Солзи во мешина
МЛАДИЧОТ бил бегалец. Загрижен и скршен, со очи полни солзи, се повикал на милоста и сочувството на својот Бог, Јехова, и го преколнувал: „Стави ги моите солзи во својата мешина“ (Псалм 56:8). Тој младич бил Давид, кој подоцна станал цар на Израел. Но, каква била мешината што ја спомнал, и како е можно Бог да ги стави нашите солзи во една таква мешина?
Мешините не биле ништо ново за Давид. Во нив обично се чувало вода, масло, вино, па дури и путер. Номадите од Сахара, како што се Туарезите, сѐ уште користат мешини од овча или козја кожа. Тие може да соберат многу вода, во зависност од тоа колку била голема овцата или козата од која се направени. Познати се по тоа што внатре водата останува студена дури и на жешкото пустинско сонце. Во минатото, тие обично се пренесувале на магариња или камили. Во денешно време може да се видат мешини закачени дури и на теренско возило!
Трогателните зборови што ги кажал Давид кога ја спомнал мешината имаат длабоко значење и за нас. Какво? Библијата објаснува дека Сатана го има под своја власт овој свет и дека во денешно време тој е исполнет со „голем гнев“. Затоа, на Земјата има страшни неволји (Откровение 12:12). Од таа причина има многу луѓе кои, исто како Давид, страдаат емоционално, душевно или физички. Тоа им се случува особено на оние што сакаат да му угодат на Бог. Дали и ти страдаш на некој начин? Храбро, дури и ‚плачејќи‘, таквите верни лица не престануваат да живеат верно (Псалм 126:6). Тие можат да бидат уверени дека нивниот небесен Татко не ги гледа само неволјите со кои се соочуваат туку и емоционалната болка што им ја предизвикуваат тие неволји. Тој вистински ја разбира болката на своите слуги и сочувствително ги помни нивните солзи и страдања, симболично ставајќи ги во својата мешина.