Колку веродостојни се евангелијата?
„Во денешно време, на евангелијата мора да се гледа како на прикаски што ги напишале првите христијани“ (Бартон Л. Мак, пензиониран професор по изучување на Новиот завет)
ОВОЈ професор не е единствениот што мисли така. Многу изучувачи ја оспоруваат веродостојноста на Евангелијата според Матеј, Марко, Лука и Јован — во кои се известува за Исусовиот живот и служба. Зошто некои сметаат дека овие евангелија се полни со прикаски? Дали нивните гледишта треба да те наведат да се сомневаш во точноста на евангелијата? Да видиме што ни откриваат доказите.
Оспорена веродостојноста на евангелијата
Во првите 17 века од нашата ера, веродостојноста на евангелијата никогаш не била сериозно доведена во прашање. Меѓутоа, некои високообразовани луѓе, особено од 19 век наваму, тврдат дека евангелијата се измислица на луѓе, а не дека се вдахновени од Бог. Освен тоа, сметаат дека писателите на евангелијата немале информации од прва рака во врска со Исус и тврдат дека тие луѓе не можеле да запишат што се случило навистина. Дошле до заклучок дека сличностите во структурата и содржината на првите три евангелија — кои понекогаш се нарекуваат синоптички, што значи „од слична гледна точка“ — покажуваат дека нивните писатели препишувале еден од друг. Критичарите ги негираат и Исусовите чуда и неговото воскресение, за кои пишува во овие евангелија. Некои дури тврдат дека Исус воопшто не постоел!
Истите тие дошле до заклучок дека Марко прв го напишал своето евангелие бидејќи, на прв поглед, не содржи многу работи што не се спомнати во евангелијата на Матеј и Лука. Критичарите, исто така, сметаат дека Матеј и Лука ја користеле книгата на Марко за да ги состават своите евангелија и дека црпеле информации и од друг извор — еден документ што изучувачите го нарекуваат Q (од германскиот збор Quelle, што значи „извор“). Според библискиот изучувач А. Ф. Ј. Клајн, врз основа на оваа популарна претпоставка, „испаѓа дека писателите на евангелијата се обични собирачи на легенди“. Со ваква изјава, всушност, писателите на евангелијата се прикажани како измислувачи на прикаски и плагијатори, односно како луѓе што препишувале туѓи текстови и ги потпишувале со свое име. Оваа теорија ја поткопува верата дека Библијата е вдахновена од Бог (2. Тимотеј 3:16).
Дали писателите на евангелијата биле плагијатори?
Дали сличностите помеѓу синоптичките евангелија навистина докажуваат дека писателите препишувале еден од друг? Не. Зошто? Една работа е тоа што Исус им ветил на своите ученици дека светиот дух ‚ќе ги потсети на сѐ што им кажал‘ (Јован 14:26). Според тоа, не е ништо чудно што писателите на евангелијата запомниле и запишале некои исти настани. Точно е дека некои библиски писатели можеби ги прочитале и се осврнуваат на делата на други библиски писатели, но тоа само покажува дека внимателно истражувале, а не дека биле плагијатори (2. Петрово 3:15). Освен тоа, во еден библиски речник стои: „Најверојатно поради тоа што извештаите за историски настани обично се пренесувале усно, впечатливите изјави на Исус биле идентично запишани“ (The Anchor Bible Dictionary).
Лука рекол дека зборувал со многу очевидци и дека ‚внимателно испитал сѐ од почетокот‘ (Лука 1:1-4). Дали ова личи на еден плагијатор или измислувач на прикаски? Напротив! По една темелна анализа на она што го напишал Лука, археологот Вилијам Ремзи заклучил: „Лука е првокласен историчар — не само што веродостојно изнесува факти туку и знае многу стручно да ја запише историјата... Овој автор би требало да се вброи меѓу најголемите историчари“.
И сведоштвото на раните христијански отци, вклучувајќи го и теологот Ориген од 3 век, покажува дека апостол Матеј прв го напишал своето евангелие. Ориген напишал: „Првото го напишал Матеј, истиот оној што претходно бил собирач на данок, но потоа станал апостол на Исус Христос. Го напишал на хебрејски јазик заради еврејските преобратеници“. Очигледно е дека немало никаква потреба Матеј, кој бил апостол и очевидец, да препишува од списите на Марко, кој не бил очевидец. Тогаш, што покажуваат фактите во врска со тврдењата дека Матеј и Лука препишувале од Марко и од наводниот документ наречен Q?
Дали најнапред било напишано Евангелието според Марко?
Теоријата дека Евангелието според Марко било напишано прво и дека им служело како извор на информации на Матеј и Лука не се темели на ниту „еден убедлив и цврст аргумент“, признава The Anchor Bible Dictionary. Сепак, многу изучувачи сметаат дека Марко го напишал своето евангелие пред Матеј и Лука да ги напишат нивните евангелија, бидејќи во Марко не се спомнуваат многу повеќе работи отколку во другите евангелија. На пример, библичарот од 19 век Јоханес Кун тврдел дека Евангелието според Марко било напишано прво. Инаку, рекол Кун, „човек би помислил дека Марко ги исечкал на ситни парчиња двата свитока на Матеј и Лука, ги измешал во ќуп и од таа ‚смеса‘ го составил своето евангелие“.
