„Кој го запознал умот на Јехова?“
„,Кој го запознал умот на Јехова, па да може да го поучи за нешто?‘ А ние го имаме Христовиот ум“ (1. КОР. 2:16)
1, 2. а) Што им е тешко на многу луѓе да сфатат? б) Што треба да имаме на ум во врска со нашиот и Јеховиниот начин на размислување?
ДАЛИ понекогаш ти е тешко да сфатиш како размислува некој? Можеби неодамна си стапил во брак, и сега ти се чини дека никако не можеш да разбереш како размислува твојот брачен другар. Мажите и жените навистина размислуваат, па дури и зборуваат различно. Всушност, во некои култури мажите зборуваат на еден, а жените на друг дијалект од истиот јазик! Исто така, луѓето честопати размислуваат и се однесуваат поинаку поради разликите во културата и јазикот. Како и да е, колку подобро ги запознаваш другите толку се поголеми шансите да разбереш зошто размислуваат на одреден начин.
2 Затоа, не треба да се чудиме што ние како луѓе размислуваме многу поинаку од Јехова. Преку својот пророк Исаија, тој им го рекол следново на Израелците: „Вашите мисли не се мои мисли и моите патишта не се ваши патишта“. А потоа, за да им објасни подобро, додал: „Зашто, како што се небесата повисоки од земјата, така се моите патишта повисоки од вашите патишта и моите мисли од вашите мисли“ (Иса. 55:8, 9).
3. На кои два начина може да се трудиме да станеме ‚блиски со Јехова‘?
3 Тогаш, дали не треба воопшто ни да се трудиме да разбереме како размислува Јехова? Не. Иако никогаш нема во целост да сфатиме како размислува тој, Библијата нѐ поттикнува да станеме ‚блиски со него‘. (Прочитај Псалм 25:14; Изреки 3:32.) Еден начин да се зближиме со Јехова е да се интересираме и да размислуваме за она што тој го правел, а е запишано во неговата Реч, Библијата (Пс. 28:5). Друг начин е да го запознаеме „Христовиот ум“, затоа што Христос е „сликата на невидливиот Бог“ (1. Кор. 2:16; Кол. 1:15). Ако одвоиме време да ги проучуваме библиските извештаи и длабоко да размислуваме за нив, ќе ни станува сѐ појасно каков е Јехова и како размислува.
Пази се од една лоша склоност
4, 5. а) Објасни од која склоност треба да се чуваме, и зошто. б) На кој погрешен начин почнале да размислуваат Израелците?
4 Додека размислуваме за она што го правел Јехова, треба да се чуваме од склоноста да му судиме според нашите, човечки мерила. Од Неговите зборови, запишани во Псалм 50:21, се гледа дека би можело да ни се случи такво нешто. Таму Јехова вели: „Мислеше дека ќе бидам како тебе“. Всушност, се случува токму она што го кажал еден изучувач на Библијата пред повеќе од 175 години: „Луѓето имаат обичај да го судат Бог според сопствените мерила и да си мислат дека и Тој мора да се подложува на законите што тие си ги поставиле затоа што сметаат дека се исправни“.
5 Не треба да дозволиме врз нашето гледиште за Јехова да влијаат нашите сопствени мерила и желби. Зошто е важно ова? Затоа што нам, како несовршени луѓе кои немаат целосен увид во работите, некои Јеховини постапки запишани во Библијата можеби нема да ни изгледаат сосема исправни. Израелците во старо време почнале така да размислуваат и дошле до погрешен заклучок во врска со начинот на кој постапувал Јехова со нив. Забележи што им рекол тој: „Вие ќе речете: ‚Јеховиниот пат не е прав‘. Чуј ме, те молам, доме Израелов! Зар мојот пат не е прав? Зар не се криви вашите патишта?“ (Езек. 18:25).
6. Што научил Јов, и како ни користи неговото искуство?
