Исус Христос — најголемиот Мисионер
„Јас... сум негов застапник, и тој ме испрати“ (ЈОВАН 7:29).
1, 2. Што значи зборот „мисионер“, и за кого може да се каже дека е најголемиот Мисионер?
НА ШТО помислуваш кога ќе го слушнеш зборот „мисионер“? Некои помислуваат на мисионерите што ги испраќал христијанскиот свет. За жал, мнозина од нив се вмешале во политиката и економијата на земјите каде што биле пратени да служат. Но, како Јеховин сведок, ти веројатно помислуваш на мисионерите што ги испраќа Водечкото тело за да ја проповедаат добрата вест во разни земји низ целиот свет (Мат. 24:14). Овие мисионери несебично ги трошат своето време и сила на една благородна цел — им помагаат на луѓето да станат блиски со Јехова Бог и да склопат скапоцено пријателство со него (Јак. 4:8).
2 Зборовите „мисионер“ и „мисионери“ не се спомнуваат во главниот текст на Светото писмо — превод Нов свет. Меѓутоа, изворниот грчки збор за „проповедници“, кој се користи во Ефешаните 4:11, исто така може да се преведе и со „мисионери“. Јехова е најголемиот Проповедник, но не може да се каже дека тој е и најголемиот Мисионер, бидејќи него никој не го испратил на некоја мисија или задача. Но, во врска со својот небесен Татко, Исус Христос рекол: „Јас... сум негов застапник, и тој ме испрати“ (Јован 7:29). Бидејќи толку многу ги сакал луѓето, Јехова го испратил својот единороден Син на Земјата (Јован 3:16). Може да се каже дека Исус е најголемиот и најдобриот Мисионер, бидејќи една од причините зошто бил испратен на Земјата била ‚да сведочи за вистината‘ (Јован 18:37). Тој ја проповедал добрата вест за Царството на извонреден начин, и ние до ден-денес имаме корист од неговата служба. На пример, сеедно дали сме мисионери или не, кога проповедаме, и ние можеме да се служиме со методите на поучување со кои се служел тој.
3. Кои прашања ќе ги разгледаме?
3 Кога бил на Земјата, Исус проповедал за Царството. Ова ги наметнува следниве прашања: Со што се соочил додека бил овде? Зошто неговото поучување било делотворно? И зошто неговата служба била успешна?
Спремен да проповеда во нови околности
4-6. Наведи неколку промени кои ги доживеал Исус кога бил испратен на Земјата.
4 Денешните мисионери, како и некои други христијани кои се преселуваат во места каде што има поголема потреба од објавители на Царството, можеби треба да се навикнат на услови кои се под нивниот поранешен стандард на живеење. Сепак, не можеме ни да си замислиме колку различни биле условите во кои живеел Исус на Земјата од условите на небото, каде што бил заедно со својот Татко опкружен со ангели што му служат на Јехова од чисти мотиви (Јов 38:7). Колку поинаков му бил животот меѓу грешни луѓе во еден расипан свет! (Мар. 7:20-23). Исус морал да се соочи и со соперништвото што постоело меѓу неговите најблиски ученици (Лука 20:46; 22:24). Но, се разбира, тој се справил на совршен начин со секоја ситуација во која се нашол на Земјата.
5 Исус не почнал со чудо да зборува човечки јазик, туку морал да го учи како бебе. Ова била просто неопислива промена за него кога ќе се земе предвид дека пред тоа им заповедал на ангелите на небото! На Земјата, Исус зборувал барем еден човечки јазик, кој бил потполно различен од ‚ангелските јазици‘ (1. Кор. 13:1). Но, што се однесува до привлечните зборови, не постоел друг човек што зборувал како Исус (Лука 4:22).
6 Размисли и за некои други работи што многу се промениле за Божјиот Син кога дошол на Земјата. Иако не наследил грев од Адам, Исус сепак бил човек, исто како оние што подоцна станале негови „браќа“, односно помазани следбеници. (Прочитај Евреите 2:17, 18.) Последната вечер од својот живот на Земјата Исус не го замолил својот небесен Татко да му испрати „повеќе од дванаесет легии ангели“. Но, замисли си само над колку ангели имал власт како Архангел Михаел! (Мат. 26:53; Јуда 9). Се разбира, Исус правел чуда, но сепак, она што го правел на Земјата било релативно малку во споредба со она што би го правел на небото.
7. Како постапувале Евреите во поглед на Законот?
7 Пред да живее како човек на Земјата, Исус бил наречен „Речта“, и можеби служел како Божји Гласноговорник кој ги водел Израелците низ пустината (Јован 1:1; 2. Мој. 23:20-23). Тие ‚го примиле Законот преку ангели, но не го држеле‘ (Дела 7:53; Евр. 2:2, 3). Всушност, еврејските верски водачи од првиот век не го сфатиле вистинското значење на Законот. На пример, размисли за законот за саботата. (Прочитај Марко 3:4-6.) Книжниците и фарисеите ‚го занемариле она што е поважно во Законот: правдата, милосрдноста и верноста‘ (Мат. 23:23). Сепак, Исус не заклучил дека залудно се труди околу нив и не престанал да ја објавува вистината.
