„Бидете во мир со сите луѓе“
„Ако е можно, колку што зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе“ (РИМ. 12:18)
1, 2. а) Кое предупредување им го дал Исус на своите следбеници? б) Каде може да најдеме совети за тоа како да постапиме кога ќе се соочиме со противење?
ИСУС ги предупредил своите следбеници дека народите во светот ќе им се противат и, вечерта пред да умре, им објаснил зошто ќе биде така. На своите апостоли им го рекол следново: „Да бевте дел од светот, светот ќе ве сакаше зашто ќе бевте негови. Но бидејќи не сте дел од светот, туку јас ве избрав од светот, затоа светот ве мрази“ (Јован 15:19).
2 Апостол Павле на своја кожа ја почувствувал вистинитоста на овие зборови. Во второто писмо до својот млад соработник Тимотеј, Павле напишал: „Ти добро ги запозна моето учење, мојот начин на живот, мојата животна цел, мојата вера, мојата долготрпеливост, мојата љубов, мојата истрајност, моите прогонства, моите страдања“. А потоа додал: „И сите што сакаат да живеат оддадено на Бог во единство со Христос Исус, ќе бидат прогонувани“ (2. Тим. 3:10-12). Во 12. поглавје од своето писмо до христијаните во Рим, Павле им дал мудри совети за тоа како да постапат кога ќе се соочат со противење. Тие совети можат да ни користат и нам во ова време на крајот.
„Правете... добро“
3, 4. Како советот од Римјаните 12:17 може да се примени а) во религиозно разделен дом? б) во нашите постапки со соседите?
3 Прочитај Римјаните 12:17. Павле објаснил дека, кога некој ќе постапува грубо со нас, не треба да враќаме со иста мера. Особено е важно неговиот совет да го послушаат оние што живеат во религиозно разделен дом. Брачниот партнер кој е христијанин не треба да му подлегне на искушението да врати со нељубезни зборови или постапки. Ништо не се постигнува ако ‚се враќа зло за зло‘. Напротив, таквиот став може само да ја влоши ситуацијата.
4 Павле нѐ советува да постапиме на подобар начин: „Правете го она што сите луѓе го сметаат за добро“. Ако една жена е вистински љубезна со својот сопруг, дури и кога тој ќе каже нешто лошо за нејзините верувања, таа може да спречи да дојде до караница (Изр. 31:12). Карлос, кој сега е член на едно бетелско семејство, раскажува како мајка му успеала да се справи со силното противење од страна на татко му — останала љубезна и совесно се грижела за сите домашни обврски. „Таа нѐ поттикнуваше нас децата секогаш да постапуваме со почит кон него. На пример, ме тераше да играм со него бул (француска игра слична на куглање). Јас не сакав многу да ја играм, но на татко ми му причинуваше задоволство.“ Со текот на времето, татко му почнал да ја проучува Библијата и се крстил. Јеховините сведоци го ‚прават она што сите луѓе го сметаат за добро‘ и така што им пружаат практична помош на своите соседи кога ќе има некоја катастрофа. Со тоа честопати успеваат да им ги разбијат предрасудите.
‚Топење‘ на противењето со „жив жар“
5, 6. а) Во која смисла може да се натрупа „жив жар“ врз главата на непријателот? б) Раскажи некое локално искуство што покажува како примената на советот од Римјаните 12:20 може да донесе добри резултати.
5 Прочитај Римјаните 12:20. Кога ги кажал зборовите што се запишани во овој стих, Павле сигурно го имал на ум она што е запишано во Изреки 25:21, 22: „Ако е гладен оној што те мрази, нахрани го со леб, и ако е жеден, напој го со вода. Зашто, така му натрупуваш жар врз главата, и Јехова ќе те награди“. Со оглед на советите што ги дал во Римјаните 12. поглавје, Павле сигурно не сакал да каже дека со симболичниот жар треба да го казниме или да го засрамиме оној што ни се противи. Напротив, изреката — како и сличните зборови што ги кажал Павле во Римјаните — изгледа се однесува на една древна метода што се користела за топење на метална руда. Чарлс Бриџис, англиски изучувач од 19 век, забележува: „Стави го во оган металот што тешко се кове, но натрупај жар и врз него. Малку се тие закоравени срца што нема да се стопат под силното влијание на стрпливата, самопрегорна и силна љубов“.
6 Како „жив жар“, љубезните постапки можат да ги стоплат срцата на противниците и да го ‚стопат‘ нивното непријателство. Со љубезните постапки можеме да им помогнеме на луѓето да гледаат со поинакви очи на Јеховините слуги и на библиската порака за која тие проповедаат. Апостол Петар напишал: „Живејте примерно меѓу луѓето во светот. Макар што ве обвинуваат дека правите зло, кога ќе ги видат вашите добри дела, ќе го слават Бог во денот кога ќе дојде да испита какви се делата што се прават“ (1. Пет. 2:12).
„Бидете во мир со сите луѓе“
7. Што е мирот кој Христос им го дава на своите ученици, и на што треба да нѐ поттикне?