6 За да не ни се случи да почнеме да го судиме Јехова според нашите лични мерила, многу е важно да признаеме дека нашето гледиште е ограничено, а понекогаш и сосема погрешно. Јов требало да го научи ова. Додека страдал, тој паднал во очај и почнал премногу да мисли на себеси. Ги изгубил од вид поважните работи. Но, Јехова со љубов му помогнал да ја види поголемата слика. Со тоа што му поставил повеќе од 70 прашања на кои Јов немал одговор, Јехова му помогнал да сфати колку, всушност, е ограничено неговото разбирање! Јов реагирал понизно и го исправил своето гледиште. (Прочитај Јов 42:1-6.)
Да го стекнеме „Христовиот ум“
7. Зошто може да се каже дека, ако размислуваме за она што го правел Исус, подобро ќе разбереме како размислува Јехова?
7 Исус совршено го следел примерот на својот Татко во сѐ што зборувал и правел (Јован 14:9). Според тоа, за да разбереме како размислува Јехова, од голема помош ќе ни биде да разгледаме како постапувал Исус (Рим. 15:5; Фил. 2:5). Да обрнеме внимание на два извештаи од евангелијата.
8, 9. Според Јован 6:1-5, која ситуација го навела Исус да му постави прашање на Филип, и зошто го сторил тоа?
8 Кратко пред Пасхата во 32 год. од н.е., апостолите на Исус се вратиле од едно многу успешно проповедничко патување низ Галилеја. Бидејќи биле уморни, Исус ги повел на едно осамено место на североисточниот брег од Галилејското Море. Меѓутоа, илјадници луѓе дошле по нив. Откако Исус го излекувал тоа мноштво и го поучил за многу работи, се појавил еден проблем. Каде да се најде храна за сите тие луѓе на едно такво осамено место? Свесен за оваа потреба, Исус го прашал Филип, кој бил од тој крај: „Од каде да купиме леб за да јадат овие?“ (Јован 6:1-5).
9 Зошто Исус му го поставил ова прашање на Филип? Дали затоа што не знаел што да направат? Не. Што, всушност, сакал да постигне со прашањето? Апостол Јован, кој исто така бил таму, објаснува: „[Исус] го рече [тоа] за да го испита, зашто знаеше што ќе направи“ (Јован 6:6). Значи, со ова прашање Исус сакал да провери колкава вера имале неговите ученици во него. На тој начин ги поттикнал да размислат како би можеле да се нахранат луѓето и им дал можност да покажат вера во она што тој може да го направи. Но, тие пропуштиле да го сторат тоа, и така станало јасно колку ограничено гледаат на работите. (Прочитај Јован 6:7-9.) А потоа Исус им покажал дека е способен да направи нешто кое неговите ученици не можеле ни да си го замислат. Со чудо ги нахранил тие илјадници гладни луѓе! (Јован 6:10-13).
10-12. а) Објасни зошто можеби Исус не го исполнил веднаш она што жената го барала од него. б) Што ќе разгледаме сега?
10 Овој извештај може да ни помогне да разбереме како размислувал Исус и во една друга прилика. Кратко откако ја нахранил оваа огромна група луѓе, тој и неговите апостоли отпатувале на север, надвор од границите на Израел, во близина на Тир и Сидон. Додека биле таму, сретнале една жена со грчко потекло која го молела Исус да ѝ ја излекува ќерката. Во почетокот, тој не ѝ обрнувал внимание. Но, бидејќи била упорна, ѝ рекол: „Остави првин да се наситат децата, зашто не е исправно да им се земе лебот на децата и да им се фрли на кученцата“ (Мар. 7:24-27).
11 Зошто Исус не сакал веднаш да ѝ помогне на оваа жена? Дали можеби сакал да ја испита, исто како што го испитал Филип, за да види што ќе направи и да ѝ даде можност да ја покаже својата вера? Иако во извештајот не пишува со каков тон ѝ се обратил, очигледно таа не била обесхрабрена од неговиот одговор. Освен тоа, наместо да го спореди нејзиниот народ со ‚кучиња‘ — што би звучело прилично грубо — Исус го споредил со ‚кученца‘. Тој можеби постапил како што би постапил еден родител кој нема веднаш да му даде до знаење на своето дете дека ќе му исполни некоја желба, туку ќе чека детето да покаже колку навистина му значи тоа. Како и да е, откако жената покажала дека има вера, Исус спремно го исполнил она што го барала од него. (Прочитај Марко 7:28-30.)
