Бог спасува преку Месијата!
„Зашто, како што во Адам сите умираат, така и во Христос сите ќе оживеат“ (1. КОР. 15:22)
1, 2. а) Што направиле Андреј и Филип откако се сретнале со Исус? б) Зошто може да се каже дека ние имаме повеќе докази дека Исус бил Месија отколку што имале христијаните во првиот век?
„ГО НАЈДОВМЕ Месијата!“, му рекол Андреј на својот брат Петар, убеден дека Исус од Назарет е Божјиот Помазаник. И Филип поверувал дека Исус е Месијата, па го побарал својот пријател Натанаел и му кажал: „Го најдовме оној за кого пишуваа Мојсеј во Законот и Пророците: Исус, синот на Јосиф, од Назарет“ (Јован 1:40, 41, 45).
2 Дали си и ти потполно уверен дека Исус е ветениот Месија, Јеховиниот ‚Главен Застапник на спасението‘? (Евр. 2:10). Денес имаме многу повеќе докази дека Исус е Месијата отколку што имале неговите следбеници во првиот век. Од раѓањето на Исус па сѐ до неговото воскресение, Божјата реч дава непобитни докази дека тој бил Христос. (Прочитај Јован 20:30, 31.) Библијата исто така покажува дека Исус требало да продолжи да ја врши својата улога на Месија и откако ќе се врател на небото (Јован 6:40; прочитај 1. Коринќаните 15:22). Врз основа на она што си го научил од неа, и ти можеш да кажеш дека си ‚го нашол Месијата‘ денес. Но, најнапред да разгледаме зошто тие први ученици со право заклучиле дека го нашле Месијата.
„Светата тајна“ за Месијата се откривала постепено
3, 4. а) Како можеле учениците во првиот век да ‚го најдат Месијата‘? б) Зошто би рекол дека сите пророштва за Месијата можеле да се исполнат само на Исус?
3 Како можеле следбениците на Исус во првиот век со сигурност да тврдат дека тој е Месијата? Преку пророците, Јехова постепено откривал детали по кои Израелците требало да го препознаат очекуваниот Месија. Еден библиски изучувач го споредил овој процес со склопување на мермерна статуа која се состои од повеќе делови. Замисли си дека многу луѓе кои немале никаков контакт еден со друг, донесуваат по едно парче мермер во една просторија. Ако од тие парчиња — кога ќе се состават — се добие совршена статуа, логично ќе заклучиш дека претходно некој мора да направил детална скица според која ги исекол засебните делови и им ги испратил на тие луѓе. Секое месијанско пророштво — како секое парче од таа статуа — требало да содржи важни информации за Месијата.
4 Тогаш, колкава е веројатноста сите пророштва за Месијата случајно да се исполнат на една личност? Еден истражувач рекол дека шансите сите тие пророштва случајно да се исполнат на една личност „се толку мали што таа можност сосема отпаѓа“! „Сепак“, додал тој, „во целата човечка историја, [месијанските пророштва] се исполниле на Исус — и на никој друг освен на него“.
5, 6. а) Како ќе биде извршена осудата над Сатана? б) Како Бог постепено ја откривал лозата од која требало да дојде ветеното „потомство“?
5 Пророштвата за Месијата се фокусираат на една „света тајна“ која вклучува повеќе работи и е од огромна важност за сите Божји созданија (Кол. 1:26, 27; 1. Мој. 3:15). Во оваа тајна спаѓала и осудата над Сатана Ѓаволот, „празмијата“, кој го втурнал човештвото во грев и смрт (Отк. 12:9). Како требало да биде извршена таа осуда? Јехова прорекол дека од една „жена“ ќе дојде „потомство“ кое ќе ѝ ја смачка главата на „змијата“, односно на Сатана, и така ќе го отстрани причинителот на побуната, болеста и смртта. Сепак, пред тоа Бог ќе му допуштел на Сатана, во симболична смисла, да го рани „потомството“ на жената во петицата.
