Јонатан — „со Бог го изврши... ова дело“
СИНОТ на првиот цар на Израел посетува еден протеран човек. „Не плаши се“, му вели тој на бегалецот, „зашто нема да те стигне раката на мојот татко Саул. Ти ќе царуваш над Израел, а јас ќе бидам втор, веднаш до тебе“ (1. Самоилова 23:17).
Посетителот е Јонатан, а бегалецот е Давид. Наскоро по таа средба Јонатан загинува. Но ако тоа не се случело, тој веројатно ќе му станел десна рака на Давид.
Пријателството меѓу Јонатан и Давид било нешто несекојдневно. Всушност, самиот Јонатан бил извонреден човек. И луѓето што живееле во негово време го мислеле истото, а тоа се гледа од нивните зборови: „Со Бог го изврши... ова дело“ (1. Самоилова 14:45). Зошто го рекле ова? Каков човек бил Јонатан? И каква поука можеш да извлечеш од неговата животна приказна?
Израелците „се во неволја“
Кога за прв пат ќе се сретнеш со Јонатан во Библијата, ќе видиш дека во тоа време Израелците биле „во неволја“. Филистејците им ја опљачкале земјата и со тоа ги спречиле да се бранат (1. Самоилова 13:5, 6, 17-19).
Но, Јехова рекол дека нема да го напушти својот народ, и Јонатан бил уверен во тоа. За неговиот татко, Саул, Бог рекол: „Тој ќе го избави мојот народ од филистејската рака“. Јонатан верувал во тие зборови. И самиот веќе извојувал победа над Филистејците иако во војската што ја предводел имало 1.000 многу слабо вооружени Израелци. Сега сакал потполно да ја отстрани заканата од Филистејците (1. Самоилова 9:16; 12:22; 13:2, 3, 22).
Бестрашен напад
Јонатан сакал да нападне една филистејска стража што се наоѓала близу до преминот преку клисурата кај Михмаш (1. Самоилова 13:23). За да дојде до таму, морал да се качува со „рацете и нозете“. Но тоа не го одвратило од намерата. Јонатан решил да го изврши тој напад само со својот штитоносец, кому му рекол: „Можеби Јехова ќе направи нешто за нас, зашто ништо не може да го спречи Јехова да спаси, било со многу луѓе било со малку“ (1. Самоилова 14:6, 13).
Двајцата Израелци барале знак од Јехова. Планирале да се појават пред стражарите. Ако Филистејците речеле: „Стојте додека да дојдеме до вас!“, тогаш Јонатан и неговиот штитоносец немало да одат кај нив. Но ако непријателите речеле: „Качете се кај нас!“, тоа би значело дека Јехова ќе им даде победа на Јонатан и на неговиот штитоносец. Ако добиел потврда дека Бог ќе му помогне, Јонатан имал намера да се искачи кај стражата за да се бори (1. Самоилова 14:8-10).
Што би можеле да сторат овие двајца мажи сами против цела чета стражари? Зарем Јехова не му помогнал на судијата Ехуд кога го водел Израел против Моав? Нели Јехова бил со Самегар, помагајќи му да убие 600 Филистејци со остен за говеда? И зарем Јехова не му дал сила на Самсон сосема сам да ги победи Филистејците? Јонатан верувал дека Бог може и нему да му помогне (Судиите 3:12-31; 15:6-8, 15; 16:29, 30).
Кога ги виделе двајцата Израелци, Филистејците ги повикале: „Качете се кај нас да ви кажеме нешто!“ Јонатан и неговиот штитоносец се качиле кај нив. Тие храбро ги нападнале и убиле околу 20 непријателски војници, поради што настанала паника меѓу стражарите. Можеби Филистејците си мислеле дека многу израелски војници доаѓаат по овие двајца. Во Библијата пишува дека потоа ‚завладеал страв... меѓу сите стражари... и земјата се затресла. Тоа било страв од Бог‘. Поради земјотресот што го предизвикал Бог, се раширил толкав метеж меѓу Филистејците што ‚секој го свртел својот меч кон неговиот ближен‘. Израелските војници се охрабриле кога го виделе ова. Ним им се придружиле Израелците што се криеле, како и оние што порано биле на страната на Филистејците, па заедно ‚ги биеле Филистејците од Михмаш до Ајалон‘ (1. Самоилова 14:11-23, 31).
