Како да бидеш добар татко
„Татковци, не огорчувајте ги своите деца, за да не станат малодушни“ (Колошаните 3:21)
ШТО треба да направи еден татко за да не ги огорчува своите деца? Потребно е да сфати колку е важна неговата улога на татко. „Татковството стана сложена и посебна улога што има значително влијание врз емоционалниот и интелектуалниот развој на децата“, пишува во едно списание за ментално здравје.
Која е улогата на еден татко? Во многу фамилии се смета дека неговата главна улога е да укорува и да казнува. Многу мајки му имаат речено на своето немирно дете: ‚Ќе видиш убаво кога ќе се врати татко ти!‘ Сосема е сигурно дека на децата им треба некој да ги укорува со љубов и со извесна мера цврстина за да можат да станат урамнотежени личности кога ќе пораснат. Но, потребно е уште нешто за да се биде добар татко.
За жал, секој родител немал добар пример во детството. Некои мажи израснале без татко. А мажите, пак, што растеле со строг, суров татко, обично и самите се такви во односот со своите деца. Како може еден таков татко да ја прекине таа „традиција“ и да стане подобар родител?
Постои еден извор на практични и добри совети за тоа како да се биде добар татко. Во Библијата ги наоѓаме најдобрите совети за семејниот живот. Нејзините совети не се само теорија ниту, пак, се за наша штета. Советите што се запишани во неа ја одразуваат мудроста на нејзиниот Автор, Јехова Бог, кој е основач на семејниот живот (Ефешаните 3:14, 15). Ако си татко, ќе биде добро да размислиш за она што им го кажува Библијата на родителите.a
Да бидеш добар татко е важно не само за физичкото и емоционалното добро на твоите деца туку и за нивното духовно добро. На детето кое има добар и близок однос со својот татко најчесто му е полесно да изгради близок однос и со Бог. Библијата покажува дека, во извесна смисла, Јехова, нашиот Творец, ни е татко на сите нас (Исаија 64:8). Сега да разгледаме шест работи кои еден татко треба да им ги обезбеди на своите деца. Кај секоја од нив ќе видиме како примената на библиските начела може да му помогне да ги задоволи тие потреби.
1. На децата им треба татковска љубов
Јехова ни дава совршен пример како Татко. Еве со кои зборови во Библијата е покажано какви чувства има Бог кон својот првороден Син, Исус: „Таткото го сака Синот“ (Јован 3:35; Колошаните 1:15). Јехова многу пати кажал дека го сака својот Син и го пофалил. Кога се крстил Исус, Јехова зборувал од небото и рекол: „Ти си мојот сакан Син, ти си по мојата волја!“ (Лука 3:22). Исус никогаш не се сомневал дека неговиот Татко го сака. Што може да научи еден човечки татко од Божјиот пример?
Никогаш не колебај се да им кажеш на своите деца дека ги сакаш. Келвин, кој има пет деца, вели: „Отсекогаш сум се трудел да им покажам на децата дека ги сакам. Не само со зборови туку и со дела им покажувам колку ми значи секое од нив. Затоа и јас им ги менував пелените и ги капев“. Освен тоа, твоите деца треба да знаат дека ти се мили и дека си задоволен од нив. Затоа, немој премногу да ги критикуваш и да ги исправаш за сѐ и сешто. Наместо тоа, често пофалувај ги. Донизети, кој има две ќерки на тинејџерска возраст, препорачува: „Еден татко треба да ја искористи секоја прилика да ги пофали своите деца“. Мислата дека си задоволен од нив може да им помогне на твоите деца да стекнат соодветна самопочит. Тоа, пак, може да им помогне да бидат поблиски со Бог.
