„Еден е вашиот Водач — Христос“
„Не дозволувајте... да ве нарекуваат водачи, зашто еден е вашиот Водач — Христос“ (МАТ. 23:10)
1. Кого го прифаќаат Јеховините сведоци за свој Водач, и зошто?
ЦРКВИТЕ на христијанскиот свет си поставуваат луѓе за водачи, како што се папата во Рим, патријарсите и митрополитите во источните православни цркви и поглаварите на другите религии. Јеховините сведоци немаат човек за водач. Тие не следат и не се ученици на ниту еден човек. Ова е во склад со пророчките зборови што Јехова ги кажал во врска со својот Син: „Еве, им го дадов за сведок на народите, за водач и за заповедник на народите“ (Иса. 55:4). Меѓународното собрание од помазани христијани и нивните придружници, ‚другите овци‘, не сакаат друг водач освен оној што им го дал Јехова (Јован 10:16). Тие се согласни со следнава изјава на Исус: „Еден е вашиот Водач — Христос“ (Мат. 23:10).
Ангелски кнез на Израел
2, 3. Каква улога играл Божјиот Син во Израел?
2 Со векови пред да биде основано христијанското собрание, Јехова поставил ангел како водач над својот народ, Израел. Откако ги извел Израелците од Египет, Јехова им рекол: „Еве, испраќам пред тебе ангел да те чува по патот и да те доведе на местото што го подготвив. Чувај се од него и слушај го неговиот глас. Немој да се бунтуваш против него, зашто тој нема да ви ги прости престапите. Тој го носи моето име“ (2. Мој. 23:20, 21). Разумно е да заклучиме дека овој ангел, кој ‚го носел Јеховиното име‘, бил Божјиот првороден Син.
3 Пред да се роди како човек, Божјиот Син очигледно се викал Михаел. Во книгата Даниел, овој Михаел е наречен „кнез“ на израелскиот народ (Дан. 10:21). Ученикот Јуда покажува дека Михаел бил вклучен во животот на израелскиот народ долго пред времето на Даниел. По смртта на Мојсеј, Сатана по сѐ изгледа имал намера да го искористи телото на овој човек за некоја своја цел, можеби за да го наведе Израел на идолопоклонство. Михаел се вмешал за да го спречи ова. Јуда раскажува: „Кога архангелот Михаел имаше спор со Ѓаволот и се расправаше околу Мојсеевото тело, не се осмели да го осуди со погрдни зборови, туку рече: ‚Јехова нека те прекори!‘“ (Јуда 9). Нешто подоцна, пред да го опсадат Ерихон, несомнено Михаел, „кнезот на Јеховината војска“, бил тој што му се појавил на Исус Навин за да го увери дека Бог е со него. (Прочитај Исус Навин 5:13-15.) Кога еден силен демон се обидел да го спречи ангелот што Јехова го испратил да му пренесе важна порака на пророкот Даниел, архангелот Михаел му дошол на помош на тој ангел (Дан. 10:5-7, 12-14).
Доаѓа проречениот Водач
4. Кое пророштво било дадено во врска со доаѓањето на Месијата?
4 Пред да се случи ова, Јехова го испратил својот ангел Гавриел да му пренесе на пророкот Даниел едно пророштво во врска со доаѓањето на „Месијанскиот Водач“ (Дан. 9:21-25).a Точно навреме, есента 29 год. од н.е., Јован го крстил Исус. Светиот дух бил излеан врз Исус и така тој станал Помазаникот — Христос, Месијата (Мат. 3:13-17; Јован 1:29-34; Гал. 4:4). Како Месија, тој требало да стане Водач на кој му нема рамен.
5. Во кој поглед Исус постапувал како Водач во текот на својата служба на Земјата?
5 Од почетокот на својата служба на Земјата, Исус докажал дека е „Месијанскиот Водач“. За неколку дена, тој почнал да собира ученици и го направил своето прво чудо (Јован 1:35 — 2:11). Неговите ученици оделе со него додека пешачел низ целата земја, проповедајќи ја добрата вест за Царството (Лука 8:1). Тој ги обучил да проповедаат а и самиот им дал добар пример со тоа што предводел во проповедањето и поучувањето на луѓето (Лука 9:1-6). Христијанските старешини денес треба да се угледаат на него во овој поглед.
6. Во која смисла Исус покажал дека е Пастир и Водач?