Народот го избавува Јонатан
Цар Саул неразумно го проколнал секој војник што ќе јаде пред да победат во битката. Но, од некоја причина Јонатан не чул за ова, и затоа јадел. Го намакал својот стап во едно саќе со мед, па каснал од него. Тоа очигледно му ја обновило силата за да ја заврши битката (1. Самоилова 14:24-27).
Откако дознал дека Јонатан јадел, Саул го осудил на смрт. Јонатан не се плашел од смртта. Тој рекол: „Еве ме, готов сум да умрам!“ Но народот му рекол на Саул: „Зарем да умре Јонатан, кој му ја донесе оваа голема победа на Израел? Во никој случај! Како што е жив Јехова, ниту едно влакно од главата нема да му падне на земја, зашто со Бог го изврши денес ова дело!“ Така народот го избавил Јонатан, па не загинал (1. Самоилова 14:38-45).
Во денешно време, еден Божји слуга не треба да се бори дословно. Но понекогаш во животот може да се појават ситуации во кои и тебе ќе ти треба вера и храброст. Може да ти биде тешко да го правиш она што е исправно кога секој околу тебе постапува погрешно. Меѓутоа, Јехова ќе те зајакне и ќе ја благослови твојата желба да живееш според неговите праведни мерила. Можеби ќе ти треба храброст да прифатиш некои задачи во Јеховината организација, како на пример да го зголемиш учеството во службата, да прифатиш нови одговорности или да се преселиш за да служиш таму каде што има поголема потреба од објавители на Царството. Можеби ќе се прашуваш дали си дораснат на тие задачи. Но, биди уверен дека заслужуваш пофалба ако се ставаш на располагање за да може Јехова да те употреби таму каде што тој смета дека е најдобро. Мисли на Јонатан! Тој со Бог го извршил тоа дело.
Јонатан и Давид
Околу 20 години подоцна, Филистејскиот јунак Голијат се подбивал со израелската војска, но Давид го убил. Иако Јонатан веројатно бил 30 години постар од Давид, тие биле многу слични.a Давид имал иста храброст каква што покажал Јонатан кај Михмаш. А најмногу биле слични по тоа што Давид имал иста вера во Јеховината моќ да спаси, а тоа му помогнало бестрашно да му се спротивстави на Голијат, иако сите други Израелци не се осмелиле да го сторат тоа. Затоа, ‚душата на Јонатан се врзала за душата на Давид, и Јонатан го засакал како својата душа‘ (1. Самоилова 17:1 — 18:4).
Иако цар Саул гледал во Давид соперник поради способностите што ги имал, кај Јонатан немало ни трошка љубомора кон Давид. Тој и Давид станале многу блиски пријатели и, најверојатно во својот доверлив разговор, Јонатан дознал дека Давид бил помазан да биде следниот цар на Израел. Јонатан ја почитувал Божјата одлука.
Кога цар Саул кажал пред својот син и пред слугите дека Давид треба да биде убиен, Јонатан го предупредил Давид. Јонатан го уверувал Саул дека нема потреба да се плаши од Давид. Навистина, Давид во ништо не му згрешил на царот! Зарем не си го ризикувал животот кога му се спротивставил на Голијат? Јонатан со толкав жар го бранел својот погрешно обвинет пријател што успеал да го смири Саул. Меѓутоа, царот наскоро повторно се обидел да го убие Давид, со што го принудил да бега (1. Самоилова 19:1-18).
