Древното клинесто писмо и Библијата
ОТКАКО јазикот на луѓето бил помешан во Вавел, се развиле различни системи на пишување. Луѓето што живееле во Месопотамија, како што биле Сумерците и Вавилонците, користеле клинесто писмо. Овој израз доаѓа од еден латински збор што значи „обликувано со клин“, а се однесува на триаголниот отпечаток што го оставало парчето трска во вид на клин, кое се користело за да се врежат знаци на влажна глина.
Археолозите ископале текстови со клинесто писмо што зборуваат за луѓе и настани кои се спомнати во Библијата. Што знаеме за ова древно писмо? И какво сведоштво содржат тие текстови за веродостојноста на Библијата?
Записи што опстојале
Изучувачите сметаат дека во Месопотамија најпрво се користело пиктографско писмо, при што еден симбол или слика означувал еден збор или една мисла. На пример, знакот за говедо во почетокот бил слика на говедска глава. Клинестото писмо се развило кога се појавила потребата да се чуваат пишани записи. „Сега знаците можеле да претставуваат зборови и слогови, а неколку слогови можеле да се комбинираат како делови од еден збор“, објаснува NIV Archaeological Study Bible. Со текот на времето, со помош на 200 различни знаци, клинестото писмо „навистина станало вистински одраз на говорниот јазик, со сите негови зборови и сложена граматика“.
До времето на Авраам (околу 2.000 год. пр.н.е.), клинестото писмо било развиено во потполност. Во следните 20 века, околу 15 јазици почнале да се пишуваат со тоа писмо. Повеќе од 99 отсто од пронајдените текстови со клинесто писмо се пишувани на глинени плочки. Во изминатите 150 години, голем број такви плочки беа најдени во Ур, Урук, Вавилон, Нимруд, Нипур, Асур, Ниневија, Мари, Ебла, Угарит и Амарна. Во едно списание за археологија се вели: „Стручњаците проценуваат дека досега биле ископани од еден до два милиона плочки со клинесто писмо, а секоја година се пронаоѓаат уште по околу 25.000“ (Archaeology Odyssey).
Изучувачите на ова писмо низ целиот свет имаат огромна задача да ги преведат овие текстови. Според една проценка, „само околу една десеттина од постоечките текстови со клинесто писмо биле прочитани барем еднаш во нашево време“.
Откривањето на двојазични и тројазични текстови со клинесто писмо најмногу помогнало да се дешифрира значењето на напишаното. Изучувачите увиделе дека, иако сите биле пишувани со клинесто писмо, овие документи го содржат истиот текст на различни јазици. Во постапката на дешифрирањето помогнало тоа што утврдиле дека имињата, титулите, родословијата на владетелите, па дури и изразите на себевозвишување честопати се повторувале.
До 1850-тите, изучувачите веќе можеле да го читаат акадскиот, односно асиро-вавилонскиот јазик, кој бил пишуван со клинесто писмо и им служел како заеднички јазик на народите на древниот Блиски Исток. Една енциклопедија објаснува: „Штом акадскиот јазик беше дешифриран, можеше да се разбере основата на овој систем, и тој стана шема за толкување и на другите јазици пишувани со клинесто писмо“ (Encyclopædia Britannica). Но, каква врска имаат овие текстови со Библијата?
Напишаното во согласност со Библијата
Библијата вели дека со Ерусалим владееле ханаански цареви сѐ додека Давид не го освоил, околу 1070 год. пр.н.е. (Ис. Нав. 10:1; 2. Сам. 5:4-9). Но, некои изучувачи се сомневале во ова. Меѓутоа, во 1887 год., една селанка нашла глинена плочка во Амарна (Египет). Откако таму на крајот биле пронајдени околу 380 текстови, било утврдено дека се работи за дипломатска преписка меѓу владетелите на Египет (Аменхотеп III и Акенатен) и ханаанските царства. Шест писма биле од Авди-Хева, владетел на Ерусалим.