6 Исус се споредил себеси со грижлив пастир. Со тоа покажал дека неговата улога на водач вклучува уште нешто. Пастирите на Блискиот Исток дословно ги водат своите стада. Во една своја книга, В. М. Томсон го напишал следново: „Пастирот не оди пред овците само за да им го покаже патот, туку и да види дали е безбеден и дали овците можат да се движат по него... Со [својот] стап, тој го управува и го води стадото на зелени пасишта, но и ги брани овците од непријатели“ (The Land and the Book). Исус покажал дека е вистински Пастир и Водач кога изјавил: „Јас сум добриот пастир. Добриот пастир го полага својот живот за овците. Моите овци го слушаат мојот глас, и јас ги знам, и тие одат по мене“ (Јован 10:11, 27). Во склад со овие зборови, тој се принел како жртва и умрел за своите овци, но Јехова ‚го возвишил како Водач и Спасител‘ (Дела 5:31; Евр. 13:20).
Надгледник на христијанското собрание
7. На кој начин Исус го надгледува христијанското собрание?
7 Кратко пред да се вознесе на небото, воскреснатиот Исус им рекол на своите ученици: „Дадена ми е сета власт на небото и на земјата“ (Мат. 28:18). Јехова му дал на Исус да го испрати светиот дух за да ги зацврсти своите ученици во христијанската вистина (Јован 15:26). Исус го излеал овој дух врз првите христијани на Педесетница 33 год. од н.е. (Дела 2:33). Тоа излевање на светиот дух го означило основањето на христијанското собрание. Јехова го поставил својот Син за небесен Водач на целото собрание на Земјата. (Прочитај Ефешаните 1:22; Колошаните 1:13, 18.) Исус го води христијанското собрание преку Јеховиниот свет дух, а во тоа ги користи ангелите, кои „му се подложени“ нему (1. Пет. 3:22).
8. Кого го користел Христос во првиот век да ги води неговите ученици на Земјата, и кого го користи денес?
8 Преку светиот дух, Христос дал и „луѓе како дарови“, а некои од нив служат како „пастири и учители“ во собранието (Еф. 4:8, 11). Апостол Павле ги поттикнал христијанските надгледници: „Внимавајте на себе и на целото стадо, во кое светиот дух ве постави за надгледници, да го пасете Божјето собрание“ (Дела 20:28). Кога било основано христијанското собрание, сите овие надгледници биле помазани со дух. Апостолите и старешините во собранието во Ерусалим служеле како водечко тело, кое Христос го користел да ја води целата група од негови помазани „браќа“ на Земјата (Евр. 2:11; Дела 16:4, 5). Во ова време на крајот, Христос им го доверил „целиот свој имот“ — сите работи на Земјата кои се поврзани со Царството — на својот ‚верен и разборит роб‘ и на неговиот застапник, Водечкото тело, кое се состои од неколку помазани христијани (Мат. 24:45-47). Помазаниците и нивните придружници од другите овци признаваат дека, со тоа што го следат водството на денешното Водечко тело, всушност, го следат својот Водач, Христос.
Христос го започнува проповедничкото дело
9, 10. Како Христос ги водел работите за да се рашири добрата вест за Царството?
9 Уште од самиот почеток, Исус лично го води меѓународното проповедање и поучување на луѓето. Тој одредил по кој редослед ќе им се проповеда добрата вест за Царството на жителите на Земјата. Во текот на својата служба, им го дал следново упатство на апостолите: „Не одете кај другите народи и не влегувајте во самариски град, туку одете кај загубените овци на Израеловиот дом. Додека одите, проповедајте: ‚Се приближи царството небесно‘“ (Мат. 10:5-7). Тие ревносно го правеле ова, проповедајќи им на Евреите и преобратениците во еврејската вера, особено по Педесетница 33 год. од н.е. (Дела 2:4, 5, 10, 11; 5:42; 6:7).
10 Подоцна, преку светиот дух, Исус го проширил проповедањето за Царството и на Самарјаните и на други не-Евреи (Дела 8:5, 6, 14-17; 10:19-22, 44, 45). За да го забрза ширењето на добрата вест кај другите народи, тој лично го поттикнал Савле од Тарс да стане христијанин. Исус му го заповедал следново на својот ученик Ананија: „Стани, оди во улицата што се вика Права, и во куќата на Јуда побарај еден човек од Тарс, по име Савле... Оди, зашто овој човек ми е избран сад за да им го носи моето име на незнабошците, и на царевите и на Израеловите синови“ (Дела 9:3-6, 10, 11, 15). „Овој човек“ подоцна станал познат како апостол Павле (1. Тим. 2:7).
11. Како Исус, преку светиот дух, помагал да се рашири проповедањето?