2. На децата им треба добар пример
Исус може да го прави „само она што гледа дека Таткото го прави“, пишува во Јован 5:19. Од овие зборови може да се забележи дека Исус го гледал и го применувал она што го ‚правел‘ неговиот Татко. Децата честопати го прават истото. На пример, ако таткото се однесува кон својата жена со почит и достоинство, и неговиот син, кога ќе порасне, ќе се однесува кон жените со почит и достоинство. Примерот на таткото не влијае само врз синот туку и врз ќерката. Нејзиното гледиште кон мажите се оформува врз основа на примерот на нејзиниот татко.
Дали на твоите деца им е тешко да се извинат? И во тој поглед е важен примерот што ќе им го дадеш. Келвин се сеќава на една прилика кога двајца од неговите синови скршиле некоја скапа камера. Толку се налутил што силно удрил по една дрвена маса и ја расцепил на две. По таа случка на Келвин му било многу тешко и им се извинил на сите, вклучувајќи ја и жена си, за тоа што избувнал. Смета дека тоа што се извинил влијаело добро врз неговите деца. Ним денес воопшто не им е тешко да речат „извини“.
3. Децата треба да се чувствуваат среќни
Јехова е „среќниот Бог“ (1. Тимотеј 1:11). Не е ништо чудно што и неговиот Син, Исус, многу се радувал додека бил со својот Татко. Изреки 8:30 ни открива каков бил односот помеѓу Исус и неговиот Татко: „Бев крај [Таткото] како вешт градител... и се веселев пред него за сето време“. Колку срдечен однос постоел помеѓу овие Татко и Син!
На твоите деца им е потребна атмосфера во која ќе се чувствуваат среќни. Ако одвојуваш време да им се придружиш во нивните игри, можеш да помогнеш да се создаде таква атмосфера. Додека си играат, родителот и детето се зближуваат. И Феликс го мисли тоа. Тој има син на тинејџерска возраст и вели: „Тоа што одвојувам време за да се рекреираме со син ми е многу важно за да имаме добар однос. Заедно играме разни игри, се дружиме со пријателите и одиме на убави места. Сето тоа ја зголемува блискоста во нашето семејство“.
4. На децата им треба поука за духовни работи
Исус бил поучуван од својот Татко. Затоа, можел да рече: „Она што го чув од [Таткото], тоа го зборувам во светот“ (Јован 8:26). Во Божји очи, таткото е одговорен за моралното и духовното воспитување на своите деца. Една од твоите одговорности како татко е да всадиш исправни начела во срцето на своите деца. Таквото воспитување треба да почне уште од мали нозе (2. Тимотеј 3:14, 15). Феликс почнал да му чита библиски приказни на својот син уште кога бил многу мал. Користел живописни, интересни приказни, како оние што ги има во Мојата книга со библиски приказни.b Како што растел неговиот син, Феликс избирал и други библиски публикации што одговарале на возраста на неговото дете.
Донизети вели: „Голем предизвик е да се направи интересно семејното проучување на Библијата. Важно е родителите да покажат дека ги ценат духовните работи, бидејќи децата брзо забележуваат ако родителот зборува едно, а прави друго“. Карлос, кој има три сина, вели: „Секоја недела имаме состанок за да видиме кои се потребите на нашето семејство. Секој може да си каже за што би сакал да разговараме“. Келвин секогаш се трудел да им зборува на своите деца за Бог, сеедно каде биле и што правеле. Тоа нѐ потсетува на зборовите на Мојсеј: „Овие зборови што ти ги заповедам денес нека ти се врежат во срцето. Всадувај ги во своите деца и зборувај им за нив кога седиш во својата куќа и кога одиш по пат, кога легнуваш и кога стануваш“ (5. Мојсеева 6:6, 7).
5. На децата им треба укор и казна
На децата им треба понекогаш некој да ги искара за да станат зрели и одговорни луѓе кога ќе пораснат. Изгледа дека некои родители си мислат дека укорот вклучува претерана строгост, остри закани или понижувачки навреди. Меѓутоа, Библијата не покажува дека родителот треба да биде суров кога го кара своето дете. Напротив, родителите треба да ги укоруваат своите деца со љубов, исто како што прави Јехова (Евреите 12:4-11). Библијата вели: „Татковци, не раздразнувајте ги своите деца, туку воспитувајте ги со стега од Јехова и помагајте им да го усвојат неговиот начин на размислување“ (Ефешаните 6:4).
