Достојни да го примат Царството
„Сето тоа е доказ дека Бог праведно суди и дека ќе бидете прогласени за достојни за Божјето царство“ (2. СОЛ. 1:5).
1, 2. Каква намера има Бог во врска со судењето, и кој ќе суди?
ОКОЛУ 50 год. од нашата ера, апостол Павле ја посетил Атина. Вознемирен од идолопоклонството кое можело да се види на секој чекор, бил поттикнат да им даде извонредно сведоштво на атињаните. Својот говор го завршил со една изјава која сигурно го привлекла вниманието на неговите неизраелски слушатели. Тој рекол: „Сега [Бог] им порачува на сите луѓе насекаде да се покаат. Зашто, определи ден во кој науми да му суди на целиот свет според правдата, преку човек кого го одреди за тоа, а сето тоа го потврди пред сите луѓе така што го воскресна од мртвите“ (Дела 17:30, 31).
2 Колку отрезнувачка е помислата дека Бог наумил во иднина да му суди на човештвото! Иако во својот говор во Атина апостол Павле не го спомнал по име оној што ќе суди, ние знаеме дека тоа е воскреснатиот Исус Христос. Судот што ќе го донесе Исус за нас ќе значи или живот или смрт.
3. Зошто Јехова склучил сојуз со Авраам, и кој има посебна улога во неговото исполнување?
3 Судниот ден ќе трае 1.000 години. Исус, како Цар на Божјето Царство, ќе заседава со овој суд во Јеховино име, но нема да биде единствениот што ќе суди. Јехова избира и други луѓе од Земјата за да владеат со Исус и да судат во тој илјадагодишен ден. (Спореди Лука 22:29, 30.) Пред речиси 4.000 години, Јехова го положил темелот за тој Суден ден кога склучил сојуз со својот верен слуга Авраам. (Прочитај 1. Мојсеева 22:17, 18.) Изгледа дека тој сојуз стапил на сила во 1943 год. пр.н.е. Се разбира, Авраам не можел потполно да разбере што ќе значи тој сојуз за човештвото. Но, ние денес сфаќаме дека, според условите што биле изнесени во него, потомството на Авраам има посебна улога во исполнувањето на Божјата намера да им суди на луѓето.
4, 5. а) Кој е главниот дел од потомството на Авраам, и што рекол тој за Царството? б) Кога била отворена можноста некои луѓе да станат дел од Божјето Царство?
4 Се покажало дека главниот дел од потомството на Авраам е Исус кој, во 29 год. од н.е., бил помазан со свет дух и станал ветениот Месија, односно Христос (Гал. 3:16). Следните три и пол години Исус ги поминал проповедајќи му ја добрата вест за Царството на еврејскиот народ. Откако бил уапсен Јован Крстител, Исус покажал дека и други имаат можност да станат членови на тоа Царство, кога рекол: „Од деновите на Јован Крстител до сега, луѓето со сите свои сили сакаат да се дограбат до царството небесно, и оние што се трудат со сите свои сили, успеваат во тоа“ (Мат. 11:12).
5 Интересно е што веднаш пред да ги спомне оние што ќе „се дограбат“ до небесното Царство, Исус рекол: „Вистина, ви велам, меѓу родените од жена не се појавил некој поголем од Јован Крстител, но помалиот во царството небесно е поголем од него“ (Мат. 11:11). Зошто го кажал ова? Затоа што пред Педесетница 33 год. од н.е., кога бил излеан светиот дух, на верните лица не им била отворена можноста да станат дел од Божјето Царство. Дотогаш Јован Крстител веќе бил мртов (Дела 2:1-4).
Потомството на Авраам е прогласено за праведно
6, 7. а) Во кој поглед потомството на Авраам требало да биде како „ѕвездите на небото“? б) Каков благослов добил Авраам, и каков сличен благослов добива и неговото потомство?
6 Јехова му рекол на Авраам дека неговото потомство ќе се намножи како „ѕвездите на небото“ и како зрнцата песок на морскиот брег (1. Мој. 13:16; 22:17). Со други зборови, ова значи дека во времето на Авраам луѓето не можеле да знаат колкумина ќе спаѓаат во ова потомство. Сепак, со текот на времето било откриено колку ќе изнесува точниот број. Покрај Исус, потомството требало да брои 144.000 (Отк. 7:4; 14:1).
7 Во врска со верата на Авраам, Божјата реч вели: „[Авраам] му поверува на Јехова, а тој го сметаше за праведен поради тоа“ (1. Мој. 15:5, 6). Се разбира, ниту еден човек не е апсолутно праведен (Јаков 3:2). Сепак, поради тоа што Авраам имал извонредна вера, Јехова постапувал со него како да е праведен, па дури и го нарекол свој пријател (Иса. 41:8). Оние што го сочинуваат духовното потомство на Авраам заедно со Исус, исто така се прогласени за праведни, и затоа добиваат уште поголеми благослови од оние што ги добил Авраам.