11 Кога дошло времето пораката за Царството да се рашири меѓу нееврејските народи, Христос, преку светиот дух, го упатил Павле да појде на мисионерски патувања во Мала Азија и во Европа. Во книгата Дела, Лука напишал: „Додека еднаш тие [христијанските пророци и учители во собранието во сириска Антиохија] ја вршеа Јеховината служба и постеа, светиот дух рече: ‚Одвојте ми ги Варнава и Савле за делото за кое ги повикав!‘ И откако постеа и се молеа, ги положија рацете врз нив и ги отпуштија“ (Дела 13:2, 3). Бидејќи лично Исус го повикал Савле од Тарс да му биде „избран сад“ што ќе им го носи Неговото име на незнабошците, овој нов поттик во проповедничкото дело повторно дошол од Христос, Водачот на собранието. Во текот на второто мисионерско патување на Павле станало сосема јасно дека Исус го користи светиот дух за да го води делото. Во извештајот стои дека „Исусовиот дух“, односно Исус преку светиот дух, го водел Павле и неговите сопатници за да решат кога и каде ќе патуваат, и преку едно видение биле упатени да прејдат да проповедаат во Европа. (Прочитај Дела 16:6-10.)
Исус го води своето собрание
12, 13. Како книгата Откровение ни покажува дека Христос внимава на она што се случува во секое собрание?
12 Исус со будно внимание набљудувал што се случува во собранијата од негови помазани следбеници во првиот век од н.е. Тој многу добро знаел во каква состојба е секое собрание. Ова јасно се гледа од книгата Откровение, поглавја 2 и 3. Таму тој спомнува седум собранија кои се наоѓале во Мала Азија (Отк. 1:11). Но, имаме добри причини да веруваме дека тој многу добро ја познавал духовната состојба и на сите други тогашни собранија од свои следбеници на Земјата. (Прочитај Откровение 2:23.)
13 Исус пофалил некои од овие собранија затоа што биле истрајни, верни во неволји, цврсто се држеле за неговата реч и ги отфрлиле отпадниците (Отк. 2:2, 9, 13, 19; 3:8). Но, им дал и строги совети на неколку собранија бидејќи нивната љубов кон него оладила и допуштиле кај нив да постои идолопоклонство и блуд, како и секташтво (Отк. 2:4, 14, 15, 20; 3:15, 16). Како надгледник кој со љубов се грижел за духовното добро на сите собранија — дури и на оние што морал строго да ги опомене — Исус изјавил: „Јас ги укорувам и ги опоменувам сите што ги сакам. Затоа биди ревносен и покај се!“ (Отк. 3:19). Иако на небото, Исус ги водел собранијата од свои ученици на Земјата преку светиот дух. Во заклучокот на секоја порака до тие собранија, тој рекол: „Кој има уво, нека чуе што им зборува духот на собранијата!“ (Отк. 3:22).
14-16. а) Како Исус се покажал како храбар Водач на Јеховиниот народ на Земјата? б) Каков е резултатот од тоа што Исус е со своите ученици „во сите денови до свршетокот на овој поредок“? в) Што ќе разгледаме во следната статија?
14 Видовме дека Михаел (Исус) се покажал како храбар ангелски Водач на Израелците. Подоцна тој им бил смел Водач и грижлив Пастир на своите први ученици. Во текот на својата служба на Земјата, предводел во проповедничкото дело, а по своето воскресение, продолжил со целосно внимание да го надгледува ширењето на добрата вест за Царството.
15 Со текот на времето, Исус, преку светиот дух, требало да го прошири делото на сведочење до крајот на Земјата. Пред да се вознесе на небото, тој им рекол на своите ученици: „Ќе примите сила кога светиот дух ќе дојде врз вас, и ќе ми бидете сведоци во Ерусалим, во цела Јудеја и Самарија и сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:8; прочитај 1. Петрово 1:12). Под водството на Христос, во првиот век било дадено огромно сведоштво (Кол. 1:23).
16 Но, самиот тој покажал дека ова дело ќе продолжи до времето на крајот. Откако им дал налог на своите следбеници да проповедаат и да ги поучуваат луѓето од сите народи, Исус им ветил: „Јас сум со вас во сите денови до свршетокот на овој поредок“ (Мат. 28:19, 20). А откако му била дадена царска власт во 1914 год., Христос, повеќе од кога и да е порано, е со своите ученици и активно ги води. Во следната статија ќе разгледаме што сѐ прави Исус како наш Водач, од 1914 год. наваму.
[Фуснота]
a Ова пророштво подетално е објаснето во 11. поглавје од книгата Обрни внимание на Даниеловото пророштво!
Како би одговорил?
• Кои ставови помагаат да се зачува единството меѓу христијаните?
• Како можеме да го зачуваме единството во собранието со нашите постапки?
• Како нашиот говор ни помага да соработуваме со другите?
[Слика на страница 21]
„Испраќам пред тебе ангел“
[Слика на страница 23]
Исто како во минатото, Христос и денес користи „луѓе како дарови“ за да се грижат за неговото стадо