Одлуки што водат до среќа
„КАМО да постапев поинаку!“ Колкупати си го помислил тоа? Сите ние сакаме да донесеме одлуки за кои подоцна нема да зажалиме, особено ако тие влијаат врз целиот наш живот. Затоа, како да донесеме одлуки кои ќе нѐ водат до среќа?
Како прво, треба да имаме мерила кои се навистина веродостојни. Дали воопшто постојат такви мерила? Многумина мислат дека не постојат. Според една анкета во САД, 75% од средношколците во погорните класови мислат дека не постои едно мерило за исправно и погрешно, туку дека секој сам, во зависност од „личното искуство и средината“, одредува што е добро, а што лошо.
Дали навистина е разумен ставот дека секој човек и секоја средина може да си има свои мерила за морал? Не, не е. Ако луѓето слободно можат да прават сѐ што ќе им падне на памет, ќе настане хаос. Кој сака да живее во град во кој нема ни закони, ни судови, ни полиција? Освен тоа, личното мислење не е секогаш исправно. Она што во даден момент ни се чини дека е исправно, подоцна лесно може да испадне дека било погрешно. Всушност, целата човечка историја е сведок дека е точно библиското правило: „Човекот кој оди не може да управува со своите чекори“ (Еремија 10:23). Тогаш, каде да се обратиме за совет кога донесуваме важни одлуки во животот?
Младиот владетел, кого го спомнавме во претходната статија, мудро побарал совет од Исус. Како што видовме, Исус му одговорил со цитат од Божјиот закон. Тој бил свесен дека Јехова Бог е најголемиот Извор на знаење и мудрост и дека Тој знае што е најдобро за луѓето, бидејќи самиот ги создал. Затоа рекол: „Она за кое поучувам не е мое, туку доаѓа од оној што ме испрати“ (Јован 7:16). Навистина, Божјата реч е веродостоен извор на совети кои ќе ни помогнат да донесеме мудри одлуки во животот. Да разгледаме неколку начела од Божјата реч кои ќе нѐ направат посреќни, но само ако ги примениме.
Златното правило
Во својата позната Проповед на гората, Исус кажал едно основно начело што може да ни помогне мудро да одлучиме како да постапиме со луѓето. Тој го рекол следново: „Сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, правете им го и вие ним“ (Матеј 7:12). Ова правило на однесување честопати се нарекува Златното правило.
Некои сакаат да го кажат истото, но користат негација: „Не прави им го на другите она што не сакаш да ти го направат тебе“. За да видиме која е разликата меѓу ова правило и Златното правило, да ја разгледаме Исусовата споредба со милосрдниот Самарјанин. Еден Евреин бил претепан и оставен полумртов покрај патот. Го виделе еден свештеник и еден левит, но го одминале. Бидејќи со ништо не му ги зголемиле маките, може да се рече дека постапиле според негативната верзија на Златното правило. За разлика од нив, еден Самарјанин кој минувал по патот застанал да му помогне на претепаниот човек. Му ги преврзал раните и го однел во една гостилница. Тој го направил за човекот она што би сакал да го направат за него доколку се најде во иста ситуација. Решил да го примени Златното правило — и не погрешил (Лука 10:30-37).
Во многу ситуации можеме да го примениме ова правило на однесување, и да бидеме среќни. Да речеме дека си добил нови соседи. Зошто да не им пристапиш прв за да се запознаете и да им изразиш добредојде? Би можел да им ја покажеш населбата и да им помогнеш ако им треба нешто или ако имаат прашања. Ако го направиш првиот чекор како љубезен и заинтересиран сосед, ќе придонесеш за добрососедски односи. Исто така, ќе ти биде мило што си му угодил на Бог. Зарем тоа не би било мудра одлука?
Одлуки донесени од љубов кон другите
Освен Златното правило, Исус дал и други начела што ќе ни помогнат да донесуваме мудри одлуки. Кога го прашале која е најголемата заповед во Мојсеевиот закон, Исус одговорил: „,Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум‘. Тоа е најголемата и прва заповед. Втората, слична на неа, е оваа: ‚Сакај го својот ближен како себеси‘. На овие две заповеди се темелат целиот Закон и Пророците“ (Матеј 22:36-40).
Ноќта пред да умре, Исус им дал на своите ученици „нова заповед“, да се сакаат еден со друг (Јован 13:34). Зошто ја опишал како „нова“? Зарем веќе не им објаснил дека љубовта кон ближниот е една од двете заповеди на кои се темели целиот Закон? Во Мојсеевиот закон, на Израелците им било заповедано: „Сакај го својот ближен како самиот себе“ (3. Мојсеева 19:18). Меѓутоа, Исус им заповедал на своите ученици да прават повеќе. Истата таа ноќ, им кажал дека наскоро ќе го даде својот живот за нив. Потоа им рекол: „Ова е мојата заповед: сакајте се еден со друг како што јас ве сакав вас! Никој нема поголема љубов од оваа: да го даде својот живот за своите пријатели“ (Јован 15:12, 13). Според тоа, оваа заповед била нова бидејќи бара од секого да го стави доброто на другите луѓе пред сопственото.