12 Овие два извештаи од евангелијата ни откриваат многу за „Христовиот ум“. Да видиме сега како можат да ни помогнат уште подобро да разбереме како размислува самиот Јехова.
Како постапил Јехова со Мојсеј
13. Како може да ни помогне тоа што подобро ќе разбереме на кој начин размислувал Исус?
13 Кога ќе сфатиме како размислувал Исус, ќе ни биде полесно да разбереме и некои извештаи од Библијата кои ни биле тешки за разбирање. На пример, да видиме што му рекол Јехова на Мојсеј откако Израелците си направиле златно теле и почнале да му се клањаат. Бог рекол: „Погледнав на тој народ и гледам дека е непокорен народ. Пушти ме сега мојот гнев да се разгори против нив и да ги истребам, а од тебе ќе направам голем народ!“ (2. Мој. 32:9, 10).
14. Како му одговорил Мојсеј на Јехова?
14 Извештајот продолжува: „Мојсеј настојуваше да го смилостиви лицето на Јехова, својот Бог, велејќи: ‚Јехова, зошто да се разгорува твојот гнев против твојот народ што го изведе од египетската земја со голема сила и со силна рака? Зошто да речат Египќаните: „Ги изведе со зла намера за да ги погуби во планините и да ги истреби од лицето на земјата“? Стивни го својот распламтен гнев и нека ти биде жал за злото што сакаше да му го нанесеш на својот народ! Сети се на Авраам, Исак и Израел, твоите слуги, на кои ти им се заколна во себе и им рече: „Ќе го намножам вашето потомство за да го има како ѕвездите на небото, и целата оваа земја за која зборував ќе му ја дадам на вашето потомство да ја поседува засекогаш!“‘ И Јехова зажали поради тоа што рече дека ќе му нанесе зло на својот народ“ (2. Мој. 32:11-14).a
15, 16. а) Каква можност добил Мојсеј благодарение на она што го кажал Јехова? б) Во која смисла Јехова ‚зажалил‘?
15 Дали навистина имало потреба Мојсеј да го исправи Јеховиното размислување? Во никој случај! Иако Јехова кажал што би можел да реши да направи, тоа не била негова конечна одлука. Всушност, овде тој го испитал Мојсеј, исто како што подоцна Исус ги испитал Филип и Гркинката. Бог му дал можност на Мојсеј да го покаже својот став.b Јехова го поставил за посредник меѓу Израел и Него, и ја почитувал улогата што му ја дал. Дали Мојсеј ќе дозволел да го совладаат чувства на огорченост и лутина? Дали ќе ја искористел оваа шанса за да му каже на Јехова да ги отфрли Израелците и да направи моќен народ од неговите потомци?
16 Со начинот на кој одговорил, Мојсеј ја покажал својата вера и доверба во Јеховината правда. Од неговиот одговор можело да се види дека тој не е заинтересиран за себеси, туку за Јеховиното име. Мојсеј не сакал Божјето име да биде оцрнето. Тој навистина покажал дека го познава „умот на Јехова“ во врска со оваа работа (1. Кор. 2:16). Каков бил резултатот? Бидејќи Јехова немал донесено конечна одлука како да постапи во таа ситуација, вдахновениот извештај вели дека ‚зажалил‘. На хебрејски јазик, овој израз може едноставно да значи дека Јехова не ја нанел неволјата која можел да реши да му ја нанесе на целиот народ.
Како постапил Јехова со Авраам
17. Како Јехова покажал голема стрпливост додека Авраам му кажувал што го загрижува?
