Верата во пророштвата го спасува животот
ИСУС за последен пат излегува од храмот во Ерусалим, кога еден од неговите ученици извикнува: „Учителе, гледај! Какви камења, какви градби!“ Тој храм е гордоста на еврејскиот народ. Но, Исус му одговара: „Ги гледаш ли овие величествени градби? Овде нема да биде оставен ниту камен на камен, сѐ ќе биде урнато“ (Марко 13:1, 2).
Не, такво нешто не може да се случи! Некои камења што се вградени во храмот се огромни. Освен тоа, ако се точни зборовите на Исус за храмот, тоа би значело крај за Ерусалим, па дури и за Евреите како народ, зашто храмот е средиштето на нивната религија. Затоа, неговите ученици прашуваат: „Кажи ни кога ќе биде тоа и што ќе биде знакот дека дошло времето сето тоа да заврши?“ (Марко 13:3, 4).
„Тогаш уште не е крајот“, ги предупредува Исус. Прво, ќе чујат за војни, земјотреси, глад и смртоносни зарази на разни места. Потоа следуваат страшни настани што на крајот ќе ја доведат нивната земја до катастрофа од невидени размери. Да, ќе ги снајде една „голема неволја“. Но, Бог ќе направи нешто за да ги спаси „избраните“, односно верните христијани. Што ќе направи? (Марко 13:7; Матеј 24:7, 21, 22; Лука 21:10, 11).
Побуна против Рим
Минуваат дваесет и осум години, а христијаните во Ерусалим сѐ уште се во исчекување на крајот. Римската Империја ја мачат војни, земјотреси, глад и болести. (Види ја рамката на 9. страница.) Во Јуда постојано има граѓански и меѓуетнички судири. Но, зад дебелите ерусалимски ѕидови, состојбата е помирна. Луѓето јадат, пијат, работат, се женат и се мажат и раѓаат деца, и сѐ си тече како и обично. Храмот, со својата впечатлива големина, им дава чувство дека во градот сѐ ќе си остане како што си било.
Околу 61 год. од н.е., христијаните во Ерусалим добиваат писмо од апостол Павле. Тој ги пофалува што истрајуваат, но е загрижен затоа што некои во собранието изгледа дека го изгубиле чувството на итност. Дел од нив духовно едвај се држат или се незрели како христијани (Евреите 2:1; 5:11, 12). Павле ги поттикнува: „Според тоа, немојте да престанете да зборувате слободно... Зашто, уште ‚само малку‘, и ќе стигне ‚оној што доаѓа и нема да одолговлекува‘. ‚А мојот праведник ќе живее поради верата‘, но ‚ако се повлече, не е по волја на мојата душа‘“ (Евреите 10:35-38). Овој совет им бил даден токму навреме! Но, дали христијаните ќе имаат вера и ќе го држат на ум она што го прорекол Исус? Дали навистина му доаѓа крајот на Ерусалим?
Следните пет години состојбата во Ерусалим станува сѐ полоша. Во 66 год. од н.е., корумпираниот римски владетел Флор бара да се наплати „заостанатиот долг“ од 17 таланти, кој требало да се земе од светата храмска ризница. Евреите се навредени и креваат бунт. Еврејските бунтовници, наречени зелоти, влегуваат во Ерусалим и ги убиваат сите војници што се наоѓаат во градот. Потоа храбро прогласуваат независност на Јудеја од Рим. Со тоа Јудеја влегува во војна со Рим!
По три месеци, Цестиј Гал, управител на Сирија, напредува кон југ со 30.000 војници за да ја задуши побуната на Евреите. Неговата војска стигнува во Ерусалим за време на Празникот на сеници и брзо навлегува во предградијата. Зелотите, бројно далеку надминати од Римјаните, бараат спас во тврдините на храмот. Наскоро римските војници ги поткопуваат храмските ѕидишта. Евреите ги обзема ужас. Пагански војници го сквернават најсветото место на јудаизмот! Но, христијаните во градот се присетуваат на зборовите на Исус: ‚Кога ќе видите дека гадотијата која пустоши стои на свето место, тогаш оние што ќе бидат во Јудеја, нека бегаат во планините‘ (Матеј 24:15, 16). Ќе покажат ли вера во она што го прорекол Исус и ќе постапат ли како што им рекол? Од тоа им зависел животот, како што се видело на крајот... Но, како да се побегне?
Одеднаш и без никаква очигледна причина, Цестиј Гал ги повлекува своите трупи и се упатува кон брегот, а зелотите му се зад петици. Неверојатно, но неволјата што му се закануваше на градот е прекината! Со вера дека работите ќе се одвиваат така како што прорекол Исус, христијаните пребегнуваат од Ерусалим во Пела, град што не е вмешан во судирот, а се наоѓа на планините од другата страна на реката Јордан. Бегството е направено во вистинскиот момент. Набрзо зелотите се враќаат во Ерусалим и ги принудуваат преостанатите жители на градот да им се придружат во побуната.a За тоа време, христијаните што се наоѓаат на безбедно во Пела се во исчекување на она што следи.