Наместо да гледаме само за себе, можеме на многу начини да покажеме несебична љубов. Да речеме дека живееш во стан и многу сакаш да слушаш гласна музика, но на соседите тоа им пречи. Дали би бил спремен да си скратиш од задоволството за соседите да имаат мир? Со други зборови, ќе ги ставиш ли желбите на соседите пред своите?
Да разгледаме уште една ситуација. Еден студен и снежен зимски ден во Канада, кај еден постар човек дошле двајца Јеховини сведоци. Додека зборувале, човекот спомнал дека има проблеми со срцето, па затоа не го исчистил снегот пред куќата. Околу еден час подоцна, слушнал ринење со лопати. Двајцата Сведоци се вратиле за да исчистат пред неговиот влез. „Денес видов христијанска љубов на дело“, напишал тој во писмото до канадската подружница на Јеховините сведоци. „Тоа навистина ме охрабри и го промени мојот претежно песимистичен став кон денешниов свет. Освен тоа, додатно ја зголеми мојата досегашна почит кон вашите активности во целиот свет“. Ако решиме да помогнеме, колку и да е малку тоа што ќе го направиме, можеме позитивно да влијаеме врз другите. А на крајот и самите ќе бидеме среќни, без разлика колку сме се помачиле!
Одлуки донесени од љубов кон Бог
Следна работа што треба да ја земеме предвид кога донесуваме одлуки е заповедта за која Исус рекол дека е најголема — да го сакаме Бог. Тие зборови Исус им ги упатил на Евреите кои, како народ, му ветиле на Јехова дека ќе му служат. Сепак, секој Израелец требало за себе да одлучи дали ќе му служи на Бог со сета душа и дали ќе го сака со сето срце (5. Мојсеева 30:15, 16).
И твоите одлуки покажуваат што чувствуваш кон Бог. На пример, можеби стануваш посвесен дека е корисно и добро да постапуваме како што нѐ советува Библијата, па затоа треба да донесеш одлука. Дали ќе почнеш темелно да ја проучуваш Библијата за да станеш следбеник на Исус? Ако решиш да го направиш тоа, сигурно ќе станеш посреќен, бидејќи Исус рекол: „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“ (Матеј 5:3).
Не знаеме дали младиот владетел зажалил што донел таква одлука. Меѓутоа, знаеме што чувствувал апостол Петар откако со години го следел Исус Христос. Околу 64 год. од н.е., кратко пред крајот на својот живот, ги охрабрил соверниците: „Дајте сѐ од себе за тој да ве најде неизвалкани и неосквернети и во мир“ (2. Петрово 1:14; 3:14). Јасно е дека на Петар не му било жал што донел таква одлука 30 години пред тоа, па затоа ги охрабрил и другите да останат на истата одлука.
Ако го послушаме советот на Петар, ќе решиме да станеме Христови ученици и да ги држиме Божјите заповеди (Лука 9:23; 1. Јованово 5:3). Тоа можеби ни изгледа тешко, но Исус нѐ утешил со ветувањето: „Дојдете кај мене сите вие што сте изморени и оптоварени, и јас ќе ве закрепнам. Земете го мојот јарем на себе и учете од мене, зашто јас сум благ и со понизно срце, и ќе најдете поткрепа за своите души! Зашто, мојот јарем е пријатен и мојот товар е лесен“ (Матеј 11:28-30).
Земи го за пример Артур. Кога имал 10 години, почнал да свири на виолина, а неговиот талент го водел кон професионална кариера. На 14 години веќе бил концертен солист на виолина. Сепак, не бил среќен. И татко му на Артур секогаш имал прашања во врска со смислата на животот, и затоа поканувал дома наставничи по религија, но не бил задоволен од одговорите. Како семејство исто така разговарале за тоа дали Бог навистина постои и зошто го дозволува злото. Еднаш татко му на Артур разговарал со Јеховините сведоци. Тој разговор многу му се допаднал, и затоа прифатил Сведоците да ги поучуваат за Библијата сите нив, како семејство.
Со текот на времето, Артур сѐ подобро разбирал, на темел на Светото писмо, зошто Бог дозволува луѓето да страдаат и јасно увидел која е смислата на животот. Заедно со други три члена од неговото семејство, Артур донел одлука за која не зажалил. Му го посветил својот живот на Јехова. „Толку сум среќен што Јехова ме благослови така што ми помогна да ја дознаам вистината и ме избави од борбата за престиж која честопати се води во светот на музичарите. Луѓето се готови да направат сѐ, само за да станат успешни“, вели тој.
Артур сѐ уште со задоволство свири на виолина пред своите пријатели, но неговиот живот не се врти само околу свирењето. Наместо тоа, главна преокупација му е службата за Бог. Тој служи во една подружница на Јеховините сведоци. Како Артур, а и како милиони други, а не како богатиот млад владетел, и ти можеш да донесеш одлука која ќе ти го исполни животот со најголемата среќа, а тоа е: да ја прифатиш поканата на Исус да станеш негов следбеник.
[Слика на страница 6]
Твојата одлука да им помагаш на другите позитивно ќе влијае врз нивниот живот
[Слика на страница 7]
Дали сакаш да ја проучуваш Библијата и да станеш следбеник на Исус?