7 Прочитај Римјаните 12:18. Во текот на последната вечер што ја поминале заедно, Исус им рекол на апостолите: „Мир ви оставам, мирот свој ви го давам“ (Јован 14:27). Мирот што тој им го дава на своите ученици е внатрешниот мир што го чувствуваат затоа што се свесни дека Јехова Бог и неговиот љубен Син ги сакаат и се задоволни од нив. Овој внатрешен мир треба да нѐ поттикне да живееме во мир и со другите. Вистинските христијани го сакаат мирот, а и самите се миротворци (Мат. 5:9).
8. Како можеме да твориме мир дома и во собранието?
8 Еден начин на кој можеме да твориме мир во семејството е да ги решаваме недоразбирањата колку што е можно побрзо наместо да дозволиме ситуацијата да се влоши (Изр. 15:18; Еф. 4:26). Истото ова важи и за христијанското собрание. Апостол Петар укажува дека оној што бара мир си го воздржува јазикот (1. Пет. 3:10, 11). И Јаков, откако дал строг совет во врска со користењето на јазикот и потребата да се избегнува љубомората и кавгаџиството, напишал: „Мудроста одозгора пред сѐ е чиста, потоа мирољубива, разумна, спремна да послуша, полна со милосрдие и со добри плодови, непристрасна, нелицемерна. А плодот на праведноста се сее во мир и ќе го соберат оние што творат мир“ (Јак. 3:17, 18).
9. Што треба да имаме на ум додека се трудиме да бидеме „во мир со сите луѓе“?
9 Во Римјаните 12:18, Павле не зборува само за мир со членовите на семејството и на собранието. Тој вели дека треба да ‚бидеме во мир со сите луѓе‘. Тука спаѓаат соседите, колегите на работа, соучениците и луѓето што ги среќаваме во службата. Но, апостолот наведува еден услов, кога вели: „Ако е можно, колку што зависи од вас“. Тоа значи дека, во разумна мера, правиме сѐ што можеме за да ‚бидеме во мир со сите‘, но не до тој степен што ќе отстапиме од Божјите праведни начела.
Јехова е тој што ќе се одмазди
10, 11. Зошто не е во ред да се одмаздуваме?
10 Прочитај Римјаните 12:19. Дури и со оние што се бунат против нашето дело и нашата порака — меѓу кои се и отворените противници — мора да ‚се совладуваме кога трпиме зло‘ и да постапуваме „со благост“ (2. Тим. 2:23-25). Павле ги советува христијаните да не се одмаздуваат, туку ‚да му дадат место на Божјиот гнев‘. Ова значи дека треба да оставиме Бог да се одмазди. Како христијани, знаеме дека ние не смееме да се одмаздуваме. Псалмистот напишал: „Отфрли го гневот и остави ја лутината, не гневи се — тоа само води до зло“ (Пс. 37:8). А Соломон советувал: „Не вели: ‚Ќе вратам со зло!‘ Надевај се на Јехова, и тој ќе те спаси“ (Изр. 20:22).
11 Доколку противниците ни нанесат штета, мудро е да оставиме Јехова да ги казни, ако смета дека треба да го стори тоа и во време кое самиот ќе го одреди. Павле додал: „Зашто е напишано: ‚Одмаздата е моја, јас ќе вратам, вели Јехова‘“. (Спореди со 5. Мојсеева 32:35.) Ако се обидеме самите да се одмаздиме, ќе постапиме дрско затоа што ќе си земеме за право да го направиме она што Јехова го задржал за себе. Освен тоа, така би покажале недоверба во Јеховиното ветување: „Јас ќе вратам“.
12. Кога ќе биде излеан Јеховиниот гнев, и како?
12 Нешто пред тоа, во своето писмо до Римјаните, Павле изјавил: „Божјиот гнев се излева од небото на секоја безбожност и неправедност на луѓето, кои неправедно ја потиснуваат вистината“ (Рим. 1:18). Јеховиниот гнев ќе биде излеан од небото преку неговиот Син за време на „големата неволја“ (Отк. 7:14). Тоа ќе биде „доказ дека Бог праведно суди“, како што објаснил Павле во едно друго свое писмо вдахновено од Јехова, кога рекол: „Зашто, праведно е Бог да им ја врати неволјата на оние што ви нанесуваат неволја, а вам, кои трпите неволја, да ви донесе олеснување, како и нам, кога од небото ќе се појави Господарот Исус со своите моќни ангели во распламтен оган, и кога ќе изврши одмазда над оние што не го познаваат Бог и не ѝ се покоруваат на добрата вест за нашиот Господар Исус“ (2. Сол. 1:5-8).
Да се победи злото со добро
13, 14. а) Зошто не сме изненадени кога наидуваме на противење? б) Како може да ги благословуваме оние што нѐ прогонуваат?