Јонатан лојално го поддржувал Давид. Тие двајца пријатели се сретнале за да се договорат што да прават. Растргнат меѓу лојалноста кон својот пријател и кон својот татко, Јонатан му рекол на Давид: „Ти во никој случај нема да умреш!“ Но Давид му рекол на Јонатан: „Само чекор ме дели од смртта“ (1. Самоилова 20:1-3).
Јонатан и Давид смислиле план за да проверат какви намери имал Саул. Ако царот забележи дека Давид не е на царската трпеза, Јонатан требало да му каже на својот татко дека Давид замолил да го пушти за да може заедно со семејството да принесе жртва. Ако Саул се разгневи, тоа би било јасен знак дека му е непријател на Давид. Јонатан го благословил со зборовите: „Јехова нека биде со тебе, како што беше со татко ми!“, и така го признал како иден цар. Двајцата се заколнале дека ќе бидат лојални еден на друг и се договориле како Јонатан да му го каже исходот (1. Самоилова 20:5-24).
Кога Саул забележал дека Давид бил отсутен, Јонатан објаснил дека Давид го замолил: „Ако сум ја стекнал твојата наклоност, те молам, пушти ме да отидам и да ги видам своите браќа“. Јонатан не се плашел да признае дека Давид ја имал неговата наклоност. Царот пламнал од лутина! Го навредил Јонатан и почнал да вика дека Давид ќе му го одземе престолот, и Јонатан нема да стане цар. Саул му наредил на Јонатан да го доведе Давид за да го убие. Јонатан одговорил: „Зошто мора да умре? Што направил?“ Разбеснет, Саул го гаѓал со копје својот син. Јонатан останал неповреден, но срцето му се кинело од жал за Давид (1. Самоилова 20:25-34).
Јонатан бил навистина многу лојален! Од човечка гледна точка, од пријателството со Давид не можел многу да добие, а можел многу да загуби. Сепак, Јехова одредил Давид да го наследи Саул како цар, а Божјата намера била за доброто и на Јонатан и на другите.
Трогателна разделба
Јонатан тајно се сретнал со Давид за да му ги пренесе новите информации. Било јасно дека Давид никогаш повеќе не смеел да стапне на царскиот двор на Саул. Двајцата плачеле и се прегрнувале. Потоа Давид избегал и се криел (1. Самоилова 20:35-42).
Јонатан се видел со бегалецот само уште еднаш, кога Давид се криел од Саул „во пустината Зиф, во Орес“. Тогаш Јонатан го охрабрил Давид со зборовите: „Не плаши се, зашто нема да те стигне раката на мојот татко Саул. Ти ќе царуваш над Израел, а јас ќе бидам втор, веднаш до тебе. Мојот татко Саул добро го знае тоа“ (1. Самоилова 23:15-18). Наскоро потоа, Јонатан и Саул загинале во една битка против Филистејците (1. Самоилова 31:1-4 ).
Сите што го сакаат Бог треба да размислуваат за примерот на Јонатан. Дали се двоумиш кому да му бидеш лојален? Тогаш сети се дека Саул го поттикнувал Јонатан да гледа само за себе. Но Јонатан го славел Јехова со својата искрена подложност и почит и се радувал што следниот израелски цар бил избран од Бог. Го поддржувал Давид и му бил лојален на Јехова.
Јонатан имал прекрасни особини. Угледај се на него! Ако го сториш тоа, тогаш и за тебе, како што било кажано за Јонатан, ќе може да се каже: „Со Бог го изврши... ова дело“ (1. Самоилова 14:45).
[Фуснота]
a Јонатан имал најмалку 20 години кога за првпат се спомнува како воен заповедник на почетокот од 40 годишното владеење на Саул (4. Мојсеева 1:3; 1. Самоилова 13:2). Според тоа, најверојатно имал скоро 60 години кога умрел во 1078 год. пр.н.е. Бидејќи Давид во тоа време имал 30 години, Јонатан очигледно бил околу 30 години постар од него (1. Самоилова 31:2; 2. Самоилова 5:4).
[Слика на страница 19]
Јонатан не му бил љубоморен на Давид