8. Какви благослови ги очекуваат членовите на потомството на Авраам?
8 Помазаните христијани се прогласени за праведни бидејќи покажуваат вера во откупната жртва на Исус (Рим. 3:24, 28). Во Јеховини очи, тие се ослободени од гревот, и затоа можат да бидат помазани со свет дух и да станат духовни синови на Бог и браќа на Исус Христос (Јован 1:12, 13). Овие христијани стапуваат во новиот сојуз и стануваат нов народ, „Израелот Божји“ (Гал. 6:16; Лука 22:20). Каква огромна чест претставува тоа за нив! Бидејќи Бог го прави сето ова за помазаните христијани, тие немаат надеж дека ќе живеат засекогаш на Земјата. Ја жртвуваат таа надеж за да ја доживеат неописливата радост од тоа што ќе судат заедно со Исус во Судниот ден и ќе владеат со него од небото. (Прочитај Римјаните 8:17.)
9, 10. а) Кога биле христијаните за првпат помазани со свет дух, и што ги очекувало? б) Каква помош добиле помазаните христијани?
9 На Педесетница 33 год. од н.е., на една група верни луѓе им била дадена можност да станат дел од оние што ќе владеат со Исус во Судниот ден. Околу сто и дваесет ученици на Исус биле крстени со свет дух и станале првите помазани христијани. Меѓутоа, за нив тоа било само почеток. Оттогаш натаму, морале да покажат дека му се верни на Јехова и покрај сите искушенија што им ги нанел Сатана. За да бидат наградени со небесен живот, тие морале да останат верни до смрт (Отк. 2:10).
10 За да им помогне да останат верни, Јехова, преку својата Реч и преку христијанското собрание, им ги дава на овие помазани христијани сите потребни совети и охрабрувања. На пример, апостол Павле им го напишал следново на помазаните христијани во Солун: „Како татко своите деца, секого од вас го поттикнувавме и го тешевме и го заколнувавме да водите живот достоен на Бог, кој ве повикува во своето царство и слава“ (1. Сол. 2:11, 12).
11. Каков пишан запис оставил Јехова за членовите на „Израелот Божји“?
11 Во децениите што следеле откако биле избрани првите членови на собранието од помазани христијани, Јехова дал да се направи траен запис за Исусовата служба на Земјата, како и за начинот на кој Исус постапувал со помазаните христијани во првиот век и за советите што им ги дал. На тој начин Јехова ги додал вдахновените Христијански грчки списи на веќе постоечките Хебрејски списи. Хебрејските списи пред сѐ биле запишани за родените Израелци, и тоа во време кога тие биле во посебен однос со Бог. Христијанските грчки списи главно биле запишани за „Израелот Божји“, односно за сите помазани браќа на Христос и духовни синови на Бог. Се разбира, ова во никој случај не значи дека не-Израелците не можеле да имаат корист од проучувањето на Хебрејските списи. Слично на тоа, и христијаните што не се помазани со свет дух имаат огромна корист од тоа што ги проучуваат и живеат во склад со советите што се запишани во Христијанските грчки списи. (Прочитај 2. Тимотеј 3:15-17.)
12. Какво потсетување им дал Павле на помазаните христијани?
12 Христијаните во првиот век биле прогласени за праведни и биле помазани со свет дух за да можат да го добијат своето небесно наследство. Но, тоа што биле помазани не значело дека можат да царуваат над другите помазани христијани додека сѐ уште се на Земјата. По сѐ изгледа, некои од тие први христијани го изгубиле ова од вид, па почнале да бараат нивните браќа во собранието да им укажуваат преголема чест. Како резултат на ова, Павле бил наведен да праша: „Зарем веќе се наситивте? Зарем веќе се обогативте? Зарем без нас почнавте да царувате? Барем да почневте да царувате, па и ние да царувавме со вас“ (1. Кор. 4:8). Затоа, Павле ги потсетил помазаниците што живееле тогаш: „Не велам дека ние сме господари на вашата вера, туку дека сме ваши соработници за да бидете радосни“ (2. Кор. 1:24).
Пополнување на проречениот број
13. Како продолжило избирањето на помазаниците по 33 год. од н.е.?
13 Во првиот век не биле избрани сите 144.000 помазани христијани. Јехова продолжил да ги избира додека биле живи и апостолите, но се чини дека во наредните векови повикал релативно мал број поединци. Сепак, избирањето на помазаници продолжило и низ вековите што следеле, и трае сѐ до нашево време (Мат. 28:20). На крајот, откако Исус се зацарил во 1914 год., настаните почнале да се одвиваат со забрзано темпо.
14, 15. Што се случува во нашево време во врска со избирањето на помазаници?
