Извонреден успех на една посебна акција во Бугарија
„Жетвата е голема, а работници има малку. Затоа, молете го Господарот на жетвата да испрати работници на својата жетва“ (МАТ. 9:37, 38)
ОВИЕ зборови на Исус навистина добро ја опишуваат состојбата во соседна Бугарија! Таму постои вистинска потреба од повеќе работници кои ќе им ја однесат добрата вест на над седумте милиони жители. Во Бугарија има околу 1.700 објавители, но тие не се во можност да сведочат на целото подрачје. Затоа, Водечкото тело одобри да се повикаат Сведоци кои зборуваат бугарски јазик од неколку европски земји за да учествуваат во една посебна акција во 2009 година. Акцијата требаше да трае седум седмици во текот на летото и да заврши со обласниот конгрес „Бдејте!“, кој беше планиран за 14-16 август во Софија.
Извонреден одѕив
Браќата во подружницата во Софија се прашуваа колкумина Сведоци ќе пристигнат од Германија, Грција, Италија, Полска, Франција и Шпанија. Тоа значеше да патуваат на свој трошок и да го поминат својот годишен одмор во проповедање. Колку беше возбудливо кога од седмица во седмица бројот на пријавени почна да расте, и на крајот достигна 292! Бидејќи одѕивот беше толку голем, можеа да се направат подготовки овие доброволци да бидат испратени во три града во Бугарија: Казанлак, Сандански и Силистра. Покраинските надгледници во Бугарија ги поканија и локалните пионери и објавители да помогнат во акцијата. На крајот, 382-јца доброволци ревносно проповедаа на подрачја каде што добрата вест многу ретко можеше да се слушне.
Браќа од блиските собранија беа испратени предвреме за да обезбедат сместување. Тие изнајмија станови и резервираа соби во поевтини хотели. Овие локални браќа неуморно се трошеа за да им помогнат на доброволците од другите земји да се сместат и да им биде обезбедено сѐ што ќе им треба. Во сите три града беа изнајмени и објекти каде што можеа да се одржуваат состаноци. Освен тоа, беше организирано собраниските состаноци да ги водат браќата што дојдоа од странство. Многу беше радосно да се види како во места каде што не живееше ниту еден Сведок, се состануваа 50 објавители за да го слават Јехова!
Оние што дојдоа од други земји за да учествуваат во акцијата покажаа исклучителна ревност. Во текот на летото, температурата во Бугарија може да го надмине 40-тиот степен. Но, ништо не можеше да им застане на патот на овие ревносни браќа и сестри. Во Силистра, град со повеќе од 50.000 жители кој лежи на реката Дунав, беше дадено темелно сведоштво уште во првите три седмици. Потоа браќата продолжија да проповедаат и во блиските села, стигнувајќи дури до Тутракан, кој се наоѓа на 55 километри западно од Силистра. Обично ја почнуваа службата до 9.30 наутро. По паузата за ручек, честопати продолжуваа да проповедаат до 19 часот, па и подоцна. Поради големата ревност на овие доброволци, и во Казанлак и во Сандански проповедањето се прошири и на соседните села и градови.
Што беше постигнато?
Во текот на овие седум седмици беше дадено одлично сведоштво. Исто како во времето на апостолите, жителите на овие три бугарски града можеа да речат: ‚Го наполнивте нашиот град со своето учење‘ (Дела 5:28). Сведоците што учествуваа во акцијата поделија околу 50.000 списанија и започнаа 482 библиски студии. До 1 септември 2009 год. во Силистра беше основано собрание, а во Казанлак и во Сандански беа формирани групи. Голема радост е да се види како некои од оние што првпат ја чуја добрата вест за време на оваа акција сега добро напредуваат во духовен поглед.
Во првата седмица од акцијата, една сестра, специјален пионер од Шпанија која зборува бугарски, ѝ сведочела на Карина, жена од Силистра која продава весници на улица. Карина се заинтересирала и дошла на еден состанок, а потоа спремно прифатила да ја проучува Библијата. Бидејќи нејзиниот маж е атеист, ја замолила сестрата да проучуваат во еден парк. И двете нејзини ќерки присуствувале кога таа проучувала. Постарата, Даниела, покажала големо ценење за библиската вистина. Ја прочитала книгата Што учи Библијата за една седмица и веднаш постапила во склад со она што го вели Светото писмо за користењето на идоли во обожавањето. Потоа почнала да зборува за вистината со своите пријатели. Само три седмици откако дошла на својот прв собраниски состанок, таа ѝ рекла на сестрата што проучувала со неа: „Се чувствувам како да сум една од вас. Што треба да сторам за да можам и јас да проповедам?“ Даниела и понатаму духовно напредува заедно со својата мајка и помладата сестра.
