! Се разбира, сфаќаме дека „целиот свет лежи во власта на злобниот“ (1. Јованово 5:19). Затоа Ѓаволот можел да му ги понуди на Исус „сите царства на светот“ во замена за само еден отпаднички чин на обожавање — нешто што Божјиот Син јасно и гласно го одбил (Матеј 4:8-10). Светот со кој владее Сатана ги мрази Христовите следбеници (Јован 15:18-21). Не е ништо чудно што апостол Јован нѐ опоменал да не го љубиме светот!
18 Јован напишал: „Немојте да го љубите ниту светот ниту она што е во светот. Ако некој го љуби светот, љубовта кон Таткото не е во него; бидејќи сѐ што е во светот — желбата на телото и желбата на очите и нападното истакнување на своите средства за живот — не потекнува од Таткото, туку потекнува од светот. Освен тоа, светот поминува, а и неговата желба, но оној кој ја врши Божјата волја останува засекогаш“ (1. Јованово 2:15-17). Не смееме да го сакаме светот, бидејќи неговиот начин на живот ги распламтува желбите на грешното тело и е сосема спротивен на мерилата на Јехова Бог.
19 Што ако во нашето срце има љубов кон овој свет? Тогаш, да го молиме Бог да ни помогне да ја победиме таквата љубов и телесните желби што произлегуваат од неа (Галатите 5:16-21). Секако дека ќе правиме сѐ за да останеме „без дамка од светот“ ако задржиме на ум дека „злите духовни сили“ се невидливите ‚светски владетели‘ над неправедното човечко општество (Јаков 1:27; Ефешаните 6:11, 12; 2. Коринќаните 4:4).
20. Зошто може да се рече дека не сме „дел од светот“?
20 Исус го рекол следново за своите ученици: „Тие не се дел од светот, како што ни јас не сум дел од светот“ (Јован 17:16). Помазаните христијани и нивните оддадени придружници настојуваат да останат морално и духовно чисти, одвоени од овој свет (Јован 15:19; 17:14; Јаков 4:4). Овој неправеден свет нѐ мрази затоа што остануваме одвоени од него и затоа што сме ‚проповедници на праведноста‘ (2. Петрово 2:5). Точно е дека живееме заедно со луѓето, меѓу кои има блудници, прељубници, изнудувачи, идолопоклоници, крадци, лажливци и пијаници (1. Коринќаните 5:9-11; 6:9-11; Откровение 21:8). Но, не го вдишуваме „духот на светот“, бидејќи не сме водени од таа грешна мотивирачка сила (1. Коринќаните 2:12).
Не давајте му место на Ѓаволот
21, 22. Како можеш да го примениш советот на Павле запишан во Ефешаните 4:26, 27?
21 Наместо да нѐ мотивира „духот на светот“, нас нѐ води Божјиот дух, кој создава во нас особини како што се љубовта и самосовладувањето (Галатите 5:22, 23). Тие ни помагаат да одолееме кога Ѓаволот ја напаѓа нашата вера. Тој сака ‚да се раздразниме за да направиме зло‘, но Божјиот дух ни помага ‚да го стивнеме својот гнев и да ја оставиме лутината‘ (Псалм 37:8). Точно, понекогаш можеби со право ќе се налутиме, но Павле нѐ советува: „Гневете се, но не грешете; сонцето да не зајде над вашата раздразнетост ниту, пак, да му давате место на Ѓаволот“ (Ефешаните 4:26, 27).
22 Нашиот гнев би можел да води до грев ако останеме раздразнети. Тоа што во себе ќе држиме гнев му остава простор на Ѓаволот да рашири неслога во собранието или да нѐ натера на злобни дела. Затоа, треба да ги решаваме несогласувањата со другите брзо и онака како што ни вели Бог (Левит 19:17, 18; Матеј 5:23, 24; 18:15, 16). Затоа, да оставиме да нѐ води Божјиот дух, да се самосовладуваме и никогаш да не дозволиме дури ни оправданиот гнев да прерасне во огорченост, злоба и омраза.
23. Кои прашања ќе ги разгледаме во следната статија?
23 Разгледавме некои особини на Ѓаволот што не смееме да ги имаме и ние. Но, некои читатели можеби ќе се прашаат: Треба ли да се плашиме од Сатана? Зошто го подбуцнува прогонството на христијаните? Што ќе ни помогне да не му дозволиме на Ѓаволот да нѐ надитри?
[Фуснота]
a Види ги уводните статии „Дали Ѓаволот е вистинска личност?“ во Стражарска кула од 15 ноември 2005.
Како би одговорил?
• Зошто никогаш не треба да клеветиме?
• Во склад со 1. Јованово 3:15, што ќе ни помогне да не станеме човекоубијци?
• Како треба да гледаме на отпадниците, и зошто?
• Зошто не треба да го сакаме светот?
[Слика на страница 23]
Никогаш нема да му дозволиме на Ѓаволот да го наруши нашето христијанско единство
[Слики на страница 24]
Зошто Јован нѐ советувал да не го сакаме светот?