14 Најпрво Исус ја отстранил од небото секоја трага на противење на Божјата власт. (Прочитај Откровение 12:10, 12.) Потоа го свртел своето внимание кон собирањето на останатите можни членови на својата царска влада за да се пополни бројот од 144.000. Се чини дека, до средината на 1930-тите, ова собирање било при крај и веќе мнозина од оние што ја прифаќале пораката за Царството не изразувале желба да одат на небото. Духот не им сведочел дека се Божји синови. (Спореди Римјаните 8:16.) Напротив, тие се изјаснувале како „други овци“, кои имаат надеж да живеат засекогаш во Рајот на Земјата (Јован 10:16). Затоа, од 1935 год. наваму, главна цел на проповедањето е да се собере ‚големото мноштво‘ луѓе кои апостол Јован ги видел во едно видение и кои ќе ја преживеат „големата неволја“ (Отк. 7:9, 10, 14).
15 Сепак, и по 1930-тите имало поединци кои биле избрани за на небото. Зошто? Во некои случаи можеби се замена за други лица кои биле избрани пред тоа, но не му останале верни на Бог. (Спореди Откровение 3:16.) Павле зборувал и за некои свои лични познајници кои повеќе не биле во вистината (Фил. 3:17-19). Кого Јехова би го повикал да служи како замена на ваквите лица? Се разбира, за тоа одлучува лично тој. Сепак, разумно е да се каже дека нема да избере некои новообратени лица, туку луѓе што веќе во одредена мера ја докажале својата верност, како што, на пример, било случај со учениците со кои бил Исус кога го вовел одбележувањето на својата смртa (Лука 22:28).
16. За што сме благодарни во врска со помазаниците, и во што можеме да имаме целосна доверба?
16 Меѓутоа, се чини дека не сите што добиле небесен позив од 1930-тите наваму се замена за оние што отпаднале. Очигледно Јехова сака да има помазани христијани меѓу нас во последните денови од овој поредок сѐ до самото уништување на „Големиот Вавилон“b (Отк. 17:5). Можеме да бидеме сигурни дека целосниот број од 144.000 членови ќе биде пополнет во времето што го одредил Јехова и дека сите тие на крајот ќе ги заземат своите места во владата на Царството. Можеме да имаме доверба и во пророчката Реч дека сѐ побројното големо мноштво како група и понатаму ќе му остане верно на Јехова. Наскоро тоа ќе ја преживее големата неволја која ќе го погоди Сатановиот свет и радосно ќе влезе во Божјиот нов свет.
Божјата небесна влада е речиси целосна!
17. Според 1. Солуњаните 4:15-17 и Откровение 6:9-11, што се случило со помазаните христијани кои умреле верни?
17 Од 33 год. од н.е. наваму, десетици илјади помазани христијани покажале силна вера и лојално истрајале до смрт. Овие лица веќе биле прогласени за достојни да го примат Царството и, по сѐ изгледа, почнувајќи од првите години на Христовата присутност, ја добиваат својата небесна награда. (Прочитај 1. Солуњаните 4:15-17; Откровение 6:9-11.)
18. а) Во што се сигурни помазаниците кои сѐ уште се на Земјата? б) Како гледаат другите овци на своите помазани христијански браќа?
18 Оние помазаници кои сѐ уште се на Земјата се сосема сигурни дека, ако останат верни, и тие наскоро ќе бидат наградени за својата верност. Милиони од другите овци, кога размислуваат за верата на своите помазани браќа, се согласуваат со она што го рекол апостол Павле за помазаните браќа во Солун: „Меѓу Божјите собранија се гордееме со вас поради вашата истрајност и вера во сите ваши прогонства и неволји што ги поднесувате. Сето тоа е доказ дека Бог праведно суди и дека ќе бидете прогласени за достојни за Божјето царство, за кое и страдате“ (2. Сол. 1:3-5). Кога последниот помазаник на Земјата ќе умре, сеедно кога ќе се случи тоа, Божјата небесна влада ќе биде целосна. Колку силна причина за радост ќе има тогаш, и на небото и на Земјата!
[Фусноти]
b Види ја рубриката „Прашања од читателите“ во Стражарска кула од 1 мај 2007.
Можеш ли да објасниш?
• Што му открил Бог на Авраам во врска со Судниот ден?
• Зошто Авраам бил прогласен за праведен?
• Што значи за потомците на Авраам тоа што се прогласени за праведни?
• Во што се сигурни сите христијани?
[Слика на страница 20]
Исус ги охрабрил своите следбеници да се трудат со сите сили да се дограбат до Царството
[Слика на страница 21]
На Педесетница 33 год. од н.е., Јехова почнал да ги избира членовите на споредниот дел од потомството на Авраам
[Слики на страница 23]
Другите овци се благодарни што помазаните христијани се заедно со нив во текот на последните денови