Угледајте се на нивната вера
Таа ‚ги чувала тие зборови во своето срце‘
МАРИЈА неудобно се клацка на грбот на малото товарно животно. Јава веќе со часови. Пред неа, Јосиф рамномерно чекори напред по патот кон далечниот Витлеем. Таа повторно чувствува како мрда бебето во нејзината утроба.
Библијата вели дека Марија во тоа време била „во доцна бременост“, што значи кратко пред да се породи (Лука 2:5). Додека овие маж и жена минуваат низ полињата, некои земјоделци можеби за момент престануваат да ораат или да сеат за да видат кој поминува, и се прашуваат зошто една жена во таква состојба тргнала на пат. Зошто Марија тргнала толку далеку од својот дом во Назарет?
Сѐ започнало неколку месеци претходно, кога оваа млада Еврејка добила задача каква што никогаш не добил никој друг. Требало да роди дете, кое ќе станело Месија, Божји син! (Лука 1:35). Како што наближувало времето да се породи, се јавила потреба да тргнат на овој пат. Додека патувале, Марија се соочила со неколку ситуации во кои нејзината вера била ставена на испит. Да видиме што ѝ помогнало да остане духовно јака.
Патувањето во Витлеем
Јосиф и Марија не биле единствените што тргнале на пат. Некое време пред тоа, цезарот Август наредил да се изврши попис на населението, и луѓето морале да отпатуваат до својот роден град за да се попишат. Што направил Јосиф? Извештајот вели: „Така и Јосиф отиде од Галилеја, од градот Назарет, во Јудеја, во Давидовиот град, наречен Витлеем, бидејќи беше од домот и од семејството на Давид“ (Лука 2:1-4).
Не било случајно што цезарот издал таква наредба токму во тоа време. Според едно пророштво запишано околу седум века претходно, Месијата требало да се роди во Витлеем. Точно е дека имало еден град што се викал Витлеем и се наоѓал на само 11 километри од Назарет. Меѓутоа, пророштвото прецизно кажувало дека Месијата требало да се роди во ‚Витлеем Ефрата‘ (Михеј 5:2). Според денешните патишта што се извиваат низ ридестиот предел, тоа село се наоѓа на околу 150 километри јужно од Назарет. Во тој Витлеем требало да појде Јосиф, бидејќи во него биле родени предците од фамилијата на цар Давид — фамилија од која потекнувале и Јосиф и неговата невеста.
Дали Марија му се подложила на Јосиф кога тој решил да ја послушаат таа заповед? Зар патувањето немало да биде премногу напорно за неа? Веројатно почнувала есента, кога сушната сезона веќе била при крај, па затоа било можно да падне дожд. Освен тоа, Витлеем се наоѓал на голема надморска височина од преку 750 метри, па поради тоа патувањето, кое траело неколку дена, завршувало со напорно искачување. Можеби ќе било потребно подолго време од обично, бидејќи Марија ќе требало почесто да се одмора поради бременоста. Всушност, секоја жена повеќе би сакала при крајот на бременоста да си остане дома, каде што семејството и пријателите веднаш би ѝ помогнале кога ќе се јават породилните болки. Без сомнение, ѝ била потребна храброст за да тргне на тоа патување.
Сепак, Лука пишува дека Јосиф отишол „да се попише со Марија“. Исто така, спомнува дека Марија ‚веќе била омажена за Јосиф‘ (Лука 2:4, 5). Тоа што му била жена на Јосиф сменило многу во нејзиното донесување одлуки. Нејзиниот маж ѝ бил духовен поглавар, и таа ја прифатила улогата на помошничка што Бог ѝ ја дал и го поддржувала во неговите одлуки.a Затоа, овој испит на верата го поминала со тоа што едноставно послушала.
Од која друга причина Марија послушала? Дали знаела за пророштвото дека Месијата ќе се роди во Витлеем? Библијата не ни го открива тоа. Не можеме да ја исклучиме таа можност, бидејќи тој податок им бил општо познат на верските водачи, па дури и на обичниот народ (Матеј 2:1-7; Јован 7:40-42). Марија воопшто не била неука што се однесува до Светото писмо (Лука 1:46-55). Како и да е, таа ни дала одличен пример кога решила да тргне на тој пат — сеедно дали од послушност кон својот сопруг, кон наредбата од властите, поради Јеховиното пророштво или од кои и да било други причини. Јехова многу го цени понизниот, послушен дух што го покажуваат како мажите така и жените. Во денешно време, кога изгледа дека подложноста е една од доблестите што најмалку се ценат, примерот на Марија им служи како инспирација на верните луѓе.