6 Јехова постепено откривал кој ќе биде прореченото „потомство“. Тој му се заколнал на Авраам: „Преку твоето потомство ќе се благословат сите народи“ (1. Мој. 22:18). Мојсеј прорекол дека тоа „потомство“ ќе биде „пророк“ поголем од него (5. Мој. 18:18, 19). На Давид му било дадено ветување, кое подоцна го потврдиле пророците, дека Месијата ќе дојде од неговата лоза и дека засекогаш ќе царува на неговиот престол (2. Сам. 7:12, 16; Ерем. 23:5, 6).
Докази дека Исус бил Месијата
7. Во која смисла Исус произлегол од Божјата „жена“?
7 Од својата организација на небото, која се состои од духовни суштества и која е како негова жена, Бог го испратил својот првороден Син за да биде ветеното „потомство“. За оваа цел, Божјиот единороден Син требало да „се одрече од“ својот живот на небото и да се роди како совршен човек (Фил. 2:5-7; Јован 1:14). Тоа што светиот дух ја ‚засенил‘ Марија било гаранција дека детето што требало да го роди ‚ќе било свето, Син Божји‘ (Лука 1:35).
8. Како Исус исполнил некои пророштва за Месијата кога отишол да се крсти во вода?
8 Пророштвата за Месијата покажале каде и кога ќе се појави Исус. Тој се родил во Витлеем, како што било проречено (Мих. 5:2). Во првиот век, Евреите имале големи очекувања. Бидејќи чекале да се појави Месијата, некои прашувале во врска со Јован Крстител: „Да не е можеби тој Христос?“ Но, Јован им одговорил: „Доаѓа оној што е посилен од мене“ (Лука 3:15, 16). Во есента 29 год. од н.е., кога на 30-годишна возраст дошол кај Јован за да се крсти, Исус се појавил како Месија во точно одреденото време (Дан. 9:25). Потоа ја започнал својата значајна служба, велејќи: „Се наврши времето и се приближи Божјето царство“ (Мар. 1:14, 15).
9. Иако не ги знаеле сите детали, во што биле цврсто уверени учениците на Исус?
9 Но, луѓето требало малку да ги променат своите очекувања. Тие со право го поздравиле Исус како Цар, но дури подоцна станало сосема јасно дека тој ќе владее во иднина, и тоа од небото (Јован 12:12-16; 16:12, 13; Дела 2:32-36). Сепак, кога Исус прашал: „Што велите вие, кој сум јас?“, Петар без никакво двоумење одговорил: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог“ (Мат. 16:13-16). Петар дал сличен одговор и кога мнозина го оставиле Исус затоа што се спрепнале од едно негово учење. (Прочитај Јован 6:68, 69.)
Кој го прифатил Месијата
10. Зошто Јехова нагласил дека треба да го слушаме неговиот Син?
10 На небото, Божјиот единороден Син бил моќно духовно суштество. На Земјата, Исус бил „застапник на Таткото“ (Јован 16:27, 28). Тој рекол: „Она за кое поучувам не е мое, туку доаѓа од оној што ме испрати“ (Јован 7:16). За време на преобразувањето на Исус, Јехова потврдил дека Исус е Месијата, и заповедал: „Него слушајте го!“ (Лука 9:35). Да, слушајте го, или бидете му послушни на овој Избраник. За ова биле потребни вера и добри дела. Всушност, и двете работи се апсолутно неопходни за да му угодиме на Бог и да добиеме вечен живот (Јован 3:16, 35, 36).
11, 12. а) Од кои причини Евреите во првиот век не сакале да го прифатат Исус како Месија? б) Кој поверувал во Исус?
11 Иако имало многубројни докази дека Исус е Месијата, повеќето Евреи во првиот век не го прифатиле како таков. Зошто? Бидејќи си имале однапред создадени претстави за Месијата, меѓу кои било и тоа дека тој ќе биде политички месија што ќе ги ослободи од римската тиранија. (Прочитај Јован 12:34.) Затоа, не можеле да прифатат Месија на кого се исполниле пророштвата дека ќе биде презрен, избегнуван од луѓето, човек кој ќе ги запознае болката и болеста и на крајот ќе биде убиен (Иса. 53:3, 5). Дури и некои од верните ученици на Исус биле разочарани кога тој не го избавил Израел од римското угнетување. Но, останале верни и, со текот на времето, почнале поточно да ги разбираат работите (Лука 24:21).