Одвреме-навреме ќе биде потребна и казна. Но, на едно дете треба да му биде јасно зошто добива казна. Откако родителот ќе го укори и ќе го казни детето, тоа никогаш не треба да има чувство дека е отфрлено. Библијата не препорачува безмилосно да се тепа детето, при што може дури и да му се нанесе повреда (Изреки 16:32). Келвин вели: „Кога требаше да ги искарам моите деца за сериозни работи, секогаш се обидував јасно да им ставам до знаење дека ги карам затоа што ги сакам“.
6. На децата им треба заштита
Децата треба да бидат заштитени од лоши влијанија и од друштво кое би можело да биде штетно за нив. За жал, во овој свет има ‚зли луѓе‘ што сакаат да ги искористат невините деца (2. Тимотеј 3:1-5, 13). Како да ги заштитиш своите деца? Библијата ни го дава следниов совет: „Паметниот човек го гледа злото и се трга, а глупавите одат понатаму и ја трпат казната“ (Изреки 22:3). За да ги заштитиш своите деца од зло, мора будно да внимаваш на опасностите. Биди свесен за ситуациите што би можеле да водат до проблеми и направи сѐ што е потребно за да ги заштитиш. На пример, ако им дозволуваш на своите деца да користат Интернет, води сметка да знаат да го користат на безбеден начин. Можеби ќе биде најдобро да го ставите компјутерот на видливо место за да можете лесно да го надгледувате неговото користење.
Еден татко треба да ги подготви и да им предочи на своите деца какви опасности ги демнат во овој насилен свет. Дали твоите деца знаат како да постапат ако некој се обиде да ги злоупотреби додека ти не си крај нив?c На децата треба да им се каже која е исправната и неисправната намена на нивните интимни делови од телото. Келвин вели: „Никогаш не оставив некој друг да ги поучи за тоа, дури ниту нивните наставници. Сметав дека е моја лична одговорност да им кажам на моите деца сѐ што треба да знаат за сексот и за опасностите од злоупотребата на деца“. Сите негови деца безбедно израснале и сега имаат среќни бракови.
Барај помош од Бог
Најголемиот подарок што еден татко може да им го даде на своите деца е да им помогне да изградат цврсто пријателство со Бог. Многу е битен примерот на таткото. Донизети вели: „Татковците треба да покажат колку им е важно пријателството со Бог. Тоа треба да се види особено јасно кога имаат лични проблеми или други тешкотии. Тогаш таткото покажува колку цврста доверба има во Јехова. Семејната молитва, во која таткото постојано му кажува на Бог колку ја цени неговата добрина, ќе ги научи децата дека е многу важно Бог да им биде Пријател“.
Тогаш, што е најважно за да се биде добар татко? Барај совет од оној што најдобро знае како да се подигнат деца — Јехова Бог. Ако го воспиташ своето дете следејќи ги советите што ги дава Божјата реч, и ти ќе го доживееш она што е запишано во Изреки 22:6: „Нема да скршне од него ни кога ќе остари“.
[Фусноти]
a Иако библиските совети што се изнесени во оваа статија првенствено се однесуваат на улогата на таткото, многу начела важат и за мајките.
b Издадена од Јеховините сведоци.
c Нешто повеќе во врска со заштитата на децата од сексуална злоупотреба можеш да прочиташ во Разбудете се! од октомври 2007, страници 3-11, издадено од Јеховините сведоци.
[Слика на страница 19]
Таткото треба да им даде добар пример на своите деца
[Слика на страница 20]
Таткото треба да ги задоволи духовните потреби на своите деца
[Слика на страница 21]
На децата им треба некој да ги укорува со љубов