Во списанието Biblical Archaeology Review се вели: „Тоа што на плочките најдени во Амарна јасно се спомнува Ерусалим како град, а не како нечиј имот, и Авди-Хева како управител кој живеел таму и имал 50 египетски војници, кои исто така биле стационирани во градот, е доказ дека Ерусалим бил мало царство сместено на рид“. Во истото списание подоцна пишуваше: „Благодарение на писмата најдени во Амарна, можеме да бидеме сигурни дека во тој период таму постоел град кој играл значајна улога во своето време“.
Имињата во асирските и во вавилонските записи
Асирците, а подоцна и Вавилонците, ја запишувале својата историја на глинени плочки, како и на цилиндри, призми и споменици. Кога изучувачите го дешифрирале акадското клинесто писмо, виделе дека во овие текстови се спомнуваат луѓе за кои зборува и Библијата.
Книгата Библијата во Британскиот музеј (The Bible in the British Museum) вели: „Во своето обраќање до новоформираното Друштво за библиска археологија, во 1870 год., д-р Семјуел Бирч бил во можност да ги издвои [во текстовите со клинесто писмо имињата на] еврејските цареви Амри, Ахав, Јуј, Азарија... Менаим, Фекај, Осиј, Езекија и Манасија, на асирските цареви Теглат Феласар...[III], Саргон, Сенахирим, Есар-Адон и Асурбанипал... и на сириските цареви Вен-Адад, Азаил и Ресин “.
Во книгата Библијата и утврдувањето на староста со метода на радиоактивен јаглерод (The Bible and Radiocarbon Dating) е споредена библиската историја на Израел и Јуда со древните текстови со клинесто писмо. Кој заклучок е изнесен во оваа книга? „Сѐ на сѐ, 15-16 цареви на Јуда и Израел се јавуваат во записи од други земји, а нивните имиња, како и периодот во кој владееле [за кој известува библиската книга на] Царевите, се во потполна согласност [со Библијата]. Сите цареви што се спомнати во записите од другите земји веќе се спомнати во книгата Царевите“.
На Кировиот цилиндар, познат запис со клинесто писмо, кој бил пронајден во 1879 год., стои дека, откако го освоил Вавилон во 539 год. пр.н.е., Кир ја спровел својата политика на враќање на заробениците во родните земји. Меѓу тие заробеници биле и Евреите (Езра 1:1-4). Многу изучувачи од 19 век се сомневале во веродостојноста на одредбата што е цитирана во Библијата. Меѓутоа, документите со клинесто писмо од времето на Персијците, во кои спаѓа и Кировиот цилиндар, содржат уверливи докази дека библискиот извештај е точен.
Во 1883 год., во Нипур, во близина на Вавилон, била пронајдена архива со над 700 текстови со клинесто писмо. Во неа се спомнати 2.500 имиња, од кои околу 70 се еврејски. Според историчарот Едвин Јамаучи, „меѓу нив се имињата на лица кои склучувале зделки или служеле како застапници, сведоци, даночници и царски службеници“. Овие докази, кои покажуваат дека Евреите и понатаму учествувале во вакви активности во близина на Вавилон, се многу значајни. Тие ја потврдуваат пророчката изјава од Библијата, според која, иако „еден остаток“ од Израелци требало да се вратат во Јудеја по изгнанството во Асирија и Вавилон, мнозина немало да се вратат (Иса. 10:21, 22).
Во првиот милениум пр.н.е., клинестото писмо постоело паралелно со фонетското. Но, Асирците и Вавилонците на крајот престанале да го користат, и го прифатиле фонетското писмо.
Денес во музеите се наоѓаат стотици илјади глинени плочки кои треба да се проучат. Оние што стручњаците веќе ги дешифрирале содржат јасни докази дека Библијата е веродостојна. А кој знае уште какво додатно сведоштво се крие во текстовите што сѐ уште не се проучени!
[Извор на слика на страница 21]
Фотографија направена со љубезна дозвола на British Museum