Вистината за гревот
МОЖЕ ЛИ еден болен човек да докаже дека нема температура со тоа што ќе го скрши топломерот? Се разбира дека не! По истата логика, тоа што многу луѓе го отфрлаат Божјето гледиште за гревот не значи дека гревот не постои. Божјата Реч, Библијата, зборува многу на оваа тема. Што ни кажува за гревот?
Сите грешат
Пред околу две илјади години, апостол Павле рекол дека бил разочаран поради тоа што ‚доброто што го сакал, не го правел, туку злото што не го сакал, тоа го правел‘ (Римјаните 7:19). Ако сме искрени, ќе признаеме дека и ние сме во слична ситуација. Можеби сакаме да живееме според Десетте заповеди или според некои други мерила на однесување но, свесно или несвесно, сепак сите грешиме. И да не сакаме намерно да прекршиме некое начело, тоа ќе ни се случи бидејќи едноставно сме слаби. Зошто? Самиот Павле го дал одговорот: „Ако го правам она што не го сакам, тогаш тоа не го правам повеќе јас, туку гревот кој живее во мене“ (Римјаните 7:20).
Исто како Павле, сите луѓе се измачуваат поради своите вродени слабости. Самото тоа е доказ дека сме наследиле грев и дека сме несовршени. „Сите згрешија и не ја одразуваат Божјата слава“, рекол овој апостол. Која е причината за тоа? Павле продолжил: „Преку еден човек [Адам] гревот влезе во светот и преку гревот смртта, и така смртта се прошири на сите луѓе, зашто сите згрешија“ (Римјаните 3:23; 5:12).
Иако мнозина не ја прифаќаат идејата дека гревот што го направиле нашите прародители нѐ отуѓил од Бог и бил причина да го изгубиме совршенството што тие го имале во почетокот, Библијата, всушност, вели дека се случило токму тоа. Кога цитирал делови од првите поглавја од 1. Мојсеева, Исус покажал дека и самиот верува во извештајот за Адам и Ева (1. Мојсеева 1:27; 2:24; 5:2; Матеј 19:1-5).
Една основна работа во пораката што ја содржи Библијата е тоа дека Исус дошол на Земјата за да ги откупи од гревот оние што покажуваат вера во него (Јован 3:16). Нашата иднина зависи од тоа дали го прифаќаме она што го направил Јехова за да го спаси човештвото од тешката ситуација над која ние како луѓе немаме никаква контрола. Но, ако не ни е јасно како гледа Бог на гревот, не можеме ниту да го разбереме ниту да покажеме ценење за сето она што го сторил за да нѐ спаси од него.
Жртвата на Исус и зошто била потребна
Јехова му дал на првиот човек можност да живее вечно. Само ако се побунел против Бог, Адам ќе ја изгубел таа прекрасна можност. За жал, се побунил и тогаш станал грешник (1. Мојсеева 2:15-17; 3:6). Тој постапил спротивно на Божјата волја, го изгубил совршенството и си го нарушил односот со Бог. Кога го прекршил Божјиот закон, односно кога направил грев, почнал да старее и на крајот умрел. За жал, сите потомци на Адам — вклучувајќи нѐ и нас — се родени во грев, и поради тоа се осудени на смрт. Зошто?
Причината е многу едноставна. Несовршени родители не можат да имаат совршени деца. Сите потомци на Адам биле родени како грешници, а апостол Павле рекол дека „платата за гревот е смрт“ (Римјаните 6:23). Но, вториот дел од тој стих ни влева надеж: „А дарот што го дава Бог е вечен живот преку Христос Исус, нашиот Господар“. Тоа значи дека, преку жртвената смрт на Исус, можно е послушните, благодарни луѓе да бидат очистени од последиците на гревот што го направил Адамa (Матеј 20:28; 1. Петрово 1:18, 19). Со оглед на сево ова, што треба да сториш ти?
Христовата љубов „нѐ тера“
Под водство на светиот дух, апостол Павле го дал Божјиот одговор на тоа прашање. Тој напишал: „Христовата љубов нѐ тера, бидејќи го заклучивме ова: еден човек умре за сите... тој умре за сите, за оние што живеат да не живеат повеќе за себе, туку за него, кој умре за нив и беше воскреснат“ (2. Коринќаните 5:14, 15). Ако на некој му е јасно дека Исусовата жртва може да го ослободи од последиците на гревот — и ако сака да покаже благодарност за тоа — треба да се труди да живее во склад со она што Бог го бара од него. Тоа значи дека треба да дознае и да разбере што бара Бог, да ја школува својата совест според библиските мерила и да живее во склад со нив (Јован 17:3, 17).
