Имај разумни очекувања и ќе бидеш радосен
„ЗА НИШТО не ме бива!“ Колкупати си ги кажал овие зборови откако не си успеал да го постигнеш она што си го планирал? Една мајка може да се чувствува така затоа што постојаните обврски околу нејзиното бебе ја исцрпуваат и ја спречуваат да им посвети повеќе внимание на христијанските активности. Поради начинот на кој бил воспитан, некој можеби има премногу ниска самодоверба и мисли дека сѐ што прави во собранието никогаш не е доволно добро. Една постара сестра или брат може да се растажени од помислата дека веќе не можат да учествуваат во христијанските активности исто колку што можеле кога имале повеќе сила. „Понекогаш е доволно да слушнам еден говор што поттикнува на служба за да се расплачам“, вели Кристиане која, поради семејните околности, не може да прави толку колку што би сакала во Јеховината служба.
Што можеме да направиме ако и ние се чувствуваме слично? Како некои научиле да имаат реални очекувања од себеси со оглед на околностите во кои се наоѓаат? Зошто е корисно да сме урамнотежени во овој поглед?
Биди разумен
Со следниве зборови, апостол Павле ни открива што да сториме за да се чувствуваме радосни: „Секогаш радувајте се во Господарот. И повторно велам: радувајте се! Вашата разумност нека им биде позната на сите луѓе“ (Фил. 4:4, 5). Ако сакаме да му служиме на Бог исполнети со радост и задоволство, мора да имаме разумни очекувања од себеси и реално да процениме колку можеме да правиме и колку ни дозволуваат околностите. Ако сме си поставиле неразумни цели и по секоја цена сакаме да ги достигнеме, непотребно се ставаме под притисок. Од друга страна, пак, не треба да станеме премногу попустливи кон себеси, па секогаш да си наоѓаме изговор за да правиме помалку и од она што го можеме во службата за Бог.
Какви и да се нашите околности, Јехова бара да го дадеме најдоброто од себе — да му служиме со сета душа и со сето срце (Кол. 3:23, 24). Ако му даваме на Јехова помалку од тоа, не го исполнуваме она што сме му го ветиле пред да се крстиме (Рим. 12:1). Освен тоа, се лишуваме од можноста да ги почувствуваме длабокото задоволство, вистинската радост и многуте други благослови што ги носи службата со сета душа (Изр. 10:22).
Зборот што е преведен со „разумен“ во Библијата значи и некој да биде „обѕирен“ и „спремен да попушти“ (Јак. 3:17, фус.) Освен тоа, се дефинира и како: „не е премногу строг“. Значи, ако сме разумни, ќе можеме урамнотежено да гледаме на своите околности. Дали е тоа тешко? За некои да, иако истите тие можеби имаат разбирање за другите. На пример, ако забележуваме знаци на премор кај некој наш пријател затоа што претерал со обврските што ги презел, зар нема да се обидеме да му помогнеме да увиди дека е паметно да смени нешто во животот? Треба да научиме да го правиме истото и за себеси, да ги препознаваме знаците што можеби ни кажуваат дека одиме преку своите граници (Изр. 11:17).
На оние што израснале со родители кои премногу барале од нив може да им биде потешко да гледаат разумно на своите ограничувања. Некои целото свое детство го минале во борбата да бидат подобри и подобри за да ја придобијат љубовта на своите родители. Ако тоа било случај и со нас, можеби имаме погрешна претстава за тоа како Јехова гледа на нас. Јехова нѐ сака затоа што од сѐ срце му служиме. Божјата реч нѐ уверува дека Јехова „добро ја познава нашата градба, си спомнува дека сме прав“ (Пс. 103:14). Тој е свесен дека имаме ограничувања, и нѐ сака затоа што гледа дека, и покрај тоа, даваме сѐ од себе. Ако запомниме дека нашиот Бог не е строг надзорник, ќе ни биде полесно да имаме скромни очекувања од себеси и да бидеме свесни за своите ограничувања (Мих. 6:8).
И покрај тоа, на некои им е тешко да имаат вакво урамнотежено гледиште. Ако е тоа случај и со тебе, зошто не побараш помош од некој зрел христијанин кој добро те познава? (Изр. 27:9). На пример, дали сакаш да служиш како општ пионер? Тоа ти е одлична цел! Но, дали ти е тешко да ја оствариш? Можеби ти треба помош за да си го поедноставиш животот. Или, пак, со својот пријател во кого имаш доверба можеш да поразговараш за тоа дали е практично да служиш како пионер со оглед на многуте семејни обврски што ги имаш во моментов. Тој или таа може да ти помогне да согледаш дали е реално да очекуваш да ги исполниш додатните часови служба како пионер или, сепак, мора да направиш некои измени за да успееш. Исто така, сопругот може многу да ѝ помогне на својата сопруга да си постави темпо кое ќе одговара на нејзините способности. На пример, може да ѝ предложи да се одмори пред да започне месецот во кој испланирала да ја зголеми службата. Тоа може да ѝ влее повеќе сила, што ќе ѝ помогне да ја задржи радоста во службата.
Гледај на она што можеш да го правиш
Годините или лошото здравје донекаде го ограничуваат она што можеме да го направиме во службата за Јехова. Ако си родител, можеби те измачува чувството дека сега многу помалку проучуваш или извлекуваш помала корист од состаноците затоа што многу време и сила трошиш за децата. Но, дали толку многу се концентрираме на своите ограничувања што забораваме да видиме какви можности сепак ни дава нашата ситуација?