13 Прочитај Римјаните 12:14, 21. Со целосна доверба дека Јехова ќе ги исполни своите намери, можеме слободно да ги насочиме сите свои сили во делото што ни го дал — да ја проповедаме ‚добрата вест за царството по целиот свет‘ (Мат. 24:14). Знаеме дека со ова христијанско дело ќе си го навлечеме гневот на непријателите, бидејќи Исус нѐ предупредил: „Сите народи ќе ве мразат поради моето име“ (Мат. 24:9). Затоа, кога ќе наидеме на противење, не сме ниту изненадени ниту обесхрабрени. Апостол Петар напишал: „Сакани, не чудете се на огнот што пламти меѓу вас за да ве искуша, како да ви се случува нешто необично! Напротив, радувајте се што страдате како што страдаше Христос“ (1. Пет. 4:12, 13).
14 Наместо да ги мразиме оние што нѐ прогонуваат, ние се обидуваме да ги поучиме, бидејќи сме свесни дека некои од нив го прават тоа од незнаење (2. Кор. 4:4). Се трудиме да го послушаме следниов совет на Павле: „Благословувајте ги прогонителите — благословувајте, а не колнете“ (Рим. 12:14). Еден начин на кој можеме да ги благословуваме противниците е ако се молиме за нив. Во својата Проповед на гората, Исус рекол: „Сакајте ги своите непријатели, правете им добро на оние што ве мразат, благословувајте ги оние што ве проколнуваат, молете се за оние што ве навредуваат“ (Лука 6:27, 28). Апостол Павле знаел од лично искуство дека еден прогонител може да стане верен ученик на Христос и ревносен слуга на Јехова (Гал. 1:13-16, 23). Во друго писмо, Павле рекол: „Кога нѐ навредуваат, благословуваме. Кога нѐ прогонуваат, стрпливо поднесуваме. Кога нѐ клеветат, одговараме љубезно“ (1. Кор. 4:12, 13).
15. Кој е најдобриот начин да го победиме злото со добро?
15 Значи, еден вистински христијанин послушно го применува и советот од последниот стих од Римјаните 12. поглавје: „Не дозволувај да те надвладее злото, туку надвладеј го злото со добро!“ Изворот на сето зло е Сатана Ѓаволот (Јован 8:44; 1. Јов. 5:19). Во откровението што му било дадено на апостол Јован, Исус открил дека неговите помазани браќа ‚го победиле Сатана со крвта на Јагнето и со речта на своето сведочење‘ (Отк. 12:11). Ова покажува дека најдобар начин да го победиме Сатана и злобното влијание што го има врз сегашниов поредок е ако правиме добро со тоа што ќе сведочиме, односно ќе ја проповедаме добрата вест за Царството.
Да се радуваме во надежта
16, 17. Според она што го научивме од 12. поглавје од Римјаните, а) како треба да го користиме животот? б) како треба да постапуваме во собранието? в) како треба да се однесуваме кон оние што се противат на нашата вера?
16 Нашето кратко разгледување на 12. поглавје од писмото на Павле до христијаните во Рим нѐ потсети на многу работи. Видовме дека, како предадени слуги на Јехова, треба да бидеме спремни да правиме жртви. Под влијание на Божјиот дух, ние спремно ги правиме овие жртви бидејќи разумот ни вели дека тоа е Божја волја за нас. Духот нѐ бодри на ревност, и ние горливо ги користиме различните дарови што ги имаме. Служиме понизно и скромно, давајќи сѐ од себе да го зачуваме нашето христијанско единство. Гостољубиви сме и покажуваме искрено сочувство кон другите.
17 Римјаните 12. поглавје исто така содржи многу совети за тоа како да реагираме на противењето. Не треба да враќаме со иста мера. Треба да постапуваме љубезно дури и кога другите ни се противат. Колку што е можно, без да ги прекршиме библиските начела, треба да се трудиме да бидеме во мир со сите луѓе. Ова важи за семејниот круг, за собранието, за соседите, колегите на работа, соучениците и луѓето што ги среќаваме во службата. Дури и кога некој постапува грубо со нас, правиме сѐ што е во наша моќ за да го надвладееме злото со добро, и не губиме од вид дека Јехова е тој што ќе се одмазди.
18. На кои три работи нѐ поттикнува Павле во Римјаните 12:12?
18 Прочитај Римјаните 12:12. Покрај сите овие корисни совети, Павле нѐ поттикнува на уште три работи. Бидејќи никогаш не би можеле да го правиме сето ова без Јеховина помош, апостолот нѐ советува ‚да истраеме во молитвата‘. Ова ќе ни помогне да го послушаме и другиот негов совет, имено ‚стрпливо да поднесуваме неволја‘. На крајот, треба постојано да го имаме на ум она што Јехова ни го ветува за иднината и ‚да се радуваме во надежта‘ за вечен живот, било на небото било на Земјата.
За повторување
• Како треба да постапиме кога ќе се соочиме со противење?
• На кои полиња треба да се трудиме да твориме мир, и како?
• Зошто не треба да се одмаздуваме?
[Слика на страница 8]
Ако им пружиме практична помош на нашите соседи, можеби ќе ги разбиеме нивните предрасуди
[Слика на страница 9]
Дали се трудиш да твориш мир во собранието?