8. Зошто Исус може да ни дојде на помош?
8 Исус имал спремен дух. Бил мотивиран од љубов кон луѓето и многу сакал да им помогне. Тој горел од желба да им проповеда. Затоа што му бил верен на Јехова кога живеел на Земјата, Исус ‚станал носител на вечното спасение на сите оние што му се послушни‘. Освен тоа, ‚бидејќи и самиот страдал кога бил искушуван, тој може да им дојде на помош на оние [како нас] што се во искушенија‘ (Евр. 2:18; 5:8, 9).
Добро обучен Учител
9, 10. Каква обука добил Исус пред да биде испратен на Земјата?
9 Денес Водечкото тело организира посебна школа за христијаните кои сакаат да служат како мисионери, за да ја добијат потребната обука пред да бидат испратени на своите задачи. Дали Исус Христос бил исто така обучен за својата задача? Да. Но, тој не одел во рабинските школи пред да биде помазан за Месија ниту, пак, бил поучуван крај нозете на некои угледни верски водачи (Јован 7:15; спореди со Дела 22:3). Тогаш, зошто Исус бил толку оспособен да поучува?
10 Иако научил многу работи од својата мајка, Марија, и својот очув, Јосиф, Исус главно бил поучен за својата служба од Јехова, најголемиот Учител. Во врска со ова, Исус рекол: „Јас не зборував сам од себе, туку самиот Татко, кој ме испрати, ми даде заповед што да кажам и што да зборувам“ (Јован 12:49). Забележи дека Синот добил конкретни упатства околу тоа што да поучува. Пред да дојде на Земјата, тој сигурно поминал многу време слушајќи ги поуките на својот Татко. Дали воопшто можел да добие подобра обука?
11. Во која мера Исус го одразувал истиот став што и Бог го има кон луѓето?
11 Од моментот кога бил создаден, Синот имал близок однос со својот Татко. Долго пред да живее како човек на Земјата, тој сфатил каков став има Бог кон луѓето додека гледал како Јехова постапува со нив. Синот чувствувал исто толкава љубов кон човештвото. Како вистинско олицетворение на мудроста, тој можел да каже: „Им се радував на синовите човечки“ (Изр. 8:22, 31).
12, 13. а) Како Исус учел од тоа што гледал како неговиот Татко постапува со Израелците? б) Како Исус ја искористил обуката што ја добил?
12 Јехова го поучил својот Син и со тоа што му дозволил да гледа како Тој постапува во тешки ситуации. На пример, размисли како Бог постапувал со непослушните Израелци. Неемија 9:28 вели: „Штом ќе настапеше мир, пак го правеа она што е зло пред тебе [Јехова], и ти ги препушташе во рацете на нивните непријатели, кои ги газеа. Тогаш се обраќаа и те викаа на помош, а ти ги слушаше од небото и, во своето големо милосрдие, многу пати ги избави“. Бидејќи Исус го гледал Јехова и соработувал со него, можел да покаже слично сочувство кон луѓето на своето подрачје (Јован 5:19).
13 Исус го применил во пракса она што го научил, покажувајќи сочувство во постапките со своите ученици. Ноќта пред да умре, сите апостоли, кои толку многу ги сакал, ‚го оставиле и побегнале‘ (Мат. 26:56; Јован 13:1). Апостол Петар дури и се одрекол од него — и тоа не еднаш, туку трипати! Сепак, Исус им дал шанса да му се вратат. Тој му рекол на Петар: „Јас сесрдно се молев за тебе, твојата вера да не ослаби. А ти, штом ќе се вратиш, зајакни ги своите браќа!“ (Лука 22:32). Духовниот Израел е цврсто втемелен на „апостолите и пророците“, а имињата на 12-те верни апостоли на Јагнето, Исус Христос се напишани на камен-темелниците во ѕидот на Новиот Ерусалим. До денешен ден, помазаните христијани и нивните верни придружници, ‚другите овци‘, успешно проповедаат за Царството под моќната Божја рака и под водство на неговиот сакан Син (Еф. 2:20; Јован 10:16; Отк. 21:14).
Како поучувал Исус
14, 15. Во кој поглед поучувањето на Исус се разликувало од поучувањето на книжниците и фарисеите?
14 Како го применил Исус она што го знаел за да ги поучи своите следбеници? Ако го споредиме начинот на кој поучувал тој со начинот на кој поучувале еврејските верски водачи, јасно гледаме дека Исус поучувал далеку подобро од нив. Книжниците и фарисеите ‚ја обезвредниле речта Божја поради своето предание‘. За разлика од нив, Исус не зборувал сам од себе. Напротив, тој цврсто се држел за она што стоело во Божјата реч, односно се држел за пораката (Мат. 15:6; Јован 14:10). И ние треба да го правиме истото.