Пред неколку илјади години, еден левит изразил желба која никогаш немало да му се исполни. Секоја година, имал чест две седмици да служи во храмот. Но, тој сакал постојано да биде блиску до жртвеникот на Јехова, што било за пофалба (Пс. 84:1-3). Што му помогнало на овој верен човек да биде задоволен и покрај неостварената желба? Сфатил дека дури и еден ден минат во храмските дворови е голема чест (Пс. 84:4, 5, 10). И ние, наместо да се концентрираме на она што не можеме да го правиме, треба да согледаме што е она што сепак сме во можност да го направиме, и да бидеме задоволни со тоа.
Да ја земеме за пример Нерланде, наша сестра од Канада. Таа е врзана за инвалидска количка, и затоа мислела дека може да прави многу малку во службата. Но, потоа го сменила својот став и решила да го смета за свое подрачје за проповедање трговскиот центар во близина. Сега вели: „Обично застанувам со количката покрај некоја од клупите. Многу ми е убаво кога им сведочам на луѓето што седнуваат таму за да се одморат малку“. Нерланде чувствува големо задоволство затоа што учествува во оваа важна гранка на службата.
Направи промени ако треба
Една едрилица може да плови со полна брзина кога ветрот дува во едрата. Но, кога надоаѓа бура, морнарот е принуден да ги прилагоди едрата. Иако нема контрола над бурата, може да има контрола над едрилицата со тоа што ќе ги прилагоди едрата. Слично е и со нас. Честопати немаме контрола над неповолните околности што ни надоаѓаат во животот како некоја бура. Сепак, можеме да задржиме извесна контрола над својот живот ако направиме измени во начинот на кој ги користиме своите физички, ментални и емоционални способности. Ако ги земеме предвид новонастанатите околности, ќе можеме да си ги задржиме радоста и задоволството додека му служиме на Бог (Изр. 11:2).
Да разгледаме неколку примери. Ако физички не сме многу издржливи, можеби ќе увидиме дека е подобро да гледаме да не се премориме со некоја работа рано во денот за да ни остане сила да појдеме на состанок вечерта. Така ќе можеме повеќе да се дружиме со браќата. Или, ако една мајка не може да оди во служба од врата до врата затоа што ѝ е болно детето, можеби ќе ѝ одговара да покани некоја сестра кај неа дома за да сведочат по телефон додека детето спие.
Што ако околностите не ти дозволуваат однапред да проучиш сѐ што се разгледува на собраниските состаноци? Би можел да процениш за колку материјал имаш време, и да се подготвиш за него најдобро што можеш. Ако направиме промени во нашите краткорочни цели, можеме да останеме активни и среќни.
Понекогаш, за да успееме да направиме промени во своите цели, ќе треба да бидеме цврсто решени и да вложиме многу труд. Серж и Ањес, брачен пар од Франција, морале да направат големи промени во своите планови. „Кога дознавме дека Ањес е бремена, му дојде крајот на нашиот сон да бидеме мисионери“, раскажува Серж. Како родители на две пргави девојченца, сега си поставиле поинакви цели. Тој вели: „Со оглед на тоа што не можевме да служиме во друга земја, одлучивме да го правиме истото што би го правеле како мисионери, но во својата земја. Затоа се префрливме да служиме во една група на друг јазик“. Дали била добра оваа одлука? Серж рече: „Се чувствуваме многу корисни за собранието“.
Една 70-годишна сестра од Франција, која се вика Одил, има остеоартритис во колената и не може долго време да стои. Беше разочарана затоа што, поради овој проблем, не можеше да оди во служба од куќа до куќа. Но, наместо да се откаже, таа најде поинаков начин да сведочи — по телефон. Сега вели: „Многу е полесно и поинтересно отколку што мислев!“ Тоа што сведочи на овој начин повторно ѝ го вратило жарот за службата.
Разумните очекувања носат благослови
Ако сме разумни во она што го очекуваме од себеси, ќе се поштедиме од многу јадови. Со тоа што ќе си поставиме разумни цели, ќе имаме чувство дека сме постигнале нешто, и покрај своите ограничувања. Тоа ќе нѐ направи радосни, дури и да е малку (Гал. 6:4).
Освен тоа, ако се научиме да имаме разумни очекувања од себеси, ќе можеме повеќе да ги разбереме и сохристијаните. Ќе бидеме посвесни за нивните ограничувања, и секогаш ќе бидеме благодарни за она што го прават за нас. А ако изразиме ценење за помошта што ја добиваме, сеедно колкава е таа, ќе придонесеме да се развие дух на меѓусебно разбирање и соработка (1. Пет. 3:8). И не заборавај дека Јехова, нашиот татко кој многу нѐ сака, никогаш не бара од нас повеќе од она што го можеме. Ако и ние имаме разумни очекувања од себеси и си поставиме достижни цели, ќе чувствуваме повеќе задоволство и радост поради она што го правиме за Јехова.
[Истакната мисла на страница 29]
Ако сакаме да му служиме на Бог исполнети со радост и задоволство, мора да имаме разумни очекувања од себеси и реално да процениме колку можеме да правиме и колку ни дозволуваат околностите
[Слика на страница 30]
Нерланде со радост прави толку колку што може во службата
[Слика на страница 31]
Научи, „да ги прилагодиш едрата“
[Извор на слика]
© Wave Royalty Free/age fotostock
[Слика на страница 32]
Серж и Ањес си поставиле нови цели, и имале корист од тоа