12 Друга причина зошто луѓето не сакале да веруваат дека Исус е ветениот Месија биле неговите учења, кои за мнозина биле тешко прифатливи. Тој рекол дека, за да влезе во Царството, човек треба да „се одрече од себе“, ‚да го јаде‘ неговото тело и ‚да ја пие‘ неговата крв, да „се роди повторно“ и да не биде „дел од светот“ (Мар. 8:34; Јован 3:3; 6:53; 17:14, 16). За горделивите, богатите и лицемерите, овие барања биле претешки. Но, понизните Евреи го прифатиле Исус како Месија, а исто така и некои Самарјани, кои рекле: „Овој човек навистина е спасителот на светот“ (Јован 4:25, 26, 41, 42; 7:31).
13. Како Исус бил на симболичен начин ранет во петицата?
13 Исус претскажал дека главните свештеници ќе го осудат и дека незнабошците ќе го приковаат на столб, но дека на третиот ден ќе воскресне (Мат. 20:17-19). Кога пред Судскиот совет јасно изјавил дека е „Христос, Синот Божји“, бил осуден за богохулство (Мат. 26:63-66). Пилат рекол дека „тој не направил ништо со кое би заслужил смрт“, но бидејќи Евреите го обвиниле Исус и за побуна, Пилат ‚им го предал на нивна волја‘ (Лука 23:13-15, 25). На тој начин, тие ‚се одрекле‘ и сковале завера да го убијат „Главниот Застапник на животот“, и покрај непобитните докази дека тој е испратен од Бог (Дела 3:13-15). Месијата бил „погубен“, како што било проречено, на тој начин што бил прикован на столб на Пасхата во 33 год. од н.е. (Дан. 9:26, 27; Дела 2:22, 23). Со ваквата сурова смрт, тој бил ранет во „петицата“ како што било проречено во 1. Мојсеева 3:15.
Зошто Месијата морал да умре
14, 15. а) Од кои две причини Јехова дозволил да умре Исус? б) Што направил Исус откако бил воскреснат?
14 Јехова дозволил Исус да умре од две важни причини. Прво, со тоа што Исус останал верен до смрт, бил расветлен еден важен дел од „светата тајна“. По цена на својот живот, тој докажал дека еден совршен човек може да му остане ‚оддаден на Бог‘ и да го поддржи Неговото право да владее, и покрај најстрашните неволји што би можел да му ги нанесе Сатана (1. Тим. 3:16). Второ, како што рекол Исус, ‚Синот човечки дошол да го даде својот живот како откупнина за мнозина‘ (Мат. 20:28). Со таа „соодветна откупнина“ била платена казната за гревот што го наследиле потомците на Адам, и бил овозможен вечен живот за сите што го прифаќаат Исус како оној преку кого Бог обезбедува спасение (1. Тим. 2:5, 6).
15 По три дена во гробот, Христос бил воскреснат и цели 40 дена им се појавувал на своите ученици, докажувајќи им дека е жив и давајќи им натамошни упатства (Дела 1:3-5). Потоа се вознел на небото за да му ја принесе на Јехова вредноста на својата скапоцена жртва и да чека да дојде одреденото време кога ќе започне неговата присутност како месијански Цар. Во меѓувреме, имал многу работа.
Довршување на улогата на Месија
16, 17. Опиши каква е улогата на Исус како Месија откако се вознел на небото.
16 Низ вековите по своето воскресение, Исус верно ги надгледувал и сѐ уште ги надгледува активностите на христијанското собрание над кое царува (Кол. 1:13). Во одредено време, тој требало да почне да ја спроведува својата власт како Цар на Божјето Царство. Библиските пророштва и настаните во светот потврдуваат дека тој е присутен како Цар од 1914 год., кога започнал и „свршетокот на овој поредок“ (Мат. 24:3; Отк. 11:15). Кратко потоа, тој ги предводел светите ангели во битката во која Сатана и неговите демони биле исфрлени од небото (Отк. 12:7-10).
17 Проповедањето и поучувањето што Исус го започнал во 29 год. од н.е. се ближи кон својата величествена завршница. Наскоро тој ќе им суди на сите живи. Потоа, на сите оние што се кротки како овци и кои го прифаќаат како оној преку кого Јехова обезбедува спасение, ќе им каже да ‚го наследат царството кое е подготвено за нив од настанувањето на светот‘ (Мат. 25:31-34, 41). Оние што не го прифаќаат Исус како Цар, ќе бидат уништени кога тој ќе ги поведе своите небесни војски во војна против сета злоба. Потоа, Исус ќе го врзе Сатана и ќе го фрли заедно со демоните во „бездната“ (Отк. 19:11-14; 20:1-3).
18, 19. Што ќе постигне Исус со тоа што ја исполнува својата улога на Месија, и какви благослови ќе произлезат од тоа за послушните луѓе?
18 Во текот на своето илјадагодишно владеење, Исус во целост ќе постапува во склад со сите свои титули, како „Прекрасен Советник, Моќен Бог, Вечен Татко, Кнез на Мирот“ (Иса. 9:6, 7). Во неговото Царство, сите луѓе ќе бидат доведени до совршенство, вклучувајќи ги и оние што ќе воскреснат од мртвите (Јован 5:26-29). Месијата ќе ги води искрените луѓе „на извори на води на животот“, и ќе им овозможи на послушните лица да бидат во мир со Јехова. (Прочитај Откровение 7:16, 17.) Откако ќе заврши последниот испит, сите бунтовници, заедно со Сатана и неговите демони, ќе бидат ‚фрлени во огненото езеро‘, и со тоа, всушност, ќе ѝ биде смачкана главата на „змијата“ (Отк. 20:10).
19 На колку прекрасен и совршен начин ја исполнува Исус својата улога на Месија! Рајот на Земјата ќе биде полн со откупени луѓе, кои ќе живеат вечно во совршено здравје и среќа. Јеховиното свето име ќе биде исчистено од секаков срам и целосно ќе биде оправдано неговото неприкосновено право да владее со вселената. Какво величествено наследство ги чека наскоро сите кои му се послушни на Божјиот Помазаник!
Дали ти си го нашол Месијата?
20, 21. Од кои причини треба да им кажуваш на другите за Месијата?
20 Од 1914 год., живееме во времето на Христовата паруси́а, или присутност. Иако неговата присутност како Цар на Божјето Царство е невидлива, таа јасно се гледа од исполнувањето на пророштвата (Отк. 6:2-8). Сепак, исто како и Евреите во првиот век, повеќето луѓе денес не им обрнуваат внимание на доказите за присутноста на Месијата. И тие сакаат политички месија или барем некој што ќе дејствува преку политичарите во светот. Но, ти знаеш дека Исус сега владее како Цар на Божјето Царство. Зарем не се израдува кога го дозна тоа? Исто како учениците во првиот век, и ти можеше да речеш: „Го најдовме Месијата!“
21 Денес, кога зборуваш за вистината, дали ја истакнуваш улогата на Исус како Месија? Ако го правиш тоа, ќе го цениш уште повеќе за она што тој го направил за тебе, она што сега го прави, и она што ќе го направи во иднина. Исто како Андреј и Филип, сигурно и ти си им зборувал на своите роднини и пријатели за Месијата. Зошто повторно не зборуваш со нив со обновен жар и не им покажеш дека Исус Христос е навистина ветениот Месија, преку кого Бог ќе нѐ спаси?
Можеш ли да објасниш?
• Како можеле учениците во првиот век да го најдат Месијата?
• Од кои две важни причини умрел Исус?
• Што уште ќе направи Исус и во иднина за да ја исполни својата улога на Месија?
[Слики на страница 21]
Од каде можеле да знаат луѓето во првиот век дека Исус е ветениот Месија?
[Слика на страница 23]
Кога зборуваш со другите, дали ја истакнуваш улогата на Исус како Месија?