Во Казанлак, еден брат Бугарин по име Орлин, кој дошол за акцијата од Италија, се враќал во станот каде што бил сместен откако завршил со службата. Попат им сведочел на двајца млади луѓе кои седеле на клупа во паркот. Им ја оставил книгата Што учи Библијата и се договорил пак да се сретнат следниот ден. Кога се виделе по вторпат, Орлин почнал да ја проучува Библијата со Светомир, а продолжил и следниот ден. За девет дена, Орлин проучувал со Светомир осум пати. Светомир му рекол: „Два дена пред да се сретнеме, го молев Бог да ми помогне да го запознаам. И му ветив дека, ако ми помогне, ќе му го посветам својот живот“. Откако Орлин се вратил во Италија, локалните браќа продолжиле да проучуваат со Светомир, и тој напредува во вистината.
Богати благослови за оние што покажаа самопожртвуваност
Како се чувствуваат оние што го искористиле одморот и патувале на свој трошок во друга земја за да ја проповедаат добрата вест? Еден старешина кој служи во Шпанија напишал: „Акцијата ги зближи браќата на бугарското подрачје во Шпанија. Имаше силно влијание врз браќата што учествуваа во неа“. Еден брачен пар од Италија напишал: „Тоа беше најубавиот месец во нашиот живот!“ Потоа додале: „Всушност, акцијата ни го промени животот! Сега сме нови луѓе“. Тие двајца почнале сериозно да размислуваат трајно да се преселат во Бугарија за да служат каде што има поголема потреба од објавители. Карина, немажена сестра која служи како општ пионер во Шпанија, во акцијата била доделена да проповеда во Силистра. Откако се вратила во Шпанија, дала отказ на работа и се преселила во Бугарија за да помага во новото собрание основано во тој град. Имала заштедено доволно пари за да може да живее цела година во Бугарија. Во врска со својата одлука, Карина вели: „Среќна сум што Јехова ми дозволи да служам овде и се надевам дека ќе можам да останам подолго време. Веќе ја проучувам Библијата со пет лица, а тројца од нив доаѓаат на состаноците“.
Една сестра од Италија сакала да се пријави за акцијата, но немала денови одмор бидејќи штотуку се вработила. Сепак, не дозволила тоа да ја спречи во намерата. Побарала еден месец неплатено отсуство и била решена да даде отказ доколку тоа барање не ѝ биде исполнето. На нејзино изненадување, работодавачот ѝ рекол: „Може, но под еден услов — да ми испратиш разгледница од Бугарија“. Сестрата навистина почувствувала дека Јехова ѝ одговорил на молитвите.
Станислава, млада сестра од Варна, која работела со цело работно време и имала добро платена работа, зела одмор за да учествува во акцијата во Силистра. Кога видела колку се среќни многуте пионери кои биле дојдени да ја проповедаат добрата вест во нејзината земја, била трогната до солзи. Почнала да размислува што прави со својот живот градејќи световна кариера. Кога по две седмици се вратила дома, дала отказ на работа и станала општ пионер. Сега навистина е среќна, затоа што се сеќава на својот Творец во својата младост (Проп. 12:1).
Колкав благослов е да му се служи на Јехова во проповедничкото дело! Нема ништо подобро од тоа да го трошиш своето време и сила на тоа важно дело на поучување и проповедање на добрата вест. Има ли начин на кој можеш ти лично да учествуваш повеќе во оваа животоспасувачка служба? Можеби во твојата земја има подрачја со поголема потреба од објавители. Би можел ли да се преселиш таму? Ако не, би можел ли да научиш друг јазик за да им помагаш на луѓето во твојата земја кои се жедни за библиската вистина? Сеедно какви промени би можел да направиш за да имаш поголем удел во службата, биди уверен дека Јехова богато ќе те благослови (Изр. 10:22).
[Рамка/слика на страница 32]
Незаборавен ден
Мнозина од оние што дојдоа од други европски земји за посебната акција во Бугарија, планираа да присуствуваат на обласниот конгрес „Бдејте!“, кој се одржа во Софија. За тамошните браќа и сестри беше големо охрабрување што можеа да се запознаат со толку многу гости од разни земји. Сите 2.039 лица што беа присутни на првиот ден од обласниот конгрес беа воодушевени кога брат Џефри Џексон од Водечкото тело го објави излегувањето на целото Свето писмо — превод Нов свет на бугарски јазик! Своето длабоко ценење го покажаа со силен и долг аплауз. Мнозина дури и плачеа од радост. Овој точен превод кој е лесен за разбирање ќе им помогне на искрените Бугари да го запознаат Јехова.
[Карта на страници 30 и 31]
(Види во публикациајта)
БУГАРИЈА
СОФИЈА
Сандански
Силистра
Казанлак
[Слика на страница 31]
Во тие седум седмици беше дадено одлично сведоштво