15 Исус бил потполно поинаков од верските водачи и во друг поглед. Во врска со книжниците и фарисеите, тој рекол: „Правете и држете сѐ што ви кажуваат, но не постапувајте според нивните дела, бидејќи зборуваат, а не извршуваат“ (Мат. 23:3). Исус го правел она што го зборувал. Да видиме еден пример што ни го потврдува ова.
16. Зошто може да се каже дека Исус живеел во склад со своите зборови кои се запишани во Матеј 6:19-21?
16 Исус ги поттикнал своите ученици ‚да си собираат богатство на небото‘. (Прочитај Матеј 6:19-21.) Дали тој лично живеел во склад со тој совет? Да, бидејќи искрено кажал за себеси: „Лисиците имаат дувла и птиците небесни имаат гнезда, а Синот човечки нема каде глава да потпре“ (Лука 9:58). Исус живеел едноставно. Главна цел му била да ја објавува добрата вест за Царството. Тој покажал што значи човек да ги нема грижите што ги носи трупањето на богатство на Земјата. Нагласил дека е далеку подобро да се собира богатство на небото, „каде што ниту молец ниту ’рѓа не нагризуваат и каде што крадци не провалуваат и не крадат“. Дали си послушен на неговиот совет да си собираш богатство на небото?
Зошто Исус им бил мил на луѓето
17. Што му помогнало на Исус да биде извонреден проповедник?
17 Што му помогнало на Исус да биде извонреден проповедник? Една работа бил неговиот став кон луѓето на кои им помагал. Исус бил понизен, ги сакал луѓето и сочувствувал со нив, исто како својот Татко, Јехова. Забележи како овие особини привлекле многу луѓе кон Исус.
18. Зошто може да се каже дека Исус бил понизен?
18 Кога ја прифатил задачата да дојде на Земјата, Исус ‚се одрекол од самиот себе и зел облик на роб и станал сличен на луѓето‘ (Фил. 2:7). Така покажал понизност. Освен тоа, Исус не гледал од високо на луѓето. Не се правел важен, како да сакал да им каже: ‚Слушајте вие, јас дојдов дури од небото за вас и мора да ме слушате!‘ За разлика од самопрогласените лажни месии, Исус не трубел на сите страни дека тој е вистинскиот Месија. Напротив, понекогаш дури им забранувал на луѓето да кажуваат кој е тој или што сторил за нив (Мат. 12:15-21). Исус сакал другите сами да одлучат дали ќе го следат на темел на тоа што го гледале со свои очи. Колку биле среќни неговите ученици што нивниот Господар не очекувал од нив да бидат како совршените ангели со кои се дружел на небото!
19, 20. Како љубовта и сочувството го поттикнале Исус да им помага на луѓето?
19 Исус Христос исто така покажувал љубов, која е главна особина на неговиот небесен Татко (1. Јов. 4:8). Исус од љубов ги поучувал оние што го слушале. На пример, забележи какви чувства имал кон еден млад поглавар. (Прочитај Марко 10:17-22.) Исус почувствувал наклоност кон него и сакал да му помогне, но младиот поглавар не сакал да се откаже од големиот имот за да тргне по стапките на Христос.
20 Сочувството било уште една особина поради која Исус им бил мил на луѓето. Како и сите несовршени луѓе, оние што го прифаќале неговото поучување биле оптоварени со проблеми. Бидејќи бил свесен за ова, Исус ги сожалувал и сочувствително ги поучувал. На пример, во една прилика тој и апостолите биле толку зафатени што немале време да каснат ни залче леб. Сепак, што направил кога видел дека околу него се собрало мноштво луѓе? ‚Се сожалил на нив, зашто биле како овци без пастир. И почнал да ги поучува за многу работи‘ (Мар. 6:34). Исус гледал во колку жална состојба се луѓето на неговото подрачје и се трошел максимално за да ги поучи и да прави чуда за нив. Некои биле привлечени од неговите прекрасни особини, биле допрени до срце од неговите зборови и станале негови ученици.
21. Што ќе разгледаме во следната статија?
21 Од Исусовата служба на Земјата можеме да научиме уште многу работи, а некои од нив ќе разгледаме во следната статија. Во кој друг поглед можеме да се угледаме на Исус Христос, најголемиот Мисионер?
Како би одговорил?
• Каква обука добил Исус пред да дојде на Земјата?
• Во кој поглед Исус поучувал на многу подобар начин од книжниците и фарисеите?
• Поради кои особини Исус им бил мил на луѓето?
[Слика на страница 15]
Како Исус ги поучувал мноштвата?