Прашања од читателите
Зошто можел Исус да ѝ каже на една жена која била позната како грешница дека гревовите ѝ се простени? (Лука 7:37, 48).
Додека Исус бил на ручек во куќата на фарисејот Симон, една жена ‚се сместила одзади, кај неговите нозе‘ и плачејќи почнала да му ги натопува нозете со солзи и да му ги брише со својата коса. Потоа му ги бакнувала стапалата и му ги намачкала со мирисливо масло. Жената ‚во градот била позната како грешница‘, стои во евангелието. Се разбира, секој несовршен човек е грешник, но во Библијата овој збор се користи за да се опише некој што живее во грев или чии гревови се општопознати. Веројатно оваа жена била проститутка. И токму нејзе Исус ѝ рекол: „Простени ти се гревовите“ (Лука 7:36-38, 48). Што сакал да каже со тоа? Како било можно да ѝ прости кога откупната жртва сѐ уште не била принесена?
Откако му ги измила и помазала нозете, но пред да ѝ ги прости гревовите, Исус раскажал една споредба за да му објасни нешто важно на својот домаќин, Симон. Споредувајќи го гревот со долг што е преголем за да може да се плати, Исус му рекол: „Двајца луѓе му беа должници на еден заемодавец. Едниот му должеше петстотини денарии, а другиот педесет. Но, бидејќи не можеа да го вратат долгот, тој спремно им прости на обајцата. Според тоа, кој од нив повеќе ќе го сака?“ Симон одговорил: „Веројатно оној кому му простил повеќе“. На тоа Исус му рекол: „Исправно пресуди“ (Лука 7:41-43). Сите ние сме должни да му бидеме послушни на Бог, па според тоа, кога нема да го послушаме и ќе направиме грев, пропуштаме да му го платиме она што му го должиме. На тој начин, со текот на времето, нашиот долг станува сѐ поголем. Но, Јехова е како заемодавец кој е спремен да ни ги прости долговите. Затоа Исус ги поттикнал своите следбеници да го молат Бог упатувајќи му го следново барање: „Прости ни ги нашите долгови, како што и ние им простуваме на нашите должници“ (Мат. 6:12). Лука 11:4 јасно кажува дека тие долгови се, всушност, нашите гревови.
Под кои услови Бог ги простувал гревовите во минатото? Неговата совршена правда налага за гревот да се плати со смрт. Затоа, Адам платил за својот грев со животот. Но, под Законот што Бог му го дал на израелскиот народ, на еден грешник можеле да му бидат простени гревовите ако му жртвувал животно на Јехова. Апостол Павле рекол: „Според Законот скоро сѐ се чисти со крв, и без пролевање крв нема простување“ (Евр. 9:22). На Евреите не им бил познат друг начин на кој Бог би им простил. Затоа, не е чудно што некои од оние кои биле на ручек кај Симон имале приговор на она што Исус ѝ го рекол на жената. Тие што биле со него на трпезата си помислиле во себе: „Кој е овој што дури и гревови простува?“ (Лука 7:49). Тогаш, врз која основа можело да ѝ биде простено на оваа голема грешница?
Уште во првото пророштво, кое било изречено откако првиот човечки пар се побунил, Јехова кажал дека има намера да подигне „потомство“ кое Сатана и неговото „потомство“ ќе го ранат во петицата (1. Мој. 3:15). Ова се случило кога Божјите непријатели го погубиле Исус (Гал. 3:13, 16). Крвта што ја пролеал Христос служи како откупнина која го ослободува човештвото од гревот и од смртта. Бидејќи ништо не може да го спречи Јехова да го изврши она што го наумил, веднаш штом ги кажал зборовите запишани во 1. Мојсеева 3:15, од Негова гледна точка било исто како откупнината веќе да е дадена. Затоа можел да им прости на оние што имале вера во неговите ветувања.
Во претхристијанските времиња, Јехова сметал многу поединци за праведни. Некои од нив биле Енох, Ное, Авраам, Раав и Јов. Овие луѓе со вера го очекувале исполнувањето на Божјите ветувања. „Авраам му поверува на Јехова, а тој го сметаше за праведен поради тоа“, напишал ученикот Јаков. А во врска со Раав, Јаков напишал: „Зарем и блудницата Раав не беше исто така прогласена за праведна поради делата?“ (Јак. 2:21-25).
Цар Давид од древниот Израел направил неколку тешки гревови, но имал силна вера во вистинскиот Бог и секојпат покажал вистинско каење. Освен тоа, Библијата вели: „Бог го постави [Исус] како жртва со која ги помири со себе оние што веруваат во Христовата крв. Тоа го направи за да ја покаже својата праведност, бидејќи во својата воздржливост ги простуваше гревовите направени во минатото. Имено, сакаше да ја покаже својата праведност во сегашново време — да биде праведен и тогаш кога го прогласува за праведен оној што верува во Исус“ (Рим. 3:25, 26). На темел на жртвата на Исус која требало да се даде во иднина, Јехова можел да му ги прости гревовите на Давид без да ги погази своите сопствени мерила за правда.
Очигледно, ситуацијата со жената што ги помазала нозете на Исус била слична. Таа водела неморален живот, но се покајала. Увидела дека има потреба да биде откупена од гревот и покажала на дело дека навистина ја цени личноста преку која Јехова кратко потоа го дал тој откуп. Иако сѐ уште не била дадена, таа жртва била толку сигурна што нејзината вредност веќе можела да се примени на лица како таа жена. Затоа Исус ѝ рекол: „Простени ти се гревовите“.
Како што јасно се гледа од овој извештај, Исус не ги избегнувал грешниците. Тој им правел добро. Освен тоа, и Јехова е спремен да им прости на грешниците што се каат. Колку прекрасно и охрабрувачко е ова за нас, несовршените луѓе!
[Слика на страница 7]
Бог ги сметал за праведни