Раѓањето на Христос
На Марија сигурно ѝ олеснило кога конечно го здогледале Витлеем. Додека се искачувале по ридовите и минувале крај маслинарниците — кои чекале да бидат обрани — Марија и Јосиф веројатно помислиле на историјата на ова селце. Било премногу безначајно за да се вброи меѓу Јудините градови, како што рекол пророкот Михеј, но сепак, било родно место на Вооз, Ноемина и подоцна на Давид, околу илјада години пред овие настани.
Кога стигнале Марија и Јосиф, селото било преполно. Пред нив дошле и други луѓе за да се попишат, па затоа немало каде да преноќеваат.b Немале друг избор освен да ја минат ноќта во една штала. Замисли си само колку бил загрижен Јосиф додека гледал колку ѝ е тешко на неговата жена, и дека ѝ станува сѐ потешко. И баш таму ѝ се јавиле родилни болки.
Секоја жена може да сфати како ѝ било на Марија. Околу 4.000 години пред тоа, Јехова прорекол дека, поради наследениот грев, сите жени ќе трпат болки кога ќе раѓаат деца (1. Мојсеева 3:16). Ништо не покажува дека Марија била исклучок. Извештајот што го запишал Лука не ни го кажува секој детаљ во врска со породувањето, туку едноставно вели: „Го роди својот син, првородениот“ (Лука 2:7). Да, Марија го добила својот ‚првороден‘ — првото од најмалку седумте деца што ги имала (Марко 6:3). Но, овој син секогаш ќе бил поинаков од другите. Не само што за неа бил првороден туку и за Јехова бил „првороден од сѐ што е создадено“, единородниот Син на Бог! (Колошаните 1:15).
Овде извештајот ни открива еден познат детаљ: „Го пови и го положи во јасли“ (Лука 2:7). Во драмските претстави за Христовото раѓање што се одигруваат или на сликите што го прикажуваат тој настан насекаде во светот, овој момент е претставен премногу нереалистично. Но, размисли за реалноста. Јаслите претставуваат корито од кое јаде добитокот. Значи, Јосиф и Марија биле сместени во штала, место за кое не би се рекло дека е познато по свеж воздух и хигиенски услови — како тогаш така и денес. Всушност, кои родители би избрале такво место за да им се роди детето ако имаат друг избор? Повеќето родители им го посакуваат најдоброто на своите деца. Колку повеќе Марија и Јосиф сакале да му го дадат најдоброто на Божјиот Син!
Меѓутоа, тие не дозволиле таквите услови да ги огорчат, туку едноставно правеле сѐ што можеле. На пример, забележи дека Марија сама се погрижила за бебето — нежно го повила и потоа внимателно го положила да спие во јаслите, каде што му било топло и удобно. Марија не сакала загриженоста околу моменталните околности да ја спречи да го направи најдоброто што може. Освен тоа, и таа и Јосиф добро знаеле дека најважно било да ги задоволат духовните потреби на ова дете (5. Мојсеева 6:6-8). Денес, мудрите родители имаат слични приоритети додека ги воспитуваат своите деца во овој духовно сиромашен свет.
Охрабрени од една посета
Одеднаш, спокојството го прекинале група луѓе. Во шталата брзо влегле овчарите, кои биле нестрпливи да го видат целото семејство, а особено детето. Тие биле возбудени и зрачеле од радост. Со брзање дошле од ридовите, каде што живееле со своите стада.c Им кажале на изненадените родители какво чудо им се случило. На ридот, за време на ноќната стража, одеднаш им се појавил ангел. Јеховината слава блескала насекаде, и ангелот им рекол дека Христос, Месијата, штотуку се родил во Витлеем. Ќе го нашле детето повиено и положено во јасли. А потоа се случило нешто уште почудно — се појавил голем хор од ангели, кои пееле славејќи го Јехова!
Не е ништо чудно што овие понизни луѓе побрзале во Витлеем! Сигурно биле пресреќни кога го виделе новороденчето легнато токму така како што им опишал ангелот. Оваа добра вест не ја задржале само за себе. Во Библијата пишува: „Им го раскажаа [на другите] она што им беше речено за него. И сите што го слушнаа тоа, се восхитуваа на она што им го кажаа овчарите“ (Лука 2:17, 18). Верските водачи од тоа време сигурно со потценување гледале на овчарите. Но, Јехова сигурно ги ценел овие понизни, верни мажи. Но, како се одразила врз Марија оваа посета?