Бидејќи Евангелието според Марко е најкратко, не е ништо чудно што содржи најмалку нови детали во споредба со другите евангелија. Сепак, тоа не е никаков доказ дека било напишано прво. Освен тоа, едноставно не е точно дека Марко воопшто не додава ништо ново кон она што го напишале Матеј и Лука. Во живописниот извештај за Исусовата служба што го запишал Марко, има повеќе од 180 стихови и интересни детали што ги нема во Евангелијата според Матеј и Лука. Со тоа ни дава еден навистина уникатен извештај за Исусовиот живот. (Види ја рамката на 13. страница.)
Што е со документот Q?
Што може да се каже за документот Q, за кој некои тврдат дека на Матеј и Лука им служел како извор на информации? Џејмс М. Робинсон, професор по религија, вели: „Документот Q сигурно е најважниот христијански текст што го имаме“. Оваа изјава не е на место бидејќи документот Q денес не постои и, всушност, никој не може да докаже дека воопшто постоел! Многу е чудно што сосема исчезнал бидејќи изучувачите тврдат дека сигурно постоеле неколку примероци од тој документ. Освен тоа, од него никогаш не цитирале христијанските отци.
Размисли за следново. Се смета дека документот Q постоел и дека ја потврдува претпоставката дека најпрво било напишано Евангелиеото според Марко. Зар ова не е типичен пример за претпоставка која се изнесува врз основа на друга претпоставка? Кога станува збор за теории како што е оваа, ќе биде мудро да ја имаме на ум изреката: „Лековерниот верува на секој збор, а паметниот сфаќа дека му требаат докази“ (Изреки 14:15, The New English Bible).
Евангелијата — точни и веродостојни
Во своите шпекулации и неосновани претпоставки, критички настроените изучувачи им го одвлекле вниманието на многумина од проучувањето на веродостојните извештаи за Исусовиот живот и служба што се изнесени во евангелијата. Овие извештаи јасно покажуваат дека раните христијани не ги сметале за обични прикаски извештаите за животот, службата, смртта и воскресението на Исус. Стотици очевидци потврдиле дека тие факти се точни. На овие рани христијани, кои биле спремни да поднесат прогонство и смрт како следбеници на Исус, сосема им било јасно дека би било бесмислено да се биде христијанин ако Исусовата служба и воскресение биле само измислица (1. Коринќаните 15:3-8, 17, 19; 2. Тимотеј 2:2).
Осврнувајќи се на полемиките што се водат околу мистериозниот изгубен документ Q и претпоставката дека најпрво било напишано Евангелието според Марко, Џорџ В. Буханан, професор по теологија, вели: „Ако оној што ја проучува Библијата се преокупира со претпоставките за потеклото, му се одвлекува вниманието од проучувањето на самиот текст“. Оваа мисла е во склад со советот што апостол Павле му го дал на Тимотеј ‚да не се занимава со измислени прикаски и со родословија, бидејќи тоа не води никаде и само придонесува за да се поставуваат непотребни прашања, а не за да се распределува она што Бог го дава за изградување на нашата вера‘ (1. Тимотеј 1:4).
Сите евангелија се веродостојни. Тие содржат вистинити извештаи на очевидци. Се темелат на внимателно истражување. Ни откриваат многу интересни факти во врска со животот на Исус Христос. Според тоа, исто како што направил Тимотеј, ќе биде добро и ние да ги послушаме зборовите на Павле: „Остани во она што си го научил и во кое си се уверил“. Имаме цврста основа да прифатиме дека „целото Писмо е вдахновено од Бог“ — вклучувајќи ги и четирите евангелија (2. Тимотеј 3:14-17).
[Рамка на страница 13]
Да не беше напишано Евангелието според Марко, немаше да знаеме дека...
...Исус налутено ги погледнал сите наоколу, длабоко разжалостен поради неосетливоста на нивните срца (Марко 3:5)
...Јован и Јаков биле наречени Воанергес (Марко 3:17)
...жената што страдала од крвавење потрошила сѐ што имала (Марко 5:26)
...Иродијада го мразела Јован Крстител, а Ирод се плашел од Јован и го штител (Марко 6:19, 20)
...Исус им рекол на своите ученици да се одморат малку (Марко 6:31)
...фарисеите си ги миеле рацете до лактите (Марко 7:2-4)
...Исус ги зел децата во прегратка (Марко 10:16)
...Исус почувствувал наклоност кон младиот владетел (Марко 10:21)
...Петар, Јаков, Јован и Андреј го прашале Исус насамо (Марко 13:3)
...некое момче ја оставило својата ленена облека и избегало (Марко 14:51, 52)
Освен тоа, една споредба што ја кажал Исус и две чуда што ги направил тој се запишани само во книгата на Марко (Марко 4:26-29; 7:32-37; 8:22-26).
Евангелието според Марко содржи уште многу детали добиени од прва рака што ги нема во другите евангелија. Нашето ценење за него сигурно ќе се зголеми ако одвоиме време темелно да размислиме колку се важни сите тие детали.