Земјата ја зафаќа анархија
По неколку месеци, Римјаните одново тргнуваат во воен поход. Во 67 год. од н.е., генералот Веспазијан и неговиот син Тит собираат огромна војска од 60.000 луѓе. Во следните две години, оваа разорна воена сила сѐ повеќе се приближува до Ерусалим, кршејќи го секој отпор што ќе ѝ застане на патот. Во меѓувреме, во Ерусалим се борат едни со други спротивставените еврејски фракции! Градските резерви од жито се уништени, областа околу храмот е срамнета со земја, и убиени се повеќе од 20.000 Евреи. Веспазијан го забавува напредувањето на војската кон Ерусалим, велејќи: ‚Бог е многу подобар римски генерал од мене. Нашиот непријател се уништува со свои сопствени раце‘.
Кога умира римскиот владетел Нерон, Веспазијан патува за Рим за да ја преземе власта, оставајќи го Тит да го доврши воениот поход кон Јуда. Тит пристигнува во Ерусалим кратко пред Пасхата во 70 год. од н.е., фаќајќи ги во стапица жителите на градот и оние што се дојдени за празникот. Римската војска ги соголува шумите во предградието за околу опсадената престолнина да направи ѕид од зашилени колци долг 7 километри. Сѐ се одвива токму како што прорекол Исус: „Твоите непријатели ќе подигнат околу тебе ограда од зашилени колци, и ќе те опколат, и ќе те притиснат од сите страни“ (Лука 19:43).
Наскоро градот го зафаќа глад. Вооружени групи ги пљачкаат куќите каде што некој умрел или е болен. Најмалку една очајна жена го убива и го јаде своето бебе, исполнувајќи го со тоа пророштвото: „Тогаш ќе го јадеш плодот на својата утроба, месото од своите синови и ќерки... поради маката и неволјата со кои ќе те притисне твојот непријател“ (5. Мојсеева 28:53-57).
На крајот, по пет месеци опсада, Ерусалим паѓа. Градот и неговиот величествен храм се опљачкани и изгорени, а потоа разнесени камен по камен (Даниел 9:26). Умираат 1.100.000 луѓе, а 97.000 се продадени како робовиb (5. Мојсеева 28:68). Јудеја речиси останува без Евреи. Навистина, на земјата ѝ се случува неспоредлива трагедија, пресвртница во еврејскиот политички, религиозен и културен живот.c
Во меѓувреме, христијаните во Пела од сѐ срце му се заблагодаруваат на Бог што се спасени. Тоа што поверувале во пророштвата дадени во Библијата им го спасило животот!
Кога ќе погледне на минатото, секој од нас би требало да се запраша: ‚Имам ли јас вера што ќе ми го спаси животот во големата неволја што доаѓа?‘ Дали јас сум „од оние што веруваат и си го спасуваат животот“? (Евреите 10:39; Откровение 7:14).
[Фусноти]
a Еврејскиот историчар Јосиф известува дека зелотите ги гонеле Римјаните седум дена и потоа се вратиле во Ерусалим.
b Според една проценка, биле убиени преку една седмина од Евреите во Римската Империја.
c Еврејскиот изучувач на Библијата Алфред Едершим напишал: „[Оваа] неволја на Израел [била] поголема од сите други трагични настани што се случиле во неговата историја, а по својата суровост не може да се спореди ниту со некоја трагедија што го снашла оттогаш натаму“.
[Табела на страница 9]
Некои работи од знакот, кои се исполниле во првиот век
ВОЈНИ:
Галија (39/40 од н.е.)
Северна Африка (41 од н.е.)
Британија (43 и 60 од н.е.)
Ерменија (58-62 од н.е.)
Граѓански и меѓуетнички судири во Јудеја (50-66 од н.е.)
ЗЕМЈОТРЕСИ:
Рим (54 од н.е.)
Помпеја (62 од н.е.)
Мала Азија (53 и 62 од н.е.)
Крит (62 од н.е.)
ГЛАД:
Рим, Грција, Египет (о. 42 од н.е.)
Јудеја (о. 46 од н.е.)
БОЛЕСТИ:
Вавилонија (40 од н.е.)
Рим (60 и 65 од н.е.)
ЛАЖНИ ПРОРОЦИ:
Јудеја (о. 56 од н.е.)
[Карта/слика на страница 10]
Походот на Римјаните во Палестина, 67-70 од н.е.
Птолемаида
Галилејско Море
Пела
ПЕРЕЈА
САМАРИЈА
Ерусалим
Солено Море
ЈУДЕЈА
Цезареја
[Извор на слика]
Само картата: Врз основа на картите чие авторско право го има Pictorial Archive (Near Eastern History) Est. and Survey of Israel
[Слика на страница 11]
‚Нашиот непријател се уништува со свои сопствени раце‘ (Веспазијан)
[Слики на страница 11]
Во 70 од н.е., римската војска го уништила Ерусалим
[Извори на слики на страница 11]
Релјеф: Soprintendenza Archeologica di Roma; Веспазијан: Bildarchiv Preussischer Kulturbesitz/Art Resource, NY