Гревот го нарушува нашиот однос со Јехова Бог. Кога цар Давид сфатил колку било сериозно тоа што направил прељуба со Витсавеа и наместил да биде убиен нејзиниот сопруг, сигурно чувствувал голем срам. Но, она што најмногу го загрижувало — и тоа со право — бил фактот што му згрешил на Бог. Скршен од болка, му признал на Јехова: „Тебе, тебе ти згрешив и го направив она што е зло во твои очи“ (Псалм 51:4). И кога Јосиф бил ставен на искушение да направи прељуба, неговата совест го терала да каже: „Како би можел да направам толку големо зло и да му згрешам на Бог?“ (1. Мојсеева 39:9).
Значи, гревот не е само лошо чувство затоа што нѐ фатиле како правиме нешто што не е во ред. Не се работи само за тоа да се оправдаме пред другите или пред општеството бидејќи можеби сме изневериле некој идеал. Непочитувањето на Божјите закони за сексот, чесноста, почитта, обожавањето итн. го нарушува нашиот личен однос со Бог. Ако намерно правиме грев, стануваме Божји непријатели. Тоа сознание треба да нѐ поттикне сериозно да размислиме за оваа работа (1. Јованово 3:4, 8).
Значи, што се случило со гревот? Факт е дека ништо не се случило со него. Луѓето едноставно почнале да го нарекуваат со други имиња за да не изгледа толку сериозен колку што е. Многумина дозволиле совеста да им затапи или, пак, не ја слушале кога ги осудувала за нешто. Сите што сакаат да ја имаат Божјата милост не смеат да попуштат на таквата склоност. Како што видовме, платата за гревот не е само повредена гордост или срам, туку смрт. Гревот е работа на живот и смрт.
Добра вест е дека гревовите можат да ни бидат простени на темел на откупната жртва на Исус, но под услов искрено да се каеме за нив и да престанеме да ги правиме. „Среќни се оние чии незаконски дела се простени и чии гревови се покриени“, напишал Павле. „Среќен е човекот кому Јехова не му го вбројува гревот“ (Римјаните 4:7, 8).
[Фуснота]
a Подетално објаснување за тоа на кој начин жртвената смрт на Исус има моќ да ги спаси послушните луѓе можеш да најдеш на страници 47 до 54 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.
[Рамка/слика на страница 10]
Нов правец во теологијата
На повеќето католици, идејата за лимбус отсекогаш им била нејасна. Во последниве децении, оваа идеја постепено избледуваше — и тоа до тој степен што веќе не се појавува во катехизмите. Во 2007 год., Католичката црква официјално ја потпиша „посмртницата“ на лимбусот во еден документ во кој се спомнува дека има „теолошка и литургиска основа да се верува дека новороденчињата што ќе умрат некрстени можат да бидат спасени и да добијат вечно блаженство“ (Меѓународната теолошка комисија).
Зошто дошло до ваква драстична промена на ставот, односно до сосема нов правец во теологијата? Главно, бидејќи тоа ѝ дозволи на црквата да се ослободи од она што францускиот новинар Анри Тинк го нарекол „мачно наследство кое, почнувајќи од средниот па сѐ до 20 век, го бранела користољубивата црква, која ги заплашувала родителите со лимбус за да ги натера да ги крстат децата колку што е можно побрзо“. Но, „смртта“ на лимбусот води и до други прашања.
Традиција или библиско учење? Историски гледано, верувањето во лимбус се појавило во 12 век, како резултат на теолошките дебати во врска со чистилиштето. Католичката црква учела дека, по смртта на едно лице, душата продолжува да живее, па затоа морало да се најде место и за душите на децата што не можеле да отидат на небото бидејќи не биле крстени, но не заслужувале да одат ни во пекол. Така се родила идејата за лимбус.
Меѓутоа, Библијата не вели дека по смртта на човекот неговата душа продолжува да живее. Наместо тоа, јасно покажува дека човечките души што грешат ќе бидат погубени и ќе умрат, а не дека се бесмртни (Дела 3:23; Езекиел 18:4). Бидејќи душата умира, логично е дека не постои никаков лимбус. Освен тоа, Божјата Реч зборува за смртта како за состојба на бессознание, слично на спиењето (Проповедник 9:5, 10; Јован 11:11-14).
Библијата покажува дека Бог ги смета за свети децата чии родители се христијани (1. Коринќаните 7:14). Таа изјава би била бесмислена ако новороденчињата мора да се крштаваат за да се спасат.
Учењето за лимбус е, всушност, навреда за Бог бидејќи го прикажува како суров тиранин кој ги казнува невините, а не како праведен Татко кој ги сака своите деца (5. Мојсеева 32:4; Матеј 5:45; 1. Јованово 4:8). Затоа, не е чудно што ова небиблиско учење отсекогаш се косело со здравиот разум на искрените христијани!
[Слики на страница 9]
Оној што живее во склад со Божјата Реч има добри односи и со Бог и со луѓето