17 Друг пример за тоа како Јехова им дава можност на своите слуги да ја покажат својата вера и доверба наоѓаме во молбата на Авраам во врска со Содом. Од тој извештај гледаме дека Јехова покажал голема стрпливост дозволувајќи му на Авраам осум пати да го праша за истата работа. Во еден миг, овој богобојазлив човек со силна увереност извикал: „Ти никогаш не би постапил така и не би го погубил праведникот заедно со злиот, па на праведникот да му се случи истото што и на злиот! Ти никогаш не би го направил тоа! Зарем Судијата на целата земја нема да го прави она што е праведно?“ (1. Мој. 18:22-33).
18. Што учиме од начинот на кој постапил Јехова во случајот со Авраам?
18 Што учиме од овој извештај за начинот на кој размислува Јехова? Дали воопшто имало потреба да се советува со Авраам за да донесе исправна одлука? Не. Всушност, Јехова можел уште веднаш да му каже од која причина решил да постапи така. Но, со тоа што му допуштил да го прашува, Јехова му дал време на Авраам да ја прифати Неговата одлука и да сфати како размислува Тој. Освен тоа, така Авраам можел да разбере колку сочувствителен и праведен е Јехова. Бог постапил со Авраам како со вистински пријател (Иса. 41:8; Јак. 2:23).
Поуки за нас
19. Како може да го следиме примерот на Јов?
19 Што научивме во врска со „умот на Јехова“? Научивме дека треба да дозволиме Божјата Реч да ни помогне да разбереме како размислува Јехова. Освен тоа, никогаш не треба да му судиме според нашите ограничени мерила и размислување. Јов рекол: „[Бог] не е човек како мене за да можам да му одговорам и за да одам на суд со него“ (Јов 9:32). Исто како Јов, кога ќе добиеме појасна претстава за тоа како размислува Јехова, и ние ќе воскликнеме: „Ете, тоа се само делчиња од неговите дела, за него слушаме одвај слаб шепот! А кој може да го разбере неговиот моќен гром?“ (Јов 26:14).
20. Што треба да правиме ако во Библијата прочитаме нешто кое ни е тешко да го разбереме?
20 Што треба да правиме ако некогаш во Библијата прочитаме нешто кое ни е тешко да го разбереме, особено ако е поврзано со начинот на кој размислува Јехова? Доколку истражуваме подлабоко и сѐ уште не најдеме јасен одговор, да гледаме на тоа како на испит на нашата доверба во Бог. Сети се, понекогаш некои изјави ни даваат можност да покажеме колку добро ги познаваме Јеховините особини и да изразиме доверба дека она што тој го прави сигурно е во склад со неговата личност. Понизно да признаеме дека не ги разбираме сите работи што ги знае тој (Проп. 11:5). Тоа ќе нѐ поттикне да се согласиме со следниве зборови на апостол Павле: „О длабочино на Божјето богатство, мудрост и знаење! Колку се неистражливи неговите судови и несфатливи неговите патишта! Зашто, ‚кој го запознал Јеховиниот ум, и кој му е советник‘? Или: ‚Кој прв му дал нешто, па тој да треба да му возврати?‘ Зашто, сѐ е од него и преку него и за него. Нему нека му е славата во сета вечност! Амин“ (Рим. 11:33-36).
[Фусноти]
a Сличен извештај е запишан и во 4. Мојсеева 14:11-20.
b Според некои изучувачи, Јехова го употребил хебрејскиот израз преведен со „пушти ме“, кој се појавува во 2. Мојсеева 32:10, за да го повика Мојсеј да посредува помеѓу Него и Израелците, т.е. ‚да застане пред него и да се заземе за народот‘ (Пс. 106:23; Езек. 22:30). Како и да е, Мојсеј очигледно се чувствувал слободен да му го каже своето мислење на Јехова.
Се сеќаваш ли?
• Што ќе ни помогне да се пазиме од склоноста да му судиме на Јехова според нашите лични мерила?
• Како тоа што ќе ги разбереме постапките на Исус ќе ни помогне да станеме ‚блиски со Јехова‘?
• Што научи ти од разговорите што Јехова ги водел со Мојсеј и со Авраам?
[Слика на страница 5]
Што учиме за начинот на кој размислува Јехова од неговите постапки со Мојсеј и со Авраам?