Марија веројатно била исцрпена од породувањето, но сепак, внимателно го слушала секој збор. Но, тоа не било сѐ. ‚Марија ги чувала сите тие зборови во своето срце и размислувала за нив‘ (Лука 2:19). Оваа млада жена навистина била личност што длабоко размислува. Знаела дека пораката што ја пренел ангелот била многу важна. Нејзиниот Бог, Јехова, сакал таа да знае кој е и колку е важен нејзиниот син. Затоа, не се задоволила само со тоа да слуша. Ги чувала сите тие зборови во своето срце за да може секогаш одново да размислува за нив и следните месеци и години. Во тоа лежи тајната на верата што ја покажувала Марија целиот свој живот.
Ќе бидеш ли и ти како Марија? Јехова ги исполнил страниците на својата Реч со важни духовни вистини. Меѓутоа, овие вистини нема многу да ни користат ако не им посветиме внимание. Тоа го правиме читајќи ја редовно Библијата — не само како литературно дело туку и како вдахновена Божја реч (2. Тимотеј 3:16). Потоа, исто како Марија, треба да ги чуваме во срцето духовните зборови и да размислуваме за нив. Ако длабоко размислуваме за она што го читаме од Библијата и ако се трудиме уште повеќе да ги применуваме Јеховините совети, ќе ја потхраниме својата вера за да може да расте.
И други зборови за размислување
На осмиот ден откако се родило бебето, Марија и Јосиф го обрежале според барањата на Мојсеевиот закон и му го дале името Исус, како што им било кажано (Лука 1:31). Потоа, на 40-тиот ден, го одвеле од Витлеем во храмот во Ерусалим, оддалечен неколку километри, и ги принеле жртвите за очистување кои, според Законот, можеле да ги принесат посиромашните луѓе — две грлици или два гулаба. Дури и да се срамеле што не можеле да принесат машко јагне и грлица, како што можеле да си дозволат други родители, тие ги надминале таквите чувства. Како и да е, додека биле таму, се случило нешто што многу ги охрабрило (Лука 2:21-24).
Еден остарен човек, кој се викал Симеон, им пристапил и ѝ кажал на Марија и други зборови што таа ги зачувала во своето срце за да размислува за нив. Нему му било ветено дека нема да умре додека не го види Месијата, и Јеховиниот свет дух му посочил дека малиот Исус бил тој проречен Спасител. Симеон, исто така, ја предупредил Марија дека еден ден ќе претрпи силна болка. Ѝ рекол дека ќе почувствува како да ја пробол долг меч (Лука 2:25-35). Дури и овие болни зборови веројатно ѝ помогнале на Марија да издржи кога дошле тие тешки моменти повеќе од 30 години подоцна. По Симеон, малиот Исус го видела пророчицата Ана и почнала да им зборува за него на сите што се надевале на избавувањето на Ерусалим (Лука 2:36-38).
Колку добра одлука донеле Јосиф и Марија што го однеле своето бебе во Јеховиниот храм во Ерусалим! Тогаш Исус прв пат бил во Јеховиниот храм, каде што редовно одел до крајот на својот живот. Додека биле таму, Јосиф и Марија правеле сѐ што можеле во Божјата служба и добиле поука и охрабрување. Тој ден Марија сигурно заминала од храмот со уште појака вера, со срце исполнето со духовни зборови за да може да размислува за нив и да им ги кажува и на другите.
Прекрасно е да се види како и денес родителите го следат тој пример. Меѓу Јеховините сведоци, родителите верно ги носат своите деца на христијанските состаноци. Таквите родители прават сѐ што можат во Божјата служба и, меѓу другото, ги храбрат своите соверници. Затоа, заминуваат од состаноците посилни, посреќни и исполнети со убави работи што можат да им ги кажуваат и на другите. Срдечно си поканет и ти да ги посетуваш тие состаноци. Така и твојата вера ќе станува сѐ поцврста, како што била и верата на Марија.
[Фусноти]
a Забележи ја разликата помеѓу овој библиски стих и она што ни е кажано за едно претходно патување: „Марија стана и... отиде“ да ја посети Елисавета (Лука 1:39). Во тоа време, како свршена, но сѐ уште немажена жена, Марија можеби не се советувала со Јосиф. Но, откако се венчале, како предводник на нивното заедничко патување е наведен Јосиф, а не Марија.
b Во тоа време било обичај во градовите да им се обезбедува сместување на патниците и на карваните што минувале оттаму.
c Фактот дека овие овчари во тоа време живееле под ведро небо со своите стада го потврдува она што го покажува и библиската хронологија: Христос не се родил во декември, кога стадата требало да бидат заштитени и поблизу до домот, туку се родил некаде во почетокот на октомври.
[Слика на страница 25]
Симеон бил благословен со тоа што го видел проречениот Спасител