Не жалостете го Јеховиниот свет дух
„Не жалостете го Божјиот свет дух, со кој сте запечатени“ (ЕФ. 4:30)
1. Што направил Јехова за милиони луѓе, и што се должни тие?
ЈЕХОВА направил нешто посебно за милиони луѓе што живеат во овој немирен свет. Им овозможил да се зближат со него преку неговиот единороден Син, Исус Христос (Јован 6:44). Ако си му се заветувал на Бог и живееш во склад со тој завет, тогаш и ти си меѓу оние што се блиски со него. Бидејќи си крстен во името на светиот дух, должен си да се однесуваш во склад со водството што го дава духот (Мат. 28:19).
2. Кои прашања ќе ги разгледаме?
2 Ние, кои ‚сееме во духот‘, ја облекуваме новата личност (Гал. 6:8; Еф. 4:17-24). Но, апостол Павле нѐ советува и нѐ предупредува да не го жалостиме Божјиот свет дух. (Прочитај Ефешаните 4:25-32.) Сега подетално ќе го разгледаме неговиот совет. На што мислел Павле кога рекол да не го жалостиме Божјиот дух? Како воопшто би можел некој што му го заветувал својот живот на Јехова да го жалости неговиот дух? И што ќе ни помогне да не направиме такво нешто?
На што мислел Павле
3. Објасни што значат зборовите запишани во Ефешаните 4:30.
3 Најпрво да ги разгледаме зборовите на Павле запишани во Ефешаните 4:30. Тој напишал: „Не жалостете го Божјиот свет дух, со кој сте запечатени за денот кога ќе ве ослободи откупнината“. Павле не сакал неговите соверници да го доведат во опасност својот однос со Бог. Токму со Јеховиниот дух биле ‚запечатени за денот кога ќе ги ослободи откупнината‘. Божјиот свет дух бил и сѐ уште е печат, или „гаранција за она што ќе дојде“ на помазаниците што му остануваат верни на Бог (2. Кор. 1:22). Печатот потврдува дека се Божја сопственост и дека ќе добијат живот на небото. Бројот на оние што конечно ќе бидат запечатени изнесува 144.000 (Отк. 7:2-4).
4. Зошто е важно да не го жалостиме Божјиот дух?
4 Кога го жалости духот, еден христијанин го прави првиот чекор кој може да доведе до тоа Божјиот дух повеќе да нема влијание во неговиот живот. Од зборовите што ги кажал Давид кога направил грев со Витсавеа се гледа дека е можно да дојде до вакво нешто. Давид покајнички го молел Јехова: „Не отфрлај ме од пред своето лице и не одземај ми го својот свет дух“ (Пс. 51:11). Само оние помазаници кои остануваат ‚верни до смрт‘ ќе бидат наградени со бесмртен живот на небото (Отк. 2:10; 1. Кор. 15:53). И на христијаните кои имаат надеж да живеат вечно на Земјата им е потребен светиот дух за да му останат верни на Бог и тој да им подари живот на темел на нивната вера во Христовата откупна жртва (Јован 3:36; Рим. 5:8; 6:23). Затоа, сите ние мораме да пазиме да не го жалостиме Јеховиниот свет дух.
Како би можел еден христијанин да го жалости духот?
5, 6. Како би можел еден христијанин да го жалости Јеховиниот дух?
5 Како крстени христијани, можеме да успееме да не го жалостиме духот. Како? Така што ќе ‚живееме според духот‘, а тоа ќе ни помогне да не им попуштиме на погрешните желби на телото и да не покажуваме злобни особини (Гал. 5:16, 25, 26). Но, ова може да се смени. Можно е во извесна мера да го жалостиме Божјиот дух ако дозволиме полека, речиси незабележливо, да почнеме да правиме работи што се осудени во Божјата Реч напишана под водство на светиот дух.
6 Ако постојано постапуваме спротивно на водството од светиот дух, ќе го жалостиме духот, но и Јехова, Изворот на тој дух. Да ги разгледаме подетално зборовите од Ефешаните 4:25-32, за да дознаеме како треба да се однесуваме и што ќе ни помогне да не го жалостиме Божјиот дух.
Што ќе ни помогне да не го жалостиме духот
7, 8. Зошто мораме да ја зборуваме вистината?
7 Мораме да ја зборуваме вистината. Според Ефешаните 4:25, Павле напишал: „Сега кога сте ја отфрлиле лагата, зборувајте ја вистината секој на својот ближен, бидејќи сме делови на телото кои си припаѓаат едни на други“. Бидејќи сме обединети како „делови на телото кои си припаѓаат едни на други“, во никој случај не треба да бидеме неискрени или намерно да ги наведуваме соверниците на погрешен заклучок, бидејќи тоа е исто како да ги лажеме. Сите што упорно постапуваат така ќе го изгубат пријателството со Бог. (Прочитај Изреки 3:32.)
8 Лагите и подлите постапки можат да го поткопаат единството во собранието. Затоа, треба да бидеме како пророкот Даниел, човек кој бил достоен за доверба и во кого немало ништо нечесно (Дан. 6:4). Исто така, мораме да го имаме на ум советот што Павле им го дал на христијаните со небесна надеж дека секој член на „Христовото тело“ им припаѓа на другите и треба да остане во единство со вистинољубивите помазани следбеници на Исус (Еф. 4:11, 12). Ако сакаме вечно да живееме во рајот на Земјата, и ние мораме да ја зборуваме вистината, со што ќе придонесеме сите да бидеме обединети како меѓународно братство.
9. Зошто е важно да го послушаме советот од Ефешаните 4:26, 27?
9 Мораме да му се спротивставиме на Ѓаволот и да не му дадеме можност да ни наштети духовно (Јак. 4:7). Светиот дух ни помага да му се спротивставиме на Сатана. На пример, ќе успееме да му се спротивставиме ако се пазиме од неконтролиран гнев. Павле напишал: „Ако се гневите, немојте да грешите. Сонцето да не зајде, а вие сѐ уште да чувствувате лутина. И не давајте му можност на Ѓаволот да дејствува“ (Еф. 4:26, 27). Во ситуации кога со право ќе се налутиме добро е веднаш да се помолиме во себе, зашто тоа ќе ни помогне ‚да имаме мирен дух‘ и да покажеме самоконтрола, наместо да постапиме на начин со кој би го жалостеле Божјиот дух (Изр. 17:27). Затоа, да не држиме лутина и да не му даваме шанса на Сатана да нѐ натера да направиме нешто лошо (Пс. 37:8, 9). Еден начин на кој можеме да му се спротивставиме е така што брзо ќе ги решаваме несогласувањата во склад со советот што го дал Исус (Мат. 5:23, 24; 18:15-17).
10, 11. Зошто не смееме да крадеме или да бидеме нечесни?
10 Не смееме да попуштиме на искушението да крадеме или да бидеме нечесни. Во врска со крадењето, Павле напишал: „Кој крадел, повеќе да не краде, туку да работи марливо, правејќи добро со своите раце, за да има да му даде нешто на оној што е во немаштија“ (Еф. 4:28). Ако еден христијанин краде, тој всушност го ‚осквернува името на Бог‘ со тоа што му нанесува срам (Изр. 30:7-9). Дури ни сиромаштијата не е изговор за некој да краде. Оние што го сакаат Бог и својот ближен сфаќаат дека нема никакво оправдание за крадењето (Мар. 12:28-31).
11 Павле не кажува само што не треба да правиме туку и што треба да правиме. Ако живееме според светиот дух, вредно ќе работиме за да се грижиме за семејството, а ќе имаме и „да му дадеме нешто на оној што е во немаштија“ (1. Тим. 5:8). Исус и апостолите одвојувале пари за да им помагаат на сиромашните, но предавникот Јуда Искариот си земал дел од тие пари за себе (Јован 12:4-6). Него сигурно не го водел светиот дух. Ние кои сме водени од Божјиот дух ‚во сѐ постапуваме чесно‘, исто како Павле (Евр. 13:18). Така не го жалостиме Јеховиниот свет дух.
Што друго ќе ни помогне да не го жалостиме духот
12, 13. а) Според Ефешаните 4:29, какви зборови не треба да користиме? б) Какви треба да бидат нашите зборови?
12 Мораме да внимаваме на своите зборови. Павле напишал: „Никаков лош збор да не излегува од вашата уста, туку само оној што е добар, за да ги изградува другите според потребата и да им биде од корист на оние што го слушаат“ (Еф. 4:29). И овде Павле не ни кажува само што не треба да правиме туку и што треба да правиме. Кога му дозволуваме на Божјиот дух да нѐ води, ќе кажуваме ‚добри зборови за да ги изградуваме другите и да им бидат од корист на оние што ги слушаат‘. Освен тоа, од нашата уста не треба да излегува „никаков лош збор“. Грчкиот израз преведен со „лош“ се користи за да се опише скапано овошје, расипана риба или месо. Исто како што таквата храна ни е одвратна, така ги мразиме и зборовите што Јехова ги смета за лоши.
13 Нашите зборови треба да бидат пристојни, љубезни, ‚зачинети со сол‘ (Кол. 3:8-10; 4:6). Од она што го кажуваме, луѓето треба јасно да видат дека ние сме поинакви. Затоа, да им помагаме на другите со тоа што ќе кажуваме зборови со кои ќе ‚ги изградуваме‘. Треба да имаме ист став како псалмистот, кој пеел: „Зборовите на мојата уста и размислувањето на моето срце нека ти бидат пријатни, о Јехова, Карпо моја и Откупителу мој“ (Пс. 19:14).
14. Според Ефешаните 4:30, 31, што треба да отстраниме од себе?
14 Мораме да ги отстраниме од себе горчината, гневот, навредливиот говор и сета злоба. Откако дал предупредување да не го жалостиме Божјиот дух, Павле напишал: „Нека се отстрани од вас сета злобна горчина и лутина и гнев и викање и навредлив говор заедно со сета злоба“ (Еф. 4:30, 31). Бидејќи сме несовршени, сите ние мораме да вложиме напор за да си ги контролираме мислите и постапките. Ако неконтролирано истураме врз другите „злобна горчина и лутина и гнев“, ќе го жалостиме Божјиот дух. Истото важи ако ја памтиме секоја неправда што ни била нанесена, ако држиме лутина и ако не сакаме да се смириме со оној што ни згрешил. Дури и ако само малку пропуштиме да им обрнеме внимание на библиските совети, може да развиеме особини што би нѐ навеле да згрешиме против духот и да пожнееме горки последици.
15. Како треба да постапиме ако некој ни згреши?
15 Мораме да бидеме милостиви, сочувствителни и спремни да простиме. Павле напишал: „Бидете милостиви еден спрема друг, имајте сомилост, спремно простувајќи си еден на друг како што и Бог преку Христос спремно ви прости вам“ (Еф. 4:32). Дури и ако некој ни згрешил и длабоко нѐ повредил, спремно да му простиме, исто како што и Бог ни простува нам (Лука 11:4). Да претпоставиме дека некој сохристијанин кажал нешто лошо за нас. За да го решиме недоразбирањето, одиме да разговараме со него. Гледаме дека искрено се кае и нѐ моли да му простиме. Ќе му простиме, но потребно е и нешто повеќе. Во 3. Мојсеева 19:18 стои: „Не одмаздувај се и не држи лутина кон синовите на својот народ. Сакај го својот ближен како самиот себе. Јас сум Јехова“.
Мора да се внимава
16. Наведи пример кој покажува дека можеби ќе треба да смениме нешто за да не го жалостиме Јеховиниот дух.
16 Дури и кога сме сами, може да се најдеме на искушение да направиме нешто што Бог не го одобрува. На пример, можеби некој брат слуша музика која не е за христијани. По некое време, совеста почнува да го пече затоа што пропуштил да обрне внимание на библиските совети изнесени во публикациите од „верниот и разборит роб“ (Мат. 24:45). Можеби се моли во врска со тоа и се присетува на зборовите кои ги запишал Павле во Ефешаните 4:30. Цврсто решен повеќе да не прави ништо со што би го жалостел Божјиот дух, одлучува да престане да слуша таква музика. Јехова ќе го благослови ваквиот став. Затоа, постојано да внимаваме да не го жалостиме Божјиот дух.
17. Што би можело да се случи ако не сме внимателни и ако не го молиме Јехова за помош?
17 Ако не сме внимателни и не го молиме Јехова за помош, може да направиме нешто погрешно или валкано со што би го жалостеле духот. Бидејќи духот создава во нас особини какви што има нашиот небесен Татко, кога го жалостиме, го жалостиме и Таткото — а вакво нешто сигурно не би сакале да направиме (Еф. 4:30). Еврејските книжници во првиот век направиле грев со тоа што чудата што ги правел Исус му ги припишале на Сатана. (Прочитај Марко 3:22-30.) Тие непријатели на Исус ‚похулиле на светиот дух‘ и со тоа направиле непростлив грев. Никогаш да не тргнеме по нивниот пат!
18. По што можеме да заклучиме дека не сме направиле непростлив грев?
18 Бидејќи не сакаме ни да се најдеме во ситуација кога би можеле да направиме непростлив грев, треба да го имаме на ум она што Павле го рекол во врска со жалостењето на духот. Но, што ако сме направиле тежок грев? Ако сме се покајале и сме добиле помош од старешините, може да сметаме дека Бог ни простил и дека не сме направиле грев против светиот дух. Бог може да ни помогне да не го жалостиме духот повторно.
19, 20. а) Кои се некои работи што не треба да ги правиме? б) На што треба да бидеме решени?
19 Бог го користи својот свет дух за да го поттикнува својот народ на љубов, радост и единство (Пс. 133:1-3). Затоа, да не го жалостиме духот со тоа што ќе озборуваме или ќе кажуваме работи со кои ќе го поткопаме авторитетот на пастирите именувани од него (Дела 20:28; Јуда 8). Наместо тоа, да придонесуваме за единството и почитта во собранието. Да нема групирање и поделби меѓу нас како Божји народ. Павле напишал: „Ве поттикнувам, браќа, преку името на нашиот Господар Исус Христос, сите да зборувате едно и меѓу вас да нема поделби, туку да бидете потполно обединети со ист ум и со ист начин на размислување“ (1. Кор. 1:10).
20 Јехова сака и може да ни помогне да не го жалостиме неговиот дух. Затоа, да се молиме за свет дух и да бидеме решени да не го жалостиме. Да продолжиме ‚да сееме во духот‘ и да го следиме неговото водство сега и засекогаш.
Како ќе одговориш?
• Што значи да се жалости Божјиот дух?
• Како би можел некој што му е заветуван на Јехова да го жалости неговиот дух?
• Што ќе ни помогне да не го жалостиме светиот дух?
[Слика на страница 30]
Брзо решавај ги несогласувањата
[Слика на страница 